Деже Костолањи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Деже Костолањи

Деже Костолањи (унгарски: Kosztolányi Dezső; 29 март 1885 - 3 ноември 1936) — познат унгарски поет и раскажувач.

Животопис[уреди | уреди извор]

Костолањи е роден во Сабатка (Суботица) во 1885, тогаш дел од Австроунгарија, а денес северна Србија. Учи на Универзитетот во Будимпешта, каде се запознава со поетите Михај Бабич и Ѓула Јухас, а потоа заминува на студирање во Виена, но по кратко се откажува и станува новинар - професија што ќе му остане до крајот на неговиот живот. Во 1908 година, го заменува поетот Ендре Ади, кој во тоа време се наоѓа во Париз на местото известувач за еден дневен весник. Во 1910, од печат излегува неговата стихозбирка Тажаленките на сиромашното дете, книга која ќе го претвори во народен поет и која ќе го означи почетокот на мошне плодната кариера - во наредните неколку години, тој издава секоја година по една книга. Во 1936 година, умира од рак на непцето.

Дела[уреди | уреди извор]

Литературното списание Њугат (унгарски за "Запад"), што ќе ја има главната улога во ревитализацијата на унгарската литература е основано во 1908 година, а Костолањи е негов ран дописник, претставник на таканаречената "прва Њугат генерација".

Од 1920 година, почнува да се занимава и со проза, издавајќи низа романи, раскази и новели, меѓу кои како најпознати се идвојуваат Нерон, Крвавиот Поет (за чие германско издание Томас Ман ќе го напише предговорот), Славеј, Златниот змеј и Ана Едеш. Во 1924 ја издава својата позната стихозбирка во која одзвукува неговото рано творештво и која го носи алузивниот наслов Тажаленките на Тажниот Човек.

Костолањи е исто така познат преведувач на дела на Оскар Вајлд, Рајнер Марија Рилке, Пол Верлен, на јапонски и кинески поети, како и на Зимска приказна од Шекспир и Алиса во Земјата на Чудата од Керол.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]