Лакрос

Од Википедија — слободната енциклопедија

Лакросспорт кој се игра на трева. Лакрос e тимски спорт, со индијанско потекло, кој се игра со помош на мала, цврста, гумена топка и стап со долга дршка, што се нарекува „крос“ или „лакрос стап“. Врвот на лакрос стапот е врзан со крупна мрежа со намена да ја фати и задржи лакрос топката. При напад, целта на оваа игра е да се постигне бод со шутирање на топката во голот на спротивниот тим, користејќи го притоа лакрос стапот за да се фати, однесе и подаде топката[1]. При одбрана, целта е да се спречи спротивниот тим да даде гол и да им се одземе топката, со помош на стапот, телесниот контакт или позиционирањето. Овој спорт има четири главни типови: машки лакрос, женски лакрос, лакрос на затворено и интеркрос (лакрос без контакт меѓу играчите)[2].

Лакрос (поточно лакрос на затворено) е национален летен спорт на Канада.

Историјата на Лакрос[уреди | уреди извор]

Во многу индијански заедници или племиња[3], оваа игра била играна за да се решат судирите, за да се излечат болните, за да прераснат во силни, мускулести мажи и за да се подготват за војна. Легендата говори за игри играни со повеќе од 100 играчи од различни племиња, кои чекале да им дојде редот за да играат. Може да се игра на терен долг и широк по повеќе километри (денешниот лакрос се игра на поле широко 55 метри и долго 100 метри); понекогаш играта можела да трае и со денови. Првите лакрос топки биле големи и влакнести, направени од камен, еленска кожа, глина, а понекогаш и дрво.

Лакрос, релативно популарен тимски спорт во Северна Америка[4], веројатно се развил во 5 век, но оттогаш поминал низ многу промени. Во традиционалната верзија на Индијанците (коишто живееле на територијата на Канада)[5], секој тим се состоел од околу 100 до 1.000 мажи, на поле кое се протегало од околу 457 метри до неколку километри. Овие лакрос игри траеле од изгревање до заоѓање на сонцето, и така два-три дена по ред. Овие игри биле играни како дел од церемонијален ритуал кој се практикувал за да му се искаже благодарност на Создателот[6]. Фразата „да играме Лакрос“ на јазикот Анишинаабе (домородски јазик) е баагаадове (baaga’adowe).

Овој спорт многу години играл значајна улога во заедниците и религиозниот живот во племињата низ целиот континент. Лакросот во раната фаза бил карактеризиран со длабоко духовно учество, но како дел од него го имало и духот на борбата, од каде што било и започнато со овој спорт. Оние кои учествувале во играта, имале улога на воини, чија цел била да стекнат слава и чест за племето и за нив самите[7]. Тие велеле дека ја играат играта „за Создавателот“, или ја викале „Играта на Создавателот[8].

Францускиот мисионер, Жан Де Бребеуф, видел човек од Ирокeзите, како го игра овој спорт во 1637 година[9], и со тоа бил првиот Европеец кој пишувал за лакрос. Тој ја нарекол играта „ла крос“ (la crosse), што значи „стап“. Некои велат дека името потекнува од францускиот термин за хокеј, „ле жу де ла крос“ (француски: le jeu de la crosse). Други велат дека потекнува од кросиер (crosier), работи кои ги носеле свештениците.

Во 1856 година, Вилијам Џорџ Бирс, канадски стоматолог, го основал првиот „Монтреал Лакрос клуб[10]. Во 1867 година тој ја модифицирал играта, со тоа што го скратил времетраењето и бројот на играчи на дванаесетмина во еден тим. Првата игра играна според правилата на Бирс, се одиграла во канадски колеџ во 1867 година, кои го изгубиле натпреварот од крикет клуб од Торонто (3–1).[11]. До XX век Лакрос почнало да се игра во средните училишта и факултетите. Лакрос се играл како демонстративен спорт на Олимпијадите во 1928 и 1932 година. Во секоја пригода плејофот бил одржуван за да се одредат американските репрезентативци за Олимпијада и во секоја од тие пригоди победувал тимот Џон Хопкинс Блу Џејс.

