Просветителство

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Енциклопедијата — книга која го обележува француското просветителство.

Просветителството е духовно движење кое започнало некаде на крајот од 17 век (а официјално започнува малку подоцна - во 1715 година). Ова движење имало влијание што се чувствувало и во 19 век. Целта на просветителството, како што и самиот збор кажува, е расветлување на тајните кои отсекогаш биле догма за човештвото. Тоа навлегло во речиси сите области на културата и духот.

Носител на идеите на просветителството била граѓанската класа, која почнала да се еманципира уште во ренесансата. Токму затоа литературата во просветителството е антирелигиозна и антифеудална. Во услови кога апсолутизмот на владетелите во Европа со помошта на црквата ги потенцира класните антагонизми, граѓанската класа со својата материјална моќ и со интелектуалната супериорност се чувствувала повикана да го смени светот. Во литературата од овој период доминираат граѓански теми, додека класицизмот инсистира на литература која ќе го опише животот на дворот, односно аристократијата.

Апсолутистичките монархии (особено на Луј XIV во Франција) ги исцрпиле сопствените народи и материјално ги осиромашиле. Англија била најнапредната земја во Европа, бидејќи во 1688 година, во рамките на т.н. славна револуција, буржоазијата ја победила апсолутната монархија. Значителни промени во Франција ќе внесе (по смртта на Луј XIV) Филип Орлеански, но вистинската промена во општествениот живот на Франција ќе се случи по француската буржоаска револуција во 1789 година. Сепак, карактеристично е што просветителството го потпомагаат и некои од владетелите - Фридрих II, Марија Терезија и нејзиниот син Јосип II, Катарина II, кои докажуваат со тоа дека се вистински приврзаници на просветителскиот апсолутизам.

Еден од основните белези на просветителството е обземеноста со науката. Осумнаесеттиот век некои го нарекуваат и век на философијата. Во овој период се формираат многу науки: политичка економија, статистика, социологија, емпириска психологија и споредбеното проучување на културата. Меѓутоа, философијата во просветителството значи социологија, право и политикологија, а не философија во класичната смисла на зборот.

Први придвижници на просветителството се Гроциус и Спиноза од Холандија. Томас Хобс, Дејвид Хјум и Џон Лок од Англија ја развиваат емпириската философија, а Исак Њутн се појавува со своите пронајдоци во физиката. Теоријата на државата на Лок, неговото сфаќање за природниот човек, влијаеле врз повеќе писатели на просветителството. Просветителството во Франција се јавува под влијание на англиското, но тоа е многу порадикално. Претставниците на просветителството се движат во насока на материјализмот. Германското просветителство го подготвуваат Томазиус, Волф, Лесинг и Базедов.

Во областа на правниот и општествениот живот, во 17 век се развива идејата за т.н. "природно право", која бара ослободување на социјалниот живот од верските, националните и традиционалните белези. Ова отворало решение за проблемот на жестоките верски граѓански војни кои го уништувале просперитетот на Европа, поттикнувајќи ја основата за модерното меѓународно право. Просветителството во 18 век врз авторитетот на Лок ја поттикнува идејата за здравиот разум во оваа област. Философскиот дух, кој поттикнувал на договор и на разумна согласност на сите граѓани за остварување на сеопштата среќа и благосостојба, всушност може да се смета како форма на хуманистички стремеж за реализирање на достоинствен живот без насилство, без деспотизам.

Проучувачите на периодот на просветителството сметаат дека во него доминирал интересот за науките и дека интелектуалците, пред сè, биле обземени со идеите, а не со уметности. Писател во 18 век значело многу за да се обезбеди основната егзистенција. Меценството, пак, како понижувачко, било одбивано од страна на слободоумните мислители и автори.

Просветителството во Македонија[уреди]

Просветителството во Македонија започнало кон крајот на 17 век и траело се до крајот на 19 век. Главна карактеристика на македонското просветителство биле отворањето на училишта на народен македонски јазик во црквите и манастирите. Покрај отворањето на училиштата, во текот на просветителството во Македонија за прв пат се започнати собирањето на народно творештво, пишување и печатење на драмска, уметничка и поучна литература на народен јазик. Најпознати предводници на просветитетлството во Македонија се: Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Јордан Хаџи Константинов - Џинот, Теодосиј Синаитски, Григор Прличев и други.

Надворешни врски[уреди]

На англиски јазик: