Гаргантуа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Гаргантуа (француски: La vie tres horrifique du grand Gargantua pere de Pantagruel) - книга на францускиот писател Франсоа Рабле од 1534 година, дел од циклусот „Гаргантуа и Пантагруел“.

Постанокот на книгата[уреди | уреди извор]

Во прологот на „Гаргантуа“, Франсоа Рабле им кажува на читателите дека романот го пишувал додека јадел и пиел, односно за него не трошел посебно време. Исто така, тој ги советува читателите дека, наспроти привидната несериозност, во романот ќе најдат скриена наука, која ќе им открие возвишени тајни и тајни стравотии поврзани со верата, политичката состојба и стопанскиот живот.[1] Иако романот се вика „Гаргантуа и Пантагруел“, всушност најпрвин била напишана книгата посветена на Пантагруел (1532), а деве години подоцна го напишал и делот во кој се опишува животот на Гаргантуа. Дури во подоцнежните изданија, приказната за синот Пантагруел била поставена по приказната за таткото Гаргантуа. Идејата за овој роман Рабле ја добил од едно мало анонимно дело за џинот Гаргантуа, а истовремено неговите популарни алманаси полни со шеги и необични случки му донесле голем успех, покажувајќи му го начинот на пишување.[2]

Содржина[уреди | уреди извор]

„Гаргантуа“ се состои од песна насловена „На читателите“, пролог напишан од авторот и 57 глави.[3]

Џинот Гаргантуа бил син на Грангузиј и на Гаргамела, ќерка на кралот на Пеперутките. Гаргантуа поминал 11 месеци во стомакот на мајка му, а се родил за време на една голема гозба и пијанка, кога Гаргамела се прејала месо и добила болки во стомакот. Тогаш, Гаргантуа излегол од нејзиното лево уво и наместо за заплаче, како сите бебиња, тој посакал да пие. Поради неговата големина, него го доеле со млеко од 17.913 крави, а за го облечат биле потребни стотици аршини платно. Гаргантуа бил облечен во бело (како симбол на радоста) и во сино (како симбол на небото). Кога наполнил пет години, Незајаз изнајмил учител кој го воспитувал Гаргантуа повеќе од 40 години.[4]

По смртта на неговиот учител, Гаргантуа добил нови педагози и бил испратен во Париз на школување. Таму, Гаргантуа најпрвин се качил на кулата на Богородичната црква и почнал да мокри врз народот при што погинале 260.418 луѓе, а потоа ги уркал камбаните за да ја украси својата огромна кобила, голема колку шест слона. Сепак, тој ги вратил камбаните, а потоа времето го трошел на јадење, пиење, играње и безделничење. Меѓутоа, неговиот учител Понократ започнал да го воспитува на најдобар начин и Гаргантуа ги научил сите науки, уметности, занаети и воени вештини.[5]

За тоа време започнала војна меѓу кралот на Лерне, Пикрокол и кралот Грангузиј, предизвикана од сосема банална причина: пекарите од Лерне оделе на пазар да ги продадат своите погачи, а некои жители на кралството на Грангузиј им ги зеле погачите кои ги платите по пазарната цена. Тогаш, војската на кралот Пикрокол упаднала во земјата на Грангузиј и направила пустош. Кралот Грангузиј се обидел спорот со својот долгогодишен пријател да го реши по мирен пат, но наговорен од своите воени старешини, Пикрокол не сакал примирје. Затоа, Грангузиј го повикал Гаргантуа да дојде да ја брани татковината. Со својата мала дружина, Гаргантуа успеал да го победи бројниот непријател, а во борбите особено се истакнал калуѓерот Јован, кој успеал да зароби еден висок непријателски старешина. И во таа прилика, кралот Грангузиј се покажал многу великодушен, зашто го ослободил заробеникот и му подарил големо богатство. Потоа, Гаргантуа го нападнал кралот Пикрокол и ја уништил неговата војска, но кралот успеал да побегне. По победата, Гаргантуа ги ослободил непријателските војници и уште им дал паричен надомест за изгубеното времеа, а исто така богато ги наградил и своите војници. Поради големите воени заслуги, на калуѓерот Јован му изградил огромен манастир, а него го поставил за независен опат. Притоа, манастирот сосема отстапувал од верските начела: во него живееле мажи и жени заедно, калуѓерите биле многу убави и целото време го посветувале на читање, свирење, воени вештини и занаети, а сите биле потполно слободни и се однесувале според принципот „Прави што ќе посакаш“. Во темелите на манастирот била напишана гатанка во вид на пророштво, во кое се претскажувало дека на земјата ќе дојде човек кој ќе ги раскара луѓето, потоа ќе настапат потоп и голем пожар, по што преживеаните ќе продолжат да живеат во среќа.[6]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Во романот се забележуваат неколку елементи: Најпрвин, во делото се слави радоста на животот и се повикува на негово уживање на сите начини што ни се дадени од природата. Во основата на романот стојат култот на природата и култот на животот, а кон крајот на делото Рабле дава слика на едно идеално општество, претставено преку манастирот на Телемската опатија чие основно начело е: „Прави што ќе посакаш“ (Fay ce que voudras). Имено, Рабле сметал дека на човекот формиран со добро образование и воспитување треба да му се даде слобода на дејствувањето. Оттука, тој дава остра сатирична осуда на сето она што го спречува слободниот развој на личноста, осуда на застареното средновековно образование, како и осуда на аскетизмот и на апсурдните закони. Оттука произлегуваат и педагошките идеи на Рабле, изложени во описот на младиот Гаргантуа, кој инсистирал на спој меѓу образованието (знаењето) и воспитанието (моралната поука) комбинирани со хигиена и со физичка активност. Овие ставови, особено спојот на духовното и физичкото вежбање, делуваат многу модерно. Притоа, во духот на хуманизмот, Рабле се залагал за потполно знаење, т.е. за совладување на сите науки и вештини, а ја истакнувал и користа од практичната настава.[7] Во таа смисла, делот во кој е опишано воспитувањето на Гаргантуа претставува мала педагошка енциклопедија при што Рабле се јавува како далечен претходник на современата педагодија, особено со залагањето за техничко образование. Исто така, низ описот на војната меѓу кралевите Грангузие и Пикрокол, тој ги искажал своите хуманистички и пацифистички идеи за братска соработка меѓу народите.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 9.
  2. Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 137-138.
  3. Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963.
  4. Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 11-46.
  5. Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 46-68.
  6. Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 68-136.
  7. Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 139.
  8. Mihailo Pavlović, „Rable i njegovo delo“, во: Fransoa Rable, Gargantua. Beograd: Rad, 1963, стр. 142.