Бугар милет

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Бугар милет, или бугарски милет е милет, односно Бугарска[1] религиозна,[2] јазична[3] и етничка [4] заедница во рамките на Отоманската Империја во периодот од средината на 19 до почетокот на 20. век.[5] По средината на 19. век класичниот отомански милетски систем почнал да се распаѓа со постојана идентификација на вероисповеста со етничкиот идентитет, и терминот "миллет" започнал да се користи како синоним за нација.[6][7][8] Првично како милет биле признати бугарските унијати,[9] а потоа и милетот на бугарските источно-православните христијани ( Eksarhhâne-i Millet i Bulgar). Милетите имале законско право да градат свои автономни институции како цркви, училишта, болници и друго, во посебни места низ населените места, кои имале етно-религиски карактер. Бугарската борба за признавање на посебна црква основана на национален принцип, претставувалa директна закана за севкупниот уред на Османлиската држава базиран на системот за идентификација на религијата со националноста.[10] Во 1849 година султанот за прв пат признал постоењето на посебен бугарскиот етнос,[11] а со признавањето на Булгар милетот во 1870 година било признаено постоењето на посебна бугарска нација.[12] Постепено, миллетскиот систем се распаднал целосно, а овој процес се совпаднал со создавањето во 1878 г. и зајакнувањето на Третата бугарска држава, во која се влел големиот дел од булгар миллетот. Тој практично и станал јадрото на новата бугарска нација.

Милетски систем[уреди]

Во Отоманската Империја не постоел редовен ситем за попис на населението со утврдени методи и принципи како во западноевропските држави. Осмaнските власти го евидентирале само машкото население и тоа не по национална основа, туку по вероисповед. Мажите муслимани биле запишувани поради воената обврска, а христијаните поради даноците. Меѓутоа постоеле еден вид на матични книги т.н нуфуз дефтери во кој биле запишувани датумот на раѓање, името, името на родителите и презимето, меѓутоа од нуфузите не може да се утврди националниот состав на населението во Македонија. Под графата Муслимани биле запишувани: Турците, Ромите, исламизираните Македонци, Арнаутите, Черкезите, Арапите и други, односно припадниците на муслиманската вероисповед. Во графата Рум-милет (Грци) биле запишувани сите православни христијани во Отоманската Империја кои биле под духовна јуриздикција на Цариградската патријаршија, тука спаѓаат Македонците-патријаршисти кои биле нарекувани и како Грци. Христијанското населние кое било под духовна власт на Бугарската егзархија било запишувано како Бугар-милет, тука спаѓаат Македонците-егзархисти кој биле нерекувани и како Бугари. Од национален аспект само за Евреите постоела посебна графa како Јауди, но и тука имало исклучок. Евреите муслимани биле впишувани како Турци [13]

Историја[уреди]

Позадина[уреди]

По падот на Бугарија под отоманска власт населението ги загубило своите национални црква и држава. Тоа било подложено на асимилација. Таа била извршувана преку исламизацијата која била како насилна, така и доброволна. Освен тоа, Бугарите биле жртви на верска, политичка, економска и правна дискриминација. Како резултат на тоа, народот почнал постепено да го губи својот етнички идентитет и кон средината на 18-от век, бугарскиот дух останал зачуван главно во изолираните манастири. Бугарите биле иселети во оддалечените села, лоцирани во планинските предели, а во градовите доминирало исламско (вклучувајќи исламизирано), грчко (вклучувајќи погрчено) и еврејско население. Според некои автори како Петар Мутафчиев, Бугарите ја изгубиле речиси целосно својата народност кон крајот на 18. век,[14] а според други како Христо Гандев тие несомнено имале свест дека припаѓаат и кон посебна етничка заедница, но таа не создавала толку силни чувства на приврзаност и лојалност како кон верската припадност.[15] Тогаш Бугарите биле дел од т.н. рум миллет и се идентификувале повеќе како христијани, а татковината им се протегала до границите на земјата на родната населба. Според трети научници, поимот „Бугарин“ тогаш не бил само етничка категорија, а имал и социо-битно значење. Со него се карактеризирале православните селани, кои зборувале бугарски и формирале пониско образована група, која била ангажирана главно со земјоделство или сточарство.[16] Во таа смисла Бугарите го загубиле својот „статус“ како одделна и самостојна етничка заедница. Тие биле третирани од освојувачите едноставно како друговерски царски поданици под надзорот на Цариградската патријаршија. Самите Османци, дел од т.н. исламски милет ги нарекувале Бугарите: „раја“, т.е. обични селани,[17] и „зимми“, т.е. „луѓе на Писмото“ или „урум“ (православни). Муслиманите исто така ги нарекувале во тоа време христијаните „ѓаури“, што значи „луѓе кои не ја исповедуваат вистинската вера“, „неверници“. Како зачетник на бугарската преродба се смета калуѓерот Паисиj Хилендарски, коj во 1762 година го напишал првиот бугарски преродбенички текст „Историjа словенобугарска“.

