За македонцките работи
| „За македонцките работи“ | |
"За македонцките работи", корица на оригиналот. |
|
| Автор | Крсте Петков Мисирков |
|---|---|
| Земја | Бугарија |
| Јазик | македонски |
| Жанр(ови) | лингвистика, историја, етнографија, политика и аналитика |
| Издадена | 1903 |
За македонцките работи е книга напишана од Крсте Петков Мисирков и објавена во Софија во 1903 година. Книгата ги претставува погледите на еден од најголемите македонисти и национални дејци кон македонското прашање, националната свест и пред сè кон македонскиот јазик. Во книгата се обработува тематиката за основање на стандарден македонски јазик, правопис и азбука.
Содржина |
[уреди] Содржина на книгата
Книгата на Мисирков е политичка анализа на положбата на македонскиот народ и предлог-програма за македонското националноослободително движење. Истовремено, таа ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет.
Книгата „За македонцките работи“ била испечатена во 1903 година во Софија, тогашно Царство Бугарија, и била печатена во т.н. „Либерален клуб“. Самата книга има над 120 страници и поделена на пет дела и предговор. Четири од петте поглавја се всушност и говори кои Мисирков ги читал на состаноците на македонскиот литературен кружок во Русија. Поглавјата на книгата се:
- Предгоор
- Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?
- Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?
- Националниот сепаратизм: земишчето, на коіе се имат развиіено и ке се развиіат за однапред.
- Состауала, состауат и можит ли Македониіа да состауат от себе оддел’на етнографцка и политична іединица?
- Неколку зборои за македонцкиіот литературен іазик.
[уреди] Мисирков и јазичното прашање
Во оваа книга тој го прогласува централното македонско наречје за литературен македонски јазик и ја определува својата национална програма, во која главно место има прашањето за македонскиот литературен јазик. Со оваа книга, тој теориски ги изложи погледите за оформување на македонскиот литературен јазик. Неговиот јазик, всушност, е нормиран јазик и претставува солидна основа за дефинитивното нормирање и кодифицирање на македонскиот јазик. Последната статија во оваа книга носи наслов "Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик" и претставува прв научно аргументиран, теориски солидно поставен и практично разработен проект за кодификација на македонскиот јазик.
Мисирков тргнува од особеностите на македонскиот јазик во однос на другите словенски јазици. Тој ја разгледува неговата историја, неговата практична примена во писменоста, како и културно-историските околности кои придонесуваат да се избере западномакедонското наречје и да се издигне на ниво на литературен јазик.
Според Мисирков, потребата од одделен македонски литературен јазик е национален интерес на македонскиот народ и успешно средство во национално-политичката борба против туѓите пропаганди и против употребата на туѓите соседни јазици.
Мисирков се определува за брзо решавање на македонското јазично прашање и ги оформува своите ставови за македонскиот литературен јазик, главно, во три точки:
- за основа на литературниот јазик ги зема централните говори (на линијата Велес - Прилеп - Битола - Охрид), бидејќи тие се еднакво одалечени од соседните литературни словенски јазици (бугарски и српски)
- го поставува правописот врз фонетска основа, со мали отстапки на етимологијата
- во лексиката предлага да се вклучуваат елементи од сите македонски говори
Така, во изговорот и правописот инсистира на:
- испуштање на интервокалните согласки, и тоа на в (чоек, жиот, зборои итн.), на х (дуот, Орид), на д (создаит) и слично
- ф наместо старото х (успеф)
- антиципација на мекиот изговор на ќ и на њ (брајк‘а, стаин‘е)
- групата шч (шчо, опшч)
- групите стр, здр во сите случаи (стред, здрел, праздна)
- наставката цки наместо ски (македонцки, балканцки)
На морфолошко поле, инсистира на наставката -т во трето лице еднина сегашно време (требит, мислит, значит), исто и кај формите од помошниот глагол јет, сет. Значително е што предлогот од имал две форми, па забележуваме користење на предлогот от пред збор што започнува на беззвучна согласка и предлогот од пред збор што започнува на звучна согласка и сонанти.
