Оскар Вајлд

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Оскар Вајлд
Oscar Wilde
Oscar Wilde portrait.jpg
Оскар Вајлд во 1882 г.
Занимање писател, поет
Националност Ирец
Период викторијанска ера

Оскар Фингал О’Флаерти Вилс Вајлд (англиски: Oscar Fingal O'Flahertie Wills Wilde, Даблин, 16 октомври 1854 - Париз, 30 ноември 1900) — ирски драмски писател, поет, раскажувач и автор на еден роман. Познат по неговата зајадлива досетливост, станал еден од најуспешните драмски писатели на доцната викторијанска епоха во Лондон, како и една од најпознатите личности на неговото време. Негови најпознати дела се комедијата „Ладалото на Леди Виндермир“, „Важно е да се викаш Ернест“, „Идеален маж“ и романот „Сликата на Доријан Греј“. Неколку од неговите драми и понатаму често се изведуваат на сцена, особено „Важно е да се биде Богумил“ (анг. The Importance of Being Earnest). Како последица на општо познати судења, Вајлд доживува драматичен пад и бил затворен две години на робија откако го осудиле за „непристојно однесување“ со друг маж. По неговото ослободување од затвор, запловил за Дјеп со ноќниот ферибот. Никогаш повеќе не се вратил во Ирска ниту во Британија.

Раѓање и рани години[уреди]

Статуа на Оскар Вајлд на плоштадот Мерион во Даблин

Оскар Вајлд е помладиот син во англоирското семејство на Сер Вилијам Вајлд и неговата сопруга Џејн Франческа Вајд (нејзиниот псевдоним бил Сперанца). Тие живееле на 21 Вестланд Роу во Даблин. Џејн била успешна писателка и поетеса за револуционерното движење на Млада Ирска во 1848 година и доживотна ирска националистка.[1] Сер Вилијам бил главен ото-офталмички хирург (хирург за уво и око) во Ирска, а во 1864 година бил прогласен за витез за неговите заслуги во медицината.[1] Вилијам напишал и книги за археологија и фолклор. Бил прочуен филантроп, а неговиот диспанзер за грижа на сиромашните во градот, кој се наоѓал во Линколн Плејс зад колеџот „Тринити“, Даблин, бил претходникот на даблинската болница за око и уво, која сега се наоѓа на Аделејд Роуд (анг. Adelaide Road).

Во јуни 1855 година, семејството се преселило во 1 Мерион Сквеар (1 Merrion Square) во отмена станбена област, каде во 1856 година се родила Изола, сестрата на Вајлд. Таму, госпоѓа Вајлд одржувала редовен саботен попладневен прием, а меѓу нејзините гости биле и Шеридан ле Фану, Чарлс Левер, Џорџ Петрие, Исак Бат и Семјуел Фергусон. Вајлд се образувал дома до своите девет години. Потоа, до шеснаесеттата година се школувал во училиштето Портора Роајал (анг. Portora Royal School) во Енискилен, Ферманаг,[2] а летните месеци ги минувал со своето семејство во руралниот Ватерфорд, Вексфорд и во домот на семејството на Сер Вилијам во Мејо. Тука браќата Вајлд си играле со постариот Џорџ Мур.

По заминувањето од Портора, од 1871 година до 1874 година Вајлд ги изучувал класичните науки во колеџот „Тринити“ во Даблин, каде две години делел соба со својот постар брат Вили Вајлд. Неговиот тутор, Џон Пентланд Магафи, главниот научник за древна Грција на Тринити, го пробудил неговиот интерес за грчката литература. Вајлд бил извонреден студент и го освоил златниот медал на Беркли, највисоката награда што можат да ја добијат студентите на класичните науки во Тринити. Добил стипендија за колеџот „Магдален“ во Оксфорд, каде ги продолжил своите студии од 1874 година до 1878 година и каде станал дел од Естетското движење, чие начело било да се направи уметност од животот.

Вајлд имал несреќен однос со престижната Оксфордска унија (анг.Oxford Union). При запишувањето на високата школа во есента 1874 година, Вајлд поднесол барање за да се приклучи на Унијата, но не бил избран. Кога библиотекарот на Унијата побарал бесплатен примерок од „Поеми“ (1881), Вајлд се согласил. По расправа свикана од Оливер Елтон, подарокот бил осуден за наводен плагијат и бил вратен.[3] [4]

Додека бил во „Магдален“ во 1878 година, ја освоил година наградата Њјудигејт (анг. Newdigate Prize) за неговата поема „Равена“, која ја прочитал гласно на Енсинија; меѓутоа, не успеал да ја освои наградата од ректорот за англиски есеј (Chancellor's English Essay Prize) за есеј што ќе биде постхумно објавен како „Подемот на историската критика“ (анг. The Rise of Historical Criticism, 1909). Во ноември 1878 година, дипломирал на двопредметна група по дипломски испити за класични науки и класични студии и студии по философија.

Естетицизам и философија[уреди]

Карикатура во магазинот Punch, 1881
Цртеж од Оса од Сан Франциско, на кој е опишано присуството на Вајлд во 1882

Додека бил во колеџот „Магдален“, Вајлд станал особено познат по неговата улога во естетското и декадентското движење. Почнал да носи долга коса и отворено да ги исмева таканаречените „машки“ спортови, а започнал и да си ја украсува собата со пауни пердуви, кринови, сончогледи, син порцелан и со други декоративни предмети.

Легендите тврдат дека неговото однесување го чинело едно натопување во реката Шервел, а му била уништена и собата (која сè уште постои како студентско сместување во неговиот стар колеџ), но култот се раширил меѓу извесни делови на општеството до тој степен што безволното однесување, „пре-пренакитените“ костими и естетицизмот станале препознатлив став. Весници како „Спрингфилд pепабликан“ го коментирале однесувањето на Вајлд за време на неговата посета на Бостон за да одржи предавање за естетицизмот, напомнувајќи дека неговото однесување било повеќе обид за озлогласеност отколку посветеност на убавината и естетицизмот. Критичарите го нападнале и вајлдовиот начин на облекување, меѓу кои и Хигинсон кој во својот напис „Немажествена машкост“ (анг. Unmanly Manhood) пишувал за неговата општа загриженост дека вајлдовата женственост ќе влијае врз однесувањето на мажите и жените, а тврдел и дека неговата поезија „ги помрачува машките идеали [..така што..] под такво влијание мажите би станале женствени контиња.“ Хигинсон ги проучувал и врските помеѓу делата на Оскар Вајлд, неговата личност и хомосексуалност, а неговите дела и стил на живеење ги нарекол „неморални“.

