Гаргантуа и Пантагруел

Од Википедија — слободната енциклопедија
Животот на Гаргантуа и Пантагруел
Gustave Doré-L'Enfance de Gargantua.jpg
Илустрација на Гистав Доре, 1873
Пантагруел (о. 1532)
Гаргантуа (1534)
Третата книга за Пантагруел (1546)
Четвртата книга за Пантагруел (1552)
Петтата книга за Пантагруел (о. 1564)
АвторФрансоа Рабле („Alcofribas Nasier“)
Оригинален насловLa vie de Gargantua et de Pantagruel
ИлустраторГистав Доре (издание од 1854)
Земја на потеклоФранција
ЈазикКласичен француски
ЖанрСатира
Издадено. 1532 – о. 1564
Издаден на
Англиски
1693–94

„Животот на Гаргантуа и Пантагруел“ (француски: La vie de Gargantua et de Pantagruel) — серијал од пет романи на францускиот писател Франсоа Рабле, во кои се раскажува за авантурите на двајца џинови - Гаргантуа и неговиот син Пантагруел. Романите се напишани на смешен, екстравагантен, накитен, и сатиричен начин, а поглавјата се полни со саркастичен хумор, насилство и вулгарности. Воопшто стилот на Рабле е полн со игри на зборови и потсмев.

Постанокот на делото[уреди | уреди извор]

Во текот на животот, Рабле успеал да издаде четири книги од својот роман за Гаргантуа и Пантагруел, при што често се мачел да ги објави своите дела, трпел закани од власта, а често бил принуден да го менува и ублажува напишаното. Четвртата книга од „Гаргантуа и Пантагруел“, објавена во 1552 година, претрпела цензура од Сорбона и била забранета од Врховниот суд. Неколку месеци по неговата смрт била објавена петтата книга од „Гаргантуа и Пантагруел“, чија автентичност не е сигурна.[1] Во прологот на „Гаргантуа“, Франсоа Рабле им кажува на читателите дека романот го пишувал додека јадел и пиел, односно за него не трошел посебно време. Исто така, тој ги советува читателите дека, наспроти привидната несериозност, во романот ќе најдат скриена наука, која ќе им открие возвишени тајни и тајни стравотии поврзани со верата, политичката состојба и стопанскиот живот.[2] Иако романот се вика „Гаргантуа и Пантагруел“, всушност најпрвин била напишана книгата посветена на Пантагруел (1532), а две години подоцна го напишал и делот во кој се опишува животот на Гаргантуа. Дури во подоцнежните изданија, приказната за синот Пантагруел била поставена по приказната за таткото Гаргантуа. Идејата за овој роман Рабле ја добил од едно мало анонимно дело за џинот Гаргантуа, а истовремено неговите популарни алманаси полни со шеги и необични случки му донеле голем успех, покажувајќи му го начинот на пишување.[3]

Содржина[уреди | уреди извор]

Гаргантуа[уреди | уреди извор]

Делот за „Гаргантуа“ (La vie tres horrifique du grand Gargantua pere de Pantagruel) се состои од песна насловена „На читателите“, пролог напишан од авторот и 57 глави.[4]

Џинот Гаргантуа бил син на Грангузиј и на Гаргамела, ќерка на кралот на Пеперутките. Гаргантуа поминал 11 месеци во стомакот на мајка му, а се родил за време на една голема гозба и пијанка, кога Гаргамела се прејала месо и добила болки во стомакот. Тогаш, Гаргантуа излегол од нејзиното лево уво и наместо да заплаче, како сите бебиња, тој посакал да пие. Поради неговата големина, него го доеле со млеко од 17.913 крави, а за го облечат биле потребни стотици аршини платно. Гаргантуа бил облечен во бело (како симбол на радоста) и во сино (како симбол на небото). Кога наполнил пет години, Грангузиј изнајмил учител кој го воспитувал Гаргантуа повеќе од 40 години.[5]

По смртта на неговиот учител, Гаргантуа добил нови педагози и бил испратен во Париз на школување. Таму, Гаргантуа најпрвин се качил на кулата на Богородичната црква и почнал да мокри врз народот при што погинале 260.418 луѓе, а потоа ги украл камбаните за да ја украси својата огромна кобила, голема колку шест слона. Сепак, тој ги вратил камбаните, а потоа времето го трошел на јадење, пиење, играње и безделничење. Меѓутоа, неговиот учител Понократ започнал да го воспитува на најдобар начин и Гаргантуа ги научил сите науки, уметности, занаети и воени вештини.[6]

