Капи-ага

Од Википедија — слободната енциклопедија
Претстава од 19 век на Главниот Црн Евнух (лево), судија-џуџе (средина) и Главниот Бел Евнух (десно)

Капи-ага (турски: Kapı ağası, „Ага на портата“), формално наречен Ага на Портата на среќата (Bâbüssaâde) — глава на слугите на евнусите до крајот на 16 век, кога неговата функција била преземена од страна на кизлар-ага. Кизлар-ага бил познат како Главен црн евнух, главно поради неговото потекло од Црна Африка, поради кое капи-ага бил познат како Главен Бел Евнух.

Историја и функции[уреди | уреди извор]

Како што наведува неговиот наслов, Капи-ага бил задолжен за Портата на среќата, која ја одвојувала Надворешната дворска служба или Бирун, каде што се воделе државните работи, од Внатрешнната дворска служба (Ендерун) и приватните простории на султанот во палатата Топкапи. Агата своето место го имал десно од портата и бил одговорен за контрола при влезот во внатрешноста на дворот и за пренесување на наредбите на султанот на неговите службеници, изразувајќи го, според зборовите на Халил Иналкик „единствениот медијатор меѓу султанот и надворешниот свет од палатата“. Помеѓу должностите на Капи-ага и неговите бели евнуси биле и раководењето на Дворското училиште за страниците на палатата, кои по завршувањето на училиштето продолжувале да се искаќуваат по административните скали на царството[1]. Џамијата на агите во палатата Топкапи била изградена за нивна употреба од страна на капи-ага и неговите евнуси[2].

Следствено, капи-ага имал влијателна функција, бил близок советник на султанот и способен да одигра одлучувачка улога во наследувањето на престолот. Неговите должности според рангот се наоѓале под оние на везирот и Шејх ул-ислам[3]. Во времето на нивната најјголема моќ во 15 и 16 век, капи-агата му се спротивставил дури и на големиот везир. Сепак капи-агата никогаш не ја проширил својата моќ до степен до кој би можел да му конкурира на султанот[3]. За разлика од нивните колеги, капи-агата не контролирал ниту со административниот апарат, кој цврсто останал во рацете на Големиот везир, ниту пак со војниците на палатата, кои биле под контрола на друг службеник, Агата на јаничарите[3].

Оваа функција своето најголемо значење ја достигнала во времето на Сулејман Величествениот (1520-1566), кога неговите сопственици станале управители на добротворните фондации и донации (вакуфи) назначени за одржување на двата свети градови на исламот, Мека и Медина и повеќе од седумдесет големи џамии. Во тоа време, носителите на оваа функција се вклучиле во отворено соперништво со Големите Визери за контрола над државните работи[3]. Наскоро, сепак, преку влијанието на жените од Султанскиот харем, Капи-агата бил запоставен од кизлар-ага, кој го надгледувал харемот. Кизлар-агата станал независен од капи-агата во 1587 година, ја презел контролата на харемот и бргу се зголемил својата моќ станувајќи официјален претставник на палатата. Конечниот удар во авторитетот на капи-ага се случил во 1704 година, кога неговите преостанати овластувања биле пренесени на Силахдар-ага. Позицијата на Капи-ага преживеала, но потоа немала големо значење[3].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Freely 2000, стр. 40–41.
  2. Freely 2000, стр. 42.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 İnalcık 1978, стр. 570–571.