Сликата на Доријан Греј

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
„Сликата на Доријан Греј“  
Lippincott doriangray.jpg
Насловна страна на списанието во кое првпат е објавен романот
Автор Оскар Вајлд
Јазик англиско
Издавач Lippincott's Monthly Magazine
Издадена 1890
Медиум Print
OCLC 53071567

Сликата на Доријан Греј (англиски: The Picture of Dorian Gray) е единствениот објавен роман на Оскар Вајлд. Се појавува како главна статија во месечното издание на списанието Липинкот, на 20ти јуни 1890 година. Вајлд подоцна го преработува ова издание, притоа прави неколку измени, и додава нови поглавја. Изменетата верзија е објавена од Вард, Лок енд Компани, во април 1891 година. Книгата понекогаш се насловуава погрешно како Портретот на Доријан Греј.

Романот раскажува за еден млад човек по име Доријан Греј, модел на една слика од уметникот Базил Холвард. Базил е импресиониран од убавината на Доријан, станува заслепен од него, верувајќи дека неговата убавина е одговорна за новиот стил во неговата уметност. Доријан се запознава со лорд Хенри Вотон, пријател на Базил, и е маѓепсан од неговиот поглед на светот. Застапувајќи се за еден нов хедонизам, лорд Хенри вели дека единствените нешта кон кои вреди да се тежнее во животот се убавината и задоволувањето на сетилата. Свесен дека еден ден неговата убавина ќе избледне, Доријан изјавува желба да си ја продаде душата, во замена за тоа портретот насликан од Базил да старее наместо него. Желбата на Доријан се исполнува, и го фрла го во развратен живот. Портретот служи како потсетник за тоа каков ефект има секое негово дело врз неговата душа. Секој грев е претставен или како изобличување на неговата форма, или како знак на стареење.

Сликата на Доријан Греј се смета за дело кое спаѓа во класичен готски хорор со силно изразена Фаустовска тема.

Кратка содржина[уреди]

The Picture of Dorian Gray, 1891

Сé започнува еден убав ден кога лорд Хенри Вотон го набљудува уметникот Базил Холворд додека слика портрет на убав млад човек по име Доријан Греј. Лорд Хенри сака да се запознае со Доријан, и кога тој пристигнува подоцна, Базил по кратко двоумење се согласува да ги запознае. Откако ќе го слушне погледите на светот на лорд Хенри, Доријан почнува да мисли дека убавината е единствениот вреден аспект на животот, единственото нешто кон кое треба да се тежнее. Посакува портретот што Базил го слика да старее наместо него. Под влијание на лорд Хенри (кој наоѓа големо уживање во идејата за хедонистички живот и е нејзин силен застапник), Доријан започнува да ги истражува неговите сетила. Ја открива актерката Сибил Вејн, за време на една претстава во еден валкан и запуштен театар. И приоѓа и бргу потоа и предлага брак. Сибил, која му се обраќа со „принц од бајките“, брза дома да им каже за понудата на нејзините скептични мајка и брат. Нејзиниот заштитнички настроен брат Џејмс и вели дека ако „принцот од бајките“ ја повреди, тој без сомнение ќе го убие.

Доријан ги поканува Базил и лорд Хенри да ја видат Сибил како глуми во Ромео и Јулија. Сибил, која досега единствено ја познавала љубовта кон театарот, ги губи своите актерски способности, сега кога ја искусува вистинската љубов. Доријан ја одбива после оваа случка, велејќи и дека нејзината убавина била во нејзината уметност, и дека ако таа веќе не може да глуми, ни тој веќе не е заинтересиран за неа. Кога се враќа дома забележува дека неговиот портрет е сменет. Доријан сфаќа дека неговата желба се исполнила-портретот сега носи суптилен потсмев и ќе старее со секој грев што тој ќе го направи, а неговиот изглед ќе остане непроменет. Одлучува да се помири со Сибил, но лорд Хенри пристигнува утрото за да му ја соопшти веста дека Сибил се самоубила голтајќи пруска киселина (хидроген цијанид). Со убедување и охрабрување од страна на лорд Хенри, Доријан сфаќа дека страстите и изгледот се сé што му е потребно во животот. Ова го одбележува крајот на неговата последна и единствена вистинска љубов. Наредните 18 години Доријан експериментира со секој порок, главно под влијание на еден „отровен“ француски декадентен роман, подарок од лорд Хенри. Насловот на книгата не е откриен никаде во романот, но на судењето на Оскар Вајлд тој признава дека мислел на À Rebours (Против природата) на Жорж-Шарл Исман.

