Свети Паисиј Хилендарски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Св. Паисиj Хилендарски
Роден 1722
Самоковска епархиja, Отоманско Царство
Починал 1773
Асеновград,

Паисиj Хилендарски (бугарски: Паисий Хилендарски) — преродбеник од Бугарија со македонско потекло.[1][2] Бугарската наука го смета за прв бугарски преродбеник и бугарски национален историчар со неговото дело „Исторїѧ славѣноболгарскаѧ“ напишано во периодот 1760 - 1762 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

За животот на Паисиј се знае релативно малку. Се прифаќа дека е роден во 1722 година, се претпоставува во Банско[3] во богата трговска фамилија. За негово родно место претендираат неколку градови и села, бидејќи самиот не напишал точно од каде е. Денес за официјална верзија се смета онаа за која за првпат сведочи Неофит Рилски.[4] Теодосиј Гологанов исто тврдел дека архимандрит Исаија Серски (Тарлис, Серско, 1800 — Ковачево, Пазарџишко, 1880) му споделил за тоа како Неофит Рилски му раскажал за хилендарски калугер и негов соселанец од Банско, по име јеромонах Паисиј, кој пишувал за историјата Бугарите.[5] Официјално[6] е примена теорија дека потекнува од градот Банско во Пиринска Македонија.[7] Аргумент за тоа се бара во кондиките на манастирите во Атон, во кои пишува дека татковата куќа на неговите двајца браќа Лаврентиј и хаџи Влчо била токму во Банско.[8] Теоријата е спомната и во македонската наука.[9] Според други [10] тие се од различни татковци, а и нема докази дека Банско тогаш било дел од Самоковска епархија на Пеќската патријаршија, туку било додадено подоцна при Цариградската патријаршија. Недостигот на историски документи кои да го прецизираат родното место се надополнува од дијалектолошки анализи на неговиот говор.[11] Тие го поврзуваат со реоните на Самоков и Перник, за кои постојат и бројни легенди[12]. Хипотезите се однесуваат на селата Доспеј[13][14] и Кралев дол.[15]

Во 1745 година Паисиj станал монах во српскиот Хилендарски манастир во Атон, од каде и го добил прекарот Хилендарски. Бил испраќан да патува низ Балканот со цел собирање на парични помошти од христијанското население. Во 1761 по дела на манастирот патувал до Сремски Карловци во Војводина (тогаш во Австриското Царство), кадешто било седиштето на српската Карловачка митрополија. Во неjзините богати библиотеки имал можност да прочита некои од познатите во оноj период историски книги за Балканот. Враќајки се во Хилендарскиот манастир, започнал да пишува историја на бугарскиот народ. По некои конфликти внатре во монашкото братство на Хилендар се префрлил во Зографскиот Манастир, каде во 1762 година ја завршил својата „Историја словенобугарска“.[16]

Податоците за животот на Паисиj по 1762 се малку и фрагментирани. Неоспорно е дека по завршувањето на историјата се вратил во Хилендарскиот манастир и за извесен период бил негов проигумен. Продолжил да патува, а сигурно документирани негови посети се во реоните на Самоков, Котел и Асеновград. Умрел во 1773 во Амбелино во јужниот дел на денешниот Асеновград.[17]

Паисиj Хилендарски е канонизиран за светец од Бугарската православна црква во 1962 година.

„Историја словенобугарска“[уреди | уреди извор]

Препис на „Историја словенобугарска“ од 18 век

Во процесот на подготвувањето за создавање на словенобугарска историја Паисиj се запознал со некои од достапните во неговата епоха историски извори: житија на светци, летописни белешки, царски грамоти, сочиненија на Климент Охридски и Евтимиј Трновски, српскиот „Родослов“, руски публикации на „Пролог“ и „Кормчаја книга“, стематографиите на Павле Ритер Витезовиќ и Христофор Жефарович, а наjголемо влијание врз неговите општи идеи за историјата имале руските преводи на книгите „Дејанија церковнаја и гражданскаја“ од Цезар Барониј и „Книга историографија“ (со оригинално име „Царството на Словените“) од Мавро Орбини.[17]

По завршувањето на книгата Паисиј продолжил да патува и сам да ја распространува. За прв зачуван препис се смета преписот од 1765 година, порачан од богатите граѓани на Котел и направен од Софрониј Врачански. Вториот бил направен во 1771 година во Самоков од поп Алекси. За тие преписи се знае дека биле препишувани директно од оригиналот на Паисиj и во негово присуство. Од периодот до крајот на 18 век се познати околу 10 ракописни преписи, а до крајот на 19 век нивниот број е повеќе од 60. Вистинска историска вредност „Историја словенобугарска“ добила во првата половина на 19 век и натаму по неjзиното прво преработено печатено издание, направено од Христаки Павловиќ во Будимпешта во 1844 година со наслов „Царственик или историја болгарска“.[17] „Царственик...“, што вклучувало и некои делови од „Стематографија“ на Христофор Жефарович, а било користено како учебник по историја во преродбенските училишта.[18] Паисиj се смета за втемелувач и пропагатор на бугарското име и бугарскиот етнички карактер во Македонија.[19]

Политичка употреба[уреди | уреди извор]

