Денис Бергкамп

Од Википедија — слободната енциклопедија
Денис Беркамп
Бергкамп на откривањето на неговата статуа на Стадионот Емирати на 22 февруари 2014
Лични податоци
Полно име Денис Николас Марија Бергкамп[1]
Роден на 10 мај 1969(1969-05-10)(54 г.)
Роден во Амстердам, Холандија
Висина 1.83 м (6 ст 0 ин)[2]
Позиција напаѓач
Клупски податоци
Сегашен клуб Ајакс (асистент)
Младинска кариера
1981–1986 Ајакс
Кариера*
Години Клуб Наст. (Гол.)
1986–1993 Ајакс 185 (103)
1993–1995 Интер 52 (11)
1995–2006 Арсенал 315 (87)
Вкупно 552 (201)
Репрезентација
1989 Холандија под 21 2 (0)
1990–2000 Холандија 79 (37)
Тренер на екипи
2011– Ајакс (асистент)
*Настапи и голови само на првенствени натпревари

Денис Николас Мариjа Бергкамп (роден на 10 мај 1969 год.) — поранешен холандски професионален фудбалер. Во својата кариера, тој играл во „Ајакс“, „Интер“ и „Арсенал“, а исто така, играл и во репрезентацијата на Холандија. Бергкамп го одиграл најдобриот дел од неговата кариера како поддршка во нападот, односно како врска помеѓу средниот ред и нападот.

Професионална фудбалска кариера[уреди | уреди извор]

ФК Ајакс[уреди | уреди извор]

Роден во Амстердам, Бергкамп започнал да тренира во познатата младинска школа на „Ајакс“, кога наполнил дванаесет години. Тој ја добил својата прва шанса да заигра професионален фудбал од страна на Јохан Кројф на 14 декември 1986 година, во натпреварот против „Рода“, а во таа сезона играл на 14 средби. Тој играше како замена во 1987 година во Европскиот Куп на Победниците на Куповите против Локомотив Лајпциг, каде што Ајакс победи. Денис Бергкамп имаше и познат прекар каде што неговите соиграчи го нарекуваа Денис “комбето” Бергкамп. Следната сезона, Бергкамп постана стандарден член на првиот тим на Ајакс, освојувајќи го трофејот во Холандската Лига во 1990 година, УЕФA Купот во 1992 година и Холандскиот Куп во 1993 година. Од 1991 до 1993 година Бергкамп беше најдобар стрелец во Лигата и беше избран за фудбалер на годината во 1992 и 1993 година. Вкупно, Бергкамп постигна 122 гола во 239 натпревари за Ајакс.

Интер[уреди | уреди извор]

Летото 1993 година, Бергкамп потпиша договор со Интер во вредност од 12 милиони фунти заедно со неговиот соиграч од Ајакс, Вим Јорк. Ова го направи да биде вториот најскап фудбалер на светот во тоа време, веднаш зад Џанлуиџи Лентини. Меѓутоа, периодот проведен во Италија не беше толку успешен. И покрај тоа што тој го освои неговиот втор трофеј во Уефа Купот во 1994 година, му беше тешко да се прилагоди на италијанскиот стил на игра, постигнувајќи само 11 гола во 50 натпревари. Слабата форма на Бергкамп не беше потпомогната и со неговиот слаб однос со италијанските новинари и кон некои соиграчи. Тој беше толку непопуларен во клубот, поради што италијанските спортски медиуми, ја преименуваа нивната награда “магаре на неделата” (која се доделува за најлошиот играч во изминатата недела) во награда “Бергкамп на неделата”.

