Кинески јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Кинески)
Кинески
汉语/漢語 „ханји“, 中文 „џунгвен“
Застапен воконтинентална Кина, Хонгконг, Макао, Тајван, Малезија, Сингапур и други региони со кинеско население
Подрачје(мнозинства): источна Азија
(малцинства): југоисточна Азија и други региони со кинеско население
Говорнициоколу 1,3 милијарди  
Јазично семејство
Писмокинески знаци
Статус
Службен во Кина
 Хонгконг
 Макао
 Тајван
 Сингапур
 ООН
признаен како малцински јазик во делови од:
 Малезија
 Тајланд
 Филипини
Регулативен органВо НР Кина: Национален јазичен регулативен комитет[1]
Во Тајван: Национален комитет за јазици
Во Сингапур: Кампања Зборувајте мандарински[2]
Јазични кодови
ISO 639-1zh
ISO 639-2chi (B)
zho (T)
ISO 639-3Разни:
zho — кинески (општо)
cdo — мин тунг
cjy — чинји
cmn — мандарински
cpx — пу сјен
czh — хуејџоу
czo — мин џунг
gan — ган
hak — хака
hsn — сјанг
mnp — мин пеј
nan — јужномински
wuu — ву
yue — кантонски

Кинескиот јазик (汉语/漢語, Ханји; 中文, Џунгвен) — јазик или за јазично семејство и првично се зборувал од ханските Кинези во Кина. Тој ја сочинува една од двете гранки на синотибетското јазично семејство.[3] Околу една шестина од светското население, или над милијарда луѓе, зборуваат некаков кинески како мајчин јазик. Дали кинеските варијанти можат да се наречат „јазици“ или „дијалекти“ е прилично спорна тема.[4] Како јазично семејство, кинескиот има околу 1.2 милијарди говорници; само мандаринскиот има околу 850 милиони говорници, бројно надминувајќи ги сите јазици на светот.

Говорниот кинески се одликува со голема внатрешна разнообразност, иако сите кинески варијанти се тонски и аналитички. Постојат помеѓу шест и дванаесет регионални групи на кинески (зависно од начинот на класификација), од кои (во огромна мера) предоминантен е мандаринскиот (~ 850 милиони), а по него следи ву (~ 90 милиони), мински (~ 70 милиони) и кантонскиот (~ 70 милиони). Највеќето од нив се меѓусебно разбирливи, иако некои, како сјанг и југозападните мандарински дијалекти се разбирливи во извесна помала мера. Кинескиот се класификува како макројазик со тринаесет подјазици ISO 639-3, иако прашањето дали овие се „јазици“ или „дијалекти“ е мошне спорно.

Стандардизираната форма на говорниот кинески се нарекува стандарден мандарински „普通话 (путунгхуа); 国语 (гуоју)“, кој е заснован на пекиншкиот дијалект. Стандардниот мандарински е службен јазик на Народна Република Кина, Република Кина (Тајван), како и еден од четирите службени јазици на Сингапур. Кинескиот (де факто стандарниот мандарински) е еден од петте службени јазици на ООН. Од другите варијанти, стандарниот кантонски е распространет и влијателен во кантонојазичната дијаспора, и е еден од службените јазици во Хонгконг (заедно со англискиот) и во Макао (заедно со португалскиот). Јужноминскиот јазик, дел од минската јазична група, се зборува нашироко во Фуџен и Тајван (каде се нарекува тајвански или „хокло“) како и југоисточна Азија (каде предоминира во Сингапур, Малезија и на Филипините и се нарекува Хокиен).

Говорен кинески[уреди | уреди извор]

На картата подолу се прикажани јазичните поделби („јазици“ или „дијалектни групи“) во рамките на самата Кина. Седумте општоприфатени групи, по број на говорници се:

Кинеската лингвистика во последно време разликува и три други групи:

  • чин 晉/晋 од Мандаринскиот
  • хуеј 徽 од Ву
  • пинг 平話/平话 делумно од Кантонскиот

Постојат и многу други помали групи кои сѐ уште не се класификувани, како: Танџовски дијалект, зборуван во Танџоу, на островот Хајнан; сјангхуа (乡话), (не е исто што и сјанг, 湘), се зборува во западен Хунан; и Шаоџоу Тухуа, кој се сборува во северен Гуангдунг. Тунгканскиот јазик, зборуван во средна Азија, е многу сличен на мандаринскиот. Меѓутоа тој обично не се смета за „кинески“ бидејќи се пишува на кирилица и се варијанти од тунгканците надвор од Кина кои не сме сметаат за етнички Кинези. Видете Список на кинески дијалекти сеопфатен список на поединечните дијалекти во рамките на овие пошироки групи.

