Леопард

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Леопард
Период: доцен плиоцен или ран плеистоцен, до денес
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Фамилија: Felidae
Род: Panthera
Вид: P. pardus
Биномен назив
Panthera pardus
Лине, 1758

Леопардот (Panthera pardus) е член на фамилијата мачки и најмал вид од четирите таканаречени големи мачки од родот пантери. Некогаш овој вид бил распространет низ јужна Азија и Африка, од Кореја до ЈАР. Територијата на распространетост се намалувала со тек на времето најмногу поради лов и уништување на природното живеалите. Денес леопардот главно живее во супсахарска Африка. Постојат и изолирани популации во Пакистан, Индија, Индокина, Малезија и Кина. Поради намалување на бројноста на популациите, оваа мачка е ставена на списокот на речиси загрозени видови. Бројноста на леопардот е поголема од онаа на останатите членови на Panthera кои имаат покритичен заштитен статус[1].

Леопардот има релативно кратки нозе и долго тело, со голема глава. Физички најмногу наликува на јагуарот, иако најчесто е помал. Неговото крзно е прошарано со розети, кои немаат внатрешни точки како кај јагуарот. Можат да се сретнат и меланистични леопарди кои или се целосно црни или со многу темна боја. Овие единки се познати под името црни пантери.

Успехот на оваа мачка во дивината се должи на нејзиниот опортунистички лов, способноста да се прилагоди на различни животни средини и способноста да се движи со брзина од 60 километри на час. Леопардот се храни со било кое животно кое може да го улови. Живеалиштето на леопардот е од дождовните шуми до пустинските терени. Нивната еколошка улога и статус наликува на улогата на пумата во Америка.

Етимологија[уреди]

Во антиката, се верувало дека леопардот е хибрид од лав и пантер. По ова верување го добил и името, кое потекнува од грчките зборови λέων (леон) – „лав“ и πάρδος (пардос) – „мажјак пантер“. Последниот потекнува од санскрит pṝdāku (змија, тигар, пантер) [2][3].

Зборот пантер се користи при опишување на неколку видови големи мачки: во Северна Америка терминот се употребува за пума, во Јужна Америка за јагуар, а во останатите делови на светот се однесува на леопарди.

Felis pardus е еден од многуте видови опишани во делото од 18 век на Карл Лине - „Systema Naturae[4].

Денешното научно име, Panthera pardus, потекнува од латински преку грчкиот збор πάνθηρ – пантер. Според фолклорната етимологија, зборот потекнува од παν (пан) – „сите“ и θηρ – „ѕверови“. Сепак се верува дек потекнува од индо-ирански збор што значи бело-жолтеникаво крзно. На санскрит зборот pāṇḍara го дал зборот puṇḍárīka (што меѓу другото значи и „тигар“) кој потоа бил позајмен во грчкиот јазик[2][5][6].

Таксономија[уреди]

Како целата фамилија на мачки, и родот пантери бил предмет на многу промени и дебати за врските меѓу четирите вида (но и врските со облачниот леопард и снежниот леопард) кои сè уште не се целосно разјаснети. ДНК доказите покажуваат дека лавот, тигарот, леопардот, јагуарот, снежниот леопард и облачниот леопард делат заеднички предок кој се одвоил од останатите мачки пред 11 милиони години.[7] Сепак, според фосилните остатоци ова одвојување на лозата било пред само 2-3,8 милиони години.[7][8]

Истражување на митохондријалната ДНК спроведено во 2005 година укажало дека леопардот е најблизок роднина со снежниот леопард, за кој се смета дека треба да биде дел од родот Panthera, и дека треба да се преименува во P. Uncia[9]. Во денешните класификации снежниот леопард сè уште е ставен како единствен вид во посебниот род Uncia, но ова би можело да се смени во блиска иднина. Друго истражување од 2006 година (Johnson et al.) исто така го поддржува преместувањето на снежниот леопард во родот пантери, иако тие тврдат дека снежниот леопард е најблиску поврзан со тигарот. Леопардот се смета дека се одвоил од лозата пантери после одвојувањето на снежниот леопард и тигарот, но пред лавот и јагуарот. Постари истражувања тврдат дека леопардот е најблизок со лавот и/или јагуарот[7]. Во 2001 година, се покажало дека овој вид се одвоил заедно со лавот, според филогенетските анализи на хемиските излачувања кај мачките[10].

