Македонска емиграција во Бугарија

Од Википедија — слободната енциклопедија

По создавањето на Кнежевство Бугарија во 1878 година кон новата држава емигрирале многу Македонци, кои ја создале заедницата на македонската емиграција во Бугарија. По информации на Друштвото на народите вкупниот број на македонските иселеници во Бугарија за периодот од 1878 до средината на 1920-те години бил повеќе од 300,000.[1] Таа е најголема македонска емиграција во светот, со огромен интелектуален потенцијал и големо културно наследство.[2]

Македонска емиграција во периодот од 1878 до 1912[уреди | уреди извор]

Големината, местото и улогата на македонската емиграција во бугарското општество[уреди | уреди извор]

Кнежевството Бугарија и Источна Румелија

Според К. Битоски во 1888 година во Бугарија имало 30 000 Македонци, додека пак на пописот на населението на Бугарија во 1893 година е констатирано дека 67 000 души биле родени во Отоманското Царство. Има претпоставка дека од оваа бројка 45 - 50 000 души биле родени во Македонија.

Според податоците на Васил Иванов К‘нчов од вкупно 20.509 државни бугарски службеници 955 биле Македонци, од кои 150 души биле бугарски офицери [3] Во последната деценија на 19 век во Бугарија се нашла многубројна македонска емиграција.

Според еден англиски податок кој се однесува на 1901 година во кнежевството Бугарија живееле 3.580.000 души, односно 600.000 луѓе повеќе во однос на 1890 година. Прирастот се должел во голема мера на Македонците кои се населиле во Бугарија[4]. Во Софија живееле 20.000 Македонци, во Пловдив 8.000, а Македонци имало и во другите градови низ Бугарија.

Голем дел од оваа македонска емиграција биле интелектуалци и тие брзо се вклопиле во новата средина и зазеле значајни места во бугарската администрација и општество [5].

Според Данкан Пери во средината на деведесеттите години на 19 век, од Македонија во Бугарија емигрирале од 100.000 до 200.000 Словени. Голем дел од нив биле: лекари, учители, адвокати, свештеници, дипломати и новинари. Мнозина од нив станале влијателни во политиката, владата и армијата.

Околу 430 (33%) од 1.289 офицери биле од Македонија, а 15.000 (43%) од 35.000 државни службеници потекнувале од македонските вилаети. Додека 1.262 (37%) од 3.412 егархиски свештеници биле од Македонија [6]. Според овој податок во Бугарија годишно доаѓале 200 до 300 македонски студенти и поради приливот на Македонците во Бугарија:

родениот Бугарин се судира со Македонецот кој се натпреварува за неговата служба [7]


Македонското прашање во Бугарија не било само политичко туку и економско. Поради тоа Бугарите апелирале на Македонците да им се дадат реформи „автономија, Кралство или Република, без разлика што, само тие да се вратат во својата земја“. Тоа било „заеднички плач на сите бугарски партии“ [8].

За местото и улогата на Македонците во Бугарија дознаваме и од разговорот кој е воден помеѓу, бугарскиот трговски агент во Солун, Атанас Шопов и солунскиот валија Хасан Фехми паша во почетокот на 1904 година, при што валијата постојано се оплакувал од Македонците и го прашал Шопов: „Дали Македонците уште бујствуваат во Бугарија?“ На тоа Шопов одговорил:

„Како да не бујствуваат паша ефенди кога денес поголем дел од македонското население е во Бугарија, поголемиот дел од жителите на Софија се Македонци; голем дел од офицерите во армијата се Македонци; голем дел од видните чиновници се Македонци; целата македонска интелигенција од Македонија е во Бугарија. Македонска е и толпата по улиците“. [9]


По оваа валијата констатирал дека Македонците играат важна улога во Бугарија. На што Шопов додал „многу важна паша ефенди, поважна отсекогаш. Улогата на Македонците во судбината и животот на Бугарите во општо секогаш била важна“. За поткрепување на изнесеното, Шопов го потенцирал придонесот што го дале Македонците на културен план за Бугарите. Во тој контекст ги наведува: отец Паисиј како автор на првата бугарска историја; Кирил Пејчиновиќ и неговото дело кое наводно е на бугарски јазик; Теодосиј Синаитски кој ја отворил првата бугарска печатница во Солун и го испечатил првиот бугарски буквар; потоа Неофит кој го отворил првото бугарско училиште во Габрово поради што се сметал за патријарх на бугарското училиште.

Посебен впечаток остава фактот дека за ниту еден од нив не се вели дека е Бугарин, туку се потенцира дека тие се Македонци по род. Истовремено А. Шопов, потенцирал дека Македонците дале значаен придонес и за бугарското црковно прашање. На повторната констатација од страна на валијата дека Македонците принеле значајни заслуги за бугарскиот народ, следи образложение: „не само за бугарскиот, туку и за грчкиот... во време на грчкото востание...“ На крај од разговорот Шопов истакнал:

Така што гледате паша ефенди каква улога играле секогаш Македонците во животот на бугарскиот народ. Уште поважна играат сега. Ако работата е за оплакување, ние од Бугарија имаме повеќе право од Вас (Турците б.н) да се оплакуваме од Македонците, зошто тие ни ја презедоа нашата сила, тие ни ги зедоа најдобрите места и служби, тие ни ги презедоа финансиите и градовите, тие ни ја презедоа војската и нашите министерства, тие ни ја презедоа трговијата, тие презедоа речи си с¢ во Бугарија... Избавете не од нив заради Бога.


