Македонскиот јазик за време на преродбата

Од Википедија — слободната енциклопедија

Историјата на македонскиот јазик и неговиот развој се одвивале во неколку етапи сè до оформувањето на стандардниот литературен јазик. Една од поглавните и позначајните етапи на развојот на македонскиот јазик е за време на преродбата, односно низ текот на 19 век. Овој период е познат како преродбенички поради големиот број на литературни и национални дејци и напорите на истите за оформувањето на македонскиот стандарден јазик. Меѓу позначајните преродбеници се Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски и Ѓорѓија Пулевски кои со своите дела и залагања придонеле во голема мера за развојот на јазикот. Ѓорѓија Пулевски во македонистиката е познат по своите речници и воедно ги создава првите речници на македонскиот јазик. Димитрија Чуповски е значаен по своите залагања за осамостојување на Македонија и македонскиот јазик, слични со ставовите на Крсте Петков Мисирков.

Овој период во историјата на македонскиот јазик е познат по зачестената присутност на народниот македонски јазик, шаренило на дијалекти и различни македонски говори.

Поради недостаток на стандардната македонска азбука, поголем број од македонските преродбеници се служеле со странските соседни азбуки за запишување на мислите, како на пример користење на грчката, српската, бугарската или руската азбука при создавањето на книжевните дела. Потребата од стандардизирање на македонската азбука била повеќе од неопходна и тоа било едно од главните задачи со кои се занимавале македонските преродбеници[1].

Реформите во македонската азбука, правопис и граматика од Крсте Петков Мисирков биле едни од најзначајните за македонскиот јазик и неговиот современ развој. Тие биле важни поради тоа што:

  • биле почеток на конечната стандардизација на македонскиот јазик,
  • биле првите чекори кон оформување на современ македонски правопис и азбука, и
  • биле почетоците на обединувањето на македонскиот јазик и негово зацврстување како посебен литературен јазик[2].

Голем број на документи, записи и книги се зачувани од овој период. Добар дел од нив се напишани на народен македонски јазик. Меѓу најзначајните јазичарички документи од овој период се книгата „За македонцките работи“, списанието „Вардар“, Тријазичникот, списанието „Лоза“, „Слогница Речовска“ и поголем број на други историско-јазичарички документи.

Реформите на Крсте Петков Мисирков се од голема значајност за македонскиот јазик бидејќи тие се најблиску до денешниот стандарден македонски јазик.

Реформите во азбука[уреди | уреди извор]

Македонските писатели, поети и национални дејци за време на преродбата користеле повеќе соседни азбуки за запишување на своите мисли, во зависност од тоа каде се печателе книгите. Така на пример бележиме македонски песни печатени со бугарска азбука, статии и летописи печатени со руска азбука и книги и списанија со српска или грчка азбука.

Потребата од создавање на стандардна современа македонска азбука била неопходна бидејќи Македонците имале потреба од запишување и овековечување на македонскиот јазик. Старите македонски азбуки што се користеле, како на пример, глаголицата, старословенското писмо и илинденската азбука повеќе не ги задоволувале современи фонетски и фонолошки потреби на македонскиот јазик бидејќи одредени букви од тие азбуки не се користеле повеќе во македонскиот јазик, туку биле заменети со други гласови.

Реформите во азбуката направени од Крсте Мисирков биле едни од поголемите од таков вид во 19 век и раниот почеток на XX век. Неговите реформи, а воедно и на македонското научно здружение „Свети Климент“, се делат на две етапи. Првата етапа на реформата се одвива во периосот од 1902-1903 и типичен пример за тие азбучни реформи е книгата „За македонцките работи“. Втората етапа од реформите во македонската азбука е за време на периодот од 1905-1906 па натака и типичен пример за таа втора етапа е списанието Вардар, печатено во Русија.