Видовите на кинески кои се зборуваат во НР Кина и Тајван

Општо земено, овие јазично-дијалектни групи немаат рески граници, иако мандаринскиот е предоминантен кинески јазик на северот и југозападот, а другите главно се зборуваат во цетрална и југоисточна Кина. Често, како во покраината Гуангдунг, луѓето зборуваат повеќе од една варијанта како мајчин јазик. Како и кај многу други области со јазичаричка разновидност низ голем временски период, и во Кина не е сосема јасно како различните кинески варијанти треба да се класификуваат. Ethnologue вели дава вкупно 14, но бројот варира помеѓу 7 и 17 во зависност од начинот на класификација. На пример, варијантата м ин често се дели на севереномински (Минпеј, Фуџоу) и јужномински (мин-нан, амој-сватоу); јазичарите немаат одредено дали нивната меѓусебна разбирливост е доволно голема за тие да не бидат сметани за посебни јазици.

Општо земено, планинската јужна Кина се одликува со поголема јазична разнообразност од рамната северна Кина. Во делови од јужна Кина, дијалектот на еден поголем град може да биде само малку разбирлив за неговите блиски соседи. На пример, Вуџоу е околу 193 км низводно од Гуангџоу, но дијалектот е повеќе како стандардниот кинески кој се зборува во Гуангџоу, отколку оној на Тајшан, 97 км југозападно од Гуангџоу и од него е одделен со неколку реки (Ramsey, 1987).

Стандардниот мандарински и диглосија[уреди | уреди извор]

Путунгхуа / Гуоји, често наречен „мандарински“, е службениот стандарден јазик во употреба во Народна Република Кина, Република Кина (Тајван) и Сингапур (каде се нарекува „Хуаји“). Заснован е на пекиншкиот дијалект, кој е дијалект на мандаринскиот како што се зборува во Пекинг. Владите имаат за цел говорниците на разните кинески варијанти да зборуваат мандарински како заеднички јазик. Затоа тој се користи во владините агенции, во медиумите и како образовен јазик во установите.

Во Кина и Тајван диглосијата е честа појава: често луѓето знаат по два, па дури и три варијанти заедно со стандардниот мандарински. На пример, покрај путунгхуа, еден жител на Шангај може да зборува и шангајски, а ако не израснал таму, тогаш и неговиот роден дијалект. Оној роден во Гуангџоу може да зборува стандарден кантонски и путунгхуа, а тајванец веројатно зборува и тајвански и путунгхуа/гуоји. Жител на Тајван може често да ги меша изговорите, изразите и зборовите од стандардниот мандарински и тајванскиот, а оваа мешавина во многу случаи се смета за неприфатлива. Во Хонгконг, стандарниот мандарински почнува да го заменува англискиот и стандардниот кантонски, неговите службени јазици.

Јазик или јазично семејство?[уреди | уреди извор]

Лингвистиката често кинескиот го смета за јазично семејство, иако заради социо-политичката и културната ситуација во Кина, како и заради заедничкиот систем на пишување, тие јазици по обичај заеднички се нарекуваат „кинески јазик“. Различноста на овие варијанти е споредлива со романските јазици, и е поголема од германските или словенските јазици.

Од чисто дескриптивна гледна точка, „јазици“ и „дијалекти“ се само произволни групи на слични идиолекти, и нивното разликување е нерелевантно за јазичарите кои само се занимаваат со технички опис на регионалните варијанти. Меѓутоа идејата за единствен јазик има голема аконотација на политика и културна општоодредба, па така ова е осетливо поле. Највеќето кинески јазичари сметаат дека кинескиот е еден јазик, а неговите ограноци - дијалекти, додека други пак сметаат дека кинескиот е семејство, а неговите ограноци - јазици.