Една вечер, пред да замине за Париз, Базил оди кај Доријан за да дознае од него дали се вистинити гласините за неговото прекумерно препуштање на задоволствата. Доријан не го одрекува неговиот разврат. Му го покажува портретот на Базил, кој е грозен како што се неговите гревови. Во бес, Доријан го обвинува уметникот за својата судбина и го избодува до смрт. Потоа уценува еден стар пријател по име Ален Кемпбел, кој е хемичар, да го уништи телото. За да избега од своето злосторство, Доријан оди до едно дувло на опиум. Џејмс Вејн е во близина и слуша како некој му се обраќа на Доријан со „принц од бајките“. Го следи Доријан надвор и се обидува да го застрела, но овој го измамува велејќи му да го погледне на светло и да види дека е премлад за да бил во каква било врска со Сибил пред осумнаесет години. Џејмс го ослободува, но веднаш потоа му приоѓа една жена од дувлото која го прекорува затоа што не го убил Доријан, велејќи му дека Доријан за осумнаесет години воопшто не остарел.

За време на една вечера, Доријан го гледа Џејмс како го демне и се плаши за својот живот. Сепак, за време на лов неколку дена подоцна, скриениот Џејмс случајно е застрелан и убиен од еден од ловците. По враќањето во Лондон, Доријан го известува лорд Хенри дека отсега натаму ќе биде добар, и дека веќе започнал да го покажува тоа со тоа што не и го сршил срцето на една невина девојка, ќерка на еден наместник во едно село, по име Хети Мертон. Еднаш додека седи во својот дом, Доријан се прашува дали портретот започнал да се менува во оној портрет каков што бил на почетокот, дали почнал да му се губи сенилниот и грешен изглед, сега кога се откажал од неморалниот начин на живот. Го открива портретот, за да открие дека изгледа уште полошо. Гледајќи го ова, тој ги преиспитува мотивите зад неговата „милост“, дали е тоа само суета, љубопитност или потрага по нови емоционални екцеси. Сигурен дека само целосна исповед ќе го ослободи, но несигурен во своето чувство на вина и плашејќи се од последиците, тој одлучува да ја уништи последната трага на неговата совест. Во бес, го зема ножот со кој го убива Базил Холвард и го забодува во сликата. Неговите слуги слушаат крик од заклучената соба и викаат полиција. Го наоѓаат телото на Доријан, прободено во срцето, остарено, овенато и грозно. Само преку прстените на неговата рака можат да го идентификуваат трупот. Покрај него, стои портретот во неговата првична форма.

Ликови[уреди]

Во едно писмо Вајлд вели дека главните ликови се одраз на него самиот: „Базил Холвард е она што мислам дека сум: лорд Хенри е она за што ме смета светот: Доријан е она што би сакал да сум, во некои други времиња, можеби“.