Во САД, за време на ’90-тите години Лакрос бил регионален спорт, најзастапен во и околу источниот брег, почесто во делови како Конектикат, Мериленд, Масачусетс, Њујорк, Северна Каролина, Њу Џерси, Пенсилванија и Вирџинија. Во втората половина од 20 век, спортот почнал да се шири на запад во помали региони, вклучувајќи го средниот запад, како Охајо и Тексас, и западниот брег, вклучувајќки ги Аризона, Калифорнија, Колорадо, Орегон и Вашингтон. Во минатата декада, спортот продолжил да расте во поголеми размери ширум земјата, со особен развиток во југоисточните делови, како Џорџија, Северна Каролина, Алабама, западниот брег и средниот запад. Денес, Лакрос најбрзо се развива во средниот запад.

Овој спорт стекнал поголема популарност во медиумите, со растот на факултетите, средните училишта и младинските програми низ земјата. Универзитетското првенство во машки лакрос ја има најголемата посетеност од било кој друг универзитетско првенство. Развојот на ласкрос бил исто така олеснет со воведувањето на пластична глава на стапот, која била воведена од „СТКС“ (STX), Балтимор во 1970-тите години. Оваа новост ја намали тежината и цената на лакрос стапот. Исто така за разлика од традиционалниот дрвен стап, новиот, придонесе за побрзи додавања и побрза игра. Сè до 1930-тите, лакросот бил игран надвор, на големи полиња. Сопствениците на канадските хокејски арени, измислија намалена верзија на играта, наречена лакрос на затворено, како средство да се направи поголем профит од нивните инвестиции за арените. Во релативно краток период, лакросот на затворено стана главна форма на овој спорт во Канада, поради тешките зими кои го ограничуваат играњето во надворешни услови. Неодамна, лакросот сведочеше на будење во Канада со Асоцијацијата за лакрос на Канадскиот универзитет, која создаде лига на ниво на факултети за мажи во 1985 година. Таа сега вклучува 12 универзитетски тимови. Во 1994 година, Канада го прогласи лакросот за нејзин Национален летен спорт, признаен со Актот за национални спортови.

Во 1987 година, почна професионалната лакрос лига за мажи, која се нарекува Игл про бокс лакрос лига (Eagle Pro Box Lacrosse League). Оваа лига го смени своето име во Главна лига за лакрос на затворено, подоцна во Национална лакрос лига, и со тоа се зголеми и ги опфати лакрос клубовите за мажи од дванаесет градови низ САД и Канада. Во летниот период, 2001 година, беше отворена професионална лакрос лига за мажи, позната како Главна лакрос лига. Почнувајќи со шест тима, оваа лига дојде до вкупна бројка од десет тима кои се наоѓаат во главните метрополитски области во САД. На 4 јули 2008 година, Главната лакрос лига, го постигна рекордот за посетеност на професионален лакрос: 20.116 обожаватели беа присутни на натпреварот кој се играше во Денвер, Колорадо. Во 2006 година, се разви лакрос лига во Квебек, Канада. Оваа лига, составена од англиските факултети, стана прва официјална факултетска лакрос лига во Квебек. Оваа лига ја создаде Лук Џането во 1994 година.

Видови на игра[уреди | уреди извор]

Лакрос (на отворено)[уреди | уреди извор]

Лакрос е спорт кој бара голема физичка активност, кој бара не само подготвеност, туку и добро држење и координација на стапот. Лакросот (на затворено) се игра со по десет играчи од двата тима: голман, тројца одбранбени играчи во делот за одбрана, играчите од средината на теренот, коишто можат да се движат низ целиот терен, и тројца напаѓачи кои се во искушение да постигнат гол кај спротивниот тим. Тоа е најчестата верзија на лакрос за мажи кој се игра меѓународно. Модерната игра ја кодифицираше Вилијам Џорџ Бирс во Канада, во 1867 година. Оттогаш, играта се развила и ја вклучува заштитната опрема и лакрос стапот направен од синтетички материјали.