Се смета дека родот Panthera се појавил во Азија, а потоа предците на леопардот и на останатите мачки мигрирале во Африка[7]. Фосилните остатоци од предците на леопардот датираат од пред 2–3,5 милиони години. Овие плеистоценски примероци наликуваат на примитивни јагуари. Денешниот леопард се смета дека еволуирал во Африка пред 470.000 – 825.000 години, а потоа се раширил низ Азија пред 170.000 – 300.000 години[11].

Подвидови[уреди]

Индиски леопард
Амурски леопард

Бројот на подвидови на леопардот растел од времето на Карл Лине во 18 век, па до времето на Реџиналд Пакок на почетокот на 20 век, достигнувајќи бројка од 27 подвидови. Во 1996 година, благодарение на ДНК анализи, бројката е намалена на само 8 подвидови[12]. По истражувањата во 2001 година, биле зачувани осумте повида, но бил додаден и деветти – Арапскиот леопард (P. pardus nimr). Последните истражувања укажуваат дека овие подвидови може да се потценување на вистинската бројка поради лимитираните примероци за проучување на африкански леопарди.

Последниот список гласи:[11]

Постари таксономски поделби[уреди]

Вклучени во африканскиот леопард (P. pardus pardus) [12]:

Вклучени во персијскиот леопард (P. pardus saxicolor) [12]:

Вклучени во индискиот леопард (P. pardus fusca) [12]:

Карактеристики[уреди]

Леопардот е доста пргав и итар предатор. Иако е помал од останатите членови на родот Panthera, леопардот е способен да лови голем плен, најмногу поради масивниот череп и силните мускули на вилицата[13]. Телото е доста поиздолжено во споредба со останатите мачки и има кратки нозе[14]. Должината на телото изнесува помеѓу 90 и 190 сантиметри, а опашката е со должина од 60 до 110 сантиметри. Во рамениците достигнува висина од 45-80 сантиметри. Мажјаците се околу 30% поголеми од женките[15] и тежат 37-91 килограми, споредено со 28-60 килограми кај женките. Побројните популации на леопард (како популацијата на јаванскиот леопард и леопардите кои живеат во планините и тропските дождовни шуми во Африка), најчесто живеат во региони изолирани од компетитивните големи предатори како доминантните лав и тигар.

Леопардот понекогаш може да биде помешан со гепардот или јагуарот, кои исто така имаат точки на крзното. Крзното на леопардот е прошарано со розети, за разлика од крзното на гепардот кое има обични точки, но овие розети немаат внатрешни точки како кај јагуарот. Леопардот е поголем и не толку слаб како гепардот, но помал од јагуарот. Црните неравилни розети на леопардот служат за камуфлажа. Тие имаат кружна форма во источна Африка, но квадратна во јужниот дел на континентот[14].

Во заробеништво, овие животни достигнуваат старост од 21 година[16].

Варијации на бојата на крзното[уреди]

Меланистичен леопард познат како црн пантер

Меланистична форма се појавува и кај леопардот, најмногу кај единките што живеат во планинските региони и дождовните шуми. Црната боја на крзното е наследна и предизвикана е од рецесивен ген [17]. Иако обично се нарекуваат црни пантери, овој термин не се однесува само на леопард, се употребува и за меланистични јагуари.

Меланистичните леопарди се најчести на Малајскиот Полуостров. Првичните извештаи укажувале дека половина од популацијата се црни, но истражување со камери-стапици во националниот парк Таман Негара во 2007 година покажале дека всушност сите единки се меланистични[18]. Иако е тешко да се утврдат предностите што ги носи црната боја на крзното, се претпоставува дека дава подобра камуфлажа во дождовните шуми. Генетските истражувања покажале четири независни потекла на меланизмот кај мачките, што укажува дека мора да има некаква адаптациска корист од оваа особина[17]. Друга можност е дека оваа варијација е адаптациски остаток од епидемија: гените кои предизвикуваат меланизам исто така влијаат и врз имунолошкиот систем[18].

Во Африка, меланизмот е доста ретка појава со оглед на тоа што црната боја на крзното не претставува предност во саваната, напротив, обезбедува многу слаба камуфлажа и го прави ловењето многу потешко. Се проценува дека црни леопарди има еден на 80 или 100 единки. Сепак во густите шуми во етиопските планини, црните единки се доста почести отколку во останатиот дел на Африка. Се проценува дека 1 од 5 единки е меланистичнa[19].

Персиски леопард со нетипична шара на крното

Псевдо-меланизам е исто така присутен кај леопардите. Точките кај овие единки се толку збиени едни до други што ја засенуваат жолтеникавата позадина.

