Прабугари
Прабугари, Булгари или многу ретко Болгари — полуномадски туркиски народ кој првобитно живеел во Средна Азија[1] и зборувал прабугарски јазик.
Потекло на етнонимот
[уреди | уреди извор]Потеклото на етнонимот Булгар, кој бил оригиналниот назив за Прабугарите, е нејасно, па затоа за него постојат повеќе претпоставки. Една претпоставка е дека етнонимот е изведен од туркискиот збор булга кој значи меша, тресе, мрда,[2] па оттаму и мешан народ. Друга претпоставка е дека етнонимот е изведен од туркискиот збор булгак кој значи револт, безредие,[3] што вообичаено се преведува како бунтовници.[4] Според некои извори пак името булгар, т.е. болгар доаѓа од името на реката Волга, а според други тоа е поврзано со името на животното "булга" познато по својата кожа со која Прабугарите тргувале во првобитната татковина во Средна Азија. Постои и алтаjската теорија на Гесер Курултаев според која "бул-гар" доаѓа од „главен народ“. Во 19 век е воведен терминот Прабугари означувајќи го несловенскиот народ Бугари. Овој поим бил воведен за разликување на современите Бугари коишто зборуваат јужнословенски јазик, од старите Бугари коишто зборувале огурски јазик, бидејќи и за двата народа постоел еден термин. Обично се смета дека трансформацијата на Прабугарите во Бугари била завршена по воведувањето на христијанството и словенскиот јазик во Првото Бугарско Царство кон крајот на 9 век.[5] Во македонскиот јазик исто постојат два различни термини: Прабугари и Бугари.[6][7]
Теории за етничкото потекло
[уреди | уреди извор]- Турко-хунската теорија за потеклото на Прабугарите за првпат била објавена од Чехот Томашек и таа долги години била прифатена од официјалните бугарски власти и историчари.[8] Нејзин главен аргумент е календарот на Прабугарите, кој има сличности со туркискиот традиционален календар.
Самото потекло на Прабугарите е доста контроверзно и е предмет на разни дискусии и научни истражувања. Во бугарската наука има повеќе теории за нивното потекло, а една од нив е на бугарскиот научник Васил Златарски, кој во своето дело пишува:[9]
"Првата историја на Прабугарите несомнено треба да ја бараме во историјата на оние средноазиски туркиски (односно Turkic) народи, кои се познати под општото име Хуни..."
Научникот Евгени Владиков е на истото мислење:
"Прабугарите припаѓаат на поновите народи кои се доселиле на Балканскиот Полуостров (...) Околу 670 година на североисток од делтата на р. Дунав се појавуваат Прабугарите, кои се народ од туркиско (односно Turkic) потекло..."[10]
Големата Гролиер мултимедијалната општа компјутерска ЦД енциклопедија е на истото мислење и во поднасловот "Прабугари" (Bulgars) се вели дека "Прабугарите се туркиски народ кој мигрирал на Балканот од Средна Азија во втората половина на 7 век. Тие ги потчиниле словенските племиња и го основале Првото Бугарско Царство во 681 година."[11] Полската наука исто така е прецизна во своите тврдења за туркиското потекло и вели дека "Прaбугарите и другите туркиски народи биле сточари."[12] Прабугарското потекло го дава и делото од 8 век, Именик на бугарските ханови, кое го опишува потеклото на самите Прабугари од тоа време и јасно дава до знаење со чија релација се поврзани тогашните балкански Прабугари и Хуните. Тука е наведено дека Атила е директен крвен предок на ханот Кубрат кој се смета за прв владетел на Стара Велика Бугарија.[13][14]
- Иранската теорија е понова теорија, од последните 30 години, која ги поврзува Прабугарите со иранските народи. Таа теорија кажува дека Прабугарите дошле од планините Памир и Хиндукуш, поточно од реонот на градот Балх во Балхара (денес во Авганистан).
- Мешаната теорија е теорија која сака да ги поврзе Прабугарите и со иранските и со туркиските народи, бидеjки по патот кон Европа тие се измешале.