Формирање и признавање[уреди]

По Големата француска револуција (1789 - 1799 година) започнал порастот на национализмот во Европа, вклучително и во Отоманската Империја. Бугарската идеја се изразувала во овој период во спорадични акти на црковен протест против денационализаторската политика на Цариградската патријаршија. Меѓу новите идеи кои внеле просветителството меѓу рум-милетот, била и идејата за граѓанска нација. На бугарското земјиште започнал процес на национална бугарска преродба, и како резултат на тоа почнала борбата за бугарска црковна независност, наречена во тоа време Бугарско национално движење. Ерата на јавни реформи, наречена Танзимат, започнала со воведување на пакет закони во 1839 година и завршила со усвојување на првиот отомански устав од1876 година, но и тоа дало дополнителни надежи на Бугарите. Според Георги Раковски од 1848 година, отоманска влада започнала во некои официјални документи да ги одделува Бугарите од рум-милетот и да им дава народносно име: Булгар-милет.[18] Во 1849 година бил издаден официјален султански ферман, со кој се овозможило Бугарите во Цариград да имаат свој храм. Во 1860 година бугарските свештеници таму еднострано прогласили независност на Бугарската Црква од Цариградската патријаршија, но тоа довело до репресија и зајакнување на католичката пропаганда. Така на 14 април 1861 година Јосиф Соколски бил признат од султанот со специјален берат за „милет баши на Бугарите унијати со Рим“, што значело формално признавање на бугарскиот народ.[19][20] Истовремено во Русија добил замав панславизмот, кој влијаел силно на руската надворешна политика, која имала зацртано да ги заштитува националните движења на балканските Словени и да им помага при создавањето на нивните држави. Така, не без помошта на руските дипломати во Цариград, на 28 февруари 1870 година султанот Абдул Азиз издал ферман со кој била призната самостојна Бугарска егзархија. Вака де јуре било признато постоењето на посебен бугарски народ. Во пракса, поголем дел од унијатите станале екзархисти по формирањето на Егзархијата.

Оделување на Македонците од Бугар милетот[уреди]

Во 1881 година во Солун со дозвола на валијата Галиб паша била отворена Солунската машка гимназија Св. Кирил и Методиј. Низ клупите на оваа гимназија поминале голем број на македонски револуционери и дејци, меѓу нив биле: Пере Тошев, Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов, Даме Груев, Крсте Петков Мисирков, Гоце Делчев, Борис Сарафов и други. Учебна 1882/1883 година директорот Божил Рајанов и професорот Трајко Китанчев побарале поголема автономија за гимназијата и негодувале поради методите на наставата и карактерот на образованбието.

Од своја пак страна Трајко Китанчев за време на празничните денови во цркавата св. Кирил и Методиј во Солун одржувал проповеди кој секогаш ги завршувал со зборовите: Браќа има крај на теглото, на неволјите. Амин! На тој начин Китанчев го револуционизирал македонското солунско граѓанство. Под влијание на Рајанов и Китанчев бил и Ѓорче Петров кој тогаш бил ученик во четврти клас и тој започнал да објавува анонимни писма во весникот Балкан, во овие писма Петров ја напаѓал црковно-просветната дејност на Бугарската егзархија.

Во учебната 1883/1884 година Трајко Китанчев и Рајанов останале без служба, а за нов директор бил поставен Георги Кандиларов и тоа било повод за започнување на еден училишен бунт. Ѓорче Петров напишал една брошура во која ја нападнал гимназијата и директорот, потоа дошло до еден бунт и поради тоа биле исклучени 14 ученици, а меѓу нив биле Пере Тошев и Ѓорче Петров.

Во учебната 1887/1888 година повторно дошло до бунт во солунската гимназија. Поводот за бунтот биле политичките борби кој се воделе меѓу русофобите и русофилите во Бугарија, првите биле Стефан Стамболов, а вторите со Бугарската егзархија. Овие борби се пренеле во солунската црковно-училишна општина и во Солунската машка гимназија. Учениците овие борби ги искористиле да го постват прашањето за воведување на македонскиот јазик во наставата [21]. Тие истакнале:

дека не можат да работат на бугарски јазик, туку сакале да работат и да им се предава на нивниот домашен, македонски дијалект [21]


Поради овој бунт од гиманзијата биле исклучени 38 ученика, од ко 14 седмокласници. Во овој бунт предводници биле Даме Груев и Петар Поп Арсов. Митрополитот Теодосиј Гологанов ги согледал штетните влијанија на странските пропаганди во Македонија и опасноста за македонскиот национален индивидуалитет. Во своето писмо од 22.06.1891 година до проигуменот Дионисиј пишува:

Ние Македонците немаме толку мака од Турците да ни е жив падишахот, колку од Грците, Бугарите и Србите, кои како орли на мрша се впуштија на оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат... Нашата Егзархија со својата црковна и просветна дејност тука во Македонија ја врши всушност најмизерната задача, му го одзема името на еден народ и го заменува со друго, му го одзема мајчиниот јазик и го заменува со туѓ, му ги одзема сите национални белези и ги заменува со туѓи... Турците земаат имоти и животи на рајата, но не посегнуваат по неговиот дух. Тие го уништуваат телото, но духот го почитуваат. А, нашата света Егзархија го убива ова другото, постојаното... Ние духовниците, по потекло Македонци, треба да се здружиме и да го покренеме нашиот народ да се разбуди, да ги отфрли туѓинските управи, да ги отфрли Патријашијата и Егзархијата, и да се обедини духовно во лоното на Охридската Црква, нивната вистинска мајка црква. Не е ли крајно време да се запре националното делење на ист народ само поради тоа што едниот ја признава Патријашијата, другиот Егзархијата, а третиот му се клања на Мухамед[22]


Митрополитот Гологанов против бугарската пропаганда презел и конкретни мерки. Имено, најпрво го отстранил директорот на скопското училиште Антон Наследников бидејќи бил Бугарин [23]. Потоа презел акција за остранување на сите проегзархиски чиновници од црковно - училишната општина преку организирање на нови избори. При изработката на списокот на учители за учебната 1891 - 92 година ги остранил имињата на сите учители кои биле родум од Бугарија и ги заменил со Македонци. Сакал да се отвори словенско оделение при вилаетската печатница во Скопје каде требало да се печатат книги на македонски јазик.

На крај ги изгорел сите дукументи од Митрополијата и ги заменил со нови во кои намерно бил изоставен зборот Бугарска егзархија. Овие документи биле печатени на македонски јазик, штипско - велешко наречје. Во почетокот на октомври 1891 г. за прв пат почнал јавно да ја критикува Егзархијата заради посегањето по самостојноста на македонските црковни општини и нејзината великобугарска политика, предлагајќи отфрлање на туѓите цркви – цариградската и егзархиската.

Во вторта половина на 1891 година во Софија била формирана Младата македонска книжевна дружина (ММКД) која во јануари 1892 година го издала првиот број на списанието „Лоза“. ММКД во Предговорот на списанието укажува на опасноста од странските пропаганди во Македонија и повикува на организирано спротивставување од страна на Македонците. Во прилозите објавени во „Лоза“ на еден вешт начин се прави обид за прикажување на посебниот историски, културен и етнографски карактер на Македонија, при што се води сметка да се подзадоволи и вкусот на бугарското општество. Освен тоа Лозарите практикувале еден специфичен јазик и правопис, различен од бугарскиот, со тенденција истиот да послужи како основа за идниот литературен јазик на Македонија. Поради овие тенденции Младата македонска книжевна дружина и списанието „Лоза“ се нашле на отстрел пред бугарското општество и влада. Притоа предводничката улога ја имал провладиниот официоз весникот „Свобода“. По појавата на првиот број на „Лоза“, в. „Свобда“ пишува:

„Усилбите на целата интелигенција, на целиот бугарски народ, засега се насочени кон глува, бесшумна борба, за бугарско национално единство; се арчат и пари и сили, и народна енергија во таа борба со Србите и Грците; не се штеди ништо за да победи идејата дека Бугаринот од Македонија, Тракија и Мизија, е син на една и иста мајка Бугарија... и при сето тоа на самото предвечеје на таа засега нерамноправна борба во отворена војна, во бугарската престолнина, во срцето на Бугарија излегуват луѓе што се осмелуваат да ги расипат плодовите од толкугодишните усилби, да докажат дека Македонците се одделна нација, со посебен јазик, со посебни историски задачи! Какви подобри докази можаат да бараат Србите дека Македонија не е Бугарска?“... „Да не го навредуваат бугарското народно чувство со подигравка на светиот бугарски идеал! Ако сакаат да му пакостат на светото бугарско дело, да не го праваат тоа барем во бугарската престолнина. Ете им го Белград: Нека повелат таму и од таму нека фрлаат камења врз зградата што се грижел да ја изгради целиот бугарски народ - од Црно Море до Дрим“. [24]


По излегувањето на вториот број на „Лоза“, „Свобода“ одново се нафрлила врз Лозарите овој пат преку перото на Левов. Тој меѓу другото пишува:

„Младата дружина под превезот на книжевноста не ја гони целта и

пропагандата за некаков фонетски правопис, туку тенденции и цели, колку куриозни, жални, толку збунивачки, срамни и опасни... Дружината полека лека ќе го подготвува бугарското општествено мнение за одделување на Македонија од Бугарија и полека лека ќе воведува зборови од охридското поднаречје што ќе биде литературен јазик на идната Голема Македонија, на чело на која ќе дојде некој од редакторите на Лоза во својство на Филип или Александар!?! Итро и умешно замислено и тоа знаете каде? Во Софија, во тоа срце, центарот на Бугарија и бугаризмот!!!“. [25]