Псевдо-меланистичен леопард има нормална боја на крзното, но премногу бројните белези се спојуваат што го прави грбот скоро целосно црн. Кај некои единки, целосно црни региони се протегаат од страните и на екстремитетите, а само неколку странични ленти со златно-кафеава боја, ја покажуваат присутноста на нормална боја во позадината. Точките на нозете и од страните кои не се споиле со останатите најчесто се мали и дискретни, и не формираат розети. Лицето и долните делови се посветли и пегави исто како кај обичните дамчести леопарди. И овие единки, како и меланистичните се нарекуваат црни пантери [20].

Хибриди[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Пумапард.
Пумапард (1904 година)

Пумапард е хибридно животно добиено при вкрстување на леопард и пума. Три легла на вакви хибриди биле одгледувани за време на доцните 1890-ти и раните 1900-ти години од страна на Карл Хагенбек (Carl Hagenbeck), во неговата зоолошка градина во Хамбург, Германија. Повеќето од животните умреле пред да достигнат зрелост. Еден примерок бил пратен во Берлинската зоолошка градина во 1898 година. Сличен хибрид во Берлинската зоолошка градина, добиен од Хагенбек, бил добиен со вкрстување на мажјак леопард и женка пума. Примерокот (на сликата) во Хамбуршката зоолошка градина бил добиен со обратно парење, мажјак пума и женка индиски леопард [21]. Без разлика дали таткото е леопард а мајката пума или обратно, сите пумaпарди наследуваат форма на дворфизам, односно достигнуваат големина која е половина од големината на нивните родители. Пумапардите имаат долго тело како пума, но кратки нозе. Крзното е различно опишувано - боја на песок, жолто или сивкасто со кафеаво, со кафеави или костенливи розети [21].

Однесување[уреди]

Леопард се одмара на гранка

Леопардот е познат по спретноста по качување на дрвја и често е забележуван како се одмара на гранките за време на денот. Од дрвјата може да се симнува со главата надолу[22]. Оваа мачка е одличен пливач. Леопардот е доста подвижно животно, може да трча со брзино од 60 километри на час, да прескокне преку 6 метри во должина или да рипне вертикално во висина од 3 метри[23]. Леопардот е ноќно животно. Сепак евидентирани се и леопарди кои ловеле за време на денот, особено кога небото е прекриено со облаци. Овој вид поголемиот дел до денот го минува одмарајќи се и спиејќи качен на гранките од дрвјата, под карпи или на тревата[23].


Исхрана и лов[уреди]

Леопардите се опортунистички ловци. Иако преферираат животни со средна големина, леопардите јадат било што од бумбар-лепешкар до 900 килограми тежок мажјак од саванска антилопа [13]. Нивната исхрана најмногу се содржи од копитари и мајмуни, но чест плен се и глодари, рептили, водоземци, птици и риби [24]. Во Африка, главен плен на леопардот се антилопите со средна големина како импала и томсонова газела [25]. Во Азија главен плен се елени како Axis axis (ова животно е омилен плен на леопардите во јужна Индија [26]Muntiacus, како и најразлични азиски антилопи и козорог. Истражување во резерватот Волонг во Кина покажале колку лесно леопардот се адаптира во ловот: за време од седум години вегетацијата нагло опаднала, и животното опортунистички се префрлилo од лов на еленот Elaphodus cephalophus на лов на бамбуски глувци и друг мал плен[27].

Леопардот го незабележливо го следи пленот, напаѓа ненадејно и го убива со брз загриз за грлото. Леопардите често го кријат својот плен во густата вегетација или ги качуваат на дрвјата[25]. Способни се да носат животни кое се три пати потешки од нивната тежина. Според одредени истражувања, било откриено дека омилен плен биле животни тешки помеѓу 10 и 40 килограми, од кои најомилени биле оние со 25 килограми. Селективноста на леопардот била насочена и кон плен кој е во мали стада, лов во густа вегетација и животни кои не можат да му нанесат повреда[28].

Размножување[уреди]

Младенче од леопард

Борбите за право на парење се случуваат понекогаш. Во зависност од регионот, леопардите можат да се парат преку цела година (Азија и Африка) или сезонски за време на јануари и февруари (Манџурија и Сибир). Еструалниот циклус трае околу 46 дена и женката овулира во период од 6-7 дена[29]. Носењето трае 90-105 дена[15]. Младенчињата се раѓаат во легла во кои има 2 до 4 мачиња[30], но смртноста кај овие млади е голема па најчесто само 1-2 преживуваат.