Самиот кинески има поим за единственото писмо, чонгвен (中文), додека најблискиот еквивалент за неговите варијанти е Ханји (漢語/汉语, говорен/ни јазик/ци на Хан-Кинезите) – овој поим може да се преведе или како „јазик“ или како „јазици“ бидејќи кинескиот не разликува граматички број. Кинескиот јазик има многу помалку потреба од еднообразен говорно-писмен континуум, како што може да се види од двете посебни знаковни морфеми 語/语 ји и 文 вен. Етничките Кинези често ги сметаат говорните варијанти за еден ист јазик од национални причини, а и поради фактот што сите тие се наследници на еден ист класичен кинески јазик. На пример, Хан-Кинезите со мајчин јазик ву, минскиот, хака, или кантонски, може да ги сметаат нивните варијанти за посебни разговорни јазици, но самата Хан-Кинеска раса за еден (иако разнообразен) етнос. За кинеските националисти, идејата за кинескиот како јазично семејство укажува на тоа дека кинескиот идентитет е пораспарчен и поразединет отколку што тој навистина е, па така таа се смета за културно и социјално провокативна. Покрај ова, во Тајван, ова е во тесна врска со тајванската независност, каде некои поборници за таа независност поддржуваат јужомински говорен јазик.

Во рамките на НР Кина и Сингапур, владите често сите варијанти ги нарекуваат фангјен (регионални говори, преведено - “дијалекти”). Денешните говорници на кинески од било која варијанта општат на еден единствен формален стандарден пишан јазик, иако овој е заснован на мандаринскиот, современиот пекиншки потстандард.

Пишан кинески[уреди | уреди извор]

Видете и: Класичен кинески јазик и Пајхуа

Соодносот помеѓу кинеските говорни и пишани јазици е комплексен. Неговите говорни варијанти се развивале различно, додека пишаниот кинески се има многу помалку променето. Класичната кинеска книжевност започнала за време на т.н. Пролетно-есенски период, иако пишани извори имаме уште од XIV до XI век п.н.е. за време на династијата Шанг, пронајдени на гатачки коски, напишани со коскено писмо.

Меѓутоа веќе за време на доцната династија Хан, стандардниот пишан кинески почнал да се разликува од говорниот јазик. До крајот на XIX век, само образованите класи можеле да пишуваат на овој формализиран класичен кинески, познат како венјен, кој е јазикот на Конфуциј и раните класици - многу далеку од тоа што се зборувало повеќе од два милениума подоцна. За време на династиите Минг и Ќинг се напишани низа романи на вернакуларен јазик, и до XX век било јасно дека класичниот јазик мора да се отфрли. Од 20-тите години пишаниот стандард му се вратил на говорниот јазик. Денес овој стандард, заснован на современиот мандарински, се користи ширум цела Кина, надвор од неа и во сета современа литература.

Кинескиот правопис се темели на знаци, ханцу, кои се логограми напишани во рамките на замислени квадратни блокови, традиционално наредени во вертикални колони, кои се читаат од горе надолу, па од десно на лево низ колоните. Кинеските знаци се морфеми независни од фонетска промена. Така, бројот „еден“, кој е и на мандарински, јат на кантонски и цит на хокиен (облик на мински), има еден единствен знак за сите нив (一). Нестандардниот колоквијален кинески користи „дијалектички знаци“, како 冇 и 係 за кантонски и Хака, кои се сметаат за архаични или неупотребувани во стандардниот кинески.

Кинески знаци[уреди | уреди извор]

Кинескиот пишан јазик користи кинески знаци (漢字/汉字, ханцу), кои се логограми: секој симбол претставува семантема или морфема (a meaningful unit of language), како и еден слог; така пишаниот јазик може да се смета за морфемо-слоговно писмо.

Кинеските знаци еволуирале од најрани облици на хиероглифи. Мислињето дека сите кинески знаци се пиктографи или идеографи е погрешно: највеќето знаци содржат фонетски делови, и се сложенки од фонетски компоненти и семантички клучеви (радикали). Само најпростите знаци како жен 人 (човек), жи 日 (сонце), шан 山 (планина), шуи 水 (вода), се можеби од сосема сликовно потекло. Во 100 н.е., познатиот учен Сји Шен за време на династијата Хан ги поставил знаците во шест категории: пиктографи, прости идеографи, сложени идеографи, фонетски заемки, фонетски сложенки и изводни знаци. Од нив, само 4% се пиктографи, додека 80-90% се фонетски сложенки кои се состојат од семантички елемент кој го дава значењето и фонетски елемент кој (можеби) некогаш го давал изговорот. Постојат околу 214 клуча признаени од Кангсиевиот речник, кои го даваат семантичкото значење на знакот.