Сметка за цигари 'Естетик' со фотографија од Наполеон Сарони, 1882

Врз Вајлд значително влијаеле англиските писатели Џон Раскин и Волтер Патер, кои расправале за централното значење на уметноста во животот, аргумент украсен со силна филхеленска и хомоеротска конотација. Подоцна Вајлд иронично коментирал за потиснатите чувства на Патер: кога го известиле за смртта на човекот, одговорил, „Дали воопшто живеел“? Во „Сликата на Доријан Греј“, размислувајќи за гледиштето на Патер за уметноста, Вајлд напишал: „Сета уметност е сосем бескорисна“. Изјавата била наменета да се чита буквално, бидејќи била во духот на доктрината уметност заради уметност, создадена од философот Виктор Кузен, развиена од Теофил Готје и доведена до еминентност од страна на Џејмс Абот Мекнил Вислер. Во 1879 година, Вајлд започнал да предава естетски вредности во Лондон.

Естетското движење, претставено од правецот на Вилијам Морис и Данте Габриел Росети, имало трајно влијание врз англиската декоративна уметност. Како врвен естет во Британија, Вајлд станал една од највидните личности на своето време. Иако некогаш го исмевале поради нив, неговите парадокси и остроумни изреки се цитирале насекаде.

Естетицизмот општо бил карикиран во оперетата „Трпение“ (анг. Patience) (1881) од Гилберт и Саливан. Оперетата „Трпение“ постигнала огромен успех во Њујорк, но не се знаело колку естетското движење навлегло во останатиот дел од Америка. Затоа Ричард Д’Ојли Карт го поканил Вајлд да одржи предавања на турнеја во Северна Америка. Д’Ојли Карт чувствувал дека оваа турнеја би го „трасирала успехот“ за турнејата на „Трпение“, осигурувајќи се дека публиката што купува влезници ќе биде свесна за една од шармантните личности на движењето. Ова било благовремено договорено, Вајлд пристигнал на 3 јануари со бродот SS Arizona. Се прочуло дека Вајлд му рекол на еден цариник „Немам што да пријавам, освен мојата генијалност“, иако не постои современ доказ за овој коментар.

За време на неговата турнеја во САД и Канада, Вајлд го растргнале бројни критичари — Восп, весник од Сан Франциско, објавил карикатура во која се исмејувал Вајлд и естетицизмот — но, истовремено бил изненадувачки добро пречекан во едно збркано опкружување како рударското гратче Лидвил (анг. Leadville), Колорадо.[5] Кога се вратил во Обединетото Кралство, работел како критичар за весникот Пол Мол (анг. Pall Mall Gazette) во периодот меѓу 1887-1889 година. Потоа станал уредник на Воманс ворлд (анг. The Woman's World).

Политички убедувања[уреди]

Во голем дел од својот живот Вајлд го бранел социјализмот, за кој тврдел дека „ќе биде корисен зашто доведува до индивидуализам“.[6] Исто така имал и силна слободоумна жичка како што се забележува во неговата песна „Сонет за слободата“, а подоцна кога ги прочитал делата на Петар Кропоткин — кого го опишал како „човек со душа на тој убав бел Христос што изгледа се појавува од Русија[7] — се прогласил себеси за анархист.[8] Од политичка гледна точка, врз Вајлд влијаеле и Вилијам Морис и Џон Раскин.[9] Вајлд бил и пацифист и духовито одговарал дека „Кога слободата доаѓа со раце покриени во крв, тешко е да се ракувате со неа.“ Покрај неговиот првобитен политички текст, есејот „Душата на човекот под социјализам“ (анг. "The Soul of Man under Socialism"), Вајлд напишал неколку писма до Дејли кроникл, застапувајќи се за реформа во затворите и бил единствениот потписник на барањето на Џорџ Бернард Шо за помилување на уапсените анархисти (кои подоцна биле погубени) по Хајмаркетските немири во Чикаго во 1886 година.[10]

Во романот на Лејди Флоренс Дикси од 1890 година „Глоријана, или Револуцијата од 1900 година“, жените го добиваат правото на глас откако главниот лик, Глоријана, се претставува како маж за да биде избрана во Долниот дом. Машкиот лик кој таа го олицетворува јасно се заснова врз оној на Вајлд. Дикси била тетка на лорд Алфред Даглас.[11]

Брак и семејство[уреди]

Откако дипломирал во Оксфорд, Вајлд се вратил во Даблин, каде ја запознал и ù се додворувал на Флоренс Балкомб. Меѓутоа, таа била свршена со писателот Брам Стокер.[12] Кога чул за нејзината веридба, Вајлд ù пишал дека намерава засекогаш да ја напушти Ирска. Заминал во 1878 година, а во својата родна земја се вратил само два пати за кратки посети. Следните шест години ги поминал во Лондон и Париз, како и во САД каде патувал за да одржи предавања.

Во Лондон ја запознал Констанца Лојд, ќерка на богатиот Хорациј Лојд, адвокат на кралскиот двор. Во 1884 година, таа го посетила Даблин истовремено кога Вајлд бил во градот за да одржи предавања во театарот Гејети (анг. Gaiety Theatre). Ја побарал за жена и се земале на 29 мај 1884 година во Падингтон, Лондон. Надоместокот на Констанца од 250 фунти му овозможил на семејството Вајлд да живее луксузно. Двојката имала два сина, Сирил (1885) и Вивијан (1886).

По падот на Вајлд, Констанца и неговите синови си го смениле презимето во Холанд. Таа умрела во 1898 година, по операција на грбот, а погребана е во Монументалната гробница во Џенова, Италија. Сирил бил убиен во Франција во Првата светска војна. Вивијан исто така служел војска во војната, а подоцна станал автор и преведувач. Во 1954 година ги објавил своите мемоари. Синот на Вивијан, Мерлин Холанд, издал и објавил повеќе дела на својот дедо. Внуката на Вајлд, Доли Вајлд, имала подолга лезбиска врска со писателката Натали Клифорд Барни.

Сексуалност[уреди]

Роберт Рос на 24 години

Иако сексуалната склоност на Вајлд од некои била определена како бисексуална, а од други како хомосексуална, Вајлд чувствувал дека припаѓал на култура на машка љубов поттикната од грчката педерастична традиција.[13] При опишувањето на својот сексуален идентитет, Вајлд го употребил терминот Сократски. Можно е да имал сексуални односи со (во хронолошки редослед) Френк Мајлс, Констанца Лојд (неговата жена), Роберт Болдвин Рос и лорд Алфред Даглас („Боси“). Вајлд имал и бројни интимни средби со млади момчиња од работничката класа, кои често биле и платени љубовници.