Арсенал[уреди | уреди извор]

По цели две несреќни сезони во Интер, Бергкамп потпиша договор со тренерот на Арсенал, Брус Риоч во јуни 1995 година за 7.5 милиони фунти. Бергкамп го направи своето деби против Мидлсборо на 19 август 1995, но мораше да се навикне на англискиот стил на игра. Му требаа седум натпревари за конечно да го постигне својот прв погодок, против Саутемптон. Бавно но сигурно, Бергкамп постигнуваше играчки раст, играјќи на позицијата како поддршка во нападот за Јан Рајт. Тие наскоро формираа длабоко партнерство кое беше едно од најдобрите во Премиер Лигата. Бергкамп беше награден од многу фудбалски експерти, како што е Алан Хансен, прогласувајќи го дека е најдобриот странски фудбалер кој заиграл на островото. Пристигнувањето на Бергкамп во Арсенал беше од големо значење, не само што тој беше еден од најдобрите странски фудбалери кои заиграле за англиски клуб од укинувањето на Хејсел забраната во 1990 година, но исто така поради неговиот голем придонес кој по краткиот период на просечна игра во средината на 90-те го врати Арсенал меѓу најдобрите. Бергкамп ја постигна својата најдобра форма по доаѓањето на Арсен Венгер во септември 1996 година. Арсенал ги освои Премиер Лигата и ФА Купот, двојната круна, во сезоната 1997-1998 (и покрај тоа што Бергкамп го пропушти финалето во Купот поради повреда), каде што Бергкамп беше прогласен за фудбалер на годината. Во септември 1997 година тој стана првиот и единствениот кој бил на прво, второ и трето место во изборот на “Натпревар на денот - Гол на месецот”, со неговите два гола од хетрикот против Лестер Сити и гол постигнат против Саутемптон (но на голот против Саутемптон и не му се оддавало голема заслуга како што беше случајот со првиве два против Лестер Сити). Тој даде 16 гола таа сезона, како и беше заслужен со учеството во уште многу други постигнати голови. На крајот на таа сезона, тој и помогна на репрезентацијата на Холандија да заврши на четвртото место на Светското Првенство во 1998 година. Во тоа натпреварување, тој го постигна еден од најдобрите голови на сите времиња, во четврт финалето против Аргентина, по примената топка од Франк де Бур која беше додадена кон него од повеќе од половина терен. Во текот на сезоната 2001-2002, Бергкамп уште еднаш постигна гол што ќе се памети и ќе ја освои наградата за гол на сезоната во Лигата. На 3 март 2002 година, Арсенал се сретна во натпреварот со Њукасл Јунајтед. Со преостанати 10 минути до крајот на средбата, левото крило Роберт Пирес ја испрати топката по земја до Бергкамп кој стоеше на работ на шеснаесетникот свртен со грбот кон противничкиот гол. Со генијален потег на топката со внатрешната страна од левото стапалото го занеми дефанзивецот Никос Дабизас кој цврсто го чуваше. Тој ја сврте на другата страна, исфрлајќи го од колосек неговиот чувар и ладнокрвно сместувајќи ја топката во мрежата на голманот Шеј Гивен. Додека неговата последователна форма не го достигна тој спектакл на сезоната, Бергкамп продолжи да биде редовен играч на тимот. Тој повторно ја освои двојната круна во 2002 година, ФА Купот во 2003 година и по третпат Премиер Лигата во 2004 година. Домашниот успех на клубот не беше олицетворен и на европска сцена, најблиску до освојување на медал беа во финалето во УЕФА Куп во 2000 година кој го загубија во изведувањето на пенали против Галатасарај и во 2006 година загубија од Барселона во финалето во Лигата на Шампионите, Бергкамп пропатува до Париз за неговиот проштален натпревар, само за да седи на клупата за резерви. Во 2005 година, поради неподготвеноста на Арсенал за обнова на неговиот договор, се шпекулираше дека Бергкамп ќе си замине од клубот и најверојатно и од фудбалот. Бергкамп изјави дека ќе се повлече од играње на професионален фудбал доколку Арсенал не му понуди нов договор за сезоната 2005-2006, и покрај интересот што го покажуваше Ајакс да го доведе во своите редови. По победата на Арсенал над Манчестер Јунајтед во финалето на ФА Куп во Кардиф кој се заврши на пенали, се откри информацијата дека тој ќе го продолжи договорот за уште една година, што исто така беше и обичај на менаџерот Арсен Венгер, за играчи постари од 30 години, да ги задржи во лондонскиот клуб да ја одиграат нивната последна сезона на стадионот на Арсенал, Хајбери. На 16 април 2006 година, домашниот натпревар против Вест Бромвич Албион, навивачите на Арсенал му посветија оригинален “Ден за навивачите” (еден од деновите назначени да ја одбележат преселбата од стариот стадион Хајбери на новиот Емирати) наречен “Денот за Денис Бергкамп” за да се одбележи кариерата на Бергкамп помината во клубот. Бергкамп влезе како замена во второто полувреме, местејќи му на Роберт Пирес да го постигне победничкиот гол, по израмнувачкиот погодок на Најџел Куаши постигнат пред нивното влегување на теренот. Тој постигна исто така погодок во 89. минута, со што Арсенал излегоа како победници со 3-1. Тој погодок покажа дека ќе му биде последниот погодок застапувајќи ги боите на овој клуб во неговата професионална кариера. На 14 јули 2008 година преку интернет гласање на мрежното место “Arsenal.com”, тој беше поставен на второто место на списокот на најдобрите играчи кои настапувале за “Топчиите”, веднаш зад неговиот колега од нападот Тиери Анри.

Настапи за репрезентацијата[уреди | уреди извор]

Бергкамп за првпат заигра во националниот дрес на Холандија на 26 септември 1990 година против Италија. Прво големо меѓународно првенство на којшто тој заиграл е Европското Првенство во 1992 година каде што холанѓаните требаа да ја одбранат титулата. Бергкамп импресионираше со неговата игра, но холанѓаните во полуфиналето загубија на пенали од Данска, репрезенацијата која подоцна и ќе стане европски првак, и покрај тоа што Бергкамп постигна гол и во регуларниот период од натпреварот и при изведувањето на пеналите. Бергкамп исто така импресионираше со неговата игра и на Светското Првенство во 1994 година, настапувајќи на сите натпревари во репрезентативниот дрес, постигна погодок против Бразил, натпревар кој Холадија го загуби со 3-2. Холандија разочара со нивниот настап на Европското првенство во 1996 година, но и поради внатрешните препирки и караници помеѓу самите играчи во репрезентацијата. И покрај тоа, Бергкамп постигна еден погодок и му намести на Патрик Клајверт да го постигне утешувачкиот погодок во поразот од Англија која што продолжи во четврт финалето. Бергкамп постигна три гола на Светското Првенство во 1998 година, вклучувајќи го и неговиот погодок за паметење во последните мигови во четврт финалниот натпревар против Аргентина. Бергкамп направи отскок за да ја исконтролира топката која Франк де Бур му ја испрати од повеќе од половина терен, тој ја спушти топката помеѓу нозете на аргентинскиот одбранбен играч Роберто Ајала, и на крајот со еден силен волеј да ја испрати топката во десниот горен агол за да заврши во мрежата. Со три интелигентни потези со топката за само неколку секунди, тој успеа да го сврти натпреварот во корис на својата репрезентација и да ја испрати во полуфиналето. Холандија беше заеднички домаќин со Белгија на Европското првенство во 2000 година и беа еден од фаворитите на тоа првенство. По нивното квалификување од групата Х, односно „групата на смртта“ во следната фаза, тие загубија во полуфиналето на пенали од Италија. Бергкамп не постигнал ниту еден погодок за време на првенството, но имал важна улога во репрезентацијата. По поразот, тој изјавил дека се повлекува од играње во националната репрезентација, бидејќи следното светско првенство требало да се одржи во Јапонија и Јужна Кореја, а авиофобијата го спречила да патува. Притоа, тој не играл ниту на квалификациските натпревари за ова светско првенство.

Бергкамп ја завршил репрезентативната кариера како најдобар стрелец за холандската репрезентација на сите времиња, со 37 постигнати погодоци во 79 натпревари, но подоцна овој рекорд бил надминат од Патрик Клајверт.