Главни ликови[уреди]

  • Доријан Греј-убав и нарцисоиден млад човек, маѓепсан од идејата на лорд Хенри за нов хедонизам, започнува да се оддава на секакови задоволства, морални и неморални.
  • Базил Холвард– уметник кој е заслепен од убавината на Доријан. Доријан му помага да го сфати неговиот уметнички потенцијал, со тоа што портретот на Доријан се покажува како негово најдобро дело. Тој е побожен христијанин со конзервативни вредности. Подоцна е убиен од Доријан.
  • Лорд Хенри „Хери“ Вотон– наметлив и декадентен денди, кој на почетокот е пријател на Базил, но подоцна станува заинтригиран од убавината и наивноста на Доријан. Екстремно досетлив, лорд Хенри се смета за критичар на Викторијанската култура на крајот од векот, застапувајќи гледиште на толерантен хедонизам. Тој му го пренесува на Доријан неговиот поглед на светот и Доријан станува расипан додека се обидува да го имитира, иако Базил истакнува во еден разговор со Хери: „Никогаш не кажуваш нешто морално, и никогаш не правиш нешто неморално“

Други ликови[уреди]

  • Сибил Вејн– Натпросечно талентирана и убава (но екстремно сиромашна) актерка во која Доријан се вљубува. Љубовта кон Доријан и ги уништува актерските способности, и таа веќе не наоѓа задоволство во играње замислена љубов кога веќе има искусено реална љубов. Се самоубива кога сфаќа дека Доријан веќе не ја сака. Лорд Хенри ја споредува со Офелија.
  • Џејмс Вејн – Братот на Сибил, кој треба да стане морнар и да замине за Австралија. Се однесува многу заштитнички кон својата сестра, особено поради тоа што знае дека неговата мајка ја интересираат само парите на Доријан. Тој се двоуми дали да ја остави неговата сестра особено затоа што знае дека Доријан ќе ја повреди и ветува дека ќе се одмазди ако и се случи нешто лошо. По смртта на Сибил, тој станува опседнат со тоа да го убие Доријан и започува да го демне. Подоцна е убиен во несреќа при лов. Потрагата по одмазда на Џејмс против Доријан, поради смртта на неговата сестра, ја имитира улогата на Лаерт, братот на Офелија во Хамлет.
  • Ален Кемпбел– хемичар и некогашен добар пријател на Доријан. Нивното пријателство завршува кога репутацијата на Доријан започнува да се влошува. Доријан го уценува за да се одлободи од телото на Базил, и подоцна се самоубива.
  • Лорд Фермор– Вујко на лорд Хенри. Го информира лорд Хенри за потеклото на Доријан.
  • Викторија, Лејди Хенри Вотон– Сопругата на лорд Хенри, која се појавува само еднаш во романот во една прилика додека Доријан го чека лорд Хенри. Таа го сака својот маж кој се однесува кон неа со подбив, а подоцна се разведува од него поради еден пијанист.

Теми[уреди]

Естетизам и дволичност[уреди]

Естетизмот е силен мотив и се врзува со концептот на двоен живот. Главната тема е тоа дека естетизмот е само една апсурдна апстракција, која наместо да го облагороди, служи само за да го разочара концептот на убавина. Иако Доријан е хедонист, тој сепак се грижи за сликата и положбата што ја има во Викторијанското општество. Вајлд го нагласува задоволството на Доријан од тоа што води двоен живот. Не само што Доријан ужива во ова чувство приватно, туку и чувствува „мошне ужасно задоволство од двојниот живот“ кога присуствува на еден друштвен собир само дваесет и четири часа по извршувањето на убиство.

Дволичноста и насладата најубаво се гледаат во посетата на Доријан на лондонските дувла на опиум. Вајлд ги комбинира сликите на високата класа и ниската класа со тоа што наводно „високиот“ Доријан ги посетува осиромашените делови на Лондон. Лорд Хенри тврди дека „криминалот и припаѓа ексклузивно на ниската класа... Би требало криминалот да е за нив она што е уметноста за нас, само метод за искусување на несекојдневни чувства“, што упатува на тоа дека Доријан е и криминалец и естет, комбинирани во еден човек. Ова можеби може да се поврзе со делото „Чудниот случај на д-р. Џекил и мистер Хајд“ на Роберт Луис Стивенсон, на кое Вајлд многу му се восхитувал. Поделбата која се случува во д-р Џекил и мистер Хајд, иако екстремна, е очигледна и во Доријан Греј, кој се обидува да ги содржи и двата различни делови од неговата личност. Ова е тема што се среќава во многу готски романи.

