Мари Букчин
Мари Букчин | ||
Роден | 14 јануари 1921 Њујорк, САД. | |
---|---|---|
Починал | 30 јули 2006 Барлингтон, Вермонт, САД. | |
Познат | Општествена екологија, Слободарски социјализам, Слободарски муниципализам, Анархизам |
Мари Букчин (англ. Murray Bookchin, 14 јануари 1921 – 30 јули 2006) бил американски слободарски социјалист, марксист и анархист во различни временски периоди од својот живот. Тој е основач на социјалната екологија, школа на слободарско-социјалистичката и еколошката мисла. Автор е на многу книги од областа на политиката, екологијата, филозофијата, историјата и урбанистиката.
Букчин беше радикален антикапиталист и голем поборник на децентрализацијата. Неговите дела за слободарскиот муниципализам, теорија за непосредна, базична демократија, имаше свое влијание врз зеленото движење и врз антикапиталистичките групи ориентирани кон директна акција. Букчин беше познат и како решителен критичар на биоцентристичката ориентација на длабоката екологија.
Живот
[уреди | уреди извор]Мари Букчин е роден во Њујорк на 14 јануари 1921 година, во семејство на руски доселеници од еврејско потекло, активни во руското револуционерно движење. Веќе во 1930 години влегува во младинското комунистичко движење, прво како член на пионерите, а потоа и на Младата комунистичка лига. Во 1935 година се противи на новиот, поумерен курс на Коминтерната, на политиката на народен фронт, но поради ангажираноста во активностите околу Шпанската граѓанска војна, останува во комунистичките редови до септември 1939 година кога се спротивставува на пактот Хитлер – Сталин и е исклучен поради „троцкистичко-анархистичко отстапување“. Потоа, им се приклучува на троцкистите и станува синдикален активист на Конгресот на индустриски организации. Сепак, по големиот штрајк во „Џенерал моторс“ од 1948 година, се убедува дека комунистичката авторитарност е карактеристична и за троцкистите и дека традиционалните концепции за хегемонската или авангардната улога на индустрискиот пролетаријат повеќе не се соодветни.
Прекинувајќи ја соработката со комунистите, Букчин во 1950-тите се залага за либертаријански комунизам и соработува со група германски марксисти дисиденти. Во 1950-тите почнува да се занимава и со проблематиката на штетното влијание на пестицидите во храната, а во 1962 година, под псевдоним, ја печати книгата „Нашата синтетичка околина.“ Во оваа книга, која излегува околу шест месеци пред „Тивката пролет“ на Рејчел Карсон, тој ја обработува проблематиката на пестицидите, додатоците на храната и зрачењето како причини за болестите кај луѓето.
Во ова време Букчин станува близок до анархистичките идеи, особено на оние на Петар Кропоткин. Во 1969 година се појавува еден од неговите највлијателни анархистички текстови, „Слушај, марксисту!“, во кој Букчин предупредува на опасноста од комунистичките идеи за тогашното студентско движење.
Во 1974 година е соосновач на Институтот за социјална екологија во Плејнфилд, Вермонт, кој стекнува меѓународен углед со своите курсеви по екофилозофија, социјална теорија и алтернативни технологии. Во 1980-тите Букчин има одредено влијание во меѓународното зелено движење, особено во Германија и пред сè помеѓу фундаменталистичкото крило на германските зелени. На првата средба на зелените во САД, во Амхерст во 1987 година ја отвора дебатата во зеленото движење околу длабоката екологија, за чиј биоцентризам Букчин ќе каже дека има реакционерни политички импликации поради давањето приоритет на нечовечкиот свет пред човекот.
Во 1990 година Букчин се повлекува од активната политика и продолжува да се занимава само со научна дејност и со пишување книги. Помеѓу 1992 и 2003 година ја пишува четири-томната историја на народните револуции, наречена „Трета револуција“. Во 1996 година тој ја напиша книгата „Повторно оживување на човештвото“, во која ги критикува постмодернизмот, мизантропијата и антихуманизмот, а претходната година го пишува својот труд „Социјален анархизам или лајфстајл анархизам: непремостлив јаз“. Овој труд врши остар напад на најновите трендови во анархизмот, наречени пост-анархизам, со кои анархистичката теорија се деполитизира и се претвора во начин на живот, во животен стил. Неговата критика главно наидува на неповолна реакција во анархистичките кругови и го принудува, на крајот од својот живот, да ја преиспита својата припадност кон анархистичкото движење. Во 2002 тој го отфрла анархизмот, застапувајќи се за либертерско-социјалистички комунализам.
Творештво
[уреди | уреди извор]Букчин е автор на повеќе дела меѓу кои позначајни се:
- „Проблемите на хемикалиите во храната“ (1955)
- „Нашата синтетичка околина“ (1962)
- „Анархизмот по оскудноста“ (1971)
- „Шпанските анархисти“ (1977)
- „Кон еколошко општество“ (1981)
- „Екологија на слободата“ (1982)
- „Растежот на урбанизацијата и падот на граѓанството“ (1986)
- „Филозофијата на социјалната екологија“ (1990)
- „Трета револуција“ (1992-2003)
- „Социјален анархизам или лајфстајл анархизам: непремостлив јаз“ (1995)
- „Повторно оживување на човештвото: одбрана на човечкиот дух против антихуманизмот, мизантропијата и примитивизмот“ (1996)
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Архива на Мари Букчин на Марксистичката интернет архива на македонски јазик
- Дела на Мари Букчин на „Архивите на анархијата“
- Дела на Мари Букчин на „Анархистичката библиотека
- Дела на Мари Букчин на Институтот за социјална екологија
|