Трудните женки наоѓаат пештера, пукнатина под стена или шупливо дрво каде ги носат на свет младенчињата. Младите леопарди ги отвараат очите околу 10 дена по раѓањето. Крзното им е подолго и погусто отколку кај возрасните. Има посивкаста боја и нема добро дефинирани точки. На вораст од околу 3 месеци младите почнуваат да ја следат мајката при ловот. На една годишна возраст младите леопарди најверојатно веќе се способни да се грижат за себе, меѓутоа остануваат со мајката околу 18-24 месеци[31].

Социјално однесување[уреди]

Истражувањата на големината на поединечните територии на овие животни се правени врз единки што живееле во заштитените региони. Поради овие услови можно е резултатите да се неточни, со оглед и на фактот дека во средината на 80тите само 13 % од целосната распространетост на леопардот спаѓал во заштитени региони[32]. Според Новел и Џексон, териториите на мажјаците варираат помеѓу 30 и 78 квадратни километри, но териториите на женките се со големина од само 15-16 km2[13]. Истражувања во заштитениот регион во Кенија покажале слични резултати во големината на териториите и разликите меѓу половите: во просек 32,8 km2 за мажјаците и 14 km2 за женките[33]. Во Непал, утврдени се поголеми територии на мажјаците – околу 48 km2, додека кај женките реиториите се во согласност со големината во други региони, односно околу 17 km2. Во периодите кога имаат малечки, териториите на женките се смалуваат на 5-7 km2[34]. Сите истражувања покажале дека мажјаците имаат поголеми територии од женките. Понекогаш постојат и препокривања на териториите меѓу мажјаците, но сепак ова е покарактеристично за териториите меѓу единки од различен пол. Следење преку радио преносник во Брегот на слонова коска, покажалo дека територија на една женка е целосно заградена со територијата на еден мажјак[35].

Леопардот е самотно животно, и доколку не го сметаме периодот на парење, комуникацијата меѓу единките е многу ретка[35]. Сепак, забележано е присуството на агресивни средби. Од 5 мажјаци кои биле проучувани во резерват во Јужна Африка, два настраделе од ваква форма на насилство. Еден од нив, кој најпрво бил повреден при борба за мрша со друг мажјак, бил згрижен од истражувачите а по успешното заздравување пуштен назад во природата. Неколку месеци подоцна бил убиен од друг мажјак. Вториот бил убиен од друг предатор, најверојатно од дамчеста хиена. Уште еден од овие пет леопарди бил повреден при борба со друг леопард меѓутоа брзо закрепнал[36].

Распространетост и живеалиште[уреди]

Leopard walking.jpg

Според податоци од 1996 година, леопардот е најраспространетата дива мачка во светот[13], која ја среќаваме во некои делови на јужна Азија и во источна и централна Африка[37]. Според МСЗП популацијата во субсахарска Африка е „сè уште бројна и дури напредува во маргиналните живеалишта“ каде други големи мачки веќе исчезнале. Сепак, можно е популациите во Северна Африка да се изумрени. Во Азија, Распространетоста на популациите не е рамномерна. Популациите во југозападна и централна Азија се мали и фрагментирани, во северниот дел од нивната распространетост се критично загрозени, но на Индискиот Потконтинент, во југоисточна Азија и Кина, популацијата е стабилна, па дури и во изобилство[1].

Леопардите живеат главно во мочуришта и шуми покрај реки. На почетокот, ова животно било проучувано во отворените савани поради што постојат предрасуди при опишувањето. Вообичаено е ноќно животно, но следења и анализи направени во Западна Африка покажале дека леопардите од дождовните шуми повеќе се дневни и крепускуларни животни. Иако овој вид го поврзуваме со савани и дождовни шуми, сепак леопардот многу лесно се адаптира и на други животни средини, па така постојат популаци кои живеат во шумите во рускиот далечен исток каде зимно време температурите се спуштаат и до -25 °C[11].

Еколошка улога[уреди]

Поради нивната голема распространост, леопардите мораат да се натпреваруваат за храна и безбедност со другите видови големи предатори како лав, тигар, дамчеста хиена и диви кучиња. Овие конкуренти можат да го украдат пленот на леопардот, но и да ги нападнат неговите младенчиња. Леопардите се адаптирале на живот покрај овие животни, најмногу приспособувајќи се за лов во различно време од денот, како и избегнување на регионите каде има големи популции од конкурентните видови. Како заштита, леопардот често ги качува младите или пленот на гранките од дрвјата. Лавовите понкогаш успеваат да се качат на дрвјата и да го украдат пленот на леопардот[38], исто како и тигарот доколку е навистина мотивиран.