Постфудбалерска кариера[уреди | уреди извор]

Бергкамп ја имаше честа да биде во центарот на вниманието на првиот натпревар кој Арсенал го одигра на новиот Емирати стадион. На 22 јули 2006 година, се одиграл почесен натпревар на новиот стадион во негова чест, каде што Арсенал играл со неговиот стар клуб Ајакс. Бергкамп со прв допир на топката го започна натпреварот кој го играше заедно со неговиот татко Вим и неговиот син Мичел. Сите негови четири деца во текот на натпреварот беа претставени во маскоти. Првото полувреме го играа играчи што играа моментално во првите тимови на Арсенал и Ајакс, за разлика, во второто играа познати поранешни фудбалери кои порано играле во двата клуба, како на пример, Јан Рајт, Патрик Виеира, Марк Овермарс, Емануел Пети и Дејвид Симан за Арсенал и Марко ван Бастен, Дени Блајнд, Јохан Кројф, Франк и Роналд де Бур за Ајакс. Арсенал победи на тој натпревар со 2-1 со головите на Клас Јан Хунтелар кој го отвори натпреварот со прв погодок и стана првиот играч кој постигнал погодок на Емирати стадионот, а Тиери Анри и Нванкво Кану ги постигнаа головите кои им ја донесоа победата на Арсенал. По пензионирањето на Бергкамп од професионален фудбал, тој инсистираше дека не сака да се преориерентира во тренер. Тој ја одби понудата на Арсенал да биде нивни скаут, и наместо тоа тој посвети внимание на патување и поминувајќи повеќе време со своето семејство. Меѓутоа, во мај 2008 година тој се здоби со брза диплома за тренер наменета за поранешните холандски репрезентативци. Поради неговата авиофобија, тој ќе учи под закрила на Арсен Венгер во Лондон. Беше потврдена информацијата од страна на Марко ван Бастен дека Бергкамп прифатил тренерска позиција во Ајакс, изјавувајќи: “не го отфрлам тренерското место во Арсенал, туку не е во замислата на мојата тренерска кариера да прифатам таква работа, и покрај тоа, јас навистина го сакам овој клуб и оваа земја и многу сум задоволен со работата тука”.

Тренерска кариера[уреди | уреди извор]

Во 2008 година Бергкамп го заврши курсот по фудбалски тренер на Фудбалската Федерација на Холандија, задолжителна лиценца за професионални тренери за оние кои работат во Холандија. Тој го исполни својот стаж под закрилата на Марко ван Бастен во Ајакс. На 26 октомври 2008 година, Бергкамп беше назначен за асистент на Јохан Нескенс за новоформираната холандска Б репрезентација. За сезоната 2008-2009, Бергкамп се врати во Ајакс, но на тренеска позиција за младинскиот тим на Ајакс за деца до 12 години. Последователно по промоцијата на Франк де Бур за тренер на Ајакс во декември 2010 година, Бергкамп беше назначен асистент тренер на Фред Грим, кој е предводник на младинскиот погон на Ајакс за фудбалери до 19 години.

Изјави за Бергкамп[уреди | уреди извор]

Во Брилијант Оранџ (Brilliant Orange), анализата на Дејвид Винер за начинот на кој холандскиот фудбал и холандската култура се споиле, вајарот Жероен Хенеман го анализира ефектот на пасовите на Бергкамп и како тој може да ја разбие одбраната: “Тоа е чудо. Во еден момент теренот е тесен и преполн со фудбалери. Одеднаш е голем и широк”. Блиската контрола на Бергкамп и вештина во подавање на топката го стави на високо ценетото место од страна на навивачите на Арсенал, кој му измуслуваа прекари како што се “Напаста Денис”, “Холандскиот Мајстор” и “Берги”. Арсен Венгер исто така по победата на Арсенал со 3-1 над Вест Бромвич Албион на 16 април 2006 година изјави дека Бергкамп има: “Интелигенција и класа. Класа се разбира се однесува на тоа што можеш да направиш со топката, но интелигенцијата те прави да ја користиш техниката на ефикасен начин. Тоа е како некој што располага со фонт на зборови, а не користи интелигентни зборови, и некој што располага со голем фонт на зборови, но зборува како интелектуалец, и така може да се сфати играта на Денис. Што тој прави, тој секогаш размуслува со своја глава. И неговата техника му овозможува да направи се што ќе види и посака”. Поранешниот партнер на Бергкамп во нападот, Тиери Анри го пофали Холанѓанецот по неговиот последен натпревар за клубот: “Денис е најдобриот фудбалер со кој сум имал можност да заиграм. Сон на секој фудбалер е да има ваков партнер во нападот”. Легендата на Арсенал, Јан Рајт за Бергкамп изјавил: “Тој е месијата. Кога пристигна во клубот ние му рековме да не одведе во Европа и тој токму тоа го направи”. Во април 2006 година, Сајмон Купер во Фајненшл Тајмс (Financial Times) напиша: “Една вечер минатата година некои легенди на холандскиот фудбал се собраа на вечера во “Куќата во Амстердам”. Некаде околу полноќ разговорот доведе да се постави едно старо прашање: кој е најдобриот холандски фудбалер на сите времиња? Холанѓанецот беше избран за најдобар европски фудбалер седум пати, повеќе од било која друга држава, со исклучок на германците. И покрај тоа, Јан Мулдер, големиот централен напаѓач го одби новинарот и го избра фудбалер кој нема освоено некое големо европско натпреварување, ниту пак Лигата на Шампиони изјавувајќи: Бергкамп, тој ја поседува најдобрата техника. Гус Хидинк, големиот холандски менаџер, додаде: со тоа значи прашањето е одговорено”.

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Беркамп е оженет со Хенрита Розендал, со кого има три ќерки, Естел Дебора, Јасмин Наоми и Сафрон Рита и еден син Мичел Денис. Беркамп е исто така најдобар пријател со Марк Овермарс, со кого заедно играше во Арсенал. Овермарс во периодот проведен во лондонскиот клуб повремено беше критикуван поради “неговиот отпор за да ја подава топката до своите соиграчи, туку само да додава до неговиот сонародник Денис Бергкамп”.

Авиофобија[уреди | уреди извор]

Беркамп стана познат поради неговиот страв од летање кој произлегува од инциденот кога беше откажан летот на холандската репрезентација поради тврдењето на еден новинар дека на авионот имало бомба, но подоцна излегло дека тоа било само шега. По инцидентот Бергкамп одлучил дека нема никогаш повторно да лета, укажувајќи и на возбудувањето кое се манифестирало кај него при секој лет, дека тоа би можело да влијае на неговата спортска форма. Ова значајно ја ограничи неговата можност да игра натпревари во европските купови и да патува заедно со репрезентацијата. Во одредени случаи тој патувал со кола или воз, меѓутоа ова најчесто резултираше со тоа тој да отсуствува од натпревари. Овој страв го доведе луѓето да го нарекуваат Холанѓанецот кој не може да лета.

Признанија[уреди | уреди извор]

Беркамп бил избран од Оливер Реинуме како еден од најдобрите 100 живи фудбалери на ФИФА и е широко признат како еден од најдобрите играчи во Премиер лигата на сите времиња. Во 2007 година, Беркамп бил примен во „Холот на славните во англискиот фудбал“, како првиот и единствениот холандски играч кој го добил ова признание. Исто така, тој двапати има завршено на третото место при доделувањето на наградите на ФИФА за „фудбалер во годината“.

Во декември 2014 година, Беркамп бил прогласен за најдобар фудбалер на Холандија во последните 25 години, а противкандидати му биле: Франк де Бур, Роналд Куман, Филип Коку и Џовани ван Бронкхорст. Притоа, Беркамп бил 13. холандски фудбалер кој е примен во „Холандската куќа на славните“. Добивајќи го ова признание, Беркамп се изборил да добие статуа во Холандија.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Kuper 156.
  2. „Dennis Bergkamp“. ESPN FC. Посетено на 10 September 2013.
  3. „Беркамп е најдобриот играч во Холандија во последните 25 години“, Дневник, година XVIII, број 5642, понеделник, 15 декември 2014, стр. 22.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Денис Бергкамп profile and stats at Wereld van Oranje (холандски)