Биографите општо веруваат дека во 1885 година (годината по неговата женидба) Вајлд станал потполно свесен за својата хомосексуалност и онаа на другите благодарение на седумнаесетгодишниот Роберт Болдвин Рос. Биографијата на Нил Мекена „Тајниот живот на Оскар Вајлд“ (2003) претпоставува дека Вајлд бил свесен за својата хомосексуалност многу порано, уште од моментот на неговиот прв бакнеж со друго момче кога имал 16 години. Според Мекена, откако пристигнал во Оксфорд во 1874 година, Вајлд колебливо ја истражувал својата сексуалност и открил дека може да почувствува страсна романтична љубов кон „убави, нежни“ хористи, но повеќе го привлекувале младите црномурни грубијани. До доцните 1870-ти, Вајлд веќе бил преокупиран со философијата на сексуална привлечност кон лица од истиот пол и се спријателил со група поети на Уранизмот (анг. Uranian (pederastic) poets) и реформатори на хомосексуалните закони, со што се запознал со работата на пионерот за правата на хомосексуалците Карл-Хенрих Улрикс.

Во 1882 година во Америка, Вајлд се запознал и со Волт Витман, а на еден пријател му напишал дека „не се сомнева“ во сексуалната склоност на големиот американски поет — „Сè уште го имам бакнежот од Волт Витман на усниве“, се пофалил. Дури живеел и со сликарот Френк Мајлс, кој неколку години бил негов претпоставен, а се верува дека биле љубовници. Меѓутоа, пишува Мекена, Вајлд некогаш бил несреќен од насоката на неговите сексуални и романтични желби и во надеж дека бракот ќе го „излечи“, во 1884 година се оженил со Констанца Лојд. Некои критичари го критикувале објаснувањето на како премногу спекулативно, иако не е неверојатно.[14]

Без разлика дали Вајлд бил наивен или не пред да го запознае Рос, вториот одиграл значајна улога во развитокот на сфаќањето на Вајлд за неговата сопствена сексуалност. Рос ги знаел песните на Вајлд уште пред да се запознаат и всушност бил претепан затоа што ги читал. Исто така, не бил рамнодушен кон викторијанската забрана на хомосексуалноста. Според образложението на Ричард Елман, Рос, „...толку млад, а сепак толку интелигентен, бил решен да го заведе Вајлд.“ Подоцна, Рос му се пофалил на лорд Алфред Даглас дека тој бил „првото момче на Оскар“ и се чини имало многу љубомора меѓу нив. Наскоро, Вајлд навлегол во свет на редовен секс со млади момчиња, како на пример слуги и улични продавачи на весници, кои биле во своите средни или доцни тинејџерски години, а кои ги запознавал во хомосексуални барови или бордели. Со негови зборови, односите биле сродни на „пирување со пантери“, а се насладувал во ризикот: „Половина од возбуда се должеше на опасноста.“[7] Во неговите објавени уметнички дела, првото славење на романтична љубов помеѓу мажи и момчиња од страна на Вајлд се наоѓа во „Портретот на г-дин В.Х.“ (1889), каде предлага теорија дека сонетите на Шекспир биле напишани за елизабетанското момче актер „Вили Хјуџс“ во кој поетот бил вљубен.

Оскар Вајлд, фотографија од Наполеон Сљарони

На почетокот на летото 1891 година, поетот Лајонел Џонсон го запознал со дваесет и двегодишниот лорд Алфред Даглас, кој во тоа време бил студент на Оксфорд. Помеѓу двајцата веднаш се родило блиско пријателство, но во почетокот тоа не било сексуално, а кога најпосле биле интимни сексуалната активност не отишла предалеку. Според Даглас, кој говори во своите поодминати години, во првите шест месеци нивните односи биле на чисто интелектуално и емоционално ниво. И покрај тоа што „уште од нашата втора средба, кога ми даде примерок од Доријан Греј што го понесов со себе во Оксфорд, се обиде да ми пријде. Му се предадов дури откако се знаевме повеќе од шест месеци, откако постојано се гледавме и двапати остана со мене во Оксфорд. Му дозволив да го имаме она што се случуваше меѓу момчињата во Винчестер и Оксфорд... Помеѓу нас никогаш немаше содомија, ниту пак имало обиди или желби за тоа. Вајлд со мене се однесуваше како постар со помлад во училиште.“ Кога Вајлд сфатил дека Даглас се согласил на тоа единствено за да му угоди, затоа што неговите нагони го воделе кон помлади момчиња, а не кон мажи, Вајлд засекогаш прекинал со своето физичко додворување.[15]

Неколку години живееле заедно помалку или повеќе отворено во повеќе места. Вајлд и неколкумина од неговата аристократска општествена група исто така започнале да зборуваат за реформа на законот за хомосексуалноста, а нивната посветеност на „каузата“ се формализирала со основањето на една многу тајна организација наречена Редот на Херонеја, во која Вајлд членувал. Хомосексуалниот роман, „Телени, или задната страна на медалот“ (анг. Teleny or The Reverse of the Medal), напишан речиси истовремено и тајно објавен во 1893 година, му се припишувал на Оскар Вајлд, но всушност, веројатно претставува здружен труд од неколку пријатели на Вајлд, кој тој го издал. Вајлд повремено придонесувал и кон литературниот весник на Уранизмот „Камелеон“ (анг. The Chameleon).

Првиот ментор на лорд Алфред бил неговиот космополитски дедо Алфред Монтгомери. Неговиот постар брат Францис Даглас, Висконт Драмланриг веројатно имал интимна врска со премиерот Арчибалд Филип Примроуз, 5-ти гроф од Розбери, која завршила со смртта на Францис во неразјаснета несреќа при лов. Таткото на лорд Алфред Џон Шолто Даглас, 9-ти маркиз на Квинзбери започнал да верува дека неговите синови биле расипани од постари хомосексуалци, или како што се изразил во едно писмо, „од снобовски педери како Розбери“.[16] Како што се обидел да се справи со Розбери, Квинзбери се соочил со Вајлд и лорд Алфред во неколку прилики, но секојпат Вајлд успевал да го смири.