Дејноста на македонската емиграција во Бугарија[уреди | уреди извор]

Голем дел од македонската емиграција започнала дејност врз македонска основа. Една од главните цели на македонската емиграција е автономија за Македонија. По Кресненско востание и Берлинскиот конгрес во Русе се формира Македонската лига која од своја страна испратила барање до големите сили да се исполни членот 23 од Берлинскиот конгрес. Македонската лига поради својата дејност дошла во судир со бугарската влада и неуспеала да постигне некој позначајни резултати. Меѓутоа и покрај овој неуспех македонската емигарција не се откажале од своите цели и барања така што во 1888 година повторно во Русе, Коста Шахов започнал со издавње на весникот Македонија. Во првиот број на весникот било истакнато:

ние Македонците ... не смееме да си ја заборавиме татковината и должни сме да работиме за подобрување на нејзината положба, бидејќи како народ ќе бидеме одговорни пред нашето поколение... задача на весникот Македонија е да се бори за духовно и културно издигање на Македонците[10]


Покрај културните биле разгледувани и политичките прашања, односно автономија на Македонија. Овој весник престанал да излегува во 1894 година, меѓутоа треба да се истакне дека кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години на 19 век во Бугарија се формирале неколку македонски асоцијации. Кон крајот на 1890 година македонските студенти во Софија ќе го формираат Македонското студентско друштво кое ќе егзистира до март 1891 година, меѓутоа неколку месеци подоцна од него ќе произлезе Лозарското движење.

Во јануари 1892 година, Млада македонска книжевна дружина го издала првиот број на списанието Лоза. ММКД во Предговорот на списанието укажува на опасноста од странските пропаганди во Македонија и повикува на организирано спротивставување од страна на Македонците. Во прилозите објавени во „Лоза“ на еден вешт начин се прави обид за прикажување на посебниот историски, културен и етнографски карактер на Македонија, при што се води сметка да се подзадоволи и вкусот на бугарското општество. Освен тоа Лозарите практикувале еден специфичен јазик и правопис, различен од бугарскиот, со тенденција истиот да послужи како основа за идниот литературен јазик на Македонија. Поради овие тенденции Младата македонска книжевна дружина и списанието „Лоза“ се нашле на отстрел пред бугарското општество и влада. Притоа предводничката улога ја имал провладиниот официоз весникот „Свобода“. По појавата на првиот број на „Лоза“, весникот „Свобода“ пишува:

„Усилбите на целата интелигенција, на целиот бугарски народ, засега се насочени кон глува, бесшумна борба, за бугарско национално единство; се арчат и пари и сили, и народна енергија во таа борба со Србите и Грците; не се штеди ништо за да победи идејата дека Бугаринот од Македонија, Тракија и Мизија, е син на една и иста мајка Бугарија... и при сето тоа на самото предвечеје на таа засега нерамноправна борба во отворена војна, во бугарската престолнина, во срцето на Бугарија излегуват луѓе што се осмелуваат да ги расипат плодовите од толкугодишните усилби, да докажат дека Македонците се одделна нација, со посебен јазик, со посебни историски задачи! Какви подобри докази можаат да бараат Србите дека Македонија не е Бугарска?“ [11]


Поаѓајќи оттука „Свобода“ заканувачки се обраќа на Лозарите:

„Да не го навредуваат бугарското народно чувство со подигравка на светиот бугарски идеал! Ако сакаат да му пакостат на светото бугарско дело, да не го праваат тоа барем во бугарската престолнина. Ете им го Белград: Нека повелат таму и од таму нека фрлаат камења врз зградата што се грижел да ја изгради целиот бугарски народ - од Црно Море до Дрим“


По излегувањето на вториот број на „Лоза“, „Свобода“ одново се нафрлила врз Лозарите овој пат преку перото на Левов. Тој меѓу другото пишува:

„Младата дружина под превезот на книжевноста не ја гони целта и пропагандата за некаков фонетски правопис, туку тенденции и цели, колку куриозни, жални, толку збунивачки, срамни и опасни... Дружината полека лека ќе го подготвува бугарското општествено мнение за одделување на Македонија од Бугарија и полека лека ќе воведува зборови од охридското поднаречје што ќе биде литературен јазик на идната Голема Македонија, на чело на која ќе дојде некој од уредниците на Лоза во својство на Филип или Александар!?! Итро и умешно замислено и тоа знаете каде? Во Софија, во тоа срце, центарот на Бугарија и бугаризмот!!!“


