Неподносливата леснотија на постоењето

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Неподносливата леснотија на постоењето  
Unbearable kundera book cover.jpg
Корицата на англиското издание
АвторМилан Кундера
Наслов на
оригиналот
Nesnesitelna lehkost bytí
ПреведувачМаргарета Карајанова
Јазикчешки
ИздавачТабернакул (македонско издание)
Страници390 страни, 120 mm x 200 mm, полутврда подврска
ISBN9989-171-31-9 (македонско издание)

Неподносливата леснотија на постоењето (чешки: Nesnesitelna lehkost bytí) e роман на Милан Кундера. Според него, во 1988 година бил снимен филм, со Жилиет Бинош во улогата на Тереза и Даниел Деј Луис во улогата на Томаш.[1].

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од седум дела:

  • Леснотијата и тежината: Романот почнува со дискусија за мислата на Ниче за вечното враќање и за спротивноста меѓу тежината и леснотијата, а на тоа се надоврзува приказната за Томаш и Тереза. Томаш е разведен лекар од Прага, кој при една работна посета на еден провинциски град ја запознава келнерката во хотелскиот ресторан, Тереза. Десет дена подоцна, таа го посетува во Прага и тие водат љубов. Томаш има многу љубовници, но со нив одржува само сексуални врски, без емотивна поврзаност. Подоцна, Тереза се преселува во Прага и Томаш ја прифаќа да живее со него, а неговата љубовница, сликарката Сабина, му помага да најде работа за Тереза. Тереза е потполно вљубена во Томаш, но кога дознава за неговите љубовници, станува многу љубоморна и често има кошмарни сонови. И Томаш ја сака Тереза, но не се откажува од своите љубовници. За да ја смири нејзината љубомора, по две години тој се жени со неа и ѝ купува куче кое го нарекуваат Каренин. Во меѓувреме, во август 1968 година, советската војска ја окупира Чешка, а Тереза неуморно прави фотографии од окупираната Прага кои ги испраќа во странските весници и списанија. Набргу, Томаш и Терза емигрираат во Цирих, но по неколку месеци, Тереза се враќа во Прага, а неколку дена подоцна и Томаш се враќа дома.[2]
  • Душата и телото: Овој дел започнува со кратка расправа за двојството меѓу душата и телото, а потоа се раскажува за животната приказна на Тереза. Таа го мрази своето тело, зашто во него гледа само продолжение на мајка ѝ. Целиот живот Тереза го поминала под доминација на мајка ѝ, која имала навика постојано да ја покажува својата голотија. Тереза била постојано депримирана, а еден ден го пронаоѓа спасот, кога во ресторанот во кој работи запознава еден туѓинец - Томаш. Тереза веднаш се вљубува во него и подоцна се преселува во Прага, каде наоѓа работа како фотограф во едно списание. Набргу, од љубовта кон Томаш се раѓа болната љубомора поради неговите бројни љубовници. Своето незадоволство привремено го покрива со неуморното фотографирање за време на советската окупација, но по преселбата во Цирих, таа се разочарува од рамнодушноста на странците во однос на окупацијата на Чешка. Бидејќи Томаш продолжува со своите неверства и во Цирих, Тереза се враќа во Прага, а пет дена подоцна се враќа и Томаш.[3]
  • Несфатени зборови: Франц е успешен универзитетски професор од Женева. Тој е оженет и има ќерка, но одржува тајна љубовна врска со сликарката Сабина, која се преселила во градот по советската окупација на Чешка. Одвреме-навреме, тој патува во странство, а со себе ја носи Сабина и токму нивната тајна врска претставува единственото возбудување во неговиот живот. Имено, Франц е незадоволен од својот брак и од работата и посакува да започне потполно нов живот. Франц и Сабина се спротивни карактери, зашто таа е постојано незадоволна и упорно настојува да побегне некаде. За време на една забава, сопругата на Франц ѝ кажува на Сабина една навредлива забелешка и тогаш Франц носи одлука да се разведе. Откако ѝ кажува на сопругата дека има љубовница, тој и Сабина заминуваат во Рим, каде за последен пат водат љубов. По враќањето во Женева, Франц ја напушта сопругата, но истовремено, Сабина се отселува од градот. Франц почнува нов живот - изнајмува мал стан во кој живее со една своја студентка, но продолжува постојано да мисли на Сабина. Таа, пак, се сели во Париз, но ниту таму не успева да најде спокојство. Три години подоцна, таа добива писмо од синот на Томаш во кое тој ѝ соопштува дека Томаш и Тереза погинале во сообраќајна несреќа.[4]