Прва реформска етапа[уреди | уреди извор]

Првата реформа во азбуката е воедно и основната реформа врз самото писмо врз која се темели и втората етапа од реформата. Имено, во оваа реформа, Мисирков ја реформирал азбуката врз фонетски принцип, како што е и денешната македонска азбука. Новина во оваа азбука е тоа што се воведуваат нови графеми за македонските гласови. Оваа азбука ги содржи истите гласови како и денешната македонска азбука, со мали разлики во графемите. Мисирков ја прилагодил азбуката според македонскиот фонетски систем. Оваа реформа на азбуката се направила во 1902/ 1903 година и типичен пример на употреба на оваа азбука е книгата „За македонцките работи“ и делата објавени околу овој период[3].

Големи букви
А Б В Г Д Г’ Е Ж З Дз И І К Л Л’ М Н Н’ О П Р С Т К’ У Ф Х Ц Ч Дж Ш
Мали букви
а б в г д г’ е ж з дз и і к л л’ м н н’ о п р с т к’ у ф х ц ч дж ш
Денешна македонска азбука
а б в г д ѓ е ж з ѕ и ј к л љ м н њ о п р с т ќ у ф х ц ч џ ш

Втора реформска етапа[уреди | уреди извор]

Втората реформна етапа на азбуката е всушност унапредување и усовршување на реформираната македонска азбука од 1903. Оваа втора фаза на реформа се случила во периодот околу 1904/ 1905 година од страна на Крсте Мисирков. Со оваа втора етапа се усовршиле некои од графемите, а при тоа се испуштаат одредени диграфи од самата азбука. Типичен пример за употреба на оваа азбука е списанието Вардар, печатено во 1905 година во Русија и други документи и книги од тој период[1].

Големи букви
А Б В Г Д Ѓ Е Ж З И І К Л Л’ М Н Н’ О П Р С Т Ќ У Ф Х Ц Ч Ш Ą
Мали букви
а б в г д ѓ е ж з и і к л л’ м н н’ о п р с т ќ у ф х ц ч ш ą
Денешна македонска азбука
а б в г д ѓ е ж з и ј к л љ м н њ о п р с т ќ у ф х ц ч ш темна „а“

Во однос на азбуката од 1903 година, нова е само буквата ą, додека знаците за меките согласки малку се изменети: знакот за мекост (апострофот) не е ставен од десната страна на буквата туку веднаш над буквата како во денешните букви ќ и ѓ. Покрај овие две букви, постојат и две други разлики во однос на денешната и првата реформна азбука. Буквите џ и ѕ имаат одредена варијација во втората реформна етапа, така на пример буквата ѕ воопшто не е присутна во азбуката и при пишувањето, а додека буквата џ е присутна при пишување како диграфот „дж“, но не е дел од самата азбука[2].

Сите букви во азбуката означуваат посебни гласови. Буквата ą (направена според полската буква) и денес не е разјаснета во целост за нејзиниот точен изговор поради постоењето на повеќе варијанти. Според С.Б. Бернштејн буквата се употребува на местото на старата носовка од заден ред што во централните македонски дијалекти се променила во „а“.[4] Исто така, Бернштејн мисли дека старата носовка со реформата на Мисирков се предавала со две букви: а и ą. Според материјалите, особено од весникот, ќе се забележи дека Мисирков навистина ја користи буквата „ą“ на местото на старата носовка, па така има: к’е се поąмчит, крąгови, глąбока, грąдите, кąі нас и слично.

Но ваквото тврдење на рускиот јазичар се потврдило како една страна на вистината, поради фактот што истата таа буква низ текстовите ја среќаваме и на места каде никогаш не се користела старата носовка од преден ред. Така на пример имаме зборови: Вąдришта, сąта вери, да гу донесąм, одąм и слично.

Од наведените докази, може да се заклучи дека буквата „ą“ се користела во македонскиот јазик за претставување на темната буква „а“. Таа буква е кратка и темна верзија на гласот а и со денешни примери би се објаснила како глас што е измеѓу гласовите /a/ и /ə/[5]. Буквата е слична со англискиот глас /ʌ/ и романската буква â.