Левов откако ги анализира првите два броја на списанието Лоза констатира дека тоа е сепаратистичко движење и затоа ја алармира бугарската јавност:

„Како што гледате Македонската дружина смета дека нивната татковина е Македонија, дека последната е населена со одделно словенско племе наречено Македонци; дека таму се собрале севозможни надворешни елелменти т.е. Бугари, Грци, Срби... дека целта им е да ни дадат еден силен отпор и да се запазат од нашите разбојнички посегања и дека Лоза ќе и служела на истата цел“ [12]


Meѓутоа во средината на 1892 година Лозарското движење и Лоза биле растурени и забранети. Во мај 1894 година се возобновува Младата македонска дружина a кон крајот на годината се формираат две нови македонски асоцијации: Македонски комитет и Братскиот сојуз. Со што започнува ново поглавје во активност на македонската емиграција.

Обединување на македонската емиграција[уреди | уреди извор]

Дел од темата
Македонски комитет
Печат на Македонскиот комитет

Под влијание на Ерменските настани и со падот на владата на Стефан Стамболов во втората половина на 1894 година доаѓа до раздвижување на македонската емиграција во Бугарија. Во месеците ноември и декември 1894 година се одржале бројни митинзи на македонската емигарција. На овие митинзи била дадена поддршка за Ерменците и нивното прашање, и истовремено било побарано подобрување на положбата на населнието во Македонија и тоа преку спроведување на членот 23 од Берлинскиот конгрес [13].

Истовремено започнал и процес за обединување на македонските друштва и асоцијации. Иницијативата потекнала од Трајко Китанчев кои со својот природен афторитет ги обединил сите во ист правец. Китанчев во својство на претседател на Братскиот Сојуз ги поканил Младата македонска дружина и Македонскиот комитет да се помират и обединат. На 18.02.1895 година Трајко Китанчев испратил покана до сета македонска емиграција да испрати свои претставници на І македонски конгрес кој требало да се одржи на 18.03.1895 година во Софија.

На І македонски конгрес дошло до обединување на македонската емиграција во рамките на Македонскиот комитет и за време на овој конгрес била утвредна целта на македеонските друштва - автономија за Македонија. Меѓутоа Македонскиот комитет не увидел дека неговата дејност може да биде искористена и злоупотребена од страна на бугарскиот кнез и влада, што и се случило по Мелничкото востание кое било организирано од македонската емигарција.

По неуспешното востание доаѓа до внатрешни поделби и обвиненија меѓу емиграција, а тоа придонело да дојде со слабеење на самиот Македонски комитет. Во него се нашле голем број на приврзаници на бугарската идеја и агенти на бугарскиот двор и влада.

Еден дел од дејците на Македонскиот комитет ќе имаат значајна улога во бугарската политика и тие ќе бидаат трговски агенти, министри и премиери. Интересни се кариерите на: Тома Карајовов, Димитар Ризов, Андреј Љапчев и други. Македонската емиграција преку Македонскиот комитет ќе има големо влијание врз македонското националоослободително движење. ТМОРО од македонската емиграција ќе бара морална и материјална поддршка, меѓутоа двете организации ќе дојдаат до судир и на крај до раскинување на нивните контакти и односи.

Македонската емиграција и македонското прашање[уреди | уреди извор]

Добар дел од македонската емиграција била позитивно наклонета кон идејата за создавање на самостојна македонска држава. Дека еден дел од дејците на Комитетот се залагале за самостојна македонска држава се гледа од извештајот на Кузман Дамјанович од 4.03.1899 година во кој тој ја забележал дискусијата на македонските дејци, а меѓу нив се нашле Коста Шахов, Андреј Љапчев и други. Меѓу нив се разврзала дискусија во која било истакнато:

Ама немој ти да веруваш дека револуционерите работат за автономна Македонија, та отпосле да ја присоединат кон Бугарија? Боже чувај! Тоа никогаш нема да биде... Сите ние Македонци, макар каде и да сме, макар и колку и да сме учеле, никој нема да дозволи Македонија да се присоедини кон било кој, туку ќе работиме... кон неа да се присоединат други провинции. Нас иинтелигенцијата, не школувале, а и денес не школуваат Руси, Романци, Срби и Бугари... Но, никој од нас не ќе стане слуга на ниту една по никоја цена, туку веднаш ќе дојде во своето јато, кон кое и ние дојдовме... Ние имаме славен елемент, а нашиот народ е жилав и еднаш добие ли Македонија автономија, тогаш побрзо Бугарија ќе стане македонска, отколку Македонија - бугарска. Ние за тоа имаме шанса... во Бугарија на највисоки места денес се Македонци... без сомнение во свое време денешните великани Македонци по народност ќе пријдат нам и Бугарија ќе биде македонска... веруваме дека тоа ќе биде порано или подоцна... македонија ќе биде држава - републикансака, таа ќе гледа кон себе да привлече и други во сојуз како кантони и така што биде силна држава [14]


Во 1902 година во Пловдив, се одржал учителски собир на кој Димо Хаџи Димов го прочитал рефератот Македонското прашање и учителот [15]. Хаџи Димов јасно ја разоткрил политиката на Врховниот комитет и бугарската влада кон Македонија, тој меѓу другото истакнал:

Ние не мислиме за Бугарија, но ќе си ја пазиме Македонија. Немојте и вие да мислите за Македонија, туку пазете си ја Бугарија.