Современите знаци се стилизирани според стандарното писмо (楷书/楷書 кајшу). Разни други стилови се користат во кинеската калиграфија, меѓу кои и печатното писмо (篆书/篆書 чуаншу), ракописното писмо (草书/草書 цаошу) и канцелариското писмо (隶书/隸書 лишу). Калиграфите знаат да пишуваат и традиционално и упростено писмо, но ги користат традиционалните знаци за традиционална уметност.

Разни стилови во јапонската калиграфија, која главно потекнува од Кина

Денес постојат два система на кинески знаци. Традиционалниот систем, кој сѐ уште се користи во Хонгконг, Тајван и Макао, по својата форма датира од доцната династија Хан. Упростениот систем пак, измислено во НР Кина во 1954 со цел за масовно описменување на народот, ги упростува најсложените традиционални глифи на помал број на потези, многу од нив на заеднички цаошу стенографски варијанти, со поголем фонд на синонимни знаци.

Сингапур, со своето бројно кинеско население, е првата – и моментално единствената – странска земја која официјално ги прифатила упростените знаци, иако истите имаат станато де факто стандард за помладите Кинези во Малезија. Интернетот дава можност за вежбање на читање во другиот систем, било тој да е традиционален или упростен.

Добро образованиот Кинез денес распознава околу 6000-7000 знаци; потребни се околу 3000 за читање на весник. Владата на НР Кина ја дефинира писменоста за работниците како познавање на 2000 знаци, иако ова е чисто функционално. Голем нескратен речник како Кангсиевиот содржи над 40.000 знаци, меѓу кои и малку познати, алтернативни и архаични знаци; денес се користат само 10.000 од нив.

Историја и еволуција[уреди | уреди извор]

Јазичарите ги сметаат сите варијанти на современиот говорен кинески за дел од синотибетското јазично семејство и сметаат дека постоел првобитен јазик, наречен прасинотибетски јазик, од кој настанале кинеските и тибетобурманските јазици. Реконструирањето на овој прајазик денес е мошне тешко заради немањето на пишани извори и непознавањето на други древни јазици освен старокинескиот.

Други јазичари сметаат дека кинескиот јазик е од индоевропско потекло. тие велат дека синотибетски јазици не постојат, и дека старокинескиот се појавил како мешан јазик користејќи го праиндоевропскиот идиом, зборуван со локален пракинески говор. Овој аргумент се заснова на силното индоевропско присуство од Монголија до Европа за време на III милениум п.н.е. во северниот дел на умерената зона, и вели дека домородечките групи од овој регион (Тајци, Виетнамци, Мијао и др.), со слични фонетски одлики и еднакво едноставна граматика како кинескиот, мигрирале од северна Кина кон југот под притисокот на тие индоевропски населувања, но не успеале да го избегнат веќе темелното индоевропеизирано кинеско влијание. Тибетскиот јазик пак, се стекнал со својата површна сличност и ограничен заеднички зборовен фонд заради потслој од делумно Тохарско потекло.[5]

Категоризацијата на развојот на кинескиот јазик е предмет на расправа. Еден од првите системи бил развиен од шведскиот јазичар Бернхард Карлгрен во раните 1900-ти; денешните системи во голема мера се засноваат на Карлгреновите наоѓања и методи.

Старокинескиот (трад. 上古漢語, упр. 上古汉语, Шангку Ханји), понекогаш наречен „архаичен кинески“, бил јазикот кој се зборувал за време на раната и доцна династија Џоу (1122 п.н.е. - 256 п.н.е.), и од него имаме записи во бронзени предмети, поезијата на Шиѓинг, историјата Шиѓинг, и делови од И Ќинг. Фонетските елементи во најголемиот број на кинески знаци даваат идеја за нивниот старокинески изговор. Изговорот на позајмените кинески знаци во јапонскиот, виетнамскиот и корејскиот исто така даваат значаен увид. Старокинескиот не бил сосема нефлективен јазик. Имал богат звучен систем во кој согласките се разликувале по аспирација или дасија, но веројатно сѐ уште немало тонови. Реконструкцијата на старокинескиот ја започнале филолозите во времето на династијата Ќинг.

Среднокинески јазик (трад. 中古汉语, упр. 中古漢語, Џунгку Ханји) е јазикот кој се користел за времето на династиите Суј, Танг и Сунг (VI - X век н.е.) Тој може да се подели на ран период, видлив во римовите таблици 切韻 „Џиејин“ (601 н.е.), и доцен период во X век, виддлив во римовите раблици 廣韻 „Гуангјин“. Јазичарите се повеќе уверени во реконструкцијата на среднокинескиот. За неговиот изговор знаеме од: современите дијалектички варијации, римовите речници, странските транслитерации, римовите таблици од древните кинески филолози за преглед на фонетскиот систем, како и кинески фонетски преводи на странски зборови. Меѓутоа сите овие реконструкции се провизорни и не сосема сигурни.