Влијание и одговорност[уреди]

Влијание е темата што провејува низ целата книга. Влијанието е во голема мера од страна на авторот како неморално, затоа што на крајот може да ги наведе луѓето кон донесување туѓи, а не свои одлуки, како што најдобро се гледа преку ликот на Доријан Греј. Сепак, сите луѓе потпаѓаат под влијае, а и самите влијаат некому, и иронично, книгата може да влијае врз нејзиниот читател, иако во предговорот парадоксално стои дека ниеден уметник, со неговата работа „не сака да докаже нешто“ или да има „етички симпатии“. Во прилог на влијанието доаѓа и проблемот околу тоа кој да биде одговорен за одредени дејства. Главниот недостаток на Доријан е тоа што тој никогаш за ништо не се смета за одговорен, наместо тоа избегнува да преземе одговорност оправдувајќи ги неговите дејства според филозофијата на новиот хедонизам. Кога Сибил се самоубива, Доријан се оградува од вината, со тоа што гледа на нејзината смрт како на некое уметничко дело- како на некоја трегедија. Во неговата страст да ја припишува одговорноста на кој било друг освен себеси, Доријан го обвинува Базил за правецот во кој тргнал неговиот живот. Во убивањето на Базил, нараторот дури ја опишува и сцената за да ја демонстрира перцепцијата на Доријан дека не тој, туку ножот го извршува убиството, за тој повторно да остане без никаква вина. Самата вклученост на Вајлд во естетското движење дополнително го заматува општото сфаќање на тоа дали неговиот главен лик, во избегнувањето одговорност за неговите дејства, треба да се перцепира трагично или херојски (или можеби и на двата начина подеднакво).

Алузии на други дела[уреди]

Република[уреди]

Глаукон (Glaucon) и Адемантус (Adeimantus) го претставуваат митот за Прстенот на Гајгс (Gyges' ring), Со кој Гајгс станува невидлив. Тие го прашуваат Сократ, кога некој би поседувал таков прстен, зошто би постапувал праведно? Сократ одговара дека дури и кога никој не може да го види физичкиот изглед, душата се изобличува од злата што ги прави. Оваа изобличена (антитеза на убава) и расипана душа е неврамнотежена и растроена, и самата по себе непосакувана, без оглед на предностите што би можеле да ги имаме од постапувањето неправедно. Портретот на Доријан е средството преку кое другите луѓе, како неговиот пријател Базил, може да ја видат неговата изобличена душа.

Tannhäuser[уреди]

Во една прилика, Доријан присуствува на изведба на операта на „Танхаузер“ на Рихард Вагнер , каде експлицитно е кажано дека тој лично се идентификува со делото. Вистина е дека операта има некои впечатливи сличности со романот, и на кратко ја раскажува приказната за средновековен (и историски реален) пејач, чија уметност е толку убава што предизвикува Венера, самата божица на љубовта, да се вљуби во него, и да му понуди вечен живот со неа . Сепак, Танхаузер почнува да станува незадоволен од неговиот живот таму, и избира да се врати во суровиот свет на реалноста, каде откако ќе учествува во еден натпревар по пеење, тој е строго цензуриран поради неговата сензуалност, и на крајот умира во потрага по покајание и љубов на добра жена.

Фауст[уреди]

Вајлд има кажано „во секој прв роман херојот е авторот како Христос или Фауст“. Како и во Фауст, ставено е искушение пред главниот лик Доријан, можноста за безвремена убавина. Доријан му се предава на искушението. И во двете приказни, главниот лик привлекува убава жена која го сака и која ја убива. Иако Фауст истотака го убива и братот на жената, Сер Џефри Клостон го поштедува Доријан од задачата да го убие Џејмс Вејн случајно застрелувајќи го. Вајлд уште ќе каже и дека идејата зад Сликата на Доријан Греј е „стара во историјата на книжевноста“ но дека тој овојпат и „дал нова форма“.