Учителскиот собир усвоил резолуција со која била осудена политиката на Врховниот комитет и бугарската влада кон Македонија [16]. Тома Карајовов, во јануари 1902 го сондирал Ефтим Спространов, Карајовов се повикал на едно писмо од Цариград и потенцирал:

Македонија да започне своја, независна политика, чисто македонска. Никогаш да не се мисли за присоединување кон Бугарија, и во тоа да се убеди Европа. Тогаш ќе може да се постигне тоа што го сакаме [17].

Карајовов има и консултации со унивезитетските професори Шишманов и Георгов. Првиот сугерирал дека може да се започнат преговори со Австроунгарија, која биола заинтересирана за Македонија. Подоцна Димитар Стефанов го поканила Спространова да напише нешто во Дело, во смисла дека населенеието во Македонија само треба да си ја извојува слободата, без да се надева на помош од надвор [17].

На 22 февруари 1902 година, се одржало советување на кое присуствувале: Христо Станишев, Димитар Ризов, Андреј Љапчев, Тома Карајовов, Никола Наумов и Ефтим Спространов. Карајовов ги информирал за ставовите на офицерите од русофилската и русофопската фракција во Бугарија, и едните и другите решавањето на македонското прашање го гледале преку договор со Србија и поделба на Македонија на сфери на влијанија [17]. Отука, бидејќи областите на исток од Струма биле неспорно бугарски, а на запад од Вардар неспорно српски, затоа Цончев својата активност ја насочил на територијата помеѓу реките Вардар и Струма. Учесниците во советувањето се обврзале да работат за зачувување на целовитоста на Македонија [17].

Владимир Руменов земајќи ја предвид делбеничката политика на бугарската влада, претпочитал Унија со Римокатоличката црква или австриска окупација на Македонија [17]. Тој предложил:

да се оделиме, да почнеме чисто македонска политика [17].

Во тој контекст предложил одделување на Бугарската егзархија од Кнежевството и нејзино прогласување за покровител на Славјаните во Турција, по изговор дека се возобновува Охридската патријаршија, во чии синодот требало да влезат македонските владици, седиштето на црквата и понатаму требало да остане во Цариград [17]. Руменов истакнал дека ако Егзархијата го одбие предлогот тогаш македонските владици да се откажат од Егзархијата и да формираат оделна црква [17]. Според Руменов, таквата идеја не требало да се пласира преку органот на ТМОРО, туку преку некој друг весник [17]. Тој предложил да се испечатат неколку броја непосредно пред конгресот на Врховниот комитет за да се види дека постои нов движење, за да можат делегатите да бидат подготвени [17], а дури потоа да се започнат преговори со Егзархијата. Тие знеле дека Егзархот како страшен бугарофил, тешко ќе прифати [17], зато требало да му се пренесе дека:

целта не е да се создаде нова народност во Македонија, туку да се зачува цела, неразделна. Ако, тој се согласи и се прогласи за Егзарх на макеоднските бугари или македонски славјани (така нека се нарекуваме), тогаш лесно и без големи стресови ќе постигнеме се [17].

Според Руменов, ако егзархот не се согласел тогаш требало да се започне агитација сред македонските владици за да се отцепат од Егзархијата и да формират Синодот и самостојна црква [17]. Со овие идеии, Спространов го започнал Калајџиев, а тој требало да ги запознае битолскиот митрополит Григориј и раководителот на ТМОРО во Охрид, Кецкаров [17]. На 20 јули 1902 година Спространов му пишал на Јаким Дедов во Белград, истакнувајќи дека:

Одамна, брате, проповедам да оставиме настрана какво е христијанското население во Турско по народност, туку да погледнеме на неговите маки и страдања. Зошто да гледаме на него како на бугарско или српско, туку да погледнеме како на христијанско и општословенско [17].

Борис Сарафов во едно свое интервју истакнал:

Автономната македонска идеја не скара со бугарската влада. Зар поранао со нас не беше љубезен и внимателен кнезот Фердинант? Зар... Рачо Петров кој со своето Министерствонтолку грижливо се зафати да не скроти, не беше наш соучесник во 1895 година и не ни дозволи да ја минеме македонската граница и да водиме чети? Не фалеа жошто се надеваа дека ние, со своите раце, ќе ги вадиме од огнот македоските костени и ќе им ги дадеме ним како подарок на бугарската влада. Големите луѓе сакаа да јаваат на грбот на малите. Владата мечтаеше за Санстефанските граници, кнезот Фердинанат... го примамуфа ефектот кон своите два венца да го придодаде и третиот - Македонија

—Борис Сарафов, Интервју со Амфитеатров во 1901 година [18]

Српскиот дипломатски претставник во Софија, кон крајот на март 1902 година истакнал дека новата врховистичка провокација во Македонија е резултат на судирот кој настанал меѓу поранешното и актуелното раководство на Македонскиот комитет, како и различните погледи за решавање на Македонското прашање. Според него:

Сарафов и неговите приврзаници, а тие ја држат во раце Внатрешната револуционерна организација, не криеја дека сакаат своето држење да го доведат во согласност со династичките интереси на кнезот Фердинанад, кој секогаш настојуваше тајно да раководи со комитетскиот ред и на тој начин како носител и прсетваник на големата бугарска идеја... да ја зачува и зголеми својата популарност [19]


Меѓутоа истиот тој српски претставник истакнал дека:

Сарафов и неговите приврзаници отворено изјавуваа дека ним не им дошло националистички проповеди, туку до политичко ослободување, за кое народот треба да се подготви и воодушеви, за во дадениот час да биде готов да се жртвува. Малку расположени да му служат на политичките интереси на кнезот Фердинад и на славистичките стремежи на бугарските државници, тие се воодушевуваат од идејата за самостојна Македонија, до која, според нивното мислење, во денешните политички услови може да се дојде пос сизеренство на Султанот. И токму затоа што не сакаат да допшуштат автономијата да послужи како мост за подоцнежната бугарска анексија, предизвикаа кај кнезот Фердинад и тогашниот шеф на владата - Каравелов, кој како запален шовинист, прв почна да ги гони (Сарафистите б.н). Само со тоа гонење може да се објасни што на чело на ВК дојде резервниот генерал Иван Цончев и поетот Михајловски, од кои првиот е повереник на кнезот Фединанад, а другиот прврзаник на Каравелов [19]


Овој извор јасно истакнува дека определбите на Сарфов биле програмски поблиску до ТМОРО и не се вклопувале во актуелната бугарска политика и тоа било причината за падот на Сарафовиот комитет .

Малешевски балкан во статијата под наслов „Барем не пречете ни" истакнал:

...го фрлија во нашата средина јаболкото на расправа и без тоа нашите слаби сили и уште ја имаат дрскоста да ни се претставуваат за такви што ни го сакаат доброто! Тие го посеаја сред нас семето на расправии, признаа едни од нас за Срби, други за Бугари, инспирираа некои од нас да ги поддржуваат со своите агитации и нашите непријателски односи, и ете ти го нашиот најголем пораз. Пораз скандалозен, зашто е мирен! При најголемата слабост на нашиот непријател, при неговата најголема разлабавеност, ни ги врзаа рацете. Да повторам, со своите класификации на Срби и Бугари, тие буквално ни ги врзаа рацете, зашто не оставија да се караме меѓу себе, а непријателот го оставаме слободен, та, кога ќе .... се врати и да не уништи и нас со се!!...[20][21]


Бран на бегалци[уреди | уреди извор]

Во периодот 1895-1903 година, бројот на бегалците од Македонија во Бугарија се зголемува по неуспешните Мелничко, Горноџумајско и Илинденско востание. Во текот на Горноџумајското востание на 30 октомври 1902 година дошле 200 арнаути од кои проплакало сè. Тогаш околу 500 селани од Железнец, Покровник, Падеж, Крџово, Дреново, Лисија и др. побегнале за Бугарија. Во Џумајско и Разлошко биле убиени 37 мажи и 8 жени, 304 мажи и 134 жени биле мачени, 111 жени и моми биле силувани, 807 куќи биле ограбени, а 67 опожарени. Поради таквото настапување на османлиските власти дошло до времено раселување во внатрешноста како и до бран на иселување во Бугарија. Таму побегнале 2.000 жители.

Во текот на целото Илинденско востание во Македонија во 1903 година настрадале 16 околии со 201 населено место. Биле изгорени 12.400 куќи, а без покрив останале 70.836 лица, биле убиени 8.816 мажи, жени и деца, 30.000 луѓе ги напуштиле своите родни места.

До избувнувањето на Првата балканска војна во 1912 година бројот на македонските бегалци постојано се зголемувал.

Македонска емиграција во периодот на воjните 1912-1918[уреди | уреди извор]

Генералот Иван Фичев, со наредба од 26 септември 1912 година сите партизански чети и одреди формациски ги вклучил во составот на Македонско-одринското ополчение. Со тоа македонските и одринските одреди и чети станале дел од бугарската армија и ја примиле нејзината организациона структура - одделенија, водови, чети. Вкупната бројна состојба на Македонско-одринското ополчение во пролетта 1913 година изнесувала 14.670 луѓе, од кои 11.470 од Македонија, 1.215 од Одринска Тракија и 2.512 од Царство Бугарија. По добивањето оружје од бугарската армија, Македонско-одринското ополчение веднаш бил префрлен на фронтот во Тракија.

Грчката власт уште во периодот Балканските војни 1912-1913 започнала со засилени воени притисоци да ја менува етничката карта на Егејска Македонија на штета на македонскиот народ. Во текот на воените операции во Балканските војни од страна на грчката војска, посебно во источниот дел на Егејска Македонија, речиси до темел биле уништени повеќе села и градови со броен македонски етнички елемент, при што тоа население под притисок и закана од репресивни мерки било принудено да емигрира, претежно во Бугарија. Таков бил случајот со градот Кукуш, Сер, Демир Хисар и други помали градови и села во Источниот дел на Егејска Македонија. Во тој правец одел и Нејскиот мировен договор по завршувањето на Првата светска војна, кога согласно него била извршена т.н. доброволна размена на население помеѓу Грција и Бугарија, со која околу 80 000 Македонци од Егејска Македонија биле принудени да се иселат во Бугарија.

Во Првата светска војна Бугарија извршила најмасовна регрутација и мобилизација на Македонците во Пиринска Македонија и сред македонската емиграција во Бугарија. Пред нападот врз Србија во есента 1915 година, бугарската Врховна команда ја создала 11 - та македонска дивизија и во нејзиниот воен формациски состав вклучила 33.046 Македонци [22]. Покрај регрутацијата на Македонците во составот на бугарската регуларна армија, бугарските власти регрутирале Македонци и во диверзанските чети под раководство на Тодор Александров.

Македонска емиграција меѓу двете светски војни[уреди | уреди извор]

По завршувањето на Првата светска војна во Пиринска Македонија се зголемил бројот на Македонците во градовите и другите населени места. Фактот што Пиринска Македонија се наоѓала под бугарска власт не само што не го намалил процентот на Македонците, туку предизвикал обратен ефект. Главна причина за тоа била големата емигрантска македонска маса, која уште по завршувањето на Илинденското востание, а уште повеќе по Балканските војни, постепено се зголемувала. По Првата светска војна овој број уште повеќе се зголемил поради тоа што пред налетот на режимите во окупираните делови на Македонија од Грција и Кралството на СХС, поголем дел од македонските бегалци се упатиле, меѓу другите држави, и во Бугарија.

Бугарската власт овие македонски бегалци претежно ги населувала во Пиринска Македонија, особено бегалците што доаѓале од Егејска Македонија. Со овие процеси не само што се зголемил процентот на македонскиот народ во Пиринска Македонија, туку таа добила карактер на целосна компактност на македонскиот етнички елемент во споредба со другите народносни групи чиј процент бил занемарлив и целосно минорен. Процентот на македонскиот народ во Бугарија во тие повоени години бил голем и во некои поголеми бугарски градови како Софија, Варна и други.

Поранешните раководители на ВМРО дејствувале во Бугарија. Серчаните, истрајале во одбраната на македонските интереси. Тие, организирани во Временото претставништво на поранешната ВМРО (Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Петар Поп Арсов и др.), дејствувале со цел да ја придобијат светската јавност, истапувајќи на Париската мировна конференцијата со барање за создавање на самостојна македонска држава. Активноста на Претставништвото ги вознемирувало владејачките кругови во Бугарија кои го активирале врховизираниот Извршен комитет на македонските братства, кој истапувал пред меѓународните форуми против интересите на македонскиот народ. Македонските братства во Бугарија биле поларизирани. Дел од нив пројавиле значајна национално-културна дејност (Кукушкото, Гевгелиското и др.).

По војната дејствувала т.н. "автономистичка" ВМРО предводена од Тодор Александров, која, иако декларативно се изјаснувала за автономија на Македонија, се ставила во служба на врховизмот и бугарскиот двор. Прераснувајќи во терористичка организација, ВМРО му нанела голема штета на македонското национално-ослободително движење, вршејќи голем број политички убиства на видни Македонци (Јане Сандански, Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Тодор Паница и др.). Од нејзината терористичка активност се згрозувала и европската јавност. ВМРО во пиринскиот дел на Македонија прераснала во своевидна "држава во држава". Таа вршела терористички акции и во вардарскиот дел на Македонија. По убиството на Тодор Александров и доаѓањето на Ванчо Михајлов на чело на ВМРО, биле преземени бројни терористички акции и биле убиени голем број Македонци - патриоти и комунисти.

Помеѓу македонската емиграција мошне активна била легалната Илинденска организација, која ги издавала гласилата "Илинден", "Пирин" и др.

Во меѓувоениот период Македонците во Бугарија развиле интензивна национално-културна дејност. Биле издавани многубројни македонски весници ("Илинден", "Македонско знаме", "Македонски вести", "Обединист" и др.).

Од 1937 до 1940 година во Софија бил активен познатиот Македонски литературен кружок во кој членувале поетите Никола Јонков Вапцаров, Коле Неделковски, Антон Попов, Венко Марковски, Михаил Сматракалев и други. Членовите на Кружокот ги поставиле основите на современата македонска книжевност.

