Васил Главинов

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Васил Главинов, 1869 - 1929

Васил Костов Главинов (Велес, околу 1869 - Софија, 24 јануари 1929), еден од првите македонски социјалисти и организатор на работничкото движење во Македонија, поборник за Балканска федерација.

Основно образование стекнал во училиштето на Јордан Хаџи Константинов - Џинот по што го изучувал столарско-дрводелскиот занает. Во 1887 заминува на печалба во Бугарија. Социјалистичките идеи ги стекнал во софиското работничко друштво „Братство”, формирано во 1892 година. Длабоко инволвиран во социјалистичките кругови, ги шири социјалистичките идеи меѓу македонската емиграција во Бугарија. Во 1893 година ја образува Македонската работничка социјалистичка група, неформална група во која членувале Веле Марков, Никола Петров - Русински, Никола Карев, Димитар Мирасчиев, Андон Шулев, Атанас Раздолов, Стојно Стојнов, Гиго Дандарот, Лазар Главинов, Димо Хаџи Димов и уште некои печалбари и револуционери. Во 1894 година се вратил во Велес каде го основал „Читалиштето” кое претставува прво просветно-работничко друштво во Македонија.

Во 1895 година македонската социјалистичка група на Главинов го издава своето прво гласило, „Револуција”, а во 1898 година и весникот „Политическа свобода”. Се издаваат и низа прогласи и брошури, што потоа конспиративно се префрлаат во Македонија.

Тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода, социјалистите се залагаа за ослободување на Македонија. Во таа насока имаа одредени контакти со ТМОРО. По одржувањето на Првата социјалистичка конференција на 3 јули 1900 година близу Крушево дел од македонските социјалисти се вклучија во нејзините редови и активно учествуваа во револуционерното движење. На оваа одлука Главинов остро се спротивстави.

По извршената промена на власта во Турција по Младотурската револуција од јули 1908 година се создадоа услови за легално дејствување на најразлични организации и партии во отоманската држава. Тоа е период во кој Главинов е многу активен. На почетокот на 1909 година станува одговорен уредник на новопокренатиот весник „Работническа искра". Во бр. 4 (Битола, 5.11.1909) на весникот, во уводната статија „Партиите и работниците“ дава своја карактеристика на Народната федеративна партија:

Бугарската федеративна партија се јавува како представителка на дребните трговци, занаетчии и селани-сопстевници, на бакалите и крчмарите - со еден збор, на тое коешто се нарекува воопшто дребна буржоазија. Така што, таа е дребнобуржоазна. Од друга страна, и Бугарската народна федеративна партија истотака е националистичка, како и Сојузот на бугарските конституционии клубови. Разликата е само во тоа што, првата сака содинување на Бугарите кон Бугарија при сите услови, додека втората тоа го сака само под услов во Бугарија да нема монархизам и др. Барем тоа се разбира од нивните зборови

[1]

Во јануари 1910 година во Белград се одржа Првата балканска социјалдемократска конференција на која како претставници на социјалдемократските организации од Македонија учествувале Васил Главинов, Стојан Дивлев, Душан Цекиќ и Михаил Цоков. Во Солун, кон крајот на истата година се одржа конференција со цел основање на Отоманска социјалдемократска партија, но обидите завршија со неуспех.

По избувнувањето на Балканските војни Главинов се враќа во Бугарија, каде што живее до крајот на својот живот. Во 1920 година учествува во формирањето на Централната емигрантска комисија при ЦК БКП, а потоа и на Емигранскиот комунистички сојуз. По атентатот во црквата „Света Недела“ во 1925 година е уапсен, а потоа се повлекува од јавниот живот.

Во негова чест денес во Велес постои спомен куќа.

Извори [уреди]

  1. „Работническа искра“, Битола, бр.4/1909.

Надворешни врски [уреди]