Истражувањата на Новел и Џексон покажале дека кога леопардот го дели живеалиштето со лав или тигар се случува поделба на ресурсите – леопардот лови помал плен (најчесто животни кои имаат помалку од 75 килограми) [13]. Според други истражувања во тропските шуми, било откриено дека леопардот не ги избегнува секогаш поголемите мачки. Доколку има плен во изобилство, тигрите и леопардите одлично коегзистираат, без натпреварувачко однесување или меѓувидовна доминациска хиерархија која е многу почеста во саваните[39].

Леопардите и луѓето[уреди]

Мозаик на кој е претставен Дионис на леопард. 4 век п.н.е., Пела

Леопардите им се познати на луѓето дури од антиката. Ги среќаваме во уметноста, митологијата и фолклорот на многу земји каде порано било присутно ова животно, како Стара Грција, Персија и Рим, но и во некои каде животното е изумрено веќе неколку милениуми – како на пример Англија. Денешната употреба на леопардот како амблем или дел од грбот на земјата е претежно ограничена на земјите од Африка, но сепак бројни производи низ светот го употребуваат неговото име.

Леопардите и луѓето имаат многу поврзаност, посебно во туризмот, хералдиката и модерната култура. Забележани се и случаи на припитомување на леопард – неколку леопарда биле чувани во Лондонската кула на барање на кралот Џон од Англија во 13 век. Околу 1235 година три од овие животни биле дадени на Хенри III од страна на светиот римски император Фредерик II [40].

Хералдика[уреди]

Лавот што поминува (каде телото е хоризонтално во профил а главата е анфас, со што се добива впечаток дека лавот поминува пред набљудувачот) и леопардот се често употребувани во хералдиката, и најчесто се појавуваат во група од три[41]. Хералдичниот леопард нема точки и има грива, што го прави речиси идентичен со хералдичниот лав, па овие два симбола често се мешаат. Традиционалниот лав што поминува се појавува на грбот на Англија и на многу од поранешните англиски колонии. Помодерни претставувања (на кои лесно се забележува дека станува збор за леопард) се среќаваат на грбовите на повеќе афрички држави меѓу кои Бенин, Малави, Сомалија, Демократската Република Конго, но и Габон каде се претставени два црни пантера [42].

Леопарди – човекојадци[уреди]

Панарскиот леопард како лежи убиен (1910)

И покрај тоа што овие животни биле предатори на човековите хуманоидни предци[43], повеќето леопарди ги избегнуваат луѓето. Сепак, понекогаш се случува луѓето да бидат нападнати. Нормално, здравите единки ловат див плен, меѓутоа повредените, болните или единките кои живеат во региони каде нема доволно плен, често ги напаѓаат луѓето, па дури и може да се навикнат на нивно постојано ловење. Во еден од двата екстремни случаи, и двата од нив во Индија, се претпоставува дека Леопардот од Рудрапрајаг можно е да убил преку 125 луѓе. Вториот осомничен леопард е таканаречениот Панарски леопард за кој се верува дека убил преку 400 луѓе, откако бил повреден од ловец и не бил повеќе способен да лови нормален плен[44][45]. И двата леопарда биле убиени од ловецот Џим Корбет (Jim Corbett) [46]. Човекојадните леопарди се исклучетелно храбри, и често влегуваат во човечките населби за да ловат, многу почесто од лавовите или тигрите[47].

Бидејќи леопардите се способни да ловат и мал плен, не се толку зависни од голем плен како што се лавовите и тигрите. Ова ги намалува шансите на леопардите да станат човекојадци. Сепак, леопардите се привлечени од човековите населби поради присуството на стока и миленичиња, посебно кучиња. Доколку никаква друга храна не е достапна, оваа мачка може да почне да лови луѓе[48].

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 Breitenmoser, U., Breitenmoser-Wursten, C., Henschel, P. & Hunter, L. (2008). „Panthera pardus“. Црвен список на МСЗП - загрозени видови во 2008 година. МСЗП 2008. Вчитано на 9 октомври 2008.
  2. 2,0 2,1 „"Leopard"“. „Online Etymology Dictionary“. Douglas Harper. http://www.etymonline.com/index.php?term=leopard. конс. 30 ноември 2007. 
  3. Monier-Williams, Sir Monier; Prof. E. Leumann, Ph.D., Prof. C. Cappeller, Ph.D., et al. „pṝdāku“ (JPEG). „A Sanskrit-English Dictionary“. стр. стр. 647. http://www.sanskrit-lexicon.uni-koeln.de/cgi-bin/serveimg.pl?file=/MWScan/MWScanjpg/mw0647-pRthukIya.jpg. конс. 30 ноември 2007. 
  4. (латински) Linnaeus, C (1758). „Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I.“ (Editio decima, reformata. издание). Holmiae. (Laurentii Salvii).. http://dz1.gdz-cms.de/index.php?id=img&no_cache=1&IDDOC=265100. 
  5. Monier-Williams, Sir Monier; Prof. E. Leumann, Ph.D., Prof. C. Cappeller, Ph.D., et al. „pāṇḍara“ (JPEG). „A Sanskrit-English Dictionary“. стр. стр. 616. http://www.sanskrit-lexicon.uni-koeln.de/cgi-bin/serveimg.pl?file=/MWScan/MWScanjpg/mw0616-pANinIyamatadarpaNa.jpg. конс. 30 ноември 2007. 
  6. Monier-Williams, Sir Monier; Prof. E. Leumann, Ph.D., Prof. C. Cappeller, Ph.D., et al. „puṇḍárīka“ (JPEG). „A Sanskrit-English Dictionary“. стр. стр. 631. http://www.sanskrit-lexicon.uni-koeln.de/cgi-bin/serveimg.pl?file=/MWScan/MWScanjpg/mw0631-puMdhvaja.jpg. конс. 30 ноември 2007. 
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Johnson, W.E., Eizirik, E., Pecon-Slattery, J., Murphy, W.J., Antunes, A., Teeling, E. & O'Brien, S.J. (2006). „The Late Miocene radiation of modern Felidae: A genetic assessment.“. „Science311: стр. 73–77. doi:10.1126/science.1122277. PMID 16400146. 
  8. Turner, A. (1987). „New fossil carnivore remains from the Sterkfontein hominid site (Mammalia: Carnivora)“. „Annals of the Transvaal Museum“ 34: стр. 319–347. ISSN 0041-1752. 
  9. Yu L & Zhang YP (2005). „Phylogenetic studies of pantherine cats (Felidae) based on multiple genes, with novel application of nuclear beta-fibrinogen intron 7 to carnivores“ (PDF). „Molecular Phylogenetics and Evolution“ 35 (2): стр. 483–495. doi:10.1016/j.ympev.2005.01.017. http://202.203.208.84/SCI/2005SCI/2005/Li%20Yu%EF%BC%882005M.P.E).pdf. 
  10. Bininda-Emonds, Olaf R.P.; Decker-Flum, Denise M.; et al. (2001). „The utility of chemical signals as phylogenetic characters: an example from the Felidae“ (PDF). „Biological Journal of the Linnean Society“ 72: 1–15. doi:10.1111/j.1095-8312.2001.tb01297.x. http://www.personal.uni-jena.de/~b6biol2/Publications/FatCats.pdf. конс. 7 јуни 2008. 
  11. 11,0 11,1 11,2 Uphyrkina, O.; Johnson, E.W.; et al. (Ноември 2001). „Phylogenetics, genome diversity and origin of modern leopard, Panthera pardus“. „Molecular Ecology“ 10 (11): 2617–2633. doi:10.1046/j.0962-1083.2001.01350.x. http://www.blackwell-synergy.com/links/doi/10.1046/j.0962-1083.2001.01350.x?cookieSet=1. конс. 06 август 2008. 
  12. 12,0 12,1 12,2 12,3 Miththapala, Sriyanie; Seidensticker, John; O'Brien, Stephen J. (August 1996). „Phylogeographic Subspecies Recognition in Leopards (P. pardus): Molecular Genetic Variation.“. „Conservation Biology“ 10 (4): 1115–1132. doi:10.1046/j.1523-1739.1996.10041115.x. http://www.blackwell-synergy.com/links/doi/10.1046/j.1523-1739.1996.10041115.x. конс. 06 јуни 2008. 
  13. 13,0 13,1 13,2 13,3 13,4 Nowell, K.; Jackson, P. eds. (1996). Wild Cats. Status Survey and Conservation Action Plan. IUCN/SSC Cat Specialist Group. IUCN, Gland, Switzerland. (видете Panthera Pardus, стр. 24 – 29.)