  • Душата и телото: Изутрината, Тереза станува и оди да го прошета кучето Каренин, додека Томаш слуша радио-емисија во која чешката тајна служба пушта снимки од разговорите на емигрантите и дисидентите. Потоа, Тереза оди во сауна и таму незадоволно го гледа своето тело кое не успеало да ги запре неверствата на Томаш. Таа почнува да кокетира со други и еден ден, во хотелскиот бар во кој работи како шанкерка, запознава еден маж кој ја привлекува. Еден ден, Тереза сонува страшен сон во кој, наговорена од Томаш, таа оди на прашкиот рид Петрин, каде присуствува на погубувањето на тројца луѓе. Кога доаѓа нејзиниот ред да ја погубат, таа се исплашува од смртта и бара да ја ослободат. По тој страшен сон, Тереза го посетува привлечниот маж во неговиот стан, води љубов со него и тогаш чувствува дека нејзиното тело е конечно слободно. Во следните денови, таа посакува повторно да се сретне со него, а потоа почнува да се сомнева дека тој е полициски доушник. Еден ден, Тереза и Томаш одат на бања во еден мал провинциски град и таму нејзе ѝ се раѓа желбата да ја напушти Прага.[5]
  • Леснотијата и тежината: Пролетта 1968 година, Томаш објавува еден текст во весникот на здружението на писателите во кој зборува за вината на комунистичкиот режим за извршените злосторства. Откако одбива да се откаже од текстот, тој добива отказ од болницата, но подоцна се вработува како општ лекар во една амбуланта. Еден ден, него го посетува човек од полицијата со барање да потпише изјава со која се откажува од својот текст, а кога одбива да го направи тоа, Томаш дава отказ од лекарската работа и станува чистач на прозорци. Сепак, новата работа му овозможува да има љубовни средби со голем број жени. Еден ден, Томаш се среќава со својот син од првиот брак и со поранешниот уредник на весникот на писателите, кои од него бараат да ја потпише петицијата за ослободување на политичките затвореници, но тој не гледа смисла во тоа и одбива да потпише. На тој начин, тој паѓа во немилост и кај опозицијата. Набргу, тој се разочарува и од односот на своите поранешни пријатели, а почнува да чувствува и замор од љубовните авантури. Сето тоа, заедно со желбата да ја усреќи Тереза, го поттикнува да размислува да ја напушти Прага.[6]
  • Големиот марш: Овој дел започнува со расправа за кичот и за протестот на Сабина против тоталитарниот кич, својствен за комунистичкиот режим. Десет години подоцна, таа живее во САД, во домот на двајца богати старци, но сè уште е незадоволна од себе и од односот на светот кон неа. Во меѓувреме, Франц ја прифаќа поканата на еден свој пријател-левичар и ѝ се приклучува на групата лекари и интелектуалци кои сакаат да појдат во Кампучија, со намера да му помогнат на населението, измачено од долгогодишната војна. Меѓутоа, тие успеваат да стигнат само до границата и тогаш Франц се разочарува од левичарското движење. Кога се враќа во Бангкок, него го напаѓаат непознати мажи, а неколку дена подоцна, тој умира во болницата во Женева, во присуство на сопругата, која не сака ниту да ја види. Шимон, синот на Томаш, живее в село и почнува да му пишува на својот татко, кого еднаш и го посетува. По смртта на Томаш и Тереза, Шимон го организира погребот, а тогаш дознава за Сабина и редовно ѝ праќа писма до крајот на нејзиниот живот.[7]
  • Насмевката на Каренин: Тереза и Томаш живеат во едно село, каде таа ги чува задружните крави, а тој вози камион. Единствениот пријател им е претседателот на селската задруга, кој е поранешен пациент на Томаш. Во селото, Тереза е најпосле среќна, зашто Томаш нема повеќе љубовни авантури, а таа постојано е во друштвото на кучето Каренин. Меѓутоа, Каренин заболува од рак и тоа силно ја погаѓа Тереза. Најпосле, за да му ги намалат маките на кучето, Томаш му дава смртоносна инјекција, а потоа го погребуваат во дворот на нивната куќа. Еден ден, Томаш ѝ кажува на Тереза за писмата од неговиот син и таа го поттикнува да го покани синот на гости. Дури по преселбата во селото, Тереза сфаќа колку многу ја сака Томаш и чувствува вина затоа што ја упропастила неговата лекарска кариера. Меѓутоа, Томаш ѝ кажува дека е среќен со неа и дека нема потреба од ништо повеќе.[8]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Во романот, на својот препознатлив начин, авторот испреплетува неколку животни приказни, поставува неколку рамништа на толкување на овоземните нешта, а ја започнува книгата со размислување за идејата на Ниче за вечното враќање. Мајсторски раскажувајќи ги личните приказни на Томаш, Тереза, Сабина и Франц, тој ја отсликува и Прага од 1968 година и положбата на интелектуалците во тој бурен историски период. Отворајќи го прашањето на тежината на постоењето, Кундера на оваа книга ѝ дава филозофска димензија, наспроти сетилноста која е присутна низ страниците преку љубовта, болката и страста.[9]

