Политичка криза во Македонија (2015-2017)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Политичка криза во Македонија
Датумјануари 2015 - мај 2017
Место Македонија
Повод
  • објавени телефонски разговори на владини функционери за наводна партизираност на институциите, изборни манипулации, брутална пресметка со неистомислениците, договарани апсења, провизии и рекет
Цели
  • оставка на актуелната влада
  • формирање на техничка влада
  • предвремени избори
Начини
  • уцени
  • улични протести и немири
ИсходДоговор од Пржино
Страни во судирот
Предводници

Политичка криза во Македонија — политичка криза која започнала кон почетокот на 2015 година.

Позадина[уреди | уреди извор]

Почетокот на 2015 година во Македонија продолжиле протестите, кои започнале во есента на 2014 година, во која дел од новинарите и невладините организации протестирале пред Апелациониот суд против апсењето на новинарот Томислав Кежаровски[1]. Освен овие протести, продолжиле и протестите на дел од незадоволни граѓани кои протестирале против новиот закон за приходи од авторски права[2], според кој 35% од средствата да бидат издвоени за даноци и лични придонеси.

Од друга страна, опозициската партија СДСМ не ги признала резултатите од Парламентарните и Претседателските избори кои биле одржани на 13 и 27 април 2014 година, на кои избори победила владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Веднаш по изборите лидерот на опозицијата изјавил дека СДСМ нема да влезе во Собранието додека не се обезбедат услови за фер избори и додека не се формира техничка влада која ќе ги организира изборите[3].

Тек на настаните[уреди | уреди извор]

Политичката криза започнала кога на 23 јануари била спроведена т.н. полициска акција „Пуч“ во која бил уапсен поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски под сомнение дека нелегално поседувал оружје и детска порнографија. Подоцна, на Верушевски му бил продолжен притворот под сомнение за шпионажа и насилство спрема највисоките државни органи[4]. Освен Верушевски, во акцијата била приведена и неговата сопруга која му помагала при извршувањето на делата, како и локален функционер од Општина Струмица. Лидерот на опозицијата Зоран Заев бил обвинет за насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Премиерот Никола Груевски, на специјална конференција за медиумите на 31 јануари го обвинил лидерот на опозицијата, Зоран Заев за обид за државен удар. Освен тоа, премиерот изјавил дека Заев го уценувал со компромитирачки материјали кои тој ги поседува, а во кои можеле да се слушнат разговори на високи владини функционери, поради што од премиерот побарал техничка влада[5]. Подоцна, Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава за четири лица, од кои еден бил Заев. На 5 февруари на YouTube се појавиле скандалозни видеа со дел од разговорите меѓу Груевски и Заев, во кои лидерот на опозицијата му кажал на премиерот дека поседува материјали од разговори и дека истите ги добил од странски служби.

На 8 февруари 2015 година, Зоран Заев на пресконференција од седиштето на СДСМ започнал со објавување на т.н. 'бомби" во рамките на проектот наречен "Вистината за Македонија"[6]. Во следните неколку недели постојано биле објавувани нови разговори, а самиот Заев на една прес-конференција ја обвинил Владата за нелегално прислушкување на над 20.000 граѓани на Македонија[7], меѓу кои политичари, функционери, новинари и јавни личности. Во текот на следните месеци, до јуни 2015 година, биле објавени десетици разговори во кои постојат сомнеж за бројни индиции за партизираност на институциите, изборни манипулации, брутална пресметка со неистомислениците, договарани апсења, провизии и рекет, расипничко трошење на буџетот и.т.н. По објавувањето на т.н. бомба за Мартин Нешкоски, според која наводно министерката за Внатрешни работи Гордана Јанкуловска се обидела да го прикрие убиството на Мартин Нешкоски[8], на 5 мај 2015 година започнале масовни протести пред Владата на Република Македонија. Во текот на овие протести биле повредени помеѓу 10 до 38 полицајци[9][10], како и околу 19 демонстранти[11].

По Вооружената престрелка во Куманово на 9 и 10 мај, Гордана Јанкулоска како Министер за внатрешни работи и Сашо Мијалков како директор на ДБК поднеле оставки од своите функции[12][13].

Во текот на политичката криза, опозициската СДСМ организирала секојдневни протести пред Владата на Македонија. Протестите биле проследени со организирање на масовен митинг пред седиштето на Владата на Македонија на 17 мај[14], додека ВМРО-ДПМНЕ организирал т.н. контра-протести и масовен митинг следниот ден, на 18 мај пред Собранието на Република Македонија[15].

Преговори[уреди | уреди извор]

Прва фаза[уреди | уреди извор]

Во следниот период започнале преговори помеѓу политичките партии со посредство на меѓународната заедница, САД и Европската Унија. Во текот на мај биле одржани две неуспешни лидерски средби. На 19 мај, Груевски и Заев се состанале на разговори, со неколку членови на Европскиот парламент во Стразбур. Преговорите траеле дванаесет часа, но завршиле без успех[16]. По враќањето на премиерот Груевски, неговиот авион принудно слетал во Цирих поради дефект на авионот[17].

На 11 јуни 2015 година, во просториите на Европската Комисија во Брисел биле одржани исто така неуспешни преговори за излез од политичката криза во земјата помеѓу еврокомесарот Јоханес Хан, амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје, Аиво Орав и Џес Бејли, и лидерите на македонските партии[18].

