Класицизам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Инспирацијата на поет, Николас Пусин, 1630

Класицизам — уметнички стил застапен во книжевноста, сликарството, скулптурата, архитектурата, театарот и музиката. Класицизмот се појавил во 17 век, а изразот „класицизам“ е изведен од придавката „класичен“ (лат. classicus).

Појава[уреди | уреди извор]

Фонтана на четирите реки, Бернини, 1651

Во своето дело „За поетската уметност“, Т. Себие зборува за тројца истакнати француски писатели од средниот век кои ги нарекува „добри класични писатели“. Подоцна писателите задоени со хуманизмот, кои создавале дела во кои ги подражавале грчките и римските примери, со време стекнале право да се нарекуваат “класични”, што би се рекло по дух и вредност блиски на античките писатели, т.е. нивни достојни следбеници. Во ова значење се насетува извесна книжевно-стилска определба, иако недоволно одредено, бидејќи во таа смисла се типични класичните Петрарка и Тасо, Пјер Ронсар и Расин, како и подоцна Фридрих Готлиб Клопшток и Гете. Почнувајќи од крајот на XVIII век, во записите на браќата Шлегел, а набрзо и кај некои други автори, поимот „класичен“ означува спротивност на поимот „романтичен“. Низ речиси целиот XIX век и подоцна, оваа антитеза претставува најважна основа за дефинирање на двата поима. Госпоѓата Ана де Стал се прославила развивајќи ја идејата за книжевно-географската поделба на класичен, грчко-римски југ и на романтичен, германски север. Во втората половина на 19 век, со појавата на реализмот, натурализмот, симболизмот и другите правци, се јавувале нови антитези во кои придавката „класичен“ ја претставува спротивноста на модерноста и сè повеќе се врзува за минатото, за неспорните традиционални вредности на националните култури.

По барокот, во 17 век се појавува еден нов стил, наречен класицизам, најпрво во литературата, а потоа и во другите видови уметности. Времето на музичкиот класицизам е време а просветителство и стремеж кон широки знаења, во кои умот владее над чувствата. Тука постои совршена рамнотежа помеѓу содржината, формата и усогласеност помеѓу сите елементи на музичкиот јазик: метро - ритамот, мелодијата и хармонијата.

Класицизмот во Европа[уреди | уреди извор]

На почетокот на XVII век настапува нова фаза во развојот на француската книжевност во која постепено се формира нов стил, се изнесува ново сфаќање на книжевната постапка, се применува нова поетика, со еден збор, се формира новата книжевна школа позната како класицизам. Францускиот класицизам претставува доктрина, збир на елементи кои создаваат нов систем на поими и квалитети кои се заеднички за француските автори од XVII век. Во прв ред, класицизмот е време на хиерархиска потчинетост, кога во сè и пред сè се бара ред. Притоа, во книжевноста се наметнале строго утврдени принципи кои поаѓале од сфаќањето дека уметноста не е ниту фантазија ниту забава, туку таа има дидактичка намена, т.е. треба да служи за поука и воспитување. Проблемите на моралот со кои се занимавале писателите од XVII век ги одвеле во подробно анализирање на човечката душа при што на разумот му се дава централна улога во откривањето на човековиот карактер. Оттука, речиси целата книжевна постапка од ерата на класицизмот се сведува на анализата - драмската анализа на страстите кај Пјер Корнеј, Жан Расин и Молиер, моралната анализа кај Ларошфуко и Лабриер, религиозната анализа кај Босие и Паскал итн. Речиси целата книжевност од ерата на класицизмот го проучува човекот, кој се смета за единствен објект на поезијата, додека надворешниот свет е само рамка и декор. Притоа, тогашните писатели сметале дека способноста на разумот е универзална, така што се залагале да ја откријат универзалната вистина која важи за сите народи и за сите времиња. Поради таа универзалност, книжевноста од класицизмот се одликува со извесна здрвеност, изнасиленост и апстрактност. Тоа е псоледица на тогашното сфаќање дека постои универзална убавина, така што сите уметници се стремеле да го достигнат идеалот на совршенството.[1]
Стремежот кон совршената убавина резултирала во примена на строги правила што се однесувале на формата на уметничкото дело. Тоа особено се однесувало на драмата каде важело правилото за трите единства (времето, местото и дејството), формулирано според погрешно сфатените поставки на поетиката на Аристотел. Според некои историчари на книжевноста и книжевни критичари, ова правило претставува израз на сервилност и осиромашување на поетското вдахновение, додека други сметаат дека тоа е одраз на стремежот кон дисциплина и хармонија, во контекст на потрагата по совршената убавина.[2]
Како правец и книжевен период, класицизмот го одбележуваат делата од 17 век, и тоа: Корнеј, Декарт, Паскал, Молиер, Ла Фонтен, Расин, Ла Бриер и многу други. Во останатите книжевности класицизмот (доколку постои) е помалку значаен како период, а француското влијание е многу нагласено, можеби и пресудно. Надвор од Франција, највисок степен на уметничка вредност класицизмот достигнал во Англија, во првата половина на XVIII век, по Драјден, во времето на Поп и Адисон. Во Германија, во 18 век во делата на Готшед и Бодмер класицизмот бил блед и малку оригинален, додека класицизмот кај Клопшток, Лесинг, Виланд, Хердер, Гете и Шилер е појава сама за себе, непосредно врзана за античкото минато и современото романтичарско тежнеење. Тоа е класичен пример за класичната литература и класичната уметност.

Дефинирање на класицизмот[уреди | уреди извор]

При дефинирањето на овој поим мора да се тргне од францускиот класицизам. Главниот извор на доктрината на класицизмот лежи во античките реторики и поетики. Од авторите посебно треба да се спомене Аристотел и Хорациј. Аристотеловото влијание станува поголемо кон средината на 16 век. Најзначајна улога во ширењето и развивањето на нивните идеи одиграле многубројните италијански хуманисти: Вида, Даниело, Маџи, Варки, Робертело, Минтурно, Кастелветро и други со своите теориски списи и коментари. Доктринарите се потпирале на Аристотел и на другите антички авторитети и сакале да ја достигнат естетската суштина на класичната книжевност, да устоличат кодекс на правила и начела кон кои писателот мора да се придржува во своето самостојно создавање. Меѓутоа кај многу просечни и неталентирани писатели тоа довело до претерано нагласување на важноста на техниката, до изразено формалистичко разбирање на книжевноста.

Поетиката на класицизмот[уреди | уреди извор]

Поетиката на класицизмот се состои од следните елементи:

Вдахновение – уметничкото создавање е невозможно без вдахновение, без гениј и без природен талент како предуслов таа да се почувствува. Но вдахновението само по себе не е доволно, неопходно е да се има и метод. Најдобро е кога уметникот е обдарен со што посовршена рамнотежа помеѓу големиот природен талент и силното вдахновение од една страна и од друга страна тој да поседува што поголемо знаење и теориско образование како и упорна работа.

Разум – Методот се заснова на разумот како главен помагач во спротивставувањето на претераните изливи на фантазија и чувствителност. Ентузијазам – полет на имагинацијата и занес на страстите претставуваат извонредно значаен извор на творечката енергија, разумот стапува со нив во борба не со цел потполно да ги исклучи туку да ги заузди, усмери: разумот во творечкиот чин претставува начело на свесното, критичко одбирање. Духот на вистинскиот класицист неспорно се стреми кон рационализмот, но никако не може на него да се сведе.

