Хејмаркетски немири

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Хајмаркетски немири)
Хејмаркетски немири
Позната слика на немирите во печатените медиуми
Датум4 мај 1886
МестоЧикаго, Илиноис, САД
41°53′5.64″N 87°38′38.76″W / 41.8849000° СГШ; 87.6441000° ЗГД / 41.8849000; -87.6441000Координати: 41°53′5.64″N 87°38′38.76″W / 41.8849000° СГШ; 87.6441000° ЗГД / 41.8849000; -87.6441000
Целиосум-часовен работен ден
НачиниШтрајкови, Протести, Демонстрации

Хејмаркетски немири — немири што се случиле на 4 мај 1886 г. во Чикаго, САД, по повод штрајкот од 1 мај за добивање осумчасовен работен ден. Немирите резултирале со жртви, а самиот тек на настаните и денес останува контроверзен. Хејмаркетски немири имаат голема улога во прогласувањето на 1 мај за Меѓународен ден на трудот.

Позадина[уреди | уреди извор]

Конвенцијата на Федерацијата на организираните трговски и работнички сојузи на САД и Канада во 1884 година упатува барање до 1 мај 1886 година да биде донесен закон за осумчасовен работен ден. Истовремено, се одвиваат подготовки за генерален штрајк на тој ден, во случај да не биде донесен таков закон.

Бидејќи не е донесен законот, во знак на протест на 1 мај 1886 година се одржуваат собири ширум САД. Најголемиот собир се случува во Чикаго, каде што присуствуваат околу 90.000 луѓе. Во следните неколку дена во целата земја штрајкуваат 350.000 работници во 1.200 фабрики.

Во Чикаго на 3 мај доаѓа до судир помеѓу работници што штрајкувале и работници што биле донесени како штрајкбрехери. Чикашката полиција интервенира и ги напаѓа штрајкувачите, при што се убиени четворица од нив, а повеќемина се повредени. Тоа предизвикува лутина кај работното население на Чикаго, а чикашките анархисти за следниот ден упатуваат повик за собир на Хејмаркетски плоштад. Во повикот се тврди дека полицијата ги убила штрајкувачите во име на интересите на капиталистите и се повикуваат работниците да ја бараат правдата.

Собирот на Хејмаркетскиот плоштад[уреди | уреди извор]

Собирот започнува мирно, вечерта на 4 мај. Говор држи анархистот Август Спис, кој во својот говор, според сведоштвото на многумина присутни, кажува дека не е таму за да провоцира никого.

Во меѓувреме многумина полицајци го набљудуваат собирот. Насобраниот народ е мирно настроен. По одредено време полицијата им наредува на присутните да се разотидат и почнува да настапува во формација кон бината. Некој фрла бомба врз полицијата, која експлодира и го убива полицаецот Матијас Деган. Полицијата веднаш возвраќа со оган. Настанува гужва при што 7 полицајци и најмалку 4 работници се убиени. Бројката на повредени работници не е позната, бидејќи кај работниците постоел страв да побараат медицинска помош за да не бидат обвинети во врска со немирите.

Судење и погубувања[уреди | уреди извор]

Споменик за жртвите на Хејмаркетски немири, Чикаго

Во врска со убиството на полицаецот Деган се обвинети осуммнина кои непосредно или посредно биле поврзани со организирањето на собирот. Тоа се: Август Спис, Алберт Парсонс, Адолф Фишер, Џорџ Енгел, Луис Линг, Михаел Шваб, Самуел Филден и Оскар Небе. Од нив петмина се германски имигранти, а уште еден со германско потекло.

На нивното судење не е понуден никаков доказ дека кој било од обвинетите имал каква било врска со фрлањето на бомбата, но обвинителството го застапува мислењето дека лицето што ја фрлило бомбата било поттикнато да го направи тоа од обвинетите, кои како заговорници поради тоа се исто одговорни.

Поротата одлучува дека сите осуммина се виновни, при што седуммина се осудени на смрт, а Небе добива казна од 15 години затвор. Пресудата предизвикува големо незадоволство и протести во работничките и левичарските кругови во САД и во странство, кои во прв ред осудувајќи ја класната природа на пресудата.

Одбраната го изнесува случајот пред Врховниот суд на Илиноис, а потоа и пред Врховниот суд на САД. Ниту во првиот ниту во вториот случај првобитната пресуда не е преиначена. По завршувањето на жалбената постапка, гувернерот на Илиноис, Ричард Оглезби, ги преиначува пресудите за Филден и Шваб од смртни во доживотни, а бесењето на останатите е закажано за 11 ноември 1887 година. Претходниот ден Линг извршува самоубиство, а останатите четворица, Спис, Парсонс, Фишер и Енгел на закажаниот ден за нивно погубување се изведени пред бесилка. При тоа тие ја пеат „Марсејезата“, химна на меѓународното револуционерно движење во тоа време, а при бесењето, Спис извикува: „Ќе дојде време кога нашето молчење ќе биде помоќно од гласовите што ги задушувате денес.“

Судењето на осуммината чикашки анархисти (познати како „Хејмаркетски маченици“) во левичарски, но и во научни кругови се смета за едно од најсериозните кршење на правдата во историјата на САД.