Развојот на говорните кинески јазици низ историјата е комплексен. Најмногу Кинези во Сечуан и во широк лак од североистокот (Манџурија) до југозападот (Јинан), зборуваат разни мандарински дијалекти како домашен јазик. Распространетоста на мандаринскиот ширум северна Кина главно се должи на севернокинеските рамници. За разлика од ова, планините и реките на средна и јужна Кина придонеле кон јазичното разнообразие.

Сѐ до средината на XX век, најголемиот број Кинези зборувале само на нивната родна варијанта на кинески. Бидејќи Нанѓинг бил престолнина за време на раната династија Минг, нанџиншкиот мандарински станал доминантен барем до подоцнежниот период на официјално манџуројазичното царство Ќинг. Од XVII век, во царството се отвориле правоговорни академии (трад. 正音書院, упр. 正音书院, Ченгјин Шујиан) за распространување на говорот од Пекинг, како престолнина на династијата Ќинг, но тие не доживеале успех. За време на последните педесет години на династијата Ќинг во доцниот XIX век, пекиншкиот мандарински конечно го заменил нанџиншкиот на царскиот двор. Меѓутоа за поширокото население, не постоел единствен стандард за мандаринскиот јазик. Немандаринските говорници во јужна Кина и понатаму продолжиле да ги користат нивните дијалекти и говори во секоја сфера на живеењето. Новиот пекишнки мандарински се зборувал само од функционери и чиновници и затоа бил прилично ограничен.

Ситуацијата не се променила сѐ до средината на XX век, со создавањето на (во НР Кина Тајван, но не во Хонгконг) на задолжителен образовен систем посветен на учење на стандардниот мандарински. Како резултат на ова, мандаринскиот денес го зборуваат сите млади и средовечни Кинези од континентална Кина и Тајван. Во Хонгконг пак, во британско колонијално време се користел стандардниот кантонски, а не мандаринскиот (заради големиот број на кантонски говорници) и денес тој е сè уште службен јазик во образованието, формалниот говор и секојдневниот живот, но мандаринскиот станува сѐ повлијателен по неговото интегрирање во Кина во 1997.

Кинескиот бил лингва франка во источноазиските земји со векови, пред доаѓањето на европските влијанија во XIX век.

Влијание врз други јазици[уреди | уреди извор]

Низ вековите, кинеската култура и политика имале големо влијание врз несродните јазици како корејскиот, виетнамскиот и јапонскиот. Јапонскиот и корејскиот имаат писма кои се служат со кинески знаци (Ханцу), кои се нарекуваат ханча и канџи.

Виетнамскиот поим за кинеското писмо е хан ти. Сѐ до XIV век бил единствениот начин на пишување на виетнамскиот јазик, користен исклучиво од кинески-образованата виетнамска елита. Од XIV до доцниот XIX век, виетнамскиот се пишувал со чи ном, кинеско писмо прилагодено за виетнамските звуци и слогови. Ова писмо било сосема заменето со прилагодена латиница, измислена од езуитскиот мисионер Александар де Род, која користи систем од надредни додатоци за тонови и изменетите слогови. Виетнамскиот јазик е сличен на кантонскиот во извесни интонации и плозивни согласни наставки. Постои и мало влијание од мандаринскиот, меѓу кои поостри самогласки и звукот „х“ кој не го наоѓаме во други азиски јазици.

Во Јужна Кореја се користи азбуката Хангул, но наоѓа примена и ханчата, главно како печатно писмо. Во Северна Кореја пак, ханчата е укината. Од модернизацијата на Јапонија од доцниот XIX век, постојат идеи за напуштање на кинеското писмо, но тоа сѐ уште не е сторено од практични причини.

Јазиците со влијание од кинеската култура имаат голем број на позајмени зборови од кинескиот. Над педесет проценти од корејскиот фонд на зборови е од кинеско потекло, а влијанието врз јапонскиот и виетнамскиот исто така е значајно. Зборовите од кинеско потекло сочинуваат 60%–70% од вкупниот број на зборови во еден јапонски речник, а сочинуваат 18%–40% од говорните зборови. Десет проценти од филипинскиот вокабулар е со кинеско потекло. Кинескиот исто така дели многу граматички одлики со овие соседни јазици, особено непостоењето на родови и употребата на мерни зборови.