Разведен и трошејќи прекумерно, Квинзбери бил познат по своите искрени гледишта и бокс тепачки кои често го придружувале. Се гнасел од својот помлад син и го измачувал со закани дека ќе го исклучел од наследството ако не престане залудно да си го троши животот. Квинзбери решил да му стави крај на пријателството со Вајлд. Вајлд бил потполно внесен во пробата кога Боси се вратил од дипломатско назначување во Каиро. Наскоро потоа Квинзбери го посетил Вајлд во неговиот дом. Бесно го турнал слугата на Вајлд, влегол во работната соба на приземјето, се нафрлил со безобразни зборови кон Вајлд и го прашувал за неговиот развод. Вајлд се разлутил, но се вели дека смирено му објаснил на слугата како Квинзбери бил најпознатиот грубијан во Лондон и дека никогаш повеќе не смее да го пушти во куќата. Се вели дека и покрај присуството на телохранителот, Вајлд го натерал Квинзбери мирно да си замине.

На премиерата на „Важно е да се биде Богумил“ Квинзбери повторно имал намера да го навреди и јавно да го посрамоти Вајлд со фрлање на букет репки. Вајлд го предупредиле за тоа, па на Квинзбери му бил забранет влез во театарот. Вајлд побарал правна помош против него и сакал да го тужи. Меѓутоа, неговите пријатели одбиле да сведочат против маркизот, па тужбата била повлечена. Вајлд и Боси заминале од Лондон на одмор во Монте Карло. Додека престојувале таму, на 18 февруари 1895 година, маркизот ја оставил својата визит-карта во клубот на Вајлд, на која во неколку неразбирливи чкртаници го обвинувал Вајлд дека е „педер и содомист“.[17]

Судење, затворање и префрлување во затворот Рединг[уреди]

Вајлд поднесол тужба за кривична клевета против маркизот Квизбери врз основа на инцидентот со визит-картата, по што маркизот бил уапсен, но подоцна го ослободиле со кауција. Судењето за клеветата станало контроверзно прашање кога пикантните подробности на приватниот живот на Вајлд со Алфред Тејлор и лорд Алфред Даглас почнале да излегуваат во весниците. Тим од детективи, потпомогнати од актерот Чарлс Брукфилд, ги упатил адвокатите на Квинзбери (предводени од Едвард Карсон, адвокат на кралскиот двор) во светот на викторијанското „подземје“. Таму се забележала поврзаноста на Вајлд со уценувачи, машки проститутки, травестити и хомосексуални бордели. Повеќе личности вмешани во овие случувања биле испрашувани, а некои биле принудени да сведочат.[18]

Судењето започнало на 3 април 1895 година, во амбиент кој се граничел со хистерија, како во печатот така и во галериите за јавноста. По еден разнишан почеток, Вајлд повторно се созел во одбраната на својата уметност од нападите кои го обвинувале за перверзија. Делото „Сликата на Доријан Греј“ жестоко се критикувало, но Вајлд се одбранил со својот вообичаен шарм и доверба за уметничките прашања. Се разгледувале некои од неговите лични писма до лорд Алфред, а нивното изразување се оспорувало како несоодветно и било посочено како доказ за неморални односи. Правниот тим на Квинзбери предложил клеветата да се објави за општото добро, но Вајлд се исплашил дури кога обвинителството преминало на сексуалните прашања. Бил повикан да ја каже причината поради која не бакнал еден млад слуга; на што Вајлд одговорил: „Тој беше сосема просто момче, за несреќа грдо, го сожалував поради тоа.“[19]

Советот за одбраната насетил крв и се нафрлил врз него. Вајлд се двоумел и се жалел за навредите на Карсон и неговите обиди да го вознемири. Обвинителството го повлекло случајот откако одбраната се заканила дека ќе донесе момчиња проститутки да сведочат за корумпираноста на Вајлд и за неговото влијание врз синот на Квинзбери, со што го онеспособила случајот. Кога Вајлд го напуштил судот, бил поднесен налог за негово апсење (по задоцнување што требало да му овозможи на Вајлд, доколку сакал, да избега од земјата). Подоцна, налогот му бил доставен во хотелот „Кадоган“, во Најтсбриџ. Сер Џон Бетјеман го овековечил тој момент во една своја песна. Вајлд бил уапсен за „непристојно однесување“ според дел 11 од Актот за изменување на кривичниот закон од 1885 година. Во британското законодавство од тоа време, под овој поим се подразбирале хомосексуални односи што не претставуваат содомија, а кои се сметале за прекршок според еден посебен статут.[20][21]

По неговото апсење, Вајлд го испратил Робет Рос во својот дом и му наредил да отстрани одредени предмети. Рос провалил во спалната соба со цел да спаси дел од личната сопственост на Вајлд. Потоа Вајлд бил затворен во притвор во Холовеј каде секојдневно го посетувал лорд Алфред Даглас.

Настаните брзо се одвивале и на 26 април 1895 година започнало неговото судско гонење. Вајлд уште претходно го молел Даглас да го напушти Лондон и да замине во Париз, но тој жестоко се противел, дури сакал да сведочи; меѓутоа, бил принуден да замине и набрзоo избегал во Отел ду Монд. За време на овие случувања, Рос и многу други исто така ја напуштиле Велика Британија. При сослушувањето, Вајлд дал елоквентна одбрана на педерастијата:

Љубовта чие име не смее да се изговори“ во овој век е толку силна наклоност на постар кон помлад маж како што била онаа меѓу Давид и Џонатан; како онаа врз која Платон ја засновал својата философија; љубов каква што наоѓате во сонетите на Микеланџело и на Шекспир. Тоа е онаа длабока духовна приврзаност што е колку чиста толку и совршена. Приврзаност која заповеда со големите уметнички дела и се вткајува во нив, како во оние мои две писма, такви какви што се. Во овој век таа е погрешно сфатена, толку погрешно сфатена што може да се опише како „љубовта чие име не смее да се изговори“ и од таа причина јас се наоѓам тука. Оваа љубов е убава, чиста, тоа е најблагородниот облик на наклоност. Во неа нема ништо неприродно. Таа е разумна и постојано се јавува помеѓу постар и помлад маж, кога постариот поседува интелект, а помладиот го краси сета радост, надеж и илузии за животот што го очекува. Светот не разбира дека тоа така треба да биде. Светот ја исмева оваа љубов, а понекогаш заради неа ве става на срамен столб.

Судењето завршило со тоа што поротата не можела да донесе пресуда и адвокатот на Вајлд на крајот успеал да договори кауција. Вајлд бил ослободен од Холовеј и побарал прибежиште во куќата на Ернест и Ада Леверсон, двајца негови добри пријатели. Пречесниот Стјуард Хедлем дал најголем дел од кауцијата чија вредност изнесувала 5000 фунти,[22] бидејќи не се согласувал со гнасното постапување со Вајлд од страна на печатот и судовите. Се вели дека Едвард Карсон побарал службата да му попушти на Вајлд. Неговото барање било одбиено. Доколку се увидело дека Круната отстапува тука, би се добил впечаток дека не постоеле исти правила за сите и би дошло до насилство.