За тоа време започнала војна меѓу кралот на Лерне, Пикрокол и кралот Грангузиј, предизвикана од сосема банална причина: пекарите од Лерне оделе на пазар да ги продадат своите погачи, а некои жители на кралството на Грангузиј им ги зеле погачите кои ги платите по пазарната цена. Тогаш, војската на кралот Пикрокол упаднала во земјата на Незајаз и направила пустош. Кралот Грангузиј се обидел спорот со својот долгогодишен пријател да го реши по мирен пат, но наговорен од своите воени старешини, Пикрокол не сакал примирје. Затоа, Грангузиј го повикал Гаргантуа да дојде да ја брани татковината. Со својата мала дружина, Гаргантуа успеал да го победи бројниот непријател, а во борбите особено се истакнал калуѓерот Јован, кој успеал да зароби еден висок непријателски старешина. И во таа прилика, кралот Грангузиј се покажал многу великодушен, зашто го ослободил заробеникот и му подарил големо богатство. Потоа, Гаргантуа го нападнал кралот Пикрокол и ја уништил неговата војска, но кралот успеал да побегне. По победата, Гаргантуа ги ослободил непријателските војници и уште им дал паричен надомест за изгубеното времеа, а исто така богато ги наградил и своите војници. Поради големите воени заслуги, на калуѓерот Јован му изградил огромен манастир, а него го поставил за независен опат. Притоа, манастирот сосема отстапувал од верските начела: во него живееле мажи и жени заедно, калуѓерите биле многу убави и целото време го посветувале на читање, свирење, воени вештини и занаети, а сите биле потполно слободни и се однесувале според принципот „Прави што ќе посакаш“. Во темелите на манастирот била напишана гатанка во вид на пророштво, во кое се претскажувало дека на земјата ќе дојде човек кој ќе ги раскара луѓето, потоа ќе настапат потоп и голем пожар, по што преживеаните ќе продолжат да живеат во среќа.[7]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

По објавувањето, во време на религиска опресија и религиски војни, книгите што го сочинуваат романот биле стигматизирани како вулгарни,[8] а современиците одбивале да ги споменат.[9] Според Рабле, филозофијата на џинот Пантагруел, „пантагруелизам“, во основа е некаква „веселост на умот потопена во среќни случајности“ (француски: une certaine gaîté d'esprit confite dans le mépris des choses fortuites). Рабле го изучувал старогрчкиот јазик во текот на својот живот, а го применил во овие романи на тој начин што измислил стотици нови зборови, од кои многу се дел од современиот француски јазик.[10]

„Гаргантуа и Пантагруел“ се смета за еден од најголемите романи во француската книжевност.[11] Притоа, во романот се забележуваат неколку елементи: Најпрвин, во делото се слави радоста на животот и се повикува на негово уживање на сите начини што ни се дадени од природата. Во основата на романот стојат култот на природата и култот на животот, а кон крајот на делото Рабле дава слика на едно идеално општество, претставено преку манастирот на Телемската опатија чие основно начело е: „Прави што ќе посакаш“ (Fay ce que voudras). Имено, Рабле сметал дека на човекот формиран со добро образование и воспитување треба да му се даде слобода на дејствувањето. Оттука, тој дава остра сатирична осуда на сето она што го спречува слободниот развој на личноста, осуда на застареното средновековно образование, како и осуда на аскетизмот и на апсурдните закони. Оттука произлегуваат и педагошките идеи на Рабле, изложени во описот на младиот Гаргантуа, кој инсистирал на спој меѓу образованието (знаењето) и воспитанието (моралната поука) комбинирани со хигиена и со физичка активност. Овие ставови, особено спојот на духовното и физичкото вежбање, делуваат многу модерно. Притоа, во духот на хуманизмот, Рабле се залагал за потполно знаење, т.е. за совладување на сите науки и вештини, а ја истакнувал и користа од практичната настава.[12] Во таа смисла, делот во кој е опишано воспитувањето на Гаргантуа претставува мала педагошка енциклопедија при што Рабле се јавува како далечен претходник на современата педагодија, особено со залагањето за техничко образование. Исто така, низ описот на војната меѓу кралевите Грангузие и Пикрокол, тој ги искажал своите хуманистички и пацифистички идеи за братска соработка меѓу народите.[13]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 138-139.
  2. Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 9.
  3. Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 137-138.
  4. Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963.
  5. Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 11-46.
  6. Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 46-68.
  7. Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 68-136.
  8. Robert Maynard Hutchins (Ed.), „François Rabelais“, во: „Great Books of the Western World“, Encyclopedia Britannica, Vol. 24, Chicago, 1952.
  9. Marcel De Grève, „La réception de Rabelais en Europe du XVIe au XVIIIe siècle“, Cahiers de recherches médiévales et humanistes, Comptes rendus (par année de publication des ouvrages), 2009 (пристапено на 22.11.2010).[мртва врска]
  10. Bakhtin, Mikhail. Rabelais and his World. Bloomington: Indiana UP, 1984. p. 110.
  11. Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 136.
  12. Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 139.
  13. Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 142.