Природа – односот на уметникот и стварноста. Уметникот е должен да создава според природата, но делото никогаш не е копија, туку специфично преобразување на стварноста. Уметноста не смее и не може да биде просто подражавање, таа мора да биде создавање на автономен свет на една фиктицна стварност. Класицистот во природа најмногу го интересира човекот и неговата судбина, и тоа не човекот кој е исклучителен по својата настраност и необичен начин на живот, туку оној во кој се истакнува длабоката човечност која е заедничка за многумина. Според тоа, целта е силно да се изрази поединечната вистина, но да биде ослободена од непотребните поединости и во неа да се побара јадрото на општата вистина; да се слика личноста, потполно издвоена и длабоко зафатена единка, но во неа да се види и дел од човештвото, да се биде привлечен од тие услови, случувања, судбини, личности, во кои се допираат спротивностите, во кои се остварува синтеза на поединечното и универзалното, конкретното и апстрактното, современото и вечното.

Култ кон антиката – подражавање и оригиналност. Големото воодушевување кон Старите, подражавање на нивните примери вредат само до тогаш кога значат творечки натпревар со нив, поттик за создавање оригинални дела. Строгото забранување на непосредно изразување на своето Јас и личните исповеди воопшто не го исклучува скриеното присуство на авторовата индивидуалност и неговиот внатрешен свет. Без таа присутност не би можела да се замисли преобразбата на еден оригинал во друг; подражавањето на природата би било голо пресликување, а не создавање, додека воодушевувањето кон антиката би останало празно и стерилно.

Целите на уметноста – односот на корисното и убавото. Во основа на овие сфаќања преовладува тврдењето на Хорациј дека треба да се спои корисното со убавото (docere et delectare). Во тој спој делото дава морална корисност без која за ниту еден класицист не би имало уметност, тоа се подредува на убавото, тоа е услов на неговата длабочина, неговата вредност, го оплеменува: корисното и служи на уметноста, но не и обратно. Уталитаризмот во поетиката на класицизмот со основа на уверувањето дека уметноста на корисното е неодвоива од убавото. Моралноста на делото не смее да се сведе на некоја негова поучност, бидејќи книжевникот не е воспитувач кој препорачува каков човек треба да се биде и како треба да се живее, туку уметник кој во повисоки и општочовечки категории размислува на човекот и неговата судбина.

Правила – за класицизмот е карактеристичен култот на правила, строгото поимање и строгото придржување кон општите начела на веројатноста, нужноста, прикладноста, така и прописите кои претежно се однесуваат на поедини родови, меѓу кои посебно треба да се подвлече распространетоста и важноста на познатите правила за трите драмски единства. Меѓутоа, погрешно е поимот класицизам потполно да се поистоветува со поимот правилност. Естетичката суштина на правилата треба да се бара во уверувањето дека тие мораат да учествуваат во процесот на творење, дека тие претставуваат најглавниот потпирач на творечкиот метод, неговиот разум, за напорот да надвладее со неконтролираното творечко вдахновение. Потчинувањето кон однапред утврдените видови форми е всушност фактор на дисциплината. Без ова почитувањето на правилата би ја изгубило својот подлабока смисла, својата естетска оправданост, бидејќи секое чисто формалистичко поимање на правилата е спротивно на духот на класицизмот.

Проблеми на стилот – Вистинитост, природност, јасност, чистина на изразот, возвишеност, едноставност, чувство за одмереност, совршенство, разновидност на тонот, складност, коректност - ова не се само одлики на добриот класичен стил, туку тие се и уметноста на класицизмот.

Теорија на книжевните родови – Уште во античките поетики кои имаат кодификациска пракса, а со тоа и теориско влијание на понатамошното творење, се дошло до начелата дека елементите карактеристични за некој род по правило не смеат да се јават во родовите кои се по дефиниција различни, а посебно ако се спротивни. За Хорациј таквото мешање на елементите не само што е недопустливо туку и чудовишно. Строгото раздвојување на родовите почива на принципот на единство на целината, единство на тонот во делото. Ова единство се остварува на воопштен начин со почитување на основната поделба на поезијата на лирска, епска и драмска, но и на уште поодредена, безусловна употреба на правилата кои се однесуваат на поедини видови. Освен општите правила, постојат и такви кои го одредуваат карактерот на еден единствен род. Најважно и најпотполно се дефинирани трите големи жанрови на класичната книжевност: трагедија, епопеја и комедија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 5-7.
  2. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 7-8.