Франсоа Рабле

Од Википедија — слободната енциклопедија
Франсоа Рабле
Занимањеписател, лекар, хуманист
Националностфранцуско
Апсолвент наУниверситет во Поатје, Универзитет во Монпелје
Книжевно движењеХуманизам и ренесанса
Значајни делаПантагруел, Гаргантуа и др.
мрежно место
http://www.musee-rabelais.fr/ François Rabelais Museum

Франсоа Рабле (фр. François Rabelais), (~ 1494 – 9 април 1553) бил најголемиот француски ренесансен писател, лекар и хуманист, писател на фантазијата, сатирата, гротеската и шегата.

Животопис[уреди | уреди извор]

Иако местото и датата на неговото раѓање не се сигурно документирани, а некои научници ја посочуваат 1483 година,[1], се смета дека Франсоа Рабле е роден во ноември 1494 година, во близината на Шинон, Индр-е-Лоар, каде што неговиот татко работел како адвокат.[2] Ла Дивиниер во Сеји, Индр-е-Лоар, е името на имотот за кој се тврди дека е родното место на писателот и куќата каде се наоѓа музејот на Рабле. Татко му, Антоан Рабле, бил богат и угледен граѓанин со селско потекло.[3]

Животот на Франсоа Рабле не е доволно познат. Се знае дека се школувал во манастир и дека уште во младоста ги совладал грчкиот и латинскиот јазик. Најпрвин бил калуѓер, а потоа свештеник, но таа должност извршувал неуредно. Во младоста, тој патувал постојано, воден од желбата што повеќе да научи (да биде „бездна на знаењето“) при што посетувал повеќе француски универзитети и ги споредувал методите на учење и професорите. Се претпоставува дека студирал право во Универзитетот во Поатје, а се знае дека започнал да студира медицина на Универзитетот во Монпелје, а студиите ги завршил дури подоцна, зашто во 1532 година започнал да работи како лекар во Лион. Неговите патувања ги надминале границите на Франција, зашто трипати бил во Италија,[4] со својот пријател, кардиналот Жан ди Беле, каде се занимавал и со археолошки истражувања. Притоа, кратко време живеел во Торино со братот на ди Беле, Гијом. Веројатно, Рабле поминал некое време во криење и бегство, бидејќи бил прогласен за еретик. Рабле подоцна предавал медицина во Монпелје во текот на 1534 и 1539 година, а во 1547 година станал свештеник во Свети-Кристоф-ди-Жамбе и Медон, од каде се повлекол пред својата смрт.

Прогонет и напуштен, Рабле ги поминал последните денови од животот во беда, а умрел во Париз, во 1553 година.[4] Постојат различни кажувања за смртта на Рабле и за неговите последни зборови. Според некои, тој напишал една позната реченица во својот тестамент: „Јас немам ништо, должам многу, а остатокот го оставам на сиромашните“, а последните зборови му биле „Одам да го барам Големото Можеби“.[5]

Творештво[уреди | уреди извор]

Гаргантуа и Пантагруел[уреди | уреди извор]

Наслов на едицијата од 1571 која ги содржи последните три книги за Пантагруел: „Третата книга за јуначките дела и зборови на добриот Пантагруел“ (Le Tiers Livre des Faits & Dits Heroïques du Bon Pantagruel)

Рабле се занимавал со пишување во текот на целиот живот, но нередовно. Неговите дела биле жигосувани од власта и од современиците, но заштитата од неколку моќни луѓе (кардинали, благородници и кралеви) му овозможила да ги објавува своите дела. Во текот на животот успеал да издаде четири книги од својот роман за Гаргантуа и Пантагруел, при што често се мачел да ги објави своите дела, трпел закани од власта, а често бил принуден да го менува и ублажува напишаното. Четвртата книга од „Гаргантуа и Пантагруел“, објавена во 1552 година, претрпела цензура од Сорбона и била забранета од Врховниот суд. Неколку месеци по неговата смрт била објавена петтата книга од „Гаргантуа и Пантагруел“, чија автентичност не е сигурна.[6]

Најважното дело на Рабле е „Гаргантуа и Пантагруел“, серија од четири или пет книги:

  • „Пантагруел“ (Pantagruel) (1532)
  • Гаргантуа“ (La vie très horrifique du grand Gargantua) (1534)
  • „Третата книга“ (Le tiers livre) (1546)
  • „Четвртата книга“ (Le quart livre) (1552)
  • „Петтата книга“ (Le quint livre) (за која се дебатира дали ја напишал Рабле)

Гаргантуа и Пантагруел“ ја раскажува приказната за двајцата џинови - таткото Гаргантуа и неговиот син Пантагруел - и нивните авантури, напишана на еден смешен, екстравагантен и сатиричен начин. Додека првите две книги се фокусираат на животите на двата џина, остатокот на серијата е главно фокусиран на авантурите на пријателите на Пантагруел, како на пример Панирж, измамничкиот ерудит Маверик и брат му Жан, бивш монах во потрага по „Божественото шише“. Иако повеќето поглавја се хумористични, сурови и понекогаш фантастични до апсурдност, неколку релативно сериозни преоди станаа симбол на описот на хуманистичките идеали од времето. Конкретно, писмото на Гаргантуа до Пантагруел и поглавјата за младоста на Гаргантуа со прилично детаљна визија во врска со образованието, а под хуморот се наѕира концептот за едно идеално општество.

Значење и влијание[уреди | уреди извор]

Иако е создавач на необични, фантастични личности и настани, Рабле е буден набљудувач и сликар на тогашната општествена стварност. Оттука, кога од неговото дело би се отстраниле хиперболите, тоа би било верна слика на сите елементи на француското општество во 16 век: црквата, законите, судовите, универзитетот, благородништвото, селаните итн. Некои компоненти на творештвото на Рабле (на пример, неговите идеи) се значајни само ако се набљудуваат низ историска перспектива, но високата уметничка вредност е она што го прави неговото дело актуелно. Неговата уметност е извонредна смеса на реалистично набљудување и жива фантазија. Рабле е роден раскажувач кој го претставува животот во целиот негов динамизам, независно од тоа дали се служи со реалистични и натуралистички описи, слики и симболи или алегории. Тој раскажува живо, лесно и неусилено, така што не е неверојатно неговото тврдење во прологот на „Гаргантуа“ дека книгата ја напишал без никаков напор, за време на ручеците.[7]

Како втора вредност на уметноста на Рабле се истакнуваат хуморот и комиката. Користејќи ја својата голема ерудиција, Рабле дава пародија на научните расправи, црковното и судското говорништво, античките анегдоти и витешките романи. Во голема мерка потпирајќи се врз алегориите, тој им се потсмева на сите глупости не тогашното општество при што комичноста на ликовите и настаните често преминуваат во гротеска, богато дополнета со сурови и претерани шеги.[8]

Најпосле, употребата на јазикот е една од најзначајните страни на неговото творештво. Големината на Рабле како раскажувач се состои во леснотијата и вештината со која ги пронаоѓа зборовите при што, мерено според вербалното богатство, само Виктор Иго може да се мери со него во француската книжевност. При изборот на зборовите голем придонес има неговата голема фантазија која му овозможила да ги искористи сите вербални можности: употребата на архаични зборови, на стручни изрази од различни области и на народниот јазик. Но, тој оди чекор понатаму и самиот измислува нови зборови во согласност со неговите потреби и притоа натрупува епитети, набројува до неверојатни граници, ги реди зборовите според звучноста итн. Во тесна врска со неговиот јазик е оригиналниот стил кој често наведува на помислата дека делото е напишано од различни автори, зашто веселиот и комичен тон се испреплетува со лирски пасажи и возвишени места.[9]

Покрај поетот Ронсар и филозофот Монтењ, Рабле го претставува највисокиот домет на француската ренесанса.[3] Притоа,повеќе писатели ги искажале своите ставови за Рабле. Така, Анатол Франс предавал за творештвото на Рабле во Аргентина, а рускиот филозоф и критичар Михаил Бахтин го извлекол својот концепт на гротескно тело од светот на Рабле. Во еден напис објавен на 8 јануари 2007 година во весникот „Њујоркер“, чешкиот писател Милан Кундера напишал за Рабле дека „заедно со Сервантес, е основачот на целата уметност, уметноста на романот“ и го нарекол „најдобариот“, покрај Гистав Флобер.