За разлика од Фауст, нема точка во која Доријан прави договор со ѓаволот. Сепак, циничната перспектива на животот и хедонистичка природа на лорд Хенри се чини дека е во согласност со идејата на улогата на ѓаволот, онаа на искушување на чистите и невини квалитети за кои Доријан е пример на почетокот од книгата. Иако Лорд Хенри се интересира за Доријан, тој изгледа дека не е свесен за ефектот од неговите дејства. Сепак, токму Лорд Хенри го советува Доријан дека „единствениот начин да се ослободиш од искушение е да му се предадеш. Спротистави му се, и твојата душа ќе се разболи од копнеж“ во оваа смисла, Лорд Хенри може да се смета дека го претставува ѓаволот „наведувајќи го Доријан во несвет пакт, манипулирајќи ја неговата невиност и несигурност“.

Шекспир[уреди]

Во неговиот предговор, Вајлд пишува за Калибан, лик од Шекспировата драма Бура. Кога Доријан му кажува на Лорд Хенри Вотон за неговата нова „љубов“, Сибил Вејн, ги спомнува сите драми на Шекспир во кои глумела, како хероина во секоја претстава. Подоцна во романот, зборува за неговиот живот цитирајќи го Хамлет, кој на сличен начин ја доведува својата девојка до самоубиство а нејзиниот брат да се заколне на одмазда.

Жорж- Шарл Исман (Joris-Karl Huysmans)[уреди]

„Отровниот француски роман“ на Доријан кој го доведува до неговиот пад, се смета дека е романот À rebours на Жорж-Шарл Исман. Литературниот критичар Ричард Елман има напишано: Вајлд не ја именува книгата, но на неговото судење призна дека мислел на A Rebours на Исман... На еден дописник има напишано дека извел „фантастична варијација“ врз A Rebours и дека еден ден мора да ја запише. Референците во Доријан Греј на одделни поглавја намерно се неточни.

Литературно значење[уреди]

Историја на објавување[уреди]

Сликата на Доријан Греј започна како краток роман објавен во Липинкотс. Во 1889 година, Џ. М. Стодарт, уредник за Лапинкотс, престојува во Лондон за да бара кратки романи за списанието. На 30ти август 1899 година, Стодарт вечера со Вајлд и Сер Артур Конан Дојл во Ленгхам Хотел, и нарачува кратки романи и од двајцата. Конан Дојл веднаш му го испраќа Знакот на Четворицата (The Sign of the Four) на Стодарт, но Вајлд задоцнува. Романот на Конан Дојл е објавен во февруарското издание од 1890 година, а Стодарт ја добива Сликата на Доријан Греј на 7ми април 1890 година. Стодарт е импресиониран од литературните вредности на приказната но му пишува на издавачот Џорџ Липинкот дека „во сегашна форма има многу работи за кои една невина жена би направила исклучок“. Стодарт и неговите колеги прават бројни промени на романот. Измените на првобитната форма на романот пред да биде објавен во Липинкот вклучуваат: отстранување на неколку страници кои алудираат на хомосексуалност или хомосексуален копнеж, бришење на сите референци на насловот на фиктивната книга Le Secret de Raoul, и нејзиниот фиктивен автор Катул Сарацан (Catulle Sarrazin) и три референци на женските „љубови“ на Греј, Сибил Вејн и Хети Мертон како негови „љубовници“. Романот е објавен на 20ти јуни 1890 година во јунското издание на Липинкотс. Британските критичари на големо ја осудуваат книгата за неморалност. Романот е толку контроверзен што В.Х. Смит го повлекува тоа издание на Липинкотс од неговите полици на железничките станици.