Левов откако ги анализира првите два броја на списанието Лоза констатира дека тоа е сепаратистичко движење и затоа ја алармира бугарската јавност:

„Како што гледате

Македонската дружина смета дека нивната татковина е Македонија, дека последната е населена со одделно словенско племе наречено Македонци; дека таму се собрале севозможни надворешни елелменти т.е. Бугари, Грци, Срби... дека целта им е да ни дадат еден силен отпор и да се запазат од нашите разбојнички посегања и дека Лоза ќе и служела на истата цел“.[26]


Странските пропаганди во Македонија допринеле да дојде до две спротивни состојби. Од една странапод влијание на пропагнадите населението во Македонија почнало да се дели на Срби, Бугари и Грци, а сето тоа дејствувало ретроградно врз македонското ослободување.

Наспроти таквата состојба, самите пропаганди допринеле да дојде до збивање на редовите на младата македонска интелигенција која излезот од таквата ситуација, односно ослободувањето на Македонија од Отоманската Империја и зачувувањето на македонскиот индивидуалитет, го гледале во создавање на една револуционерна организација.

Со текот на времето пропагандите станале: кохезионен фактор кој ги збил редовите на македонската младина, граѓанските, првенствено егзархиските средини и интелигенција [27]. Во голема мера странските пропаганди допринеде да дојде до формирање на Македонската револуционерна организација. Каков бил ставот на Македонската револуционерна организација кон Странските пропаганди се гледа од брошурата Стамболовштината во Македонија напишана од Петар Поп Арсов по барање на Централниот комитет на Организацијата. Меѓу другото во оваа брошура се истакнува:


граѓаните веќе започнуваат да си играат со бившиот министер, тешко е бај Сарафов, кога човек веднаш ќе падне морално пред очите на народот - нели?... и ве уверуваме дека така ќе продолжи да бива положбата на сите твои сотатковци, кои доаѓаат во Македонија, со претензија да создаваат Бугари, да ја култивираат земјата... уште потешка ќе стане положбата на вашето начелство, кое сака нека биде тоа, ако продолжите да ви дава слични инструкции, не ќе прокопса бугарската идеја, ако одите со тој ум. Зашто ние Македонците, баш ништо немаме, ништо не сме спечалиле, благодарение на слепата доверба кон своите божем браќа, па нема што да изгубиме [28]


сомневајќи се во најново време во некаков сепаратизам, а првин - се гледа во нашата народност[28]. (се стреми б.н) да го убие секое посамостојно движење во нас, да ја одземе секоја можност Македонците да се занимаваат со повозвишени општествени прашања, и на тој начин... да го стави народниот македонски дух во полна зависност од неа, да го огради како птица во кафез... да не окова во синџири за да не разигрува како мечка, и да не води таму, од каде добива голем бакшиш [28]


напомош сите чесни Македонци! Елате да ги спасиме општините... (бидејќи тие се б.н) единствен наш парламент, каде се закрепнувал и зачувал стариот демократски словенски дух на нашиот народ... единствена народна институција, која ја зачувале нашата националност и човечка физиономија во петстогодишниот период [28]


Од оваа брошура се гледа дека Македонската револуционерна организација започнала борба со Бугарската егзархија и Егзархиската групација во Македонија кој биле спроводници на Бугарската пропаганда во Македонија.

МНЛД официјално е конституирано на 28 октомври 1902 година со 19 потписници, а меѓу нив биле (Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Дијамандија Трпков Мишајков, Стефан Јакимов Дедов, д-р Г. К. Константинович и др.).

Една од главните цели МНЛД е афирнација на македонскиот јазик во литературата и тоа го направиле преку издавање на разни брошури и списанија. Треба да се истакне дека Крсте Петков Мисирков со подршка на Другарството ги ја објавил за За македонцките работи во 1903 година. Со оваа дело јасно бил истакнат македонскиот индивидуалитет и македонски јазик.

Ние можеме да го велиме како што сакаме, но во дејствителност тоа беше само частично. Тоа беше и е работа на егзархистите, коишто се величаат Бугари, па следствено, тоа е бугарски маневар за да се реши македонското прашање само во бугарска полза; тоа е да се создаде една Бугарска Македонија. Може да не е уште јасно оти ако се задоволат сакањата на комитетот, Македонија и навистина ќе се направи бугарска? Ќе се постарам да покажам појасно како реформите можат да ја побугарат Македонија. Се прашува: кој јазик ќе биде официјален? Одговараат: јазикот на мнозинството. - На кое мнозинство? - Тогаш ќе се види [29]


И најпосле, мнозина ќе забележат оти најголемата наша несреќа се крие во тоа што кај нас нема местен македонски патриотизам. Да беше кај нас тој, ние кај и да сме ќе мислевме и ќе работевме само за Македонија. А сега едни од нас гледаат на себе како на Бугари и ги соединуваат нашите интереси со бугарските и наместо да ја изучуваат Македонија во секаков однос, наместо да ја изучуваат историјата на Македонија во сите времиња, ги изучуваат бугарските интереси и бугарската историја и не честопати оние периоди од неа што немаат никаков однос кон Македонија [29]