Мисирков ја додал оваа буква во азбуката од две причини:

  1. да се обележи местото на старата носовка со еден знак што ќе може да ги обединува различните рефлекси во македонските говори, и
  2. да го вклучи и охридскиот дијалект во централномакедонските дијалекти врз кои се темели македонскиот литературен јазик[5].

Реформите во правописот[уреди | уреди извор]

Како и при реформите во азбуката, така и при реформите на правописот на македонскиот јазик за време на преродбата забележуваме две етапи. Првата, и главната, етапа при реформата се одвивала истовремено со реформите врз азбуката. Основата на правописот на македонскиот јазик се засновал врз народниот македонски говор, односно на македонските дијалекти особено на централните дијалекти, како што е и денес. Првата етапа се одвивала за време на периодот од 1902/ 1903 година, а додека втората етапа се одвивала за време на периодот од 1904/ 1905 година. Правописот на македонскиот јазик од тој период е во голема мета сличен со денешниот правопис, со мали исправки и измени.

Прва реформска етапа[уреди | уреди извор]

Првата етапа на реформата на правописот на македонскиот јазик е околу 1902/1903 година и типичен пример за таа реформа во парвописот е книгата „За македонцките работи“ и други документи од тој период. Правописот се засновал врз централните дијалекти на македонскиот јазик, но користи и зборовен фонд и фонетски принципи од останатите околни дијалекти. Главните одлики на правописот според првата главна етапа од реформите се:

  • предлогот од имал две форми, па забележуваме користење на предлогот от пред збор што започнува на безвучна согласка и предлогот од пред збор што започнува на звучна согласка и гласници.
  • испуштање на меѓусамогласните согласки, и тоа на в (чоек, жиот, зборои итн.), на х (дуот, Орид), на д (создаит) и слично
  • в наместо старото х и одбележување на обезвучување на крајот на зборот (успеф)
  • антиципација на мекиот изговор на ќ и на њ (браік‘а, стаин‘е)
  • употреба на групата шч (шчо, опшч)
  • групите стр, здр во сите случаи (стред, здрел, праздна)
  • наставката цки наместо ски (македонцки, балканцки)

Втора реформска етапа[уреди | уреди извор]

Правописот на македонскиот јазик зададен од Мисирков во 1903 година и принципите од истиот биле во голем дел исти и со реформските обиди и на втората етапа. Сепак се забележуваат поголеми промени во самиот правопис, промени кои се многу слични со денешните правописни норми на македонскиот јазик, скоро исти. Една од главните извори од кои се црпат доказите и знаењата на македонскиот правопис од тој период е списанието „Вардар“ и од останатите документи од тој период. Втората етапа се случила во периодот 1904/1905 година.

Реформите во граматиката[уреди | уреди извор]

Како и денешниот литературен македонски јазик, така и македонскиот јазик кој се користел во книгите во тоа време, во најголем дел, се базирале на централните македонски дијалекти. Поради тој факт, голем дел од книжевните дела споделувале скоро исти граматички одлики, типични за македонскиот јазик и централните македонски дијалекти. Меѓу позначајните се користењето на тројниот член, личните заменки, времињата, предлозите и слично[6].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Вардар“, Блаже Ристовски, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“- посебни изданија книга 4, Скопје, 1966
  2. 2,0 2,1 стр. 55 и 56, „Вардар“, Блаже Ристовски, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“- посебни изданија книга 4, Скопје, 1966
  3. Георги Сталев- Литература на македонскиот јазик
  4. С.Б. Бернштејн, цит. прилог, стр. 74.
  5. 5,0 5,1 стр. 57, „Вардар“, Блаже Ристовски, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“- посебни изданија книга 4, Скопје, 1966
  6. стр.62, „Вардар“, Блаже Ристовски, Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, Скопје, 1966

Поврзано[уреди | уреди извор]