Делумно поради критиката на првото издание, Вајлд потоа се обидува да ублажи некои од похомоеротските референци во книгата, и да ја поедностави моралната порака.. Во изданието од 1890 година, Базил му кажува на Хенри како го „обожува“ Доријан, и го моли да не „му ја одземе единствената личност што ми го прави животот совршено прекрасен“. Фокусот врз Базил во изданието од 1890 година изгледа дека е насочен повеќе кон љубов, додека пак Базил во изданието од 1891 година, се грижи повеќе за неговата уметност, кога вели „единствената личност која и го дава на мојата уметност нејзиниот шарм: мојот живот, како уметник зависи од него“. Книгата е истотака значително проширена. Оригиналните тринаесет поглавја стануваат дваесет, а последното поглавје е поделено во две нови поглавја. Овие дополнувања вклучуваат „отелотворување на Доријан како лик“ и во истовреме обезбедуваат детали за неговото потекло, што помага за да се направи неговиот „психолошки колапс попролонгиран и поубедлив“. Ликот на Џејмс Вејн истотака е воведен тогаш, лик кој помага да се разработи ликот и позадината на Сибил Вејн. Додавањето на овој лик истотака помага да се нагласи и предвиди себичниот начин на живот на Доријан, кој Џејмс го гледа во ликот на Доријан насетувајќи ги неговите бесрамни дела (вклучувањето на Џејмс Вејн, му дава на романот и потипична Викторијанска нијанса , дел од обидите на Вајлд да го намали контроверзното опкружување на книгата). Уште една значајна измена е тоа што во втората половина од романот, прецизирано е дека половина од настаните во романот се одвиваат околу триесет и вториот роденден на Доријан Греј, на седми ноември. По измените, настаните се случуваат околу триесет и осмиот роденден на Доријан Греј, на деветти ноември, со тоа продолжувајќи го периодот на време во кој се случува приказната. Претходниот датум е значаен и затоа што се совпаѓа со годината од животот на Вајлд, во која тој се впушта во хомосексуалност.

Предговор[уреди]

Предговорот на Сликата на Доријан Греј, е додаден заедно со другите измени, по критиката на изданието објавено од Липинкотс. Вајлд го користи за да и се обрати на критиката и да ја одбрани репутацијата на романот. Предговорот се состои од збир на искази во врска со улогата на уметникот, самата уметност, и вредноста на убавината, и служи како индикатор за начинот на кој Вајлд сака да биде читан романот, како и траги на Вајлдовото откривање на Таоизмот и делата на кинескиот таоистички филозоф Чуанг Тсу (Chuang Tsu). Кратко пред да го напише предговорот, Вајлд го разгледува преводот на Херберт А. Џилс на делата на Чуанг Тсу.

Критика[уреди]

Главно, првичниот прием на книгата од страна на критиката е лош, со тоа што романот добива „одредена озогласеност за тоа што е „блуткав и гаден“, „нечист“, „женствен“ и „загадувачки“. Ајриш Тајмс има напишано за првото издание на Сликата на Доријан Греј дека е „објавена со скандал“. Ова е главно поради хомоеротичните примеси, кои предизвикале некаков вид на сензација меѓу Викторијанските критичари при првото објавување на книгата. Голем дел од критиката е на исто мнение што се однесува до хедонизмот на Вајлд, и извртените погледи на конвенционалниот морал. Дејли Хроникл од триесети јуни 1890 година, вели дека романот на Вајлд содржи „еден елемент ....кој ќе го зарази секој млад човек кој ќе дојде во контакт со него“. Скотс Обзервер од петти јули 1890 година, прашува зошто Вајлд мора да „копа по купишта ѓубре?“ Вајлд им одговара на таквите критики со скусување на некои од хомоеротичните примеси, и со додавање на шест поглавја на книгата, за да создаде некаква позадина.

Наводи[уреди]