Фонологија[уреди | уреди извор]

Поподробно за кинеската фонологија на Кинески говорен јазик.

Фонолошката структура на секој слог се состои од јадро кое се состои од самогласка (која може да биде монофтонг, дифтонг, па и трифтонг кај извесни варијанти) со изборен почеток или завршна согласка како и тонови. Во некои случаи самогласката не служи како јадро. Таков пример наоѓаме во кантонскиот, каде носните сонорантни согласки /m/ и /ŋ/ можат да стојат како посебни слогови сами за себе.

Низ сите варијанти, највеќето слогови се отворени слогови, што значи дека немаат завршеток, но оние кои имаат завршеток се ограничени на /m/, /n/, /ŋ/, /p/, /t/, /k/ или /ʔ/. Некои варијанти ги допуштаат речиси сите завршетоци, додека други, како мандаринскиот имаат само две - /n/ и /ŋ/. Согласните групи не се јавуваат ни во почетокот, ни во завршетокот. Почетокот може да биде африкат или согласка проследена од полусамогласка, но овие не се сметаат за согласни групи.

Бројот на звуци се разлкикува од варијанта до варијанта, од времето на среднокинескиот наваму, нивниот број опаѓал. Кај мандаринските дијалекти, бројот на гласовите драстично опаднал, па така имаат далеку повеќе повеќесложни зборови од другите варијанти. Така, вкупниот број на слогови во некои варијанти е околу илјада, а тука спаѓаат и тонските варијации.

Сите варијанти на говорен кинески користат тонови. Некои дијалекти во северна Кина имаат само три тона, додека некои во јужна Кина имаат 6 до 10 тона, зависно од тоа како се брои. Исклучок од ова е шангајскиот, кој ги има намалено тоновиоте на двотонски акцентен систем сличен на современиот јапонски.

Мошне чест пример за илустрирање на тоновите во кинескиот јазик се четирите главни тонови во стандардниот мандарински кои важат за слогот „ма“. Овие тонови соодветствуваат на четири знаци:

Оваа статија содржи рубинска анотација. Без правилна поддршка, може да гледате транскрипции во заграда по знакот наместо рубински глоси.
  • 媽/妈() „мајка“ — високорамен
  • () „коноп“ или „тром“ — високонагорен
  • 馬/马() „коњ“ — нисконадолен-нагорен
  • 罵/骂() „укорува“ — високонадолен
  • 嗎/吗(ma) прашална честица — неутрален

Романизација[уреди | уреди извор]

Романизација е процес на транскрибирање на еден јазик во латиница. Постојат многу системи на романизација на кинескиот јазик заради немањето на свој систем на транскрипција сѐ до скоро. За првпат кинескиот бил запишан на латиница од христијанските мисионери во XVI век.

Денес најчеста романизација на стандардниот мандарински е пинјинот (漢語拼音/汉语拼音) воведен во 1956 во НР Кина, а подоцна преземен од Сингапур. Денес пинјинот е речиси универзален во училиштата и универзитетите ширум Северна Америка, Австралија и Европа. Еден поголем проблем во системот пинјин е фактот што буквите во него, иако латинични, во поголема мера не соодветствуваат на нивните изговори на јазиците кои ја користат латиницата (на пр. b = p, g = k), додека пак други изгледаат како европски звуци, но всушност воопшто немаат еквиваленти (на пр. j, q, x, zh). Ова важи и за наставките, кои исто така се читаат поинаку. За најприближен изговор на македонски, видете ја статијата Македонска транскрипција на кинескиот јазик.

Вториот најчест систем на романизација е Вејд-Џајлс, измислен од Томас Вејд во 1859, а подоцна преработен од Херберт Џајлс во 1892. Овој систем ги приближува кинеските звуци најблиску што може до англискиот јазик, и затоа е полесен за учење на кинескиот јазик.

Македонска транскрипција[уреди | уреди извор]

Утврдена транскрипција на кинескиот во македонски јазик сѐ уште не постои. Како и при транскрипција на сите други јазици, македонскиот го користи сопствениот фонетски систем на пишување за најблиско доловување на звуците на кинескиот јазик. Ова сепак, не е стандардизирано и често наоѓаме недоследности.[6]

Општо земено, македонската транскрипција се темели на системите пинјин и Вејд-Џајлс како писмено најблиски до вистинскиот кинески изговор. Таа се заснова на српската транскрипција создадена (но сепак неофицијализирана) во 2005, но со извесни прилагодувања и измени во согласност со карактерот на македонската фонологија и правопис.

Граматика и морфологија[уреди | уреди извор]

Кинески јазик
Писмо кинеско писмо
Пример Прв член од „Декларацијата за човекови права“
Текст 人 人 生 而 自 由, 在 尊 严 和 权 利 上 一 律 平 等。 他 们 赋 有 理 性 和 良 心, 并 应 以 兄 弟 关 系 的 精 神 相 对 待。
Транскрипција Rén rén shēng ér zìyóu, zài zūnyán hé quánlì shàng yīlǜ píngděng. Tāmen fùyǒu lǐxìng hé liángxīn, bìng yīng yǐ xiōngdì guānxì de jīngshén xiāng duìdài.
Македонски Сите човечки суштествa се раѓaaт слободни и еднакви по достоинство и правa. Tиe се обдарени со разум и совест и требa да се однесувaaт еден кон друг во дуxот на општо човечкaтa припaдност.
Портал: Јазици

Како и виетнамскиот, современиот кинески честопати погрешно се класификува како „едносложен“ јазик. Додека највеќето кинески морфеми имаат по еден слог, денешниот кинески е многу помалку едносложен во тоа што именките, придавките и глаголите се главно двосложни. Тенденцијата за правење на двосложни зборови кај современиот мандарински е видлива во споредба со класичниот кинески. Класичнит кинески е високоизолирачки јазик, со тоа што секој поим (морфема) има свој слог и по еден знак; Современиот кинески има тенденција да прави нови зборови со двосложни, трисложни и четири-знаковни кованки.

Морфологијата на кинескиот јазик е строго врзана за даден број на слогови од прилично крут состав, кои се морфемите, најмалите смисловни единици. Додека многу од овие едносложни морфеми ( цу², 字) можат да стојат засебно како поединечни зборови, тие почесто обликуваат повеќесложни сложенки, познати како цу (词/詞), што се послични на западниот начин на зборообразба. Кинескиот збор може да се состои од повеќе од еден знак-морфема, обично два, но можат да бидат три и повеќе.

На пример:

  • Јин 云 - „облак“
  • Чигуанг 激光 – „ласер“
  • Ханпаопао 汉堡包 – „хамбургер“

Сите варијанти на современиот кинески се аналитички јазици, и зависат од синтаксата (зборовниот ред и реченичниот состав), наместо од морфологија, промени на обликот на зборот, за назначување на значењето на тој збор. Со други зборови, кинескиот нема флексија – нема времиња, нема залози, нема броеви (еднина и множина, иако има бележници за множина), и само неколку случаи на членови и нема родови.

Кинеските јазици во голема мера употребуваат честички за искажување на вид и начин. Во мандаринскиот за ова се користат честички како ле 了, хаи 还, и Чинг 已经 и др.

Збороредот во кинескиот јазик е подмет-глагол-прирок, и како многу други јазици во источна Азија, често се користи со темокоментарни конструкции за обликување на реченици. Кинескиот има и опширен систем на мерни зборови, уште една одлика која ја дели со јапонскиот и корејскиот. Поподробно на оваа тема на Кинески мерни зборови .

Други значајни граматички одлики на сите кинески варијанти се употребата на сериска конструкција на глаголи, испуштања на заменки и сродни бесподметност.

Иако граматиките на сите варијанти делат многу одлики, тие имаат и разлики. Видете Граматика на кинескиот јазик за граматиката на стандардниот мандарински, и статиите за кинеските варијанти за нивните поединечни граматики.

Тонови и хомофони[уреди | уреди извор]

Службениот говорен мандарински има само 400 говорни едносложни зборови, но над 20.000 пишани знаци, па така постојат многу хомофони кои се разликуваат само по четирите тонови. Често дури ни ова не е доволно, доколку не се назначи контекстот и точниот израз.