Мисирков го прифаќа кирилското писмо и составува азбука врз современи принципи. Во македонската кирилица тој воведува неколку нови графеми: i, к‘, г‘, н‘, л‘, со кои таа се разликува од другите кирилски писма. Исто така, во согласност со фонетскиот правопис инсистира на бележење на едначењето по звучност.
Во лексиката, и особено во зборообразувањето, инсистира на народна лексика и на живи зборообразувачки модели: дележ, продолжаач, опитуачка и слично.
[уреди] Бугарската гледна точка
Бугарската наука тврди дека Мисирков јaвно се откажува од пишувањата во својата книга објаснувајќи дека „настапил како импровизиран политичар по македонското прашање". Таа го посочува и податокот дека и во предговорот Мисирков пишува дека целото словенско население на Македонија, во 1903, се нарекува бугарско, но поради тоа што Грците ги нарекувале со ова заедничко име Словените и Бугарите (за кои Мисирков тврди дека се монголско племе[1]), дојденци од Азија, така што ова име останало кај Македонците. Затоа што тие така сакале, но не значи дека било тоа точно. Бугарите и до ден денес не го признаваат македонскиот литературен јазик.
[уреди] Наводи
- ↑ Но над много Византиiа пострада од народот бугари, од монголцко племе, коi шчо опустошуаше се шчо ке му се попаднит во Византиiа. Во полчишчата на тоi народ имаше и словени, коiи се броiеiа од византиiците пак за бугари. Наi голем удар доби Византиiа од бугарите, коiи шчо зедоа од неiа голем дел неiни земiи, заселени со словени, и од ниф образуваа iедна голема и силна држаа, коiа од VIII век до идеiн'ето на турците на Балканцки полуостров, готоо постоiано наносеше на неiа iеден удар за друг... Словените од Бугариiа и Македониiа наi напред беа само соiузници на бугарите во воiните со Византиiа. Но соiузните со бугарите словенцки полчишта беа во очите на неприiателите т. е. византиiците пак бугарцки. Значит византиiците зафатиiа да прекрстуваат словените ушче од времето на Аспарухоата орда. Постоiаната борба рамо за рамо со бугарите и напраи ниф iеден народ со бугарцко име, но со словенцки iазик. Бугарцкото име мег'у словеиите беше попул'аризирано од грците, и оно, прво, означааше само бугарите — монголите, после нивните воени соiузници, после бугарцките поданици и наi после стана етнографцки термин за бугарцките словени. Но тоа име во очите и устата на грците имаше ушче специално значеiн'е: наi ненавистни за ниф варвари, л'уг'е не образоани, груби, коiи граничаат со звероите. За грците се словенцко беше грубо и бугарцко.
[уреди] Додатни информации
- „Крсте Петков Мисирков. Научен собир посветен на 40-годишнината од смртта Скопје 24-25 јуни 1966“, Инситит за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Скопје, 1966.
- „Крсте Петков Мисирков и национално-културниот развој на македонскиот народ до ослободувањето“, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Скопје, 1976.
[уреди] Видете исто така
- Списание „Вардар“
- Крсте Петков Мисирков
- Македонскиот јазик за време на преродбата
- Балкански пропаганди во Македонија
[уреди] Надворешни врски
- За македонските работи на современ македонски правопис на Викиизвор.
- За македонцките работи на стар македонски правопис на Викиизвор.
- „За македонските работи“ на Комонс.
- За македонцките работи, текстот на книгата
- За македонцките работи, Од Дигиталниот архив на македонскиот јазик при МАНУ
- „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“ е-книга во PDF на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје (македонски)
- Цитати извадени од контекст од книгата „За македонските работи“
|
||||||||||||||||||||||||||