Шандор Петефи

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Шандор Петефи

Шандор Петефи (унгарски: Petőfi Sándor, 1 јануари 182331 јули 1849) — најславниот унгарски поет во историјата и клучна фигура во текот на Унгарската револуција од 1848 г.

Рана младост[уреди]

Според неговиот извод, напишан на латински, родното име на Петефи е Александар Петровиќ. Првиот јазик на татко му бил унгарскиот (иако, според многу извори, тој има српско потекло и родено име Стеван Петровиќ [1] [2] [3], а според други — словачко потекло и унгарско име [4] [5] [6]), а негова мајка била Марија Хрушчова (унгарски: Hrúz Mária) која зборувала само словачки. Сепак, Петефи во текот на целиот живот ќе биде самосвесен за своето унгарско потекло, поради што и ќе стане духовен водач на револуционерите (кои ќе сакаат целосно осамостојување од влијанието на Хабсбуршката монархија и конечно ослободување на Унгарија). Всушност, автор е и на веројатно најбунтовните стихови посветени на оваа средноевропска земја, почнувајќи од оние напишани во Nemzeti dal ("Национална песна"):

На Богот на Унгарците \ Се колнеме, \ Се колнеме дека робови\ Нема да бидеме веќе! - (буквален превод).

Семејството краток период живее во Шабаджалаш, каде татко му поседува месарница. По две години, фамилијата се преселува во Кишкуншаг, град што Петефи ќе го смета за неговото вистинско родно место. Татко му се обидува на својот син да му даде образование какво што тој заслужува, но кога Шандор полни петнаесет години, ќе ги изгуби сите пари по една излевање на Дунав во 1838 година, како и по банкротирањето на нивните роднини. Шандор е приморан да ја напушти гимназијата која ја посетува во Банска Штиавница. Извршува мали работи во неколку театри во Пешта, работи како учител во Остфјазонфја и како војник во Сопрон.

По овој немирен период исполнет со патувања, Петефи започнува да го посетува факултетот во Папа, каде за првпат се запознава со Мор Јокај, а една година подоцна, во 1842, неговата песна A borozó („Крчма“) за првпат е објавена во списанието Атенаум и тоа под името Шандор Петрович. На 3 ноември истата година, тој ја објавува истата песна, овој пат, за првпат, потпишувајќи се со "Петефи".

Името на Петефи во окружниот записник (се чува во Музејот посветен на Петефи во неговиот роден град Кишкереш)

Сепак, во овој период, Петефи бил позаинтересиран за театарот. Во 1842 се приклучува на еден патувачка актерска група, но истата мора подоцна да го напушти. Патем, се обидува финансиски да се издржува пишувајќи за еден весник, но тоа не е доволно. Прегладнет и болен, Петефи стигнува во Дебрецен, каде неговите пријатели повторно го враќаат на нозе.

Во 1844 пешачи од Дебрецен до Пешта со цел да најде издавач за своите песни, во што и успева; многу набрзо, неговите песни стануваат навистина популарни. Во нив, тој се повикува на фолклорните елементи и популарните, традиционални, мелодични стихови.

Меѓу неговите подолги дела од овој период е епот Витезот Јанош, кој му носи слава и кој и денес е една од најпопуларните лектири во Унгарија [7]. Од друга страна пак, Петефи има чувство дека неговиот издавач го убедува да продолжи со овие народнолики, винарско-крчмарски, не-толку-квалитетни песни, во период кога неговото западњачко образование и револуционерни страсти будат неколку нови чувства во него. (Секако, овие песни било тешко да се објават, поради строгата цензура во овој период).

Во 1846 година, тој се запознава со Јулија Шендреј во Трансилванија и со неа се венча веќе следната година, против волјата на нејзиниот татко, по што тие го поминуваат својот меден месец во замокот на грофот Шандор Телеки, единствениот аристократ меѓу пријателите на Петефи. По ова, тој уште повеќе се опседнува со идејата за некоја светска, глобална револуција. Се преселува во Пешта и ѝ се придружува на една група истомисленици - студенти и интелектуалци кои редовно се среќаваат во крчмата Pilvax и кои работат на промовирање на унгарскиот јазик и литература. Истовремено, се отвора и Првиот Национален Театар, во кој претставите се изведуваат исклучиво на унгарски јазик.

