Јуриј Норштејн
Јуриј Норштејн | |
---|---|
Јуриј Норштејн сликан додека работи на својот најнов (и сѐ уште) неиздаден филм Шинел | |
Роден(а) | Јуриј Борисович Норштејн |
Занимање | режисер, аниматор |
Сопружник | Франческа Јарбусова |
Јуриј Борисович Норштејн (руски: Ю́рий Бори́сович Норште́йн), или само Јуриј Норштејн (роден на 15 септември 1941) е многукратно наградуван руски аниматор најпознат по неговите кратки филмови, Еже во маглата и Приказна на приказните. Од 1981 година работи на долгометражен анимиран филм со име Шинел, инспириран од истоимениот расказ на големиот руски писател Николај Василевич Гогољ.
Животопис
[уреди | уреди извор]Јуриј Норштејн е роден во селото Андреевка, во текот на евакуацијата на неговите родители за време на Втората светска војна. Израснал во московското предградите Марина Рошча. Иако завршува уметничко училиште, Норштејн најпрво се вработува во фабрика за мебел. Потоа успешно поминува курс по анимација во траење од две години и успева да се вработи во познатото советско студио за анимација Сојузмултфилм во 1961. Првиот филм во кој учествува како аниматор е Кој рече "Мјау"? од 1962 година.
Откако работи како аниматор на педесетина филмови, Норштејн конечно добива можност и сам да режира. Во 1968 година дебитира со 25 октомври, Првиот Ден, делејќи ги режисерските заслуги со Аркадиј Тјурин. Филмот е направен во стилот на советските уметници од 1920-тите години - Алтман и Петров-Водкин.
Следниот филм во кој Норштејн има поголема улога е Битката кај Керженец (1971), во ко-продукција со рускиот режисер на анимирани филмови Иван Иванов-Вано под чија режисерска палка Норштејн веќе има работено на Годишни времиња во 1969.
Во текот на 1970-тите Норштејн работи како аниматор на неколку филмови (речиси целосна листа може да се најде на ИМДБ), а исто така и ги режира Еже во маглата (1975) и Приказна на приказните (1979), и двата безмалку редовно прогласувани за најдобри анимирани филмови на сите времиња [1][2][3]. Во текот на оваа деценија неговиот стил станува се пософистициран, и се помалку изгледа како збир од исечоци, наместо тоа добивајќи форма на движечки слики со вкомпонирано префинето движење на моливот.
Норштејн користи специјална техника за анимација, која вклучува употреба на стакла и огледала со цел на филмот да се даде три-димензионален изглед. Камерата се поставува одозгора со што кадарот е насочен кон цела серија на стаклени панели со длабочина од еден метар (по едно на секои 25–30 cm). Стаклените панели можат да се движат по хоризонтала, а истовремено и кон, односно од камерата (со што даваат впечаток дека ликот се доближува или оддалечува од неа).[4] Никогаш нема искористено компјутер во неговата работа.
Долги години соработува со својата жена - сликарката Франческа Јарбусова - и кинематографот Александр Жуковскиј.
Во текот на доцните 1970-ти и раните 1980-ти, Норштејновите анимации добиваат огромен број на национални и меѓународни награди. Токму тогаш, иронично, е отпуштен од Сојузмултфилм во 1985 поради пребавно работење на својот последен анимиран филм, (многу веројатно) долгометражна адаптација на Гогољевиот расказ Шинел. До тој момент, работејќи, како и секогаш, во истиот трочлен тим, на Шинел, Норштејн веќе работи две години и има сработено одвај десетина минути.
Во април 1993 година, Норштејн и уште тројца водечки аниматори (Фјодор Хитрук, Андреј Кржановски и Едвард Назаров) го основаат Студиото СХАР - Школа и студио за анимација. Рускиот кинематски комитет е еден од сопствениците на акциите во студиото.
Од 1981 до денес, Норштејн сѐ уште работи на Шинел— како резултат на неговиот страсен перфекционизам често е ословуван како "Златниот полжав". Проектот наидува на низа парични проблеми, но моментално (според Норштејн) истиот е финансиран од неколку извори од Русија, но и надвор од неа. Се претпоставува дека засега се готови 25 минути. Неколку кратки исечоци со мала резолуција веќе се достапни за јавноста [5]. Елементи од првите 20 минути од филмот се имаат појавено и на неколку изложби на делата на Норштејн. Целиот филм се очекува да биде долг 65 минути.
Покрај работата како аниматор, Норштејн понекогаш и пишува. Засега има напишано еден есеј во книгата на Џаналберто Бендаци посветена на творештвото на аниматорот Александр Алексејев со наслов Алексејев - водич кон делата на еден Гениј. Во 2005 година издава и сопствена книга - Снегулки во тревата - која, во основа, е збир на предавања што Норштејн ги има одржано во врска со анимацијата. Истата година, поканет е како "гостин аниматор" да работи на анимираниот филм со кукли на Кихачиро Кавамото Книгата на мртвите.[6]
Познатиот јапонски аниматор и оскаровец Хајао Мијазаки го смета Норштејн за "голем уметник"[7] а истовремено го издвојува Еже во маглата за еден од своите најомилени анимирани филмови.[8]
Филмографија
[уреди | уреди извор]- 25 октомври, Првиот Ден (25-е, первый день, 1968), во соработка со Аркадиј Тјурин.
