Облачен леопард

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Облачен леопард
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Фамилија: Felidae
Потфамилија: Pantherinae
Род: Neofelis
Вид: N. nebulosa
Биномен назив
Neofelis nebulosa
(Griffith, 1821)
Распространетост
Синоними

Felis macrocelis
Felis marmota

Облачниот леопард (Neofelis nebulosa) е средно голема мачка, долга 55-110 сантиметри и тешка од 15 до 23 килограми. Има жолто-кафено крзно кое е прошарано со големи, неправилно-обликувани, белези во форма на елипси, за кои се вели дека личат на облаци по што го добил и своето име (и народното но и научното). Ова животно се среќава во јужна Кина, источниот дел на Хималаите, Непал, североисточна Индија и копнениот дел на југоисточна Азија. Борнејскиот облачен леопард (Neofelis diardi) е посебен вид, кој го среќаваме на Суматра, Борнео и островите Бату [2]. Овие две животни имаат значителни разлики во структурата на черепот, поради што се два различни вида кои спаѓаат во истиот род. Облачниот леопард долго време ги збунувал научниците со неговиот изглед и скелет. Изгледал како да е мешавина од голема и мала мачка. Научното име на родот Neofelis е добиено од neo што значи „нов“ и felis што значи „мала мачка“. Во буквален превод, родот означува нов вид на мала мачка.

Карактеристики[уреди]

Облачниот леопард пропорцинално го има најдолгиот песјак од сите живи видови на мачки (долг околу 5 сантиметри, скоро иста големина како тој на тигарот) [3]. Поради оваа карактеристики, на почетокот се мислело дека лови поголеми животни. Сепак, и покрај тоа што многу малку се знае за однесувањето и начинот на живот на ова животно, денес со сигурност се знае дека најчест плен му се мали цицачи како гибони и макаки, како и птици, бодликави прасиња и мали домашни животни. Облачниот леопард има пет прсти на стапалата како и повеќето големи мачки.

Како и што може да се очекува поради фактот дека дел од нивниот плен живее на дрвјата, облачниот леопард одлично се качува по нив. Кратките флексибилни нозе, широките шепи и острите нокти го прават многу стабилен. Опашката може да достигне должина колку и телото што дополнително помага при одржување на рамнотежа. Интересна карактеристика е тоа што може да се качува по дрвјата висејќи надолу под гранките и да се симнува по трупот на дрвото со главата нанапред.

Распространетост и живеалиште[уреди]

Ова животно го среќаваме само во Азија, на просторите на јужна Кина, источните Хималаи, североисточна Индија и југоисточна Азија. Се смета дека е изумрен вид на Тајван. Последниот пат кога бил забележан облачен леопард на Тајван било во 1989 година, до околината Тароко. Овој подвид на облачниот леопад бил карактеризиран како подвид со многу пократка опашка.

Облачниот леопард ги населува тропските и суптропските шуми кои се протегаат до надморска височина од 2000 метри. Сепак понекогаш се среќава и во мангрови мочуришта и пасишта.

Таксономија[уреди]

Clouded leopard.jpg

Облачниот леопард и покрај неговотo име, не е близок роднина на леопардот. Ова животно се смета за монотипичен род со три подвида:

Според последните молекуларни генетски анализи поранешниот подвид Neofelis diardi, денес е класифициран како посебен вид на мачка – Борнејски облачен леопард.

Однесување[уреди]

Глава на облачен леопард

Облачниот леопард одлично се качува по дрвјата, има голема подвижност, слично како Маргај од Јужна Америка. Многу малку се знае за однесувањетоа во дивината, но се претпоставува дека поради тоа што е постојано на дрвјата, има техника за напаѓање на пленот од заседа, криејќи се во гранките.

Овие мачки се претпоставува дека се самотни животни, поради немањето докази за живот во група како на пример лавот. Комуницира со други облачни леопарди само за време на сезоната за парење и при одгледувањето на младите. Во минатото се сметало дека облачниот леопард е активен само ноќе, но новите истражувања покажуваат дека ова животно е активно и за време на денот.

Исхрана[уреди]

Како и останатите мачки, облачниот леопард е карнивор. Лови различни животни, вклучувајќи елени Самбар и Мунтџак, птици, мали цицачи, мајмуни, гибони, верверички, бодликави прасиња, риби и домашни животни. Облачните леопарди чувани во заробеништво јадат и јајца и некои растенија.

Размножување[уреди]

Chat doré.jpg

Женките раѓаат легло во кое има од 1 до 5 младенчиња. Периодот на носење трае 85-93 дена. По раѓањето младите се слепи и безпомошни, слично како и младите кај останатите видови на мачки. За разлика од возрасните, младите имаат дамки кои се целосно темни, а не само со темен прстен. Десетина дена по раѓањето, младите почнуваат да гледаат, стануваат активни за околу 5 недели и најверојатно стануваат независни веќе на возраст од 10 месеци. Облачниот леопард достигнува сексуална зрелост на возраст од 2 години, а женките можат да раѓаат секоја година. Во заробеништво, овие мачки живеат до 17 години, додека просекот во дивината е 11.

И покрај овие факти, програмите за размножување во заробеништво не донеле многу успех. Женките често се убивани од агресивни мажјаци, но и поради игнорирање на додворувачките активности. Обично, облачните леопарди не се агресивни животни. Искуствата покажале дека внимателно одбрани парови на облачниот леопард, доколку им се дадени можности, често успешно се парат. Индивидуите родени во заробеништво можат еден ден да бидат вратени во дивината за да ја помогнат загрозената популација.

Заштитен статус[уреди]

Облачен леопард во зоолошка градина

Непристапноста на природното живеалиште на облачниот леопард го отежнува нивното проучување и пребројување, па затоа не постојат стабилни претпоставки. Според Меѓународниот сојуз за заштита на природата (МСЗП), во дивината се преостанати помалку од 10 000 индивидуи, со предупредување дека популацијата има тенденција да се намалува[1]. Ова намалување се смета дека е поради уништувањето на нивното природно живеалиште и ловот за нивна употреба во традиционалната кинеска медицина. Само шест облачни леопарди биле следени и набљудувани со помош на радио телеметрија. Сите овие инидивидуи се проучувани на Тајланд.Скоро се што се знае за овие животни се од истражувањата на индивидуите во заробеништво.

Облачниот леопард е ставен на Црвената листа на загрозени видови на МСЗП, како ранлив вид[1]. Според Вашингтонскиот договор за заштита на видовите (CITES) облачниот леопард е на листата со заштита Апендикс 1, што значи дека е забранета секаква трговија со ова животно и производи добиени од него. Во земјите кои спаѓаат во неговата природа распространетост, ловот е забранет со закон.

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 Sanderson, J., Khan, J., Grassman, L. & Mallon, D.P. (2008). „Neofelis nebulosa“. Црвен список на МСЗП - загрозени видови во 2008 година. МСЗП 2008. Вчитано на 18 јануари 2009. Податоците содржат и информации за конзервацискиот статус на овој вид.
  2. Island leopard deemed new species. BBC. Вчитано на 6 мај 2008
  3. Clouded Leopard

Надворешни врски[уреди]