Вајлд на пристаниште, од The Illustrated Police News, 4 мај 1895

Со последното судење претседавал судијата Сер Алфред Вилс. На 25 мај 1895 година, Вајлд бил прогласен за виновен за непристојно однесување и бил осуден на две години тешка принудна работа. Самиот судија ја опишал казната како „сосема несоодветна за ваков случај“, иако тоа била максималната казна за обвинението од Актот за изменување на кривичниот закон од 1885 година.[23] Неговата пресуда разлутила некои набљудувачи и еден од нив во едно објавено писмо прашал: „Зошто Круната не ги гони по судски пат сите момчиња во приватните и државните училишта или половината мажи во универзитетите?“[24]

Најпрво, Вајлд бил затворен во Пентовил, а потоа во затворот Вансворт во Лондон, за на крај во ноември да биде префрлен во затворот Рединг, околу 30 милји западно од Лондон. Во почетокот не му било дозволено да има дури ни хартија и пенкало, но подоцна управителот станал попријатен. Пратеникот на либералната партија и реформаторот, Ричард Б. Хелдејн, го штител Вајлд и помогнал да го префрлат и да му ја дозволат книжевната катарза што му била потребна. За време на неговиот престој во затвор, Вајлд му напишал писмо од 50.000 зборови на Даглас, што не било дозволено да му го испрати додека сè уште бил затвореник, но кое можел да го понесе со себе по отслужувањето на казната. При неговото ослободување, Вајлд му го дал ракописот на Рос, за кој не се знае со сигурност дали ги спровел упатствата на Вајлд да му испрати примерок на Даглас (кој подоцна негирал дека го добил). Во 1905 година (четири години по смртта на Вајлд), Рос објавил многу пречистена верзија од писмото (околу третина од него) со наслов „Де профундис“ (De Profundis). Во 1908 година малку ја проширил верзијата за изданието на собраните дела на Вајлд, а потоа му ја подарил на Британскиот музеј под услов да не биде објавена до 1960 година. Во 1949 година синот на Вајлд, Вивијан Холанд, повторно го објавил писмото заедно со деловите кои претходно биле испуштени, но потпирајќи се на погрешен ракопис кој Рос му го оставил во наследство. Првото целосно и точно издание на писмото се случило во 1962 година во „Писмата на Оскар Вајлд“ (анг. The Letters of Oscar Wilde).

Ослободување од затвор и смрт[уреди]

Затворот лошо делувал врз здравјето на Вајлд и по неговото ослободување на 19 мај 1897 година, своите три последни години ги поминал без скршена пара во доброволно прогонство од општеството и уметничките кругови. Се претставувал под псевдонимот Себастијан Мелмот, по познатиот „избоден“ Свети Себастијан и ѓаволскиот централен лик од готскиот роман „Мелмот скитникот“ од прадедото на Вајлд, Чарлс Роберт Матурин.

Меѓутоа, Вајлд не губел време и веднаш им се вратил на своите стари задоволства. Според Даглас, Рос „го одвлечкал [Вајлд] назад во хомосексуалните навики“, за време на летото од 1897 година, кое го поминале заедно во Берневал. По неговото ослободување, Вајлд ја напишал и познатата песна „Балада за затворот Ридинг“ (анг. The Ballad of Reading Gaol). Своите последни години Вајлд ги поминал во хотелот Алзас, сега познат како Хотелот (француски L'Hôtel), во Париз, каде се вели дека бил озлогласен и отворен за уживањето во задоволствата што му биле одречени во Британија. Повторно, според Даглас, „повторно беше близок со сите млади момчиња на булеварот. Никогаш не се обиде тоа да го скрие.“ Во едно писмо до Рос, Вајлд се жали: „Денес се збогував, со солзи и еден бакнеж, од убавото грчко момче... тоа најмилото момче со кое си ме запознал.“[25]

Само еден месец пред смртта, цитиран е како вели: „Со мојот тапет излеговме на дуел до смрт. Еден од нас мора да падне.“ Неговото расположение се менувало; Макс Бирбом раскажува како, неколку дена пред смртта на Вајлд, нивниот заеднички пријател Реџиналд „Реџи“ Тарнер го нашол Вајлд депресивен по еден кошмар. „Сонував како сум умрел и сум вечерал со смртта!“. Реџи Тарнер бил еден од ретките од неговиот стар круг на пријатели кој останал со Вајлд до самиот крај и бил крај неговата постела кога умрел.

Вајлд умрел од менингитис на 30 ноември 1900 година. Околу причината за менингитисот постојат различни мислења; Ричард Елман тврдел дека тој се должел на сифилис; Мерлим Холанд, внукот на Вајлд, верувал дека ова било недоразбирање и забележал дека менингитисот кај Вајлд бил предизвикан веројатно мастоидит; лекарите на Вајлд, д-р Пол Клејс и А'Корт Такер, известиле дека состојбата произлегла од старо гноење на десното уво и не алудирале на сифилис. Мнозинството од современите научници и доктори се согласни дека сифилисот не е причината за неговата смрт.[26]

На својата претсмртна постела, Вајлд бил примен во Римокатоличка црква и Роберт Рос, во неговото писмо до Мор Еди (од 14 декември 1900 година), наведува: „Тој беше свесен дека имаше луѓе во собата и ја крена раката кога го прашав дали разбра. Ни ги стисна рацете. Тогаш пратив да повикаат свештеник и по долго барање дојде отец Катбер Дин... кој веднаш појде со мене и изврши крштевање и миропомазание. – Оскар не можеше да се причести“.[27]

Вајлд бил закопан во гробницата на Бањо надвор од Париз, но подоцна бил преместен во гробницата Пер Лашез во Париз. Неговиот гроб во Пер Лашез бил изграден од скулпторот Сер Јакоб Епстеин (Jacob Epstein), на молба на Робер Рос, кој побарал и мала преграда за своите посмртни останки. Во 1950 година, пепелта на Рос била пренесена во гробот. Епитафот е стих од „Баладата за затворот Ридинг“:

А солзи на туѓинци ќе ја наполнат за него

Одамна скршената урна на сожалувањето,
Оти изгнаниците ќе бидат неговите оплакувачи,
А изгнаниците вечно оплакуваат.