Унгарската револуција од 1848 година[уреди]

Шандор Петефи во 1844 година

15 март 1848 е денот на Петефи. Меѓу многуте предводници на [[Унгарска револуција (1848)|Унгарската револуција], наречени Márciusi Ifjak („Мартовски младинци“). Петефи е предводник на групата, човекот кој ќе ја започне револуцијата во Будимпешта, коавторот и авторот на двата најважни пишани документи соодветно: 12 точки (барања упатени до хабсбуршкиот гувернер-генерал), како и Nemzeti Dal, неговата Национална песна која ќе ја рецитира пред 30 илјади востаници, од чии усни ќе одекнува заветот: „Се колнеме дека никој од нас нема повеќе да биде роб!“.

Кога вестите за отпочеток на револуцијата во Виена пристигнуваат до нив на 15ти, Петефи и неговите пријатели одлучуваат да го променат денот на "Народното Заседание" (собир на којшто треба да биде одобрена петиција до собранието на унгарските благородници) од 19ти на 15ти март. (Оваа одлука ќе се покаже како среќна и добра, поради тоа што властите, запознаени со нивните намери, планираат да ги апсат раволуцинерите на 18ти.)

Утрото на 15ти март, востаниците, предводени од Петефи почнуваат да маршираат околу Пешта и да ги читаат Националната песна и 12те точки. Потоа, ги посетуваат печатниците, објавувајќи го крајот на секој вид цензура и наредувајќи печатење на Петефиевата песна и 12те точки, кои, градоначалникот ќе биде принуден од толпата да ги потпише. Подоцна, масовни демонстрации се одвиваат пред штотуку изградениот Национален Музеј, по што, групата заминува во Будим на другата страна од Дунав. Кога толпата се обединува пред царското владино советништво, претставниците на австрискиот владетел Фердинанд немаат друг избор освен да ги потпишат точките. Бидејќи една од точките вклучува ослободување и на политичките затвореници, толпата продолжува за да го отпоздрави ослободувањето на поетот Михај Танчич.

Сепак, популарноста на Петефи бледнее, како што полека се заборава и овој величенствен ден. Самата револуција се преселува меѓу високите политички кругови: благородниците. Оние во собранието на благородниците во Братислава) истовремено се обидуваат да издејствуваат бавни реформи - му испраќаат листа на барања на императорот на 13ти - но револуционерните настани ги изненадуваат. Петефи не се согласува со нив и го критикува начинот на којшто, според него, тие го предаваат бунтот - неговиот колега Танчич ќе биде уште еднаш затворен од новата влада. На изборите, Петефи се кандидира во својот роден град, но не успева да добие место во парламентот. Истовремено, ја пишува и својата најсериозна песна, епот Az Apostol ("Апостолот"), дело во кое еден фиктивен револуционер, после многу страдање, се обидува, но не успева да изврши атентат врз еден измислен крал.

Петефи му се приклучува на полскиот револуционерен генерал Јожеф Бем и станува дел од Трансилванската армија, која ги совладува хабсбуршките трупи, Романците и трансилванската полиција. Сепак, ќе претрпи низа порази откако Царска Русија ќе интервенира од страната на Австрија. Последен пат е виден во текот на битката за Шегешвар (Шигишоара) на 31 јули 1849 година. Причините за неговата смрт се нејасни.

Основното мислење е дека Петефи загинува во битката и истото се базира врз записите на еден руски доктор во неговиот дневник. Тој забележал еден чуден труп со фатална стомачна рана предизвикана од копје кој го имал карактеристичното жолтеникаво лице на Петефи и неговите специфични алишта; Петефи имал навика да носи обично цивилно палто и униформни пантолони. Неодамна, еден унгарски Романец успеал да пронајде фрагменти од камен орел кој локалните Унгарци го имаат уништено во 1855 година, а кој бил сместен на местото на масовната гробница кајшто најверојатно бил закопан Петефи. Со оглед на големиот број мртви Унгарци по битката кај Шегешвар, откопувањето не нуди многу надеж, дури и ако може да се земе генетски материјал од телото на неговите родители.

Некои Унгарци, особено Ференц Морвај, веруваат дека Петефи бил заробен и пренесен во Русија, каде неколку години подоцна умира од природна смрт. Еден скелет откриен во регионот Баргузин во Сибир, отпрво се верувало дека бил негов, но подоцна се докажало дека припаѓа на жена. Била пронајдена и збирка песни, но сепак, нивниот уметнички квалитет е неспоредлив со оној што би требало да го поседува пост-шегешварскиот Петефи.

Сепак, фактот што телото на Петефи никогаш не е пронајдено, кај народот ќе создаде легенда - Шандор Петефи останал жив и бил руски заробеник во Сибир и, наскоро, тој повторно ќе се врати.