Прабугарите во Азија
[уреди | уреди извор]Во историографијата сè уште не е точно утврдено од каде доаѓаат Прабугарите, но е прифатено дека до 2 век живееле во Средна Азија. Во согласност со иранската теорија нивната родина е меѓу реките Аму Дарја и Сир Дарја. Овој реон во древноста се нарекувал Балхара (грчки: Бактрија, арапски: Бургар). Денес реонот опфаќа делови од Узбекистан, Туркменистан, северен Авганистан и целиот Таџикистан и во него се зборуваат туркиски и ирански јазици. Според архолошките податоци поверодостојна е турко-хунската теорија дека тие потекнуваат од реонот на планината Алтај која се наоѓа на границата помеѓу Русија, Кина, Монголија и Казахстан.[15]
Прабугарите во Европа
[уреди | уреди извор]Кон крајот на 2 век еден дел од Прабугарите поради нејасна причина се преселиле во Европа, на север од Кавказ и меѓу реките Днестар и Итил (денес Волга). Прабугарите за првпат се спомнуват од европските историчари во т.нар. „Анонимен римски хронограф„, којшто е напишан од неизвестен летописец во 354 год. на латински јазик.
Во Европа, Прабугарите се населиле најнапред околу делтата на реката Волга, а после и на Кавказ, (денешна Ерменија и Кабардино-Балкарија), во Добруџа, околу делтата на реката Дунав, (денешна Бугарија и Романија). Прабугарите коишто се населиле околу делтата на реката Дунав во 7 век го сновале Првото Бугарско Царство во 681 година. По нивното доаѓање на територијата на денешна Бугарија настанал процес на мешање со словенското и останатото население коешто живеело на тие простори. Преку еден таков етногенетски процес настанат е денешниот словенски бугарски народ. Имено, денешниот етноним Бугари (буг. българи) е наследство од Прабугарите според чие име е именувана и денешната држава Бугарија (буг. България).
Во автономните републики на Руската Федерација - Татарстан, Чувашија и Кабардино-Балкарија, некои луѓе се сметаат себеси за потомци на Прабугарите. Овие народи денес имаат туркиски национални белези, зборуваат туркиски јазици и имаат туркиска култура. Се претпоставува дека јазикот, којшто се зачувал најмногу од прабугарскиот јазик, е чувашкиот, кој спаѓа во групата на туркиски јазици. Интересен пример се Гагаузите, од кои мал дел сè уште живеат во североисточна Бугарија, токму онаму каде што се населиле Аспаруховите Прабугари, а поголем дел од нив се преселиле во Молдавија по Руско-турската војна (1806-1812). Гагаузите зборуваат туркиски јазик и сите се православни христијани. Според некои теории тие се потомци на Прабугарите, а по други теории, тие се потомци на Куманите и Печенезите. Самите тие се нарекуваат ески Булгар (стари Бугари).[16]
Според веќе пронајдените прабугарски написи во денешна Бугарија од средниот век, Прабугарите во Бугарија до 10 век, пишувале на грчко или свое непознато писмо, на прабугарски јазик.[17]
Прабугарите во Македонија
[уреди | уреди извор]Во некрополата "Млака" пред тврдината во Дебреште, Прилепско, откопани се гробови со наоди од доцниот 7 и 8 век. Тие се делумно или целосно кремирани и не се ниту ромеjски, ниту словенски. Најверојатно станува збор за Кутригурите. Ова прабугарско племе, заедно со побројните Сермесијани (поробени Византијци), под водство на Кубер, а како потчинето на аварскиот каган во Панонија, околу 680 г. се одметнало од Аварите и тргнало кон Солун.
Прабугарскиот хан Кубер околу 680 г. успеал да доjде во Македонија. Од властите во Солун добил дозвола тие да се населат во Прилепското Поле (Campus Kerameensis) - Керамесиаи е античкото име за Прилеп. Во бугарските толкувања станува збор за Битолското Поле. Кубер бил брат на ханот Аспарух (основач на Првото Бугарско Царство) и син на ханот Кубрат. Византиската верзија на историјата од "Чудата на св. Димитар Солунски" тврди дека од властите во Солун измолил дозвола да се насели во Прилепското (т.е. Прилепско-Битолското Поле). Планирал напади на Солун и соработувал со Византија, а имал и врски со Прабугарите од државата на Аспарух. Во натписот од Мадарскиот коњаник ханот Тервел зборува за Прабугарите (неговите чичковци) во Македонија.