Бројните дамки на надгробната плоча се траги од кармин од обожаватели. Модернистичкиот ангел издлабен како релјеф на гробот, првобитно имал и машки гениталии кои подоцна биле откршени и чувани како притискач за хартија од страна на чуварите на гробницата кои им ги оставале во наследство на своите наследници; денес не се знае каде се наоѓаат.[28] Во летото 2000, интередисциплинарниот уметник Леон Џонсон извршил четириесет минутна церемонија насловена Сеќавање на Вајлд.

Биографии[уреди]

  • По смртта на Вајлд, неговиот пријател Френк Харис напишал биографија, „Оскар Вајлд: Неговиот живот и исповеди“. Од неговите други блиски пријатели, различни биографии, сеќавања или писма објавиле Роберт Шерард, Роберт Рос, Чарл Рикетс и лорд Алфред Даглас.
  • Објаснување на расправата помеѓу Френк Харис, лорд Алфред Даглас и Оскар Вајлд околу тоа дали е препорачливо Вајлд да го тужи Квинзбери може да се најде во предговорот на драмата „Темната дама од сонетите“ (анг. The Dark Lady of the Sonnets) од Бернард Шо.
  • Во 1946 година, Хескет Пирсон го објавил „Животот на Оскар Вајлд“ (Methuen), кој содржи материјали што произлегуваат од разговори со Бернард Шо, Џорџ Александер, Херберт Бербом Три и многу други кои го познавале или работеле со Вајлд. Ова е впечатливо четиво, иако неизбежно малку застарено во својот пристап. Дава посебно жива слика за тоа какви биле разговорите на Вајлд.
  • Во 1954 година, Вивијан Холанд ги објавил неговите мемоари „Син на Оскар Вајлд“. Истите биле преработени од страна на Мерлин Холанд во 1989 година.
  • Во 1955 година, Сивел Стокс го напишал романот, „Над своите можности“ (анг. Beyond His Means), кој се темели на животот на Оскар Вајлд.
  • Во 1983 година Питер Акројд го објавил „Последниот тестамент на Оскар Вајлд“, роман во форма на измислени мемоари.
  • Во 1987 година, литературниот биограф Ричард Елман го објавил своето детално дело „Оскар Вајлд“.
  • Во 1994 година, Мелиса Кнокс ја издала нејзината психобиографија, „Оскар Вајл: Долго и прекрасно самоубиство“ (анг. Oscar Wilde: A Long and Lovely Suicide). Оваа книга истражува на кој начин се развивале литературните стилови на Вајлд и неговиот живот како одговор на неговите желби, конфликти и страдање. Таа нуди нови биографски податоци како и нови гледишта за Вајлд како уметник.
  • Во 1997 година, Мерлин Холанд издал книга насловена „Албумот на Валјд“ (анг. Wilde Album). Оваа прилично малечка книга содржела многу фотографии и друга меморабилија, од која голем дел не бил претходно објавен. Таа опфаќа 27 фотографии сликани од фотографот на портрети Наполеон Сарони, а една од нив се наоѓа на почетокот од оваа статија.
  • Во 1999 година, излегло изданието на книгата „Оскар Вајлд на сцената и на филмското платно“ (анг. Oscar Wilde on Stage and Screen) напишана од Роберт Танич. Оваа книга претставува сеопфатен запис на животот и делото на Вајлд како што се прикажувало на сцената и на филмското платно од 1800 година до 1999 година. Содржи листа на ликови од делата и фрагменти од рецензии.
  • Во 2000 година, професорката Барбара Белфорд при Колумбискиот универзитет ја издала биографијата, „Оскар Вајлд: Вистински гениј “ (анг. Oscar Wilde: A Certain Genius).
  • Во 2003 година, излегло изданието на книгата „Тајниот живот на Оскар Вајлд“ од Најл Мекена (анг. The Secret Life of Oscar Wilde), во која е даден првиот целосен приказ на сексуалниот и емотивниот живот на Вајлд.
  • Во 2005 година, излегло изданието на книгата „Разоткривањето на Оскар Вајлд“ (анг. The Unmasking of Oscar Wilde), од литературниот биограф Џозеф Пирс. Во неа се проучува католичката чувствителност во неговата уметност, неговото внатрешно страдање и незадоволство, како и неговата доживотна восхитеност од католицизмот, што довело до неговото прифаќање на црквата кога бил на претсмртната постела.

Биографски филмови, телевизиски серии и театарски претстави[уреди]