По неуспехот на револуцијата, песните на Петефи стануваат особено популарни, а неговата бунтовност станува и останува модел за идните унгарски револуционери од секаков карактер. Денес, речиси во секое село во Унгарија има по еден пат кој го носи неговото име, кое им е дадено и на низа улици во Трансилванија, како и на националната унгарска радио-станица и еден од мостовите во Будимпешта.

Поезија[уреди]

Петефи ја започнува својата кариера како поет на "популарни песни", на кои припаѓа и неговата прво објавена песна A borozó ("Крчма", 1842). Во нејзе се зборува за еден пијаница кој ја велича моќта на виното, зашто тоа му помага да ги заборави сите неволји. Овој вид на псевдо-народни песни воопшто не бил необичен во текот на 1840тите, но Петефи набрзо ќе развие свеж и оригинален стил кој ќе направи тој многу да се истакнува над останатите поети од неговата генерација. Има напишано низа песни поврзани со виното, љубовта, романтичарските крадци итн. Многу од овие негови рани песни стануваат класици, како на пример љубовната песна A virágnak megtiltani nem lehet ("Не можеш да му забраниш на цветот", 1843) или Befordultam a konyhára ("Се појавив во кујната", 1843) која ја користи древната метафора за љубовта и огнот на мелодичен и провокативен начин.

Народната поезија и популизмот од 19ти век ќе има свој значаен одек во поезијата на Петефи, исто како и неколку други влијанија: алманашката поезија од негово време која Петефи ја користи на инвентивен начин, како и поезијата на големите литературни фигури од негово време - Перси Биш Шели, Пјер-Жан де Беранже и Хајнрих Хајне.

Влијанието на народната поезија врз Петефи било разноврсно и полу-диригирано од условите, со оглед на низата песни кои ги пишува со многу различен карактер и форма и кои, според некои критичари, се пишувани со цел да бидат популарни. Сепак, неодамнешните интерпретации на неговото творештво бараат да се обрне внимание и на фактот дека, на некој начин, целокупната лирска поезија може да се смета за полу-диригирана, што автоматски ја негира теоријата за постоење на "актерски песни" (песни кои се пишувани со цел да бидат читани а не со цел да ги искажат вистинските чувства на поетот - овој термин е искован токму за Петефи). Користејќи разни гласови во своите песни, Петефи создава интересна персона од себе: весел, тврдоглав осаменик кој обожава вино, ги мрази сите ограничувања и е страстен во сѐ што чувствува. Во песните како Jövendölés ("Пророштво", 1843) тој се замислува себеси како човек кој ќе направи големи дела и ќе умре млад. Петефи ќе се навраќа постојано на овој мотив во неговите подоцнежни години.

Влијанието на тогашната алманашка поезија најјасно се забележува во неговата стихозбирка Cipruslombok Etelke sírjára ("Чемпресови гранки за гробот на Етелке", 1845). Овие сентиментални песни, кои се посветени на смртта, алчноста, љубовта, спомените и осаменоста се напишани откако неговата љубена Етелке Чапо - умира.

Во периодот меѓу 1844 и 1845, поезијата на Петефи созрева и станува особено вешта. Се појавуваат и нови теми, како на пример пејзажите. Неговата највлијателна песна од овој тип е Az Alföld ("Низините"), каде опишува колку неговите родни унгарски рамнини му се поубави и подраги од Карпатите; ова ќе стане основа на еден тренд кој сѐ уште постои во унгарската поезија: рамнините како типичен унгарски пејзаж. Сепак, до појавата на Атила Јожеф, никој нема да му се доближи на Петефи во длабоко-чувствителниот пристап при опишувањето на природата.

Со време, поетската вештина на Петефи се зацврстува и проширува. Станува мајстор во користењето на различни гласови - на пример, во неговата песна A régi, jó Gvadányi ("Добриот, стар Гвадањи") тој толку успешно го имитира Јожеф Гвадањи, унгарски поет кој живее и твори при крајот на XVIII век.

Треба да се спомене и фактот што неколку песни на Петефи ќе бидат поставени врз музика од страна на големиот Фридрих Ниче, кој ќе компонира во своето слободно време додека учи во Форта, пред да ја започне својата успешна философска кариера.

Белешки[уреди]

Надворешни врски[уреди]

Познати унгарски поети
XVI-XIX век: Балинт Балаши | Витез Михај Чоконаи | Јанош Арањ | Михај Верешмарти | Ференц Казинци | Ференц Келчеи | Шандор Петефи
XIX-XX век: Атила Јожеф | Деже Костолањи | Ендре Ади | Миклош Радноти | Михај Бабич | Ласло Наѓ