Инсулинот (од латински, insula што значи остров) е хормон кој се секретира од панкреасот. Панкреасот како жлезда има егзокрина и ендокрина фукција. Егзокрината функција има за цел да произведува дигестивен сок за самата дигестија на храната, а ендокрината функција е всушност лачењето на глукагонот од - алфа и инсулинот од бета - клетките кои се сместени во лангерхансовите островчиња. Главната и основна функција на инсулинот е да врши регулација на концентрацијата на гликозата во крвта со цел да не дојде до (хипергликемија). Исто така, инсулинот ја стимулира и синтезата на протеините.
Спротивно на првичното мислење дека хормоните генерално би биле мали хемиски молекули, како прв пептиден хормон со позната структура, се покажало дека инсулинот е прилично голем.[1] Еден протеин (мономер) на човечки инсулин е изграден од 51 аминокиселинска резидуа, и има молекулска маса од 5808 Da. Молекулската формула на човечкиот инсулин е C257H383N65O77S6.[2] Тој е составен од два пептидни синџири (димер) наречени синџир-A и синџир-B, кои се поврзани со две дисулфидни врски. Синџирот-A е составен од 21, додека синџирот-B од 30 резидуи. Дисулфидните врски се формираат помеѓу цистеинските резидуи на позиции A7-B7 и A20-B19. Постои и дополнителна дисулфидна врска во синџирот-A помеѓу цистеинските резидуи на позиции A6 и A11.