Неговото име често било користено за политички цели, како што е случајот со создадениот во 1927 година националистички сојуз “Отец Паисиј“, којшто подоцна ќе се изроди во нацистички, а негови членови во 1943 година ќе учествуваат во напади врз еврејски маала и ќуки.[20] Нешто подоцна ќе биде искористен од Тодор Живков за неговата нова политика кон Пиринска Македонија.[21]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. ДАРМ, Бугарски генерален конзулат (БГК) - Солун 1896-1915, мф. Бр. 4278, Но. 181, 20 февруари 1904.
  2. Бугарскиот трговски агент во Солун, Атанас Шопов и солунскиот валија Хасан Фехми паша во почетокот на 1904 година имале разговор, при што валијата постојано се оплакувал од Македонците и го прашал Шопов: „Дали Македонците уште бујствуваат во Бугарија?“ На тоа Шопов одговорил: „Како да не бујствуваат паша ефенди кога денес поголем дел од македонското население е во Бугарија, поголемиот дел од жителите на Софија се Македонци; голем дел од офицерите во армијата се Македонци; голем дел од видните чиновници се Македонци; целата македонска интелигенција од Македонија е во Бугарија. Македонска е и толпата по улиците“. По оваа валијата констатирал дека Македонците играат важна улога во Бугарија. На што Шопов додал „многу важна паша ефенди, поважна отсекогаш. Улогата на Македонците во судбината и животот на Бугарите во општо секогаш била важна“. За поткрепување на изнесеното, Шопов го потенцирал придонесот што го дале Македонците на културен план за Бугарите. Во тој контекст ги наведува: отец Паисиј како автор на првата бугарска историја; Кирил Пејчиновиќ и неговото дело кое наводно е на бугарски јазик; Теодосиј Синаитски кој ја отворил првата бугарска печатница во Солун и го испечатил првиот бугарски буквар; потоа Неофит кој го отворил првото бугарско училиште во Габрово поради што се сметал за патријарх на бугарското училиште. Посебен впечаток остава фактот дека за ниту еден од нив не се вели дека е Бугарин, туку се потенцира дека тие се Македонци по род. Истовремено А. Шопов, потенцирал дека Македонците дале значаен придонес и за бугарското црковно прашање. На повторната констатација од страна на валијата дека Македонците принеле значајни заслуги за бугарскиот народ, следи образложение: „не само за бугарскиот, туку и за грчкиот... во време на грчкото востание...“ На крај од разговорот Шопов истакнал:Така што гледате паша ефенди какава улога играле секогаш Македонците во животот на бугарскиот народ. Уште поважна играат сега. Ако работата е за оплакување, ние од Бугарија имаме повеќе право од Вас (Турците б.н) да се оплакуваме од Македонците, зошто тие ни ја презедоа нашата сила, тие ни ги зедоа најдобрите места и служби, тие ни ги презедоа финансиите и градовите, тие ни ја презедоа војската и нашите министерства, тие ни ја презедоа трговијата, тие презедоа речи си с¢ во Бугарија... Избавете не од нив заради Бога.
  3. The Encyclopedia of Eastern Orthodox Christianity, John Anthony McGuckin, John Wiley & Sons, 2011, ISBN 1405185392, p.85.
  4. Статија 150 г. спорови[мртва врска] за родното место и гробот на Паисиј(бугарски)
  5. Весник "Мир". 18 април, 1912.
  6. 150 г. спорови[мртва врска] за родното место и гробот на Паисиј(бугарски)]
  7. "История на България", Издателство на Българската академия на науките, том 5 Българско Възраждане XVIII - средата на XIX век, София, 1985, стр. 127-128. (бугарски)
  8. Пламен Митев, "Българското Възраждане", Издателство "Полис", София, 1999, стр. 31. (бугарски)
  9. "Македонска енциклопедија", Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2009, том 1, статија "Бугарското име во Македонија", стр. 222: "Идеен втемелувач и пропагатор бил хилендарскиот монах Паисиj од Банско (XVIII в.), инспириран од пишувањата на М. Орбини, J. Раиќ и некои други древни записи во атонските манастири."
  10. Акад.Иван Снегаров "За родното място на Паисий Хилендарски" (бугарски)
  11. Цанко Живков "Родна реч" во спорот за јазикот и родното място на Паисиј(бугарски)
  12. Мария Деянова, "Съвпадения между характерните диалектизми в Зографската чернова на "История славянобългарска" и говорните характеристики на с. Доспей, Самоковско", Български език и литература (електронна версия), 2006, № 3. (бугарски)
  13. Доспејска верзија (бугарски)
  14. Критика на кралевдолската верзија со осврт на доспејската (бугарски)
  15. Тркалезна маса, одржана на 15 март 2007 година, Перник (бугарски)
  16. Пламен Митев, "Българското Възраждане", Издателство "Полис", София, 1999, стр. 31-32. (бугарски)
  17. 17,0 17,1 17,2 Пламен Митев, "Българското Възраждане", Издателство "Полис", София, 1999, стр. 32. (бугарски)
  18. Кузман Шапкарев, "Материали за историята на възраждането...", Издателство "Български писател", София, 1984, стр. 75. (бугарски)
  19. "Македонска енциклопедија", Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2009, том 1, статија "Бугарското име во Македонија", стр. 222.
  20. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-03-05. Посетено на 2009-02-16.
  21. Тодор Живков и македонското прашање

Надворешни врски[уреди | уреди извор]