Едносложенката чи, првиот тон во стандардниот мандарински, соодветствува на следниве знаци: 雞/鸡 кокошка, 機/机 машина, 基 основно, 擊/击 удри, 饑/饥 глад и 積/积 збир. Во говорот, глифирањето на едносложенката кон нејзиното значење мора да биде одредено според контекстот или по нејзиниот сооднос со другите слогови (на пр. „некои“ како обратно на „никои“). Кога луѓето си го кажуваат името, тие велат во кои зборови или фрази тоа може да се најде, за полесно пишување: 名字叫嘉英,嘉陵江的嘉,英國的英 Мингѕе ѓао ѓајинг, Ѓалингѓанг де ѓа, јинггуо де јинг („Се викам Ѓакинг, Ѓа како во Ѓалингѓанг и јинг како во Јингкго“).

Јужнокинеските варијанти како кантонскиот и Хака имаат задржано повеќе рими од среднокинескиот и имаат повеќе тонови. На пример, зборовите со звучност чи, за „стимулиран“, „кокошка“ и „машина“, имаат посебни изговори на кантонски. Поради ова, јужните варијанти имаат помалку повеќесложни зборови.

Зборовен фонд[уреди | уреди извор]

Целиот корпус на кинески знаци од антиката наваму се состои од околу 20.000 знаци, од денес само околу 10.000 вообичаено се користат. Меѓутоа знаците не треба да се помешаат со зборови, и има многупати повеќе зборови отколку знаци бидејќи највеќето зборови се пишуваат со два или повеќе знака.

Податоците за севкупниот број на зборови и фрази се разликуваат во голема мера. Едни извоти даваат 54.678, додека други велат 85.568.

Најсеопфатниот кинески лексикон, дванаесет-томниот Ханји Та Цутиен 汉语大词典 наведува повеќе од 23.000 главни знаци и наведува над 370.000 дефиниции.

Најновото петто издание (2007) на Ханји Та Цутиен 现代汉语词典, меродавен еднотомен речник на современиот стандарден континентален кинески, има 65.000 наведувања и дава дефиниции за 11.000 главни знаци.

Изучување во Македонија[уреди | уреди извор]

Во Република Македонија кинескиот јазик се изучува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје[7], а за пошироката јавност достапни се курсеви во приватни училишта за кинески јазик, во Институтот „Конфуциј“ при УКИМ во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, во Центарот за странски јазици [8] и Културно-едукативниот центар „Илинден“ во Општина Илинден.[9]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://www.china-language.gov.cn/ Архивирано на 18 декември 2015 г. (кинески)
  2. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2005-04-04. Посетено на 2008-02-19.
  3. *David Crystal, The Cambridge Encyclopedia of Language (Cambridge: Cambridge University Press, 1987) , стр. 312. “The mutual unintelligibility of the varieties is the main ground for referring to them as separate languages.”
    • Charles N. Li, Sandra A. Thompson. Mandarin Chinese: A Functional Reference Grammar (1989), стр. 2. “The Chinese language family is genetically classified as an independent branch of the Sino-Tibetan language family.”
    • Jerry Norman. Chinese (1988), стр. 1. “The modern Chinese dialects are really more like a family of language.
  4. Mair, Victor H. (1991). „What Is a Chinese "Dialect/Topolect"? Reflections on Some Key Sino-English Linguistic Terms“ (PDF). Sino-Platonic Papers.
  5. Tsung-tung Chang, 1988 Indo-European Vocabulary in Old Chinese
  6. Активни студиски програми Архивирано на 1 февруари 2010 г., Филолошки факултет „Блаже Конески“ - Скопје
  7. Активни студиски програми Архивирано на 1 февруари 2010 г., Филолошки факултет „Блаже Конески“ (македонски)
  8. Центар за странски јазици - Други јазици[мртва врска] (македонски)
  9. „Курсот по кинески јазик вистински хит на Бесплатните курсеви во Општина Илинден“. Архивирано од изворникот на 2013-02-13. Посетено на 2013-02-12.

Литература[уреди | уреди извор]

  • DeFrancis, John (1984). The Chinese Language: Fact and Fantasy. University of Hawaii Press. ISBN 0-8248-1068-6.
  • Hannas, William C. (1997). Asia's Orthographic Dilemma. University of Hawaii Press. ISBN 0-8248-1892-X.
  • Norman, Jerry (1988). Chinese. Cambridge University Press. ISBN 0-521-29653-6.
  • Qiu, Xigui (2000). Chinese Writing. Society for the Study of Early China and Institute of East Asian Studies, University of California, Berkeley. ISBN 1-55729-071-7.
  • Ramsey, S. Robert (1987). The Languages of China. Princeton University Press. ISBN 0-691-01468-X.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Кинески јазик“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).