Во Ерсека близу Корча и во Врап кај Елбасан, наjдени се делови од неговата благаjна, заробена во борбите против Аварскиот каганат. Два дела од ова богатство се откопани уште на почетокот од 20 век. Прабугарски наоди од 7-8 век во Македонија има и во реоните на Прилеп, Охрид и други места.[19] Во првата половина на 9 век скоро сите делови на Македонија биле припоени кон Бугарија. Во 864 таа го прифатила христијанството како официјална државна вера, a во 893 словенскиот јазик како официјален државен и религиозен јазик и кирилското писмо како државно писмо.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Gallery
[уреди | уреди извор]-
Ханот Крум пие од черепот на византискиот цар Никифор I
-
Првата бугарска метропола Плиска, крепост, 9 век
-
Првата бугарска метропола Плиска, дворец, 9 век
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Прабугари (англиски)
- Потеклото на Прабугарите, Дилиан Гуров (англиски)
- Иранската теорија за потеклото на Прабугарите, Иван Иванов (бугарски)
- Ирански елементи кај Прабугарите, Веселин Бешевлиев (бугарски)
- За прабугарскиот јазик, Стефан Јорданов (бугарски)
- Средновековни градови и тврдини во Македонија, Иван Микулчиќ
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Hyun Jin Kim (2013). The Huns, Rome and the Birth of Europe. Cambridge University Press. стр. 58–59. ISBN 9781107009066.
- ↑ Dybo, Anna. „bulga-“. Turkic etymology. StarLing. Посетено на 2009-05-18.
- ↑ Lebedynsky, Iaroslav. Les Nomades : Les peuples nomades de la steppe des origines aux invasions mongoles. Paris: Errance, 2003: p.178.
- ↑ Taylor, Isaac (2008). Names and Their Histories: A Handbook of Historical Geography and Topographical Nomenclature. BiblioBazaar, LLC. стр. 78. Посетено на 2009-05-18.
- ↑ The Formation of the Bulgarian Nation, Prof. D. Angelov, (Summary in English). Образуване на българската народност. Проф. Димитър Ангелов, (Издателство Наука и изкуство, “Векове”, София, 1971)
- ↑ [Гласник, Institut za nacionalna istorija (Skopje, Macedonia); т. 47, № 1—2 - 2003, стр. 203.]
- ↑ Г. Страделов, М. Матевски, Ц. Гродзанов - „Цивилизации на почвата на Македонија. Прилози за истражуването на историјата на културата почвата на Македонија. Книга 2“, Скопје, МАНУ, стр. 72
- ↑ История на България. Т. II. С., издание на БАН 1981, стр.60.
- ↑ "История на българската държава през средните векове" (том I, София, 1971), стр. 55
- ↑ Графична историја на балканските народи , Софија 1992 г
- ↑ Grolier Incorporated - Academic American Encyclopedia, стр. 556 (The Bulgars, a Turkic people, migrated to the Balkans from central Asia in the second half of the 7th century...)
- ↑ Historia slowian poludnio wych i zachodnich" (Warszawa, 1977 g.)
- ↑ Проф. Димитар Ангелов: "Образуване на българската народност," София 1971 г.
- ↑ "Христоматия по история на България," София 1964 г.
- ↑ Димитър Овчаров, Въведение в прабългарската култура, София, 2002, стр.19
- ↑ http://www.bulgari-istoria-2010.com/booksBG/V_Stojanov_Etnonim_BG.pdf Валери Стоянов. Етнонимът "Българи". За българо-тюркските смешения. С. 1997
- ↑ Protobulgarian epigraphic monuments
- ↑ Balabanov, Kosta (2011). Vinica Fortress : mythology, religion and history written with clay. Skopje: Matica. стр. 273–309.
- ↑ Средновековни градови и тврдини во Македонија, И.Микулчиќ