Имануел Кант

Од Википедија — слободната енциклопедија
Имануел Кант
Имануел Кант
Роден(а)22 април 1724
Кенигсберг, Прусија
Починал(а)12 февруари 1804(1804-02-12) (возр. 79)
Кенигсберг, Прусија
ПериодПросветителство
ПодрачјеЗападна филозофија
ШколаКантијанство, просветителска филозофија
Претежна дејност
Епистемологија, метафизика, етика, логика
Значајни идеи
категоричен императив, Трансцендентален идеализам, синтетичко априори, нуменон, Sapere aude, маглинска хипотеза
Потпис

Имануел Кант (гер. Immanuel Kant; 22 април 1724 - 12 февруари 1804) — германски филозоф од Прусија, еден од највлијателните европски мислители и последниот голем филозоф на просветителството. Тој е еден од најзначајните претставници на западната филозофија. Неговата Критика на чистиот ум (Kritik der Reinen Vernunft), означува пресвртница во историјата на филозофијата и почеток на модерната филозофија. Не само во теоријата на познанието, но исто така и во етиката и естетиката со дела како Критика на практичниот ум и Критика на моќта на судењето, но и со одредени списи поврзани со религијата и правото, создава нова сеопфатна перспектива во филозофијата.

Живот[уреди | уреди извор]

Имануел (во крштенскиот заводник: Емануел) — роден во Кенигсберг (денес Калининград) на календарскиот ден „Св. Емануел“, како четврто дете на седларскиот занаетчија Јохан Георг Кант (1683-1746) и неговата сопруга Ана Регина (1697-1737, мом. презиме Ројтер) кои стапиле во брак во ноември 1715 г. Неговиот татко се преселил како младич во Кенигсберг, а мајката потекнува од семејство на занаетчија за кожни производи кое се преселило од Нирнберг во Кенигсберг.

Филозофија[уреди | уреди извор]

Историчарите на филозофијата во главно разликуваат два периоди од неговата филозофија: преткритички период и критички означен со неговите три критики. Во преткритичкиот период Кант не е оригинален филозоф, туку верно се придржува кон Лајбницовото учење. Од ова време е неговиот познат труд Општа историја и теорија на небото, во која ја изнел својата бележита теорија за потеклото на Сончевиот Систем. Имено, ниеден научник пред него не го поставил ова прашање, Њутн мислел дека небесните тела, а со тоа и Сончевиот Систем, вечно постојат создадени од вечен творец (Бог). Кант од оваа област ја отфрлил теологијата, објаснувајќи го со природни закони настанувањето на Сончевиот Систем. „Дајте ми материја и јас ќе го создадам светот“, вели Кант. Лаплас, француски математичар и астроном, со математички апарат ја образложил оваа теорија, која е позната и како Кант-Лапласова. Кога Наполеон го прашал Лаплас за местото на Бога во оваа теорија, овој му одговорил дека нема потреба од една таква хипотеза.

Критичкиот период од дејноста на Кант нашол израз во три славни дела: „Критика на чистиот ум“, „Критика на практичниот ум“ и „Критика на моќта на судењето“. Во нив Кант ја разработил својата филозофија позната по овие книги како критика или трансцендентален идеализам, наречена така поради методот што го применил и резултатите што ги добил.

Она што Кант настојувал да го постигне со своите критицистички дела е да ја надмине спротивноста меѓу рационализмот и емпиризмот. Кант вели дека од „догматската дремка“ (од Лајбницовата филозофија и рационализмот, воопшто) го разбудил Дејвид Хјум. Но, и емпиризмот, кој овој англиски филозоф го одвел во скептицизам, не го задоволил Кант, бидејќи не давал можност за засновување на науките, кои во тоа време покажале убедливост и сигурност во своите тврдења. Во тоа пердничеле Евклидовата геометрија и Њутновата физика. Всушност, Кантовата филозофија претставува обид да се дадат филозофски основи на овие две науки. Од друга страна, Кант сакал да испита дали и филозофијата може да биде наука во чиј предмет и поставки никој не може да се сомнева.

За оваа цел, Кант се зафатил не да открие што е во основата на битието и светот, туку да провери каква е силата на човечкото познание, какви се неговите извори, можности и граници. Значи, првото прашање што Кант си го поставува е: Што можам да знам? На кое ги додава прашањата: Што можам да правам? и На што треба да се надевам? Триве прашања, тој ги обединува во едно: Што е човекот? Според тоа, Кант сака, пред да почнеме да ги употребуваме нашите познавателни способности во изучувањето на светот и откривањето на вистината за него, да ја испита самата познавателна способност, да види каков е овој инструмент, познанието, и дали е дораснат да ја изврши својата задача. Кант во оваа смисла прави историски пресврт, од онтолошката проблематика кон антрополошка, кон теоретско познајната и практичната дејност на човекот - пресврт сличен на оној што софистите го направиле во антиката.

Во теоријата на познанието, Кант поаѓа од анализата на судовите кои ги сметаа за елементи на човечкото знаење. Во сообразност со традицијата, тој судовите ги дели на две групи: аналитички и синтетички судови. Аналитички судови се оние во кои предикатот не кажува ништо ново за субјектот, за разлика од синтетичките кај кои предикатот носи новости за субјектот.

Естетика[уреди | уреди извор]

„Вкусот е моќ на просудување на она што е убаво. Пријатно е она што им се допаѓа на чувствата. Допаѓањето што го предизвикува доброто е во врска со интересот. Пријатно, убаво и добро не се исти поими (пријатно - задоволува, убаво - се допаѓа, добро - се цени и одобрува). Убаво е она што без поим предизвикува општо допаѓање. Судот на чистиот вкус е независен од дразбите и чувствата“, напишал Кант. За Кант, постојат два вида убаво: слободно убаво и природно убаво.

По традиција на романтизмот и просветителството, Кант се интересира и за поимот на возвишеното. Во третата критика, која делумно посветена на естетиката, особено на убавото и возвишеното, Кант го дефинира возвишеното како засебна и исклучително важна естетичка категорија. Во оваа смисла разликува динамичко и математичко возвишено. Првото се однесува на апстрактни, нематеријални созданија кои ни причинуваат чувства на страв и привлечност истовремено, додека второто на материјални, но со ум несомерливи созданија.

Влијание и значење[уреди | уреди извор]

Германскиот филозоф Фридрих Ниче има критички однос кон творештвото на Кант кого го нарекува „несвесен фалсификатор на пари“, „махер“[1] и „најголем кочничар на интелектуалната праведност на Европа“.[2] Една песна на полскиот поет Збигњев Херберт е насловена „Кант. Последните денови“.[3] Во својот расказ „Разговор на две лица“, рускиот писател Велимир Хлебников вели дека „Кант, кој сакал да ги одреди границите на човековиот разум, ги одредил само границите на германскиот разум“ и дека тој “подигнал споменик на ограниченоста на својот народ“. Притоа, Хлебников го поставува прашањето: „дали тој воопшто бил мислител?“[4]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 146.
  2. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 145.
  3. Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 239.
  4. Велимир Хлебњиков, Краљ времена Велимир I. Просвета: Београд, 1964, стр. 318.