Пропагандите станале: кохезионен фактор кој ги збил редовите на македонската младина, граѓанските, првенствено егзархиските средини и интелигенција [30]. Во почетокот на 90-години на 19 век во Македонија се појавило едно силно антиегзрхиско движење, и во контекст на ова движење Ѓорче Петров истакнува дека се јавило едно настроение на:

младите против владиците, општините, егзархиските учители и службеници, и една струја против посегањата на Егзархијата бесконтролно да господарува во црковните и училишните работи во земјата. Еснафите, што во македонските градови сочинуваа моќен сталеж, скоро минаа во оваа борба на страна на младите. . . Ова движење се паѓа паралелно со појавата на таканаречениот од некои македонски сепаратизам, изразен преку списанието Лоза, во Софија, раководено од Арсов, Баласчев, Хаџи Николов и други. . . Во Солун се пројави меѓу учителите во гиманазијата исто ова сепаратистичко движење. Реченото раздвижување . . . го сметам како прв чекор на самодејност во земјата. . . Тоа неосетно се прероди во револуционерно движење [31].

Македонската интелигенција запазувањето на македонскиот национален индивидуалитет го видела во создавање на една револуционерна организација. Антипропагандните определби на организацијат се гледаат во нејзините уставо - статутарни акти [32]: Организацијата се бори да ги премавне шовинистичките пропаганди и национални расправии, кои го цепат и ослабуваат македонското и одринското население во неговата борба против општиот непријател [33].

Крсте Петков Мисирков во својата книга За македонцките работи истакнува:

Мислата за национално обединување на Македонците, иако под маската бугарска, се зафати во 1890 г. Во крајот на 1889 год. се префрлија во Бугарија 30-40 души ученици и студенти Македонци од Белград во Софија. Тие ученици се душата на сите настани во Македонија оттогаш досега. Тие беа запознаени со Србија и Бугарија, со нивните култури и цели во Македонија. Тие и ја сознаа опасноста за дележ на Македонија помеѓу тие две држави - ако Македонците самите не се вооружат за да си извојуваат сами, со сви сопствени сили и средства слобода и со тоа да го предупредат дележот на Македонија. По нивна иницијатива во почетокот на деведесетите години се образува едно национално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со издигнување на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистичко движење на Македонците во Бугарија беше списанието „Лоза”.Но тоа духовно движење на Македонците не и’ се бендиса на бугарската стамболовска влада, којашто забрани да се издава „Лоза” и фати да ги гони Македонците сепаратисти. Од тоа уште време побегна Дамјан Груев, којшто беше во бројот на Македонците ученици што паминаа од Белград во Софија и во бројот на сепаратистите. Немајќи во Бугарија почва за национален сепаратизам, Македонците што пребегаа од Белград во Софија, се зафатија со образување на револуционерни организации во Бугарија и во Македонија.Видните Македонци револуционери сепаратисти, како Делчев, беа само ученици на првото поколение Македонци ученици српски и бугарски. Исто така и Сарафови другите подоцнешни револуционери се јавија само како нивни продолжувачи и следбеници, но не иницијатори на револуционерната организација. Од самиот зафаток на револуционерната организација Македонците во Бугарија, или со бугарско образование, работеа под маската Бугари, едно затоа што така се викаше голем дел од населението, а друго, што по тој пат можеше да се добие поддршката на бугарската влада, на бугарскиот народ и на Бугарската егзархија.


Бугарскиот трговски агент во Солун, Атанас Шопов и солунскиот валија Хасан Фехми паша во почетокот на 1904 година имале разговор, при што валијата постојано се оплакувал од Македонците и го прашал Шопов: „Дали Македонците уште бујствуваат во Бугарија?“ На тоа Шопов одговорил:

„Како да не бујствуваат паша ефенди кога денес поголем дел од македонското население е во Бугарија, поголемиот дел од жителите на Софија се Македонци; голем дел од офицерите во армијата се Македонци; голем дел од видните чиновници се Македонци; целата македонска интелигенција од Македонија е во Бугарија. Македонска е и толпата по улиците“. [34]


По оваа валијата констатирал дека Македонците играат важна улога во Бугарија. На што Шопов додал „многу важна паша ефенди, поважна од секогаш. Улогата на Македонците во судбината и животот на Бугарите во општо секогаш била важна“. За поткрепување на изнесеното, Шопов го потенцирал придонесот што го дале Македонците на културен план за Бугарите. Во тој контекст ги наведува: отец Паисиј како автор на првата бугарска историја; Кирил Пејчиновиќ и неговото дело кое наводно е на бугарски јазик; Теодосиј Синаитски кој ја отворил првата бугарска печатница во Солун и го испечатил првиот бугарски буквар; потоа Неофит кој го отворил првото бугарско училиште во Габрово поради што се сметал за патријарх на бугарското училиште.

