Ера на лалињата

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ерата на лалињата (21 јули 1718 - 28 септември 1730) е период од историјата на Османлиското Царство кој започнал по потпишувањето на договорот од Пожаревац до востанието на Патрона Халил.

Овој период бил релативно мирен за империјата која претежно започнала да се ориентира кон Европа. Во текот на овој период, на чело со Ахмед III и неговиот зет и голем везир Невшехирли Дамат Ибрахим Паша, империјата се обратила кон практикување на нови политики и програми кои довеле до основање на првата печатена османлиска преса и преведување на голем број на дела, како и до промовирање на трговијата и индустријата. Големиот везир главно се занимавал со подобрување на трговските односи и комерцијалните приходи на земјата, кое требало да придонесе до враќање на населението во градовите.

Периодот е наречен според бескрајниот број на лалиња кои биле одгледувани. Лалињата можеле да се најдат дури и во продавници за текстил. Во текот на овој период, уметноста, културата и архитектурата биле во подем. Архитектурата паднала под влијание на барокот од Европа. Класичен пример за ова е фонтаната на Ахмед III пред Топкапи-сарај која се состои од класични исламски елементи во европски барок стил. Империјата за првпат испратила свои амбасадори во Европа, во Истанбул била основана противпожарна единица.