Од друга страна, во романот „Наспроти“, францускиот писател Жорис-Карл Уисманс вели дека Раблеовата „громогласна смеа“ може да се спореди, „од гледна точка на уметноста, со оние мајстории со обрачи кои ги развеселуваат луѓето на панаѓурите.“[10] И англискиот писател Џорџ Орвел не бил обожавател на Рабле кого во 1940 година го нарекол „исклучително перверзен, морбиден писател - еден случај за психоанализа“.[11]

Рабле и јазикот[уреди | уреди извор]

Француската ренесанса била време на јазични контроверзи. Меѓу прашањата дебатирани од страна на научниците било и она за потеклото на јазикот. Кој бил првиот јазик? Дали јазикот е нешто со што сите луѓе го имаат од раѓање или нешто што ќе го научат (nature versus nurture)? Дали има некаква поврзаност меѓу зборовите и предметите на коишто тие се однесуваат, или зборовите се чисто произволни? Рабле во своите книги меѓу другото се занимава и со овие прашања.

Почетокот на 16 век, исто така, било и време на иновации и промена на францускиот јазик, особено во неговата писмена форма. Првата граматика била објавена во 1530 година, а девет години подоцна и првиот речник. Бидејќи правописот бил многу помалку кодифициран отколку денес, секој автор користел сопствен правопис. Рабле и самиот лично развил свои прилично комплексни правила. Тој бил поддржувач на етимолошкиот правописот, т.е. оној што го одразува потеклото на зборовите, спротивно на оние коишто фаворизирале некој поедноставен правопис, оној што го одразува реалниот изговор на зборовите.

Раблеовата употреба на неговиот мајчин јазик била оригинална, жива, и креативна. Тој вовел десетици грчки, латински, италијански позајмици, француски кованици и идиоми. Тој, исто така се користел со дијалектот, а измислил и нови зборови (раблеизми) и со метафори. Некои од нив станале дел од стандардниот јазик а се користат и денес. Рабле е секако еден од авторите кои на значаен начин го збогатиле француски јазик.

Литература[уреди | уреди извор]

  • „François Rabelais“. Encyclopaedia Britannica Online. Посетено на 2008-05-27.
  • Alex Online. (2003). Alex Online Архивирано на 11 август 2010 г.. Посетено на 20 април 2006.
  • Bowen, Barbara C. (1998), Enter Rabelais, Laughing, Vanderbilt University Press, ISBN 0826513069
  • Broder, John M. Edward Kennedy, Senate Stalwart, Dies, The New York Times, 26 август 2009. Retrieved 2009-08-26.
  • Del Campo, Gerald. Rabelais: The First Thelemite Архивирано на 5 декември 2006 г.. The Order of Thelemic Knights.
  • Febvre, Lucien. Gottlieb, Beatrice trans. The Problem of Unbelief in the Sixteenth Century: The Religion of Rabelais (Cambridge: Harvard University Press, 1982)
  • Lee, Jae Num. "Scatology in Continental Satirical Writings from Aristophanes to Rabelais" and "English Scatological Writings from Skelton to Pope." Swift and Scatological Satire. Albuquerque: U of New Mexico P, 1971. 7–22; 23–53.
  • Dixon, J.E.G. & John L. Dawson. Concordance des Oeuvres de François Rabelais. Geneva: Librairie Droz, 1992.
  • Screech, M.A. (1979). Rabelais. London: Duckworth. ISBN 0715616609.
  • Thelemapedia. (2004). François Rabelais. Посетено на 14 април 2006.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Викицитат има збирка цитати поврзани со:

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. The Rabelais Encyclopedia, стр. xiii
  2. „Rabelais, François“. The Columbia Encyclopedia, Sixth Edition. 2001–07. Посетено на 2008-05-27.
  3. 3,0 3,1 Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 137.
  4. 4,0 4,1 Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 137-139.
  5. „Rabelais to Surratt“. Last Words of Real People. Архивирано од изворникот на 2008-02-28. Посетено на 2008-05-28.
  6. Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 138-139.
  7. Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 139-140.
  8. Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 1408-141.
  9. Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 141-142.
  10. Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 202-203.
  11. Review of Nailcruncher by Albert Cohen, included in The Collected Essays, Journalism and Letters of George Orwell Volume 2.