Весници и списанија на македонската емигарција во Бугарија[уреди | уреди извор]

Македонската емигарција издавала неколку весници под името Македонија:

Македонија 1866-1872
Реформи
  • Македония

1866 - 1872, уредник Петко Славејков

  • Македония

1888 - 1912 во Русе и Софија, уредник Коста Шахов

  • Македония

1896 - 1897 во Софија, уредник Георги Недков

  • Македония

1902 во Русе

  • Македония

1919 - 1923 во Софија, уредник Георги Баждаров

  • Македония

1926 - 1934 во Софија, уредници Георги Кулишев, Димитар Талев

Други весници и списанија кои македонската емигарција ги издавала се:

  • Македонски глас

излегувал од јануари до септември 1885

  • Глас македонски

Софија 1893 - 1898 година уредник Коста Шахов

  • Революция

издаван во 1895 година од Васил Главинов

  • Право

излегувал во Софија 1894 - 1903 под редакција на Никола Наумов и Тома Карајовов

излегувал во Софија 1892 година под редакција на Петар Поп Арсов

  • Реформи

излегувал во Софија 1899 - 1903 година

  • Вардар

излегувал во Софија 1911 - 1912 година уредник Данаил Крапчев

  • Свобода или смърт

излегувал во Софија 1924 - 1934 година

Познати македонски емигранти во Бугарија[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. C. A. Macartney, "Refugees. The Work Of The League", "V. The Bulgarian Settlement", League Of Nations Union, London, 1931, стр. 113-122.
  2. "ЗАБОРАВЕНАТА ЕМИГРАЦИЈА СЕ ВРАЌА ДОМА" Архивирано на 15 февруари 2009 г., "Глобус", брoj 81, 04. 11. 2008.
  3. К. Битовски, Македонија и кнежевството Бугарија..., 15 - 16.
  4. АМ.Ф.ФО. 78/5146,мф.332,бр.66
  5. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  6. Данкан Пери, Политика на теророт: Македонското револуционерно движење 1893 - 1903, Скопје, 2001.
  7. АМ. ф. ФО. 78/5146,мф. 332, бр. 66
  8. Државен архив на Репубилка Македонија (ДАРМ), ф. Foreing Ofiice, 78/5146, мф 332, бр. 66
  9. ДАРМ, Бугарски генерален конзулат (БГК) - Солун 1896-1915, мф. Бр. 4278, Но. 181, 20 февруари 1904.
  10. Документи за борба на македонскиот народ, т.1
  11. Лоза#, месечно списание, издава Младата македонска книжевна дружина, Свобода, VI/774, СофиÔ, 18. 02 1892, 3.
  12. Д. Т. ЛевовÍ. †Лоза#, Свобода, ВИ/786, СофиÔ, 13. 04 1892, 3.
  13. К.Пандев, Националноослободително движење во Македонија и Тракија од 1879-1903,Софија,1979
  14. А.М.ф. ПО. мф. 451, пов. бр. 150/99, Софија, 4.03.1899.
  15. Димо Хаџи Димов, Одбрани дела, том еден, Избор, предговор и редакција Манол Пандевскски, Скопје, 1984
  16. Константин Пандев, Националноосвободителното движение... 283-284
  17. 17,00 17,01 17,02 17,03 17,04 17,05 17,06 17,07 17,08 17,09 17,10 17,11 17,12 17,13 17,14 Евтим Спространов. Дневник, Т.I (1901-1907), Предговор Александър Гребенаров, Съставители: Гребенаров, Ал., Милкана Бошнакова, Георги Царев. С. 1994
  18. Право,I/34,8.07.1895.
  19. 19,0 19,1 АМ, ПО, мф. 454, пп. бр. 1109, 27.03.1902.
  20. Весник „Малешевски Балкан", орган на македонските борци. (Софиа) год. I, бр. 16 (1897), стр. 1
  21. Целиот текст: „Одвај има пожестока положба од онаа на Македонската кауза. Ангажирана од симпатии, чувства, од традиции да биде секогаш во најинтимни врски спрема своите директни соседи Бугари и Срби и др., таа денеска најбезмилосно изненадува и тера на покајание. Никој, без сомнение никој, нема да ја оспори оправданоста на нашите надежи во Бугарите и Србите, како луѓе што најблиску стојат до нас, како народ со еднакво минато како што е нашето и др. Судејќи според нивните сензации за секоја наша најмала несреќа при други околности и време; верувајќи во искреноста на нивните зборови кои и сега не престануваат да бидат најласкави; ние никогаш не сме го испуштиле случајот да покажеме до каква висока степен зависи нашата судбина од нивната добра желба да ни помогнат, ние никогаш не сме престанувале да веруваме дека тие го сфаќаат она што се должни да го сторат за нас. Ние никогаш не сме престанувале да им зборуваме дека сета наша надеж и сила се состои во нивната. Ние во тоа имаме право. Народ поробен и свикнат на ропство, ако се избришат во него секакви траги од добродетели на пожртвуваност, најнеопходни во случајот, каков што сме ние, да помисли, без да авансира зад грбот со несомнена сила, за бунт, мешаница против царштината, за која Соломон рекол бездруго да се почитува, зашто „секоја власт е даден од Бога", што значи за него е тоа најголема навреда. А Бугарите и Србите требаше да го напуштат своето досегашно поведение, коешто е за