Првата фаза од политичката криза завршила со потпишувањето на договорот од Пржино на 2 јуни 2015 година, чиј протокол бил потпишан на 15 јуни 2015 година. Во согласност со договорот, биле закажани предвремени парламентарни избори за 24 април 2016 година[19]. Освен тоа, договорот резултирал со враќањето на опозицијата во Собранието, назначување на специјалната обвинителка (Катица Јанева[20]) и двајцата владини министри од опозицијата. Оливер Спасовски бил избран за министер за внатрешни работи и Фросина Ременски за министер за труд и социјална политика заедно со три заменици министри од редовите на СДСМ, во Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Министерството за администрација и информатичко општество. Освен тоа, со договорот било предвидено оставка на Никола Груевски од функцијата Претседател на Владата на Македонија, 100 дена пред одржување на изборите, а новиот премиер да биде избран од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Новата влада според договорот ќе има мандат до изборите. Исто така, според договорот, специјалниот обвинител со целосна автономија треба да започне истрага околу разговорите кои претходно биле објавени од опозицијата.

По формирањето на т.н. Специјално јавно обвинителство, започнала и истрагата околу прислушкуваните разговори. Во Собранието на Македонија била формирена посебна анкетна комисија за наводите од прислушкуваните разговори. Според предлозите на политичките партии, на сослушување пред оваа комисија требало да се јават премиерот Груевски, министерот за финансии Зоран Ставревски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, лидерот на опозицијата Зоран Заев, и обвинетите во акцијата Пуч, Верушевски и Палифров[21]. По одбивањето на Груевски да сведочи јавно пред комисијата[22], претседателот на комисијата Петре Шилегов ја прекинал седницата непосредно пред сведочењето на Зоран Ставревски бидејќи и тој одбил јавно да сведочи околу скандалот[23].

Втора фаза[уреди | уреди извор]

Кон средината на јануари 2016 година, во Пржино била одржана повторна средба помеѓу лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија, со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан. Договор за одржување на предвремени избори не бил постигнат, откако СДСМ не го прифатил предлогот, поради ненавременото причистување на избирачкиот список[24] и поради барањето за реформи во медиумите.

На 18 јануари 2016 година, Груевски поднел оставка од функцијата Премиер на Македонија, по кое истиот ден била избрана нова техничка влада[25], а собранието се распуштило[26]. За нов премиер бил избран Емил Димитриев.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://press24.mk/uapsen-novinarot-tomislav-kezharovski-od-nova-makedonija
  2. http://vesti.mk/read/news/4082928/1487497/protest-protiv-predlog-zakonot-za-honorarci
  3. http://falanga.com.au/zaev-sdsm-ne-gi-priznava-rezultatite-od-deneshnite-neregularni-izbori#
  4. http://www.makdenes.org/archive/news/latest/428/428.html?id=26868760
  5. http://www.dw.com/mk/%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B2%D0%BE-2015-%D0%B3%D0%BE%D0%B4%D0%B8%D0%BD%D0%B0-334-%D0%B4%D0%B5%D0%BD%D0%B0-%D0%B0%D0%B3%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0/a-18950467
  6. http://sdsm.org.mk/default.aspx?mId=55&agId=5&articleId=11768
  7. MacDowall, Andrew (27 February 2015). „Fears for Macedonia's fragile democracy amid 'coup' and wiretap claims“. The Guardian. конс. 17 May 2015. 
  8. http://24vesti.mk/protesti-pred-vladata-po-bombata-za-martin-neshkovski
  9. Thousands in Macedonia protest alleged police brutality. ABC News. Published May 8, 2015. Retrieved 17 May 2015.
  10. Macedonian protestors demand resignation of cabinet, clash with police. Reuters. Published May 5, 2015. Retrieved May 17, 2015.
  11. At least 19 injured in Macedonia anti-government protest. Yahoo News. Published May 5, 2015. Retrieved May 16, 2015.
  12. http://vesti.mk/read/news/5428267/2049356/ministerkata-jankuloska-podnese-ostavka
  13. http://a1on.mk/wordpress/archives/489716
  14. http://brif.mk/?p=182308
  15. http://www.mkd.mk/makedonija/partii/sdsm-na-17-vmro-dpmne-so-kontra-miting-na-18-maj
  16. http://plusinfo.mk/vest/26497/sredbata-na-gruevski-i-zaev-so-han-traela-10-casa
  17. http://telma.com.mk/vesti/avinot-so-gruevski-i-delegacijata-prinudno-sletal-vo-cirih
  18. http://www.kajgana.com/gruevski-i-zaev-megjusebno-se-obvinuvaat-za-neuspehot-na-razgovorite-vo-brisel
  19. http://www.kajgana.com/liderite-se-dogovorija-predvremeni-izbori-na-24-april
  20. http://plusinfo.mk/vest/39985/koja-e-obvinitelkata-katica-janeva-foto
  21. http://www.mkd.mk/makedonija/politika/gruevski-stavreski-i-jankulovska-prvi-svedoci-pred-anketnata-komisija-za
  22. http://mk.voanews.com/content/macedonia-gruevski/3102538.html
  23. http://telma.com.mk/vesti/prekinata-sednicata-na-anketnata-kade-svedocheshe-stavrevski
  24. http://novatv.mk/index.php?navig=8&cat=2&vest=26682
  25. http://a1on.mk/wordpress/archives/571781
  26. http://faktor.mk/2016/01/18/sobranieto-se-raspushti-emil-dimitriev-ke-formira-nova-vlada/