Хонгконг

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Хонгконг - специјален административен регион на Народна Република Кина (традиционален кинески: 中華人民共和國香港特別行政區 изговор на мандарински ) е еден од двата специјални административни региони (САР) на Народна Република Кина (НРК), а другиот е Макао. Вообичаено се нарекува едноставно Хонгконг (кинески: 香港, парфимирано пристаниште, кантонски: Heūng góng ; стандарден мандарински: Xiānggǎng), што често се пишува Хонгконг.

Хонгконг се наоѓа на источната страна на делтата на Бисерната Река на југоисточниот брег на Народна Република Кина, и излегува на Јужното Кинеско Море, а се граничи со покраината Гуангдунг на север. Хонгконг е една од најлибералните економии во светот, и е финансиски и трговски центар. Хонгконг е најбогат регион на Кина - има најголем БДП по глава на жител.

Се состои од островот Хонгконг (уште познат како Сјанган), полуостровот Коулун и Новите Територии. Населението е околу 7 милиони жители, пришто најзастапена етничка група се Кинезите (96%). Паричната единица е хонгконгшки долар.

Хонгконг била британска колонија од 1842 г, сѐ додека суверенитетот не бил пренесен на НР Кина во 1997. За време на Втората светска војна од 1941 до 1945 бил под јапонска окупација, за повторно да го запоседнат Британците. Управуван е како специјален административен регион под Основниот закон за Хонгконг (англиски: Basic Law of Hong Kong). Под условите на кинеско-британската заедничка декларација, НР Кина ветува дека Хонгконг ќе има релативно голем степен на автономија сѐ до барем 2047, педесетина години од трансферот на суверенитетот. Според политиката „една држава, два система“, Хонгконг ќе го задржи својот правен систем, валута, царинска политика, културно и трговско претставување, меѓународните спортски тимови и имиграциските закони, со тоа што НР Кина, односно централната влада во Пекинг, ќе го претставува Хонгконг дипломатски и воено.