Според зборовите на самиот автор, суштината на овој роман се состои во расветлување на човековото постоење, т.е. „испитување на тоа што е човечкиот живот во стапицата во која се претворил светот“. „Неподносливата леснотија на постоењето“ е повеќе роман на љубовта отколку роман за љубовта. Тој се осликува со полифоничен исказ во кој има и потресни акорди за смртта, како и за организираниот заборав на којшто се изложени поединците и народите. Во романот речиси до совршенство е доведена „terra kunderiana“, таа насмеана и тажна земја во која Томаш и Тереза чекорат во бескрајот на својата љубов.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. www.tabernakul.com.mk
  2. Milan Kundera, Nepodnošljiva lakoća postojanja. Beograd: Narodna knjiga-Alfa, 2000, стр. 7-48.
  3. Milan Kundera, Nepodnošljiva lakoća postojanja. Beograd: Narodna knjiga-Alfa, 2000, стр. 51-99.
  4. Milan Kundera, Nepodnošljiva lakoća postojanja. Beograd: Narodna knjiga-Alfa, 2000, стр. 103-153.
  5. Milan Kundera, Nepodnošljiva lakoća postojanja. Beograd: Narodna knjiga-Alfa, 2000, стр. 157-211.
  6. Milan Kundera, Nepodnošljiva lakoća postojanja. Beograd: Narodna knjiga-Alfa, 2000, стр. 215-288.
  7. Milan Kundera, Nepodnošljiva lakoća postojanja. Beograd: Narodna knjiga-Alfa, 2000, стр. 291-338.
  8. Milan Kundera, Nepodnošljiva lakoća postojanja. Beograd: Narodna knjiga-Alfa, 2000, стр. 341-338.
  9. www.tabernakul.com.mk
  10. Milan Kundera, Nepodnošljiva lakoća postojanja. Beograd: Narodna knjiga-Alfa, 2000.