осуда, и да ги оправдаат надежите наши и да си го исполнат својот долг. Да, и да си го исполнат својот долг, зашто и искупувањето и на нивните слободи не малку жртви не фаќало нас, зашто ние им дадовме разни Жинзифовци, и браќа Миладиновци, заштo сега несреќната Македонија е мајка на своите браќа Кирил и Методиј. Зашто уште не малкумина македонски херои ги положија своите бујни глави за да ја искупат нивната слобода. Понатаму, зашто нивните чувства, морални должности; зашто нивните непосредни интереси и традиции, зашто најпосле и нивниот хуманизам и апстрактна наредба на верските правила им го диктираат, им го заповедуваат тоа. А во одговор на тоа, што гледаме? Што прават Србите и Бугарите и што направиле досега? - Ништо, тукуречи ништо. Или не. Ништо не е она што тие го сториле за Македонија. Не се ништо тукуречи пакостите што тие свесно ни ги донесоа! Пред соблазнивата перспектива за нашето идно поробување од една од нив, тие направија сојуз со цел да не разделат како една несвесна маса за да можaт понатаму слободно да не експлоатираат. Нешто повеќе, тие направија и продолжуваат да прават на наша сметка престапи кои, убаво нека запомнат, со најцрни бои ќе бидат предадени на идните поколенија од современиот историчар; тие станаа сојузници на султанот: го фрлија во нашата средина јаболкото на расправа и без тоа нашите слаби сили и уште ја имаат дрскоста да ни се претставуваат за такви што ни го сакаат доброто! Тие го посеаја сред нас семето на расправии, признаа едни од нас за Срби, други за Бугари, инспирираа некои од нас да ги поддржуваат со своите агитации и нашите непријателски односи, и ете ти го нашиот најголем пораз. Пораз скандалозен, зашто е мирен! При најголемата слабост на нашиот непријател, при неговата најголема разлабавеност, ни ги врзаа рацете. Да повторам, со своите класификации на Срби и Бугари, тие буквално ни ги врзаа рацете, зашто не оставија да се караме меѓу себе, а непријателот го оставаме слободен, та, кога ќе .... се врати и да не уништи и нас со се!! Тоа е најголемо зло што никогаш не се сомневавме да го претпоставиме! Не смеевме, велиме, да допуштиме дека дури ќе не снајде од некои сосема туѓи луѓе, а што да речеме во случајот! Наши соплеменици, наши браќа... Перото се откажува натаму да реди. Но што прикажуваме? О голема заблудо! Во што се виновни имено Бугарите и Србите, само ако се разликуваат добро нивните поими? Во што згрешиле досега, не владите во овие наши два братски народа, ами самите тие народи - Србите и Бугарите! Колку пати се случува овие два народа преку разни митинзи, и како што им наредуваат нивните влади, да употребат севозможни средства за извојување барем на најнеопходното право на Македонците. Не еднаш, не двапати; но кој ги слуша? Владите на Бугарија и Србија се полјаци на турските ниви во нивната територија. Значи, една молба кон сите Македонци: не давајте пат на вештачки поддржаните кај нас непристојни страсти, пред мислата за силата на нашиот непријател, против кој има да се бориме. Да не правиме разлика меѓу нас со некакви Срби или Бугари, зашто сите пред сè друго сме Македонци, робје на еден крвожеден ѕвер каков што е султанот Хамид. Најпосле два збора и кон бугарската влада. Го прашуваме ние нејзиниот шеф г. Стоилов: каков грев сторил пред неговата неумолива голема „огромна" полициска партија, да не ги пробира средствата со кои гледа да ѝ направи што почувствителен удар? Каква цел гониш со ова, о несреќно бугарско пигмејче, та не предвидуваш дека патот на твоето поведение води само кон пропаст. Нема ли во тебе капка од онаа бугарска добродетел која се вика сочувство кон маките на своите блиски? Зар само неколку „османчиња" беа доволни за да го поврзат твоето адско срце кон престолот на султанот? Зошто ги гониш, зошто затвораш, зошто ги интернираш оние доблесни синови на несреќна Македонија кои ја имаат храброста и на збор и на дело да проповедуваат револуција против султанот? Зар не мислиш дека еден ден за сите тие работи ќе треба да се рапортира пред историјата? А тогаш? Тогаш, мрачен дипломату, што ќе рече потомството за тебе: Но, сето тоа е твоја работа, па не мислиш ли да туриш крај на твоите престапи против се буггрско, а и против неговото име? Жити бога оставете не на мира. Ако не сакате да ни помагате, барем не пречете ни!
  22. „Светот го одбележа крајот на кланицата во Првата светска војна[мртва врска]", "Утрински весник", брoj 2835, среда, 12 ноември 2008.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]