Посебен впечаток остава фактот дека за ниту еден од нив не се вели дека е Бугарин, туку се потенцира дека тие се Македонци по род. Истовремено А. Шопов, потенцирал дека Македонците дале значаен придонес и за бугарското црковно прашање. На повторната констатација од страна на валијата дека Македонците принеле значајни заслуги за бугарскиот народ, следи образложение: „не само за бугарскиот, туку и за грчкиот... во време на грчкото вос та ние...“ На крај од разговорот Шопов истакнал:

Така што гледате паша ефенди какава улога играле секогаш Македонците во животот на бугарскиот народ. Уште поважна играат сега. Ако работата е за оплакување, ние од Бугарија имаме повеќе право од Вас (Турците б.н) да се оплакуваме од Македонците, зошто тие ни ја превзедоа нашата сила, тие ни ги зедоа најдобрите места и служби, тие ни ги превзедоа финансиите и градовите, тие ни ја презедоа војската и нашите министерства, тие ни ја презедоа трговијата, тие презедоа речи си с¢ во Бугарија... Избавете нe од нив заради Бога.


Дека еден дел од дејците на Македонскиот комитет се залагале за самостојна македонска држава се гледа од извештајот на Кузман Дамјанович од 4.03.1899 година во кој тој ја забележал дискусијата на македонските дејци, а меѓу нив се нашле Коста Шахов, Андреј Љапчев и други. Меѓу нив се разврзала дискусија во која било истакнато:

Ама немој ти да веруваш дека револуционерите работат за автономна Македонија, та отпосле да ја присоединат кон Бугарија? Боже чувај! Тоа никогаш нема да биде... Сите ние Македонци, макар каде и да сме, макар и колку и да сме учеле, никој нема да дозволи Македонија да се присоедини кон било кој, туку ќе работиме... кон неа да се присоединат други провинции. Нас иинтелигенцијата, не школувале, а и денес не школуваат Руси, Романци, Срби и Бугари... Но, никој од нас не ќе постане слуга на ниту една по никоја цена, туку веднаш ќе дојде во своето јато, кон кое и ние дојдовме... Ние имаме славен елемент, а нашиот народ е жилав и еднаш добие ли Македонија автономија, тогаш побрзо Бугарија ќе стане македонска, отколку Македонија - бугарска. Ние за тоа имаме шанса... во Бугарија на највисоки места денес се Македонци... без сомнение во свое време денешните великани Македонци по народност ќе пријдат нам и Бугарија ќе биде македонска... веруваме дека тоа ќе биде порано или подоцна... македонија ќе биде држава - републикансака, таа ќе гледа кон себе да привлече и други во сојуз како кантони и така што биде силна држава [35]


На 6 април 1896 г. се сретнал со српскиот дипломатски претставник Владан Ѓорѓевиќ. Притоа, Фердинанд ја истакнал потребата од српско-бугарско зближување за што главен проблем претставувале нивните спротивставени интереси во Македонија. Во разговорот, Фердинанд потенцирал дека додека Србите и Бугарите се расправале за раженот, зајакот се уште бил во шума. Во контекст на тоа Фердинанд истакнал:

Во Македонија, главната маса од населението ниту се Бугари, ниту Срби, туку Словени и христијани, кои зборуваат јазик подеднакво далечен или ако сакате подеднакво близок на српскиот и на бугарскиот јазик, но, јазик, кој е посебен дијалект, ако не и посебен јазик. Наместо да се караме околу тоа, дали тој е дијалект на српскиот или бугарскиот јазик, ние треба заеднички да работиме и тоа овде (Цариград б.н) кај нашиот заеднички татко Султанот, за да им даде на своите верни поданици во Македонија такви реформи кои ќе им осигураат човечки живот и културен развиток... Ако тоа се реши, културата на Македонците ќе го реши прашањето кое што никоја сила не може да го реши, па дури ако Србите и Бугарите поради тоа ја фрлаат на коцка својата државна егзистенција [36]


Францускиот публицист, книжевник и новинар Гастон Рутие, есента 1903 година, веднаш по Илинденското востание ја посетил Македонија. Своите впечатоци од Македонија ги објавил во 1904 година во книгата:“La qusetion masédoine – on doit au peuple vérité“.Освен Македонија, Гастон Рутие ја посетил и Бугарија, каде собирал информации за македонското прашање. Меѓу другите, таму се сретнал со Иван Шишманов - бугарски министер за образование, кој според него бил доста забележителен и образован.Притоа во разговорот со него во врска со македонското прашање И. Шишманов истакнал:

„По дест години, ако Македонија стане

автономна, таму нема да постојата ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, ќе постојат само Македонци. Тие ќе имаат многу заеднички политички интереси, особено економски, што треба да ги созадаат со својта неуморна работа, ако сакаат да бидаат независни од државите што се понапредни од нив и чие производство би го уништило нивното. Како земјоделци, не ќе им биде воопшто од интерес да се спојат со земјодеските земји кави што се Србија и Бугарија; како индустријалци, ќе сакаат да ја штитаат својата индустрија која ќе биде против нашата; најпо сле, тие ќе сакаат да ги задржат за себе местата на функционери во нив ната администарација и на офицери во нивната војска. Значи, Македонија ќе биде независна и Македонците ќе останат Македонци. Ако Европа го мисли спротивното, таа греши; ако Бугарите сметаат на бугаризација на Македонија, тоа се илузии“. [37]


За координација на бугарската политика во однос на македонското прашање во 1904 година при Министерството за надворешни работи на Бугарија било формирано Второто политичко одделение со задача „исклучиво да се занимава со македонските работи“. Оваа институција врз основа на сознанијата добиени преку официјалните бугарски институции, по разузнавачки канали, и други извори, изготвувала извештаи, анализи и предлози за потребите на бугарската политика во однос на македонското прашање. За таа цел на 25. III. 1906 година е подготвен опширен извештај на 34 страници машинопис. Во него е направена анализа на состојбите во Македонија и македонското револуционерно ослободително движење предводено од ВМОРО како и на успесите и недостатоците на бугарската политика. Во документот истовремено се препорачуват сретства и методи за перспективната бугарска политика во однос на Македонија и македонското ослободително движење.

Според извештајот главна задача на бугарската политика во однос на македонското прашање треба да биде: „од една турска Македонија, ние треба да создадем една цела, неделива и бугарска Македонија“ [38]. Додека во однос на идејата за автономија на Македонија која била програмска определба на ВМОРО во извештајот се вели: „Автономијата, ако таа се оствари, нам не н£ е потребна како одвлечен принцип на слободата. Таа треба да биде или бугарска автономија или никаква“.

Во извештајот се констатира дека „триумфот за бугарскта идеја“, во Македонија, „ќе биде голем“, доколку „се подржува интернационалноста во Организацијата“. Меѓутоа во контекст на тоа се вели:

„Интернационалноста на Организацијата не ќе рече прекинување на сите врски и одрекување од нашата (бугарска б.н) народност, како што проповедаат некои диви социјалисти од типот на Сандански и Черњопеев“.


Последново е експлицитна потврда од официјално бугарско ниво дека Сандански и неговите приврзаници не само што не се чувствувале за Бугари, туку и така проповедале. По адреса на истата групација се изречени следниве констатации: „Луѓето, кои навистина ја оцрнуваат автономната идеја и предизвикуваат сомневање во нивните чувства кон народното (бугарско б.н) единство, за жал постојат во Организацијата“.

Во продолжение за нив се вели: „Тие, кои мислаат, дека може лесно да се отцепат живеат со илузии за некакво помирување меѓу народите. Тие гледаат пречки во одделните аспирации на секој народ за територијално проширување... Тие се одрекуваат од политичката целина со Бугарија и претпочитат да образуваат од Македонија одделна политичка единица, која ќе послужела, барем како јатка на идната Балканска федерација“. Понатаму за истата група се вели: „Луѓето од таа група се вдахновуваат од мислата дека живеат за Македонија и само за Македонија. Ете зошто тие се хранаат со илузии да не му допуштат на бугарскиот кнез да стави кралска круна на својата глава за сметка на Македонија, а исто да ја бранат целоста и независноста на земјата од пљачката на кнезот“.

Во споменатиов извештај Македонците, вообичаено се третираат како Бугари. Меѓутоа, притоа се потенцира дека „за разбудување на бугарските национални чувства... заслуги имаат црквите и училиштата“. Последново е самопризнание дека присуството на „бугарска национална свест“ во Македонија всушност не е последица на некакво внатрешно чувство и самоопределување, туку наметната свест преку официјалните бугарски институции во услови на отсуство на било каква македонска институција. Интересно во извештајот кога станува збор за Македонците под српско влијние за нив се користат термините: Македонци, србомани, посрбени Македонци, и србизирани Македонци. Кон крај од документот се предлагат мерки за нивно оттргнување од српското влијание, на начин што за таа цел треба да се искористат услугите на неколку „вистински Македонци“.