  14. 14,0 14,1 „Леопард“. African Wildlife Foundation. http://www.awf.org/content/wildlife/detail/leopard. конс. 21 септември 2007. 
  15. 15,0 15,1 Kindersley, Dorling (2001,2005). „Animal“. New York City: DK Publishing. ISBN 0-7894-7764-5. 
  16. Crandall, L (1964). „The management of wild animals in captivity“. Chicago: University of Chicago Press. 
  17. 17,0 17,1 Eizirik, Eduardo; Yuhki, Naoya; et al. (Мај 2003). „Molecular genetics and evolution of melanism in the cat family“. „Current Biology“ 13 (5): 448–453. doi:10.1016/S0960-9822(03)00128-3. http://cat.inist.fr/?aModele=afficheN&cpsidt=14600002. конс. 7 јуни 2008. 
  18. 18,0 18,1 Sunquist, Fiona (декември/јануари 2007). „Malaysian Mystery Leopards“. „National Wildlife Magazine“ 45 (1). http://www.nwf.org/nationalwildlife/printerFriendly.cfm?issueID=112&articleID=1413. конс. 7 јуни 2008. 
  19. „Melanism in Felines“. „Wildlife of Ethiopia“. Biological Society of Ethopia. Април 2001. http://www.aau.edu.et/faculties/sc/BSE/wildlife.html#melanism. конс. 7 јуни 2008. 
  20. Gamble, Cyndi; Rodney Griffiths (2004). „Leopards: Natural History & Conservation“. Voyageur Press. ISBN 0896586561. 
  21. 21,0 21,1 Jen Stevenson. „Le Pumapard“. The Strand. http://media.www.thestrand.ca/media/storage/paper404/news/2005/03/17/Features/Le.Pumapard-891758.shtml. конс. 16 јуни 2008. 
  22. „Leopard biology and behavior“. http://animaldiversity.ummz.umich.edu/site/accounts/information/Panthera_pardus.html. конс. 6 јуни 2008. 
  23. 23,0 23,1 „Animal bytes - Panthera pardus. http://www.seaworld.org/animal-info/Animal-bytes/animalia/eumetazoa/coelomates/deuterostomes/chordata/craniata/mammalia/carnivora/leopard.htm. конс. 6 јуни 2008. 
  24. Schaller, стр. 290
  25. 25,0 25,1 Schaller, стр. 291
  26. JBNHS Vol. 104(2), http://web.archive.org/web/20081217173747/http://www.bnhs.org/bo/documents/JBNHS_104_2/Arivazhagan.pdf FOOD HABITS OF LEOPARD (PANTHERA PARDUS FUSCA), DHOLE (CUON ALPINUS) AND STRIPED HYENA (HYAENA HYAENA) IN A TROPICAL DRY THORN FOREST OF SOUTHERN INDIA], 1 C. ARIVAZHAGAN2, R. ARUMUGAM3 AND K. THIYAGESAN4 1 Accepted May 2005 2 Centre for Ecological Sciences, Indian Institute of Science, Bengaluru 560 012, Karnataka, India. Email: c_ari@rediffmail.com 3 Indian Institute of Science Field station, Masinagudi, The Nilgiris, Tamil Nadu, India. Email: rrmugam@yahoo.com 4 Department of Zoology, A.V.C. College, Mannampandal, Mayiladuthurai, Tamil Nadu, India. Email: kthiyagesan1@rediffmail.com
  27. Johnson, Kenneth G.; Weng, Wei; et al. (Август 1993). „Food Habits of Asiatic Leopards (Panthera pardus fusea) in Wolong Reserve, Sichuan, China“. „Journal of Mammalogy“ 74 (3): 646–650. doi:10.2307/1382285. http://www.jstor.org/stable/1382285. конс. 13 јуни 2008. 
  28. Hayward, M. W.; Henschel, P.; et al. (October 2006). „Prey preferences of the leopard (Panthera pardus)“. „Journal of Zoology“ 270 (2): 298–313. doi:10.1111/j.1469-7998.2006.00139.x. http://www.blackwell-synergy.com/doi/abs/10.1111/j.1469-7998.2006.00139.x. конс. 13 септември 2007. 
  29. Sadleir R (1966). „Notes on the Reproduction of the larger Felidae“. „Int. Zoo Yearbook: Vol 6“. London: Zool. Soc. London. стр. 184–87. 
  30. „Leopard“. wildcatconservation.org. http://www.wildcatconservation.org/Leopard_(Panthera_pardus).html. конс. 6 јуни 2008. 
  31. „Леопард (Pantehra pardus); Physical characteristics and distribution“. http://brainmuseum.org/Specimens/carnivora/leopard/index.html. конс. 7 јуни 2008. 
  32. Marker, L. L.; Dickman, A. J. (March 2005). „Factors affecting leopard (Panthera pardus) spatial ecology, with particular reference to Namibian farmlands“ (PDF). „South African Journal of Wildlife Research“ 35 (2). http://www.cheetah.org/ama/orig/leopard.pdf. конс. 13 септември 2007. 
  33. Mizutani, F.; Jewell, P. A. (1998). „Home-range and movements of leopards (Panthera pardus) on a livestock ranch in Kenya“. „Journal of Zoology“ 244: 269–286. doi:10.1017/S0952836998002118. http://journals.cambridge.org/action/displayAbstract?fromPage=online&aid=40975. конс. 13 септември 2007. 
  34. Odden, Morten; Wegge, Per (2005). „Spacing and activity patterns of leopards Panthera pardus in the Royal Bardia National Park, Nepal“. „Wildlife Biology“ 11: 145–152. doi:10.2981/0909-6396(2005)11[145:SAAPOL]2.0.CO;2. http://www.bioone.org/perlserv/?request=get-document&doi=10.2981%2F0909-6396(2005)11%5B145%3ASAAPOL%5D2.0.CO%3B2. конс. 13 септември 2007. 
  35. 35,0 35,1 Jenny, D. (November 1996). „Spatial organization of leopards Panthera pardus in Tai National Park, Ivory Coast: Is rainforest habitat a "tropical haven"?“. „Journal of Zoology“ 240 (3): 427–440. http://md1.csa.com/partners/viewrecord.php?requester=gs&collection=ENV&recid=4026878&q=Panthera+pardus+habitat&uid=1040057&setcookie=yes. конс. 13 септември 2007. 
  36. Hunter, Luke; Balme, Guy; et al. (2003). „The landscape ecology of leopards (Panthera pardus) in northern KwaZulu-Natal, South Africa: A preliminary project report.“ (PDF). „Ecological Journal“ 5: 24–30. http://www.biolsci.monash.edu.au/research/leopards/docs/ecojournal-2003.pdf. конс. 16 септември 2007. 
  37. LeeAnn Bies. „Leopard distribution“. http://animaldiversity.ummz.umich.edu/site/accounts/information/Panthera_pardus.html. конс. 5 јуни 2008. 
  38. Schaller, стр. 293
  39. Karanth, K. Ullas; Sunquist, Melvin E. (2000). „Behavioural correlates of predation by tiger (Panthera tigris), leopard (Panthera pardus) and dhole (Cuon alpinus) in Nagarahole, India“. „Journal of Zoology“ 250: 255–265. doi:10.1111/j.1469-7998.2000.tb01076.x. http://journals.cambridge.org/action/displayAbstract?fromPage=online&aid=40765. конс. 5 јуни 2008. 
  40. Owen, James (3 ноември 2005). „Medieval Lion Skulls Reveal Secrets of Tower of London "Zoo"“. „National Geographic Magazine“. National Geographic. http://news.nationalgeographic.com/news/2005/11/1103_051103_tower_lions.html. конс. 5 септември 2007. 
  41. Strickland, Debra Higgs; Debra Hassig (1999). „The Mark of the Beast: The Medieval Bestiary in Art, Life, and Literature“. Taylor & Francis. ISBN 0815329520. 
  42. Pedersen, Christian Fagd (1971). „The International Flag Book in Color“. Morrow. 
  43. „Discovery of Early Hominids“. Cartage.org.lb. 22 март 2001. http://www.cartage.org.lb/en/themes/Sciences/LifeScience/PhysicalAnthropology/HumanGeneticEvolution/EarlyHominids/EarlyHominids.htm. конс. 7 март 2009. 
  44. Hart, Donna; Robert W. Sussman (2005). „Man the Hunted: Primates, Predators, and Human Evolution“. Westview Press. ISBN 0813339367. 
  45. Tougias, стр.147
  46. Capstick, Peter Hathaway (1978). „Death in the Long Grass“. St. Martin's Press. ISBN 0312186134. 
  47. The Spotted Devil of Gummalapur, Nine Man-Eaters and one Rogue, Kenneth Anderson, Allen & Unwin Ltd, 1954
  48. Markus Fumagalli. „Panthera pardus: The Leopard“. http://archive.is/20120708040833/http://3w.terrasco.net/files/Nature/Felidae/Panthera/Panthera_pardus.pdf. конс. 8 јуни 2008. 

Надворешни врски[уреди]


Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Леопард“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).