  • Драмата „Оскар Вајлд“ (1936), напишана од Лесли и Сивел Стокс, врз основа на животот на Вајлд, во која еден од ликовите го играл Френк Харис. Со Роберт Морли во главната улога, драмата ја имала својата премиера во театарот „Гејт“ во Лондон во 1936 година, а две години подоцна била поставена на сцената во Њујорк каде нејзиниот успех ја промовирал кариерата на Морли како драмски глумец.
  • Во 1960 година, излегле два филма за неговиот живот. Прво бил прикажан филмот „Оскар Вајлд“ со Роберт Морли во главната улога, кој се темелел врз гореспоменатата драма на браќата Стокс. Потоа се излегол филмот „Судењето на Оскар Вајлд“ со Питер Финч во главната улога. Во тоа време, хомосексуалност сè уште била кривичен престап во Обединетото Кралство и двата филма биле прилично внимателни во допирањето на темата без да бидат јасни.
  • Во 1960 година, ирскиот актер Мајкл Меклајмор започнал со изведбата на монодрамата наречена „Важно е да се биде Богумил“. Монодрамата била под силно влијание од брехтијанската теорија и содржела многу песни и примероци од делата на Вајлд. Драмата доживеала голем успех и Меклајмор постигнал голем успех на својата турнеја. Истата била објавена во 1963 година.
  • Во 1972 година, драмата „Пирување со пантери“ (анг. Feasting with Panthers) од режисерот Адријан Хол и композиторот Ричард Каминг, заснована врз делата на Вајлд и сместена во затворот Ридинг, за првпат се прикажала во Тринити репертори компани во Провиденс, Род Ајленд.
  • Во летото 1977 година, Винсент Прајс започнал да ја изведува монодрамата „Разоноди и уживања“ (анг. Diversions and Delights). Напишана од Џон Геј и во режија на Џозеф Харди [5], воведниот дел на драмата го претставува остарениот Оскар Вајлд, кој со цел да заработи пари за да преживее, одржува предавање за неговиот живот во еден париски театар на 28 ноември 1899 година (само една година пред неговата смрт). Драмата постигнала успех насекаде, освен во Њујорк. Во 1990 година, драмата била одново поставена на сцената во Лондон со Доналд Синден во главната улога.
  • Во 1978 година, Лондон Викенд Телевижн емитувала телевизиска серија за животот на Лили Лангтри наречена „Лили“. Во неа Питер Иган го глумел Оскар. Во најголемиот дел од неговите сцени се прикажува нивното блиско пријателство вклучително и нивната турнеја во Америка во 1882 година. Потоа, се појавува уште во неколку сцени кои водат до неговото судење во 1895 година.
  • Во 1983 година, Мајкл Гамбон го глумел Вајлд за британската телевизија во серијата „Оскар“ која се прикажувала во три епизоди на Би-Би-Си, а се сосредоточува на судењето и затворската казна.
  • Во 1988 година, Николас Грејс го глумел Вајлд во филмот на Кен Расел „Последниот танц на Саломе“.
  • Во 1989 година, Тери Иглтон ја имал премиерата на неговата драма „Св. Оскар“. Иглтон потврдува дека во целата драма само една реченица е земена непосредно од Вајлд, додека останатиот дијалог е негова замисла. Оваа драма исто така била под влијание на брехтијанската теорија.
  • Поцелосен поглед на неговиот живот, без ограничувањата од филмовите од 1960 година, се добива во филмот „Вајлд“ (1997) со Стивен Фрај во главната улога. Фрај, признат познавач на Вајлд, се појавил во улогата на Вајлд во краткотрајната американска телевизиска серија „Нед Блесинг“(1993).
  • Во 1994 година, Џим Бартли го издал романот „Стивен и г-дин Вајлд“, сместен за време на вајлдовата турнеја на Америка, а во кој се зборува за Вајлд и неговиот измислен црн слуга Стивен.
  • Мојзес Кофман во својата драма „Непристојно однесување: Трите судења на Оскар Вајлд“ (анг. Gross Indecency: The Three Trials of Oscar Wilde) од 1997 година, користи вистински цитати и записи од трите судења на Вајлд.
  • Во драмата на Том Стопард, „Пронаоѓањето на љубовта“ (анг. The Invention of Love) од 1997 година, Вајлд се појавува во споредна улога, а опсежно се спомнува во драмата на Стопард „Пародиии“ од 1974 година.
  • Драмата на Дејвид Хеар, „Бакнежот на Јуда“ од 1998 година, го прикажува Вајлд како мажествен хомосексуален Христос.
  • Во 1999 година, Ромулус Линеј го објавил делото „Оскар на оваа страна“ (анг. "Oscar Over Here") во кое се раскажуваат предавањата на Вајлд во Америка за време на 1880-ти, поточно во Лидвил, Колорадо, како и неговиот престој во затворот и мечтата за смртта која вклучувала разговор со ликот на Исус Христос. Првата изведба на ова дело била во Њујорк во 1995 година.
  • Главниот лик во мјузиклот на Лин Аренс и Стивен Флаерти, „Безначаен човек“ (анг. Man of No Importance) се идентификува себе си со Оскар Вајлд и Вајлд неколкупати му се појавува.
  • Глумецот/драмскиот писател Џејд Естебан Естрада го прикажува Вајлд во комедијата соло мјузикл „ICONS: Лезбејската и хомосексуалната историја на светот, том 1“ во 2002 година (анг. ICONS: The Lesbian and Gay History of the World, Vol. 1 in 2002).
  • Оскар: во октомври 2004 година, мјузиклот на Мајк Ред за Оскар Вајлд, по жестоките критики бил затворен по само една ноќ во театарот Шау (анг. Shaw Theatre) во Јустон.
  • Во Аргентина била создадена драма наречена „Важно е да си Оскар Вајлд“ (анг. "The importance of being Oscar Wilde") изработена од Пепито Кибријан.
  • Во 2005 година, во колеџот Менхетнвил се одржала премиерата на „Содомија: Љубените на Оскар Вајлд“ (анг. Somdomite: The Loves of Oscar Wilde). Драмата напишана од Џошуа Р. Пангборн ги разгледува последните неколку години од животот на Вајлд, како и влијанието на неговите избори врз неговото семејство и пријатели.

Дела[уреди]

Поголемиот дел од писмата, ракописите и другите материјали на Вајлд што се однесуваат на неговиот литературен кружок се сместени во библиотеката Вилијам Ендрјус Кларк Меморијал.[29][30] Еден дел од писмата и ракописите на Вајлд можат да се најдат и во британската библиотека, како и во јавни и приватни колекции низ Британија, САД и Франција.

Поезија[уреди]

  • Равена“ (анг. Ravenna, 1878)
  • Поеми“ (анг. Poems, 1881)
  • Сфингата“ (анг. The Sphinx, 1894)
  • Балада за затворот Ридинг“ (анг. The Ballad of Reading Gaol, 1898)

Драми[уреди]

  • Вера или Нихилистите“(анг. Vera; or, The Nihilists, 1880)
  • Војвотката од Падова“ (анг. The Duchess of Padua, 1883)
  • Саломе“ (анг. Salomé, француска верзија, 1893 година, првпат изведена во Париз во 1896 година)
  • Ладалото на госпоѓа Виндермир“ (анг. Lady Windermere's Fan, 1892)
  • Безначајна жена“ (анг. A Woman of No Importance, 1893)
  • Саломе: Трагедија во еден чин: напишана од Оскар Вајлд на француски, преведена од лорд Алфред Даглас, илустрирана од Обри Бирдсли, 1894 година
  • Совршен сопруг“ (анг. An Ideal Husband, 1895) (текст)
  • Важно е да се биде Богумил“ (анг. The Importance of Being Earnest, 1895) (текст)
  • Светата куртизана и Флорентинска трагедија (нецелосна)“, првпат објавени во 1908 година во Собраните дела на Метуен. (анг. La Sainte Courtisane and A Florentine Tragedy)

(Датумите се датуми на премиерата, кои поблиску нè приближуваат до можниот датум на нивното создавање отколку датумите на издавање.)

Проза[уреди]

  • Духот од Кентервил“ (анг. The Canterville Ghost, 1887)
  • Среќниот принц и други приказни“ (анг. The Happy Prince and Other Stories, 1888, бајки)
  • Падот на лагата“ (анг. The Decay Of Lying, првпат издадена во 1889 година, преиздадена во Intentions во 1891 година)
  • Злочинот на лорд Артур Севил и други приказни“ (анг. Lord Arthur Savile's Crime and Other Stories, 1891)
  • Намери“ (анг. Intentions, 1891, критички дијалози и есеи, составени од „Критичарот како уметник“, „Падот на лагата“, “Пенкало, молив и отров“ и „Вистината на маските
  • Сликата на Доријан Греј“ (анг. The Picture of Dorian Gray, 1891, единствениот роман на Вајлд)
  • Куќа на калинки“(анг. A House of Pomegranates, 1891, бајки)
  • Душата на човекот под социјализам“ (анг. The Soul of Man under Socialism, есеј првпат објавен во весникот „Пол мол“, 1891 година, додека првото издание на книгата било во 1904 година)
  • Фрази и философии што ќе им користат на младите“ (анг. Phrases and Philosophies for the Use of the Young, првпат објавени во стуфдентското списание на Оксфорд „Камелеон“, декември, 1894)
  • Де профундис“ (анг. De Profundis, 1905)
  • Подемот на историскиот критицизам“ (анг. The Rise of Historical Criticism, прво нецелосно издание од 1905 година, а целосно издание во 1908 година)
  • Писмата на Оскар Вајлд“ (анг. The Letters of Oscar Wilde, 1960 година, книгата била преиздадена во 2000 година, со писма обелоденети од 1960 година, како и нови, подробни, фусноти од Мерлин Холанд.
  • Телени, или задната страна на медалот“ (анг. Teleny or The Reverse of the Medal, Париз 1893 година) му се припишува на Вајлд, меѓутоа поверојатно станува збор за здружен труд од неколку пријатели на Вајлд, што тој можеби го издал.

Музика врз основа на делата на Оскар Вајлд[уреди]

Главна статија: Музика врз основа на делата на Оскар Вајлд

Многу композитори биле инспирирани од делата на Оскар Вајлд. Меѓу нив се вбројуваат Сер Гренвил Банток, Марио Кастелнуово-Тедеско, Сер Питер Максвел Дејвис, Александар Глазунов, Жак Ибер, Антоан Мариот, Франц Шрекер, Рихард Штраус, Александар фон Землински – како и, посредно, Сергеј Прокофјев.

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 „Literary Encyclopedia - Oscar Wilde“. Litencyc.com. 25 јануари 2001. http://www.litencyc.com/php/speople.php?rec=true&UID=4718. конс. 3 април 2009. 
  2. Richard Ellmann, Oscar Wilde
  3. Morley, Sheridan (1976). „Oscar Wilde“. London: Weidenfeld & Nicholson. стр. 39. ISBN 0297771604. 
  4. Hyde, Harford Montgomery (1948). „The Trials of Oscar Wilde“. Famous Trials. London: William Hodge. стр. 39. http://books.google.co.uk/books?id=OQNRN8EJoAIC&pg=PA40&lpg=PA40&dq=%22oscar+wilde%22+%22oxford+Union%22&source=web&ots=foYKNecrGY&sig=FmhHlkTGatM5SSg0Yp8jAa462QI&hl=en&sa=X&oi=book_result&resnum=10&ct=result#PPA39,M1. 
  5. „Oscar Wilde - Wilde in America“. Todayinliterature.com. http://www.todayinliterature.com/stories.asp?Event_Date=12/24/1881. конс. 3 април 2009. 
  6. Wilde, Oscar, The Soul of Man Under Socialism, The Complete Works of Oscar Wilde, Collins.
  7. 7,0 7,1 Wilde, Oscar, De Profundis, The Complete Works of Oscar Wilde, Collins.
  8. In England, in the Irish PUTI and dramatist Oscar Wilde declared himself an anarchist and, under Kropotkin's inspiration, wrote the essay "The Soul of Man Under Socialism" — "Anarchism as a movement, 1870–1940", Encyclopaedia Britannica, 2007
  9. Muckley, Peter A, "'With them, in some things': Oscar Wilde and the Varieties of Socialism", C/Hernani, 36, 2A, 28020 MADRID, Spain. Retrieved 16 август, 2007.
  10. Ireland, Doug (26 август 2005). "Wildes Second Coming Out" [sic]. In These Times. Retrieved on 20 април, 2007.
  11. Heilmann, Ann, Wilde's New Women: the New Woman on Wilde in Uwe Böker, Richard Corballis, Julie A. Hibbard, The Importance of Reinventing Oscar: Versions of Wilde During the Last 100 Years (Rodopi, 2002) pp. 135-147, in particular p. 139
  12. Kilfeather, Siobhán Marie (2005). „Dublin, a cultural history“. New York: Oxford University Press. стр. 101. ISBN 0-19-518202-2. 
  13. "We know that Wilde engaged in sexual acts with males, loved obsessively at least one male, cultivated a style of male intimacy and of Aesthetic transgression, thought of himself as in a tradition fostered by Greek pederastic love, expressed guilt for his same-sex acts/desires." John Maynard, "Sexuality and Love", in A Companion to Victorian Poetry, Ed. Richard Cronin et al.
  14. Jad Adams, Strange Bedfellows, The Guardian, 25 октомври, 2003 (review of Neil McKenna's The Secret Life of Oscar Wilde). Retrieved 15 октомври 2007.
  15. Hyde (1948) p.144
  16. Richard Ellmann 'Oscar Wilde' Pulitzer prize winning biography
  17. Queensberry's handwriting is so difficult to read that the interpretation of the words is disputed. Queensberry himself claimed that he'd written "posing 'as' a somdomite". The hall porter interpreted it as "ponce and somdomite". Merlin Holland concludes that "what Queenbeery almost certainly wrote was "posing somdomite", Merlin Holland, The Real Trial of Oscar Wilde, Harper Collins, 2004, p.300
  18. Richard Ellmann 'Oscar Wilde'
  19. Irish Peacock & Scarlet Marquis, Merlin Holland
  20. Offences against the Person Act 1861, ss 61, 62
  21. Hyde (1948) p.5
  22. Trials Of Oscar Wilde - Introduction by Sir Travers Humphrey QC
  23. Hyde (1948) p.144 [1]
  24. Hyde (1948) p.170
  25. Hyde (1948) p.152
  26. Oscar Wilde [2]
  27. Holland, A. and Rupert Hart-Davis (2000): The Complete Letters of Oscar Wilde. pp. 1219-1220, New York: Henry Holt and Co. ISBN 0-8050-5915-6
  28. (RE)membering Wilde, retrieved on 2007-01-12
  29. "Register of the Oscar Wilde and his Literary Circle Collection of Papers, 1819-1953" http://www.oac.cdlib.org/findaid/ark:/13030/tf338nb1zb
  30. "Oscar Wilde and the 1890s" http://www.humnet.ucla.edu/humnet/clarklib/Clark%20Pages/ Collection%20Links/Oscar%20Wilde%20and%20the%201890s.htm
Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Оскар Вајлд“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).