Наводи[уреди]

  1. From Rum Millet to Greek and Bulgarian Nations: Religious and National Debates in the Borderlands of the Ottoman Empire, 1870–1913, Theodora Dragostinova, Ohio State University, Columbus, OH.
  2. The act instituted the “Bulgarian millet,” a new entity that combined the modern notion of “nation” with the Ottoman principle of millet. Eastern Orthodox Encounters of Identity and Otherness: Values, Self-Reflection, Dialogue, Andrii Krawchuk, Thomas Bremer, Palgrave Macmillan, 2014,ISBN 1137377380, p= 55
  3. Entangled Histories of the Balkans: Volume One: National Ideologies and Language Policies, Roumen Daskalov, Tchavdar Marinov, BRILL, 2013, ISBN 900425076X p. 189.
  4. Evolutionary theory and ethnic conflict, Patrick James, David Goetze, Greenwood Publishing Group, 2001, ISBN 0275971430, p. 159.
  5. Компендиум "Бугарската нација во ренесансата." Том втор. Издаваштво на БАН, Софија, 1989 година стр 112-113.
  6. The Balkan Wars in the Eyes of the Warring Parties: Perceptions and Interpretations, Igor Despot, iUniverse, 2012, ISBN 1475947054, p. 12.
  7. Nationalist Exclusion and Ethnic Conflict: Shadows of Modernity, Andreas Wimmer, Cambridge University Press, 2002, ISBN 052101185X, pp. 171-172.
  8. Islam, Secularism and Nationalism in Modern Turkey: Who is a Turk?, Soner Cagaptay, Routledge, 2006, ISBN 1134174489 P. 5.
  9. Късно средновековие и Възраждане, Том 2 от История на българите, Емил Александров, TRUD Publishers, 2004, ISBN 9545284676, стр. 593-594.
  10. Collective Memory, National Identity, and Ethnic Conflict: Greece, Bulgaria and the Macedonian Question, Victor Roudometof, Greenwood Publishing Group, 2002, ISBN 0275976483, р. 85.
  11. History of the Balkans, Barbara Jelavich, Cambridge University Press, 1983, ISBN 0521274583, р. 343.
  12. A Concise History of Bulgaria, R. J. Crampton, Cambridge University Press, 2005, ISBN 0521616379, р. 74-75.
  13. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  14. Мутафчиев П Книга за Бугарите, 1987 година II-ро ед. стр 149-150.
  15. Проблеми на Бугарската преродба. Со, 1976, 271-294. Гандев, Хр.
  16. When Ethnicity Did Not Matter in the Balkans. J. V. A. Fine, University of Michigan Press, 2006, ISBN 047211414X, pp. 3-5.
  17. [Историја на Бугарите: Во 8 тома. Доцна среден век и преродба. Том 2 од Историја на Бугарите, ISBN 954621213X, Автор Георги Бакалов, Уредник Георги Марков, Етикета TRUD Publishers, 2004, стр 52-53.]
  18. Нѣколко риечи о Асѣню Първому: великому царе българскому и сину му Асѣню Второму, Георги Стојков Раковски во Кн. Србија. Книги-печятницѫ, 1860, стр 2.
  19. Историја на Бугарите. Том 2 од Georgi Bakalov, ISBN 954621213X, TRUD Publishers, 2004, стр.
  20. Communities and identities in Bulgaria, Anna Krŭsteva, Longo, 1998, ISBN 8880632108, p. 308
  21. 21,0 21,1 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  22. Љ. Лапе, Одбрани текстови... втор дел, 292 - 293.
  23. С. Димевски, Митрополитот скопски Теодосиј, живот и дејност ( 1846 - 1926), Скопје, 1965.
  24. †Лоза#, месечно списание, издава Младата македонска книжевна дружина, Свобода, VI/774, Софија, 18. 02 1892, 3.
  25. Д. Т. Левов. Лоза, Свобода, ВИ/786, Софиja, 13. 04 1892, 3.
  26. Д. Т. Левов. Лоза, Свобода, ВИ/786, Софиja, 13. 04 1892, 3.
  27. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име DIMEDIM.
  28. 28,0 28,1 28,2 28,3 Вардарски (Петар Поп Арсов), „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, превод, редакција, коментар и предговор д-р Ванчо Ѓорѓиев, Табернакул, Скопје 2006
  29. 29,0 29,1 К.П.Мисирков, „За Македонцките работи“, јубилејно издание, Табернакул, Скопје, 2003. ISBN 9989-937-42-7
  30. Д. Димески, Македонското национално движење во Битолскиот вилает 1893-1903
  31. Ѓ. Петров, Спомени, 48
  32. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име vgj.
  33. Член 2 од Уставот на ТМОРО
  34. ДАРМ, Бугарски генерален конзулат (БГК) - Солун 1896-1915, мф. Бр. 4278, Но. 181, 20 февруари 1904.
  35. А.М.ф. ПО. мф. 451, пов. бр. 150/99, Софија, 4.03.1899.
  36. Државен архив на Репубилка Македонија (ДАРМ), ф. Политичко Одделени (ПО), мф. 446, Пов. Но. 228, Цариград, 26. III 1896.
  37. Македонија во делата на странските патописци, 1903..., 169-170.
  38. Vanco Goriev, Bugarski dokument od 1906 godina za sostojbite vo Makedonija i VMORO i bugarskata politika kon niv, Istorija, XXXIII/1-2, Skopje 1997; Vanco Goriev, Politikata na Bugarija kon Makedonija i VMORO 1904-1906 godina, Istorija, XXXIV/1-4, Skopje 1998/9, 28-29.

Извори[уреди]

Поврзано[уреди]