- Битката кај Керженец (Сеча при Керженце, 1971), во соработка со Иван Иванов-Вано.
- Лисицата и зајакот (Лиса и заяц, 1973).
- Чапјата и жеравот (Цапля и журавль, 1974).
- Еже во маглата (Ёжик в тумане, 1975).
- Приказна на приказните (Сказка сказок, 1979).
- Зимски денови (冬の日, 2003), антологиски анимиран филм, учество со двоминутна секвенца.
- Шинел (Шинель, не се знае кога)
Награди и достигнувања
[уреди | уреди извор]- 1971 - Меѓународен филмски фестивал во Карлови Вари: Битката кај Керженец добива награда Најдобар анимиран филм
- 1972 - Загребски светски фестивал на анимирани филмови: Главна награда за Битката кај Керженец (ја дели со Иван Иванов-Вано)
- 1972 - Тбилиси: Битката кај Керженец добива награда Најдобар анимиран филм
- 1972 - Бомбајски филмски фестивал: "Диплома" за Битката кај Керженец
- 1975 - Меѓународен фестивал на анимирани филмови во Анси: Специјална награда од жирито за Чапјата и жеравот
- 1975 - Њујорк (САД): Прва награда за Чапјата и жеравот
- 1976 - Кинофестивал на републиките, Фројнц: Еже во маглата е почесно прогласен за "најдобар анимиран филм" (наградата почнува да се доделува дури следната година)
- 1976 - Техерански филмски фестивал на децата и младината: Еже во маглата добива награда "најдобар анимиран филм"
- 1977 - Оденсе (Данска): Главната награда за Чапјата и жеравот
- 1979 - Државна награда на СССР за Приказна на приказните (уште пред да биде филмот објавен доделена на Норштејн, Јарбусова и Жуковскиј)
- 1980 - Меѓународен филмски фестивал во Лил (Франција): Главна награда од жирито за Приказна на приказните
- 1980 - Загребски светски фестивал на анимирани филмови: Главна награда за Приказна на приказните
- 1980 - Меѓународен фестивал за анимација во Отава (Канада): Награда Најдобар филм подолг од три минути за Приказна на приказните
- 1984 - Олимписки филмски фестивал во Лос Анџелес: од големо меѓународно жири, Приказна на приказните е прогласен за најдобар анимиран филм на сите времиња
- 1991 - Ени награда за големи придонеси на полето на уметноста на анимирањето
- 1995 - Награда за поединечно достигнување (Русија): за врвни достигнувања во областа на уметноста и книжевноста
- 1996 - Народен уметник на Русија
- 2002 - Загребски светски фестивал на анимирани филмови: Приказна на приказните е повторно прогласена за најдобар анимиран филм на сите времиња од страна на многубројно меѓународно жири
- 2003 - Меѓународен фестивал на анимираниот филм Лапута во Токио, Јапонија - Еже во маглата е прогласен за Најдобар анимиран филм на сите времиња од 140 кинокритичари и аниматори од сите страни на светот; Приказна на приказните го зазема второто место
- 2004 - Јапонски Орден на Изгревот
Библиографија
[уреди | уреди извор]- "Сказка сказок". Ю. Норштейн. Ф. Ярбусова. 2005, «Красная площадь». ISBN 5-900743-80-2
- "Снег на траве. Фрагменты книги. Лекции по искусству анимации". Ю. Норштейн. 2005. ISBN 5-87149-099-9
- "Ёжик в тумане". Юрий Норштейн, Сергей Козлов, Франческа Ярбусова (иллюстрации). 2006, «Красная площадь».
Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ Слатка мала тајна | | guardian.co.uk Уметност
- ↑ На Јуриј Норштејн му е доделен јапонски орден. Би-Би-Си (3 ноември 2004).
- ↑ Список на најдобрите анимирани филмови на сите времиња (издвоени се само руските) на Animator.ru (19 јуни 2003).
- ↑ Интервју со Јуриј Норштејн на Радио Слободна Европа.
- ↑ Истите можат да се погледнат овде и овде
- ↑ Детали за Книгата на мртвите на Јапонскиот филмски фестивал Nippon Connection.
- ↑ Интервју со Хајао Мијазаки по повод американската премиера на Исчезнувањето на Сен и Чичиро (Spirited Away).
- ↑ Разговор меѓу Јуриј Норштејн и Хајао Мијазаки на руското телевизиско шоу ПроСвет на 22 октомври 2005.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Јуриј Норштејн на animator.ru (целосна филмографија)
- Јуриј Норштејн на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- Серија предавања на Норштејн Архивирано на 15 септември 2008 г. (аудио) (руски)
- Анимацијата на Јуриј Норштејн Архивирано на 4 јули 2008 г. на Keyframe - the Animation Resource
- 20 години пот, 20 минути уникатен филм
- Слатка мала тајна
- Златниот полжав на културата Архивирано на 3 јуни 2006 г.
- ДВД со комплетните дела на Јуриј Норштејн Архивирано на 16 мај 2008 г. - достапно и на други мрежни места
- Споредба на ДВД-изданијата на делата на Јуриј Норштејн (руски)
- Јуриј Норштејн - приказната е лага што ја раскажува вистината
- Интервју од септември 2006 (руски)
- Статија за неговиот воведен филм во "Добра ноќ, деца" Архивирано на 1 февруари 2008 г. (руски)
|
|