Секој играч носи лакрос стап. Краткиот крос стап (понекогаш се нарекува „краток стап“) е од 1 до 1,1 метар долг (главата и дршката заедно) и обично го користат напаѓачите и играчите од средината на теренот. Вкупно четворица играчи од секој тим може да играат со долг лакрос стап, кој е од 1,3 до 1,8 метри долг[12] и обично го користат одбранбените играчи и играчите од средината на теренот. Главата на стапот и кај краткиот и кај долгиот стап мора да биде 17 сантиметри или повеќе на најширокото место. Нема минимална ширина за најтесната точка, единствениот услов е дека топката мора да се врти непречено. Дозволено е назначените голмани да имаат стап од 1 до 1.8 метри долг и главата на лакрос стапот на голманот може да биде до 30 сантиметри ширина.

Полето за играње е 100 метри долго и 55 метри широко. Головите се 6 метри долги и 6 метри широки. Голот е поставен во кружна „бразда“, која мери 5,5 метри во пречник. Секоја одбранбена и напаѓачка зона се обиколени со „ограничен дел“ (ограничување на поле). Секоја четвртина и со секој постигнат гол, играта почнува повторно со „фејс оф“ (лицата на играчите свртени едни кон други). За време на „фејс оф“, двајца играчи ги оставаат нивните стапови хоризонтално веднаш до топката, со тоа што главата на стапот е неколку сантиметри оддалечена од топката, а другиот крај да покажува накај средишната линија од теренот. Играчот кој е во „фејс оф“ позиција, почнува да се бори за топката, често со тоа што ја „стега“ под стапот и ја турка накај соиграчите од тимот. Напаѓачите и одбраната не смеат да ја преминат „граничната линија“, сè додека некој играч од средината на полето не ја преземе топката или сè додека топката не ја премине граничната линија. Ако било кој член на тимовите ја допре топката и таа одлета надвор од полето за играње, играта ќе отпочне повторно со тоа што топката ќе му биде доделена на спротивниот тим. За време на играта, тимовите можат слободно да ги вклучуваат и исклучуваат играчите од играта. Понекогаш ова се однесува на замена за време на играта. Замената мора да се направи во рамките на означеното поле за размена, за да биде во согласност со правилата.

При повеќето казни, напаѓачот го праќаат во „местото за казни“, кое се наоѓа меѓу клупите на двата тима. Тогаш, неговиот тим мора да игра без тој играч на определено времев во зависност од фаулот. (Повеќето казни се „ослободувачки“, што значи дека казната завршува кога ненапаѓачкиот тим ќе постигне гол.) Техничките грешки (како офсајд и задржување) се казнуваат со губење на топката или со суспендирање на играчот на 30 секунди, додека личните грешки- со една минута (но некои грешки, како играње со стап кој не е по прописите на назначеното ниво на игра, се отслужува казна до три минути, од која не може да се ослободи). Тимот кој ја добил казната игра со еден играч помалку, а спротивниот тим со еден играч повеќе. Додека играат со еден играч помалку тимовите користат разни лакрос стратегии за напаѓање и одбрана. Офсајд се казнува со казна од 30 секунди. Ова се случува кога има повеќе од 7-мина играчи на одбранбениот дел од полето, (тројца играчи од средината на полето, тројца одбранбени играчи, еден голман), или повеќе од 6-мина играчи од еден тим на напаѓачката страна од полето (тројца играчи од средината на полето и тројца напаѓачи). Зоните се поделени со средишната линија.

На највисоко ниво се игра во професионалната Главна лакрос лига и на ниво на факултетите во прва лига на НФАА (NCAA Division 1) во САД. Првата програма за играње лакрос на универзитетско ниво била основана во универзитетот во Њујорк, во 1877 година, и турнирот од 1971 година бил првото првенство во лакрос за мажи, спонзориран од Националната факултетска атлетска асоцијација. Исто така, на високо ниво се играло во аматерските лиги- Австралиска лакрос лига, Асоцијација за лакрос на канадскиот уиверзитет, и меѓународните лиги за лакрос.

На меѓународно ниво, има вкупно 22 членови во Федерацијата за меѓународен лакрос, само САД, Канада, Австралија, и „Ирокиос Нешнлс“ завршија на „топ три“ местата на Светското првенство во лакрос. Светското првенство во лакрос почна како турнир на кој заземаа учество четири тима, во 1968 година, со одобрување од Меѓународната федерација за лакрос. Лакросот на Летните олимписки игри во 1904 и 1908 година[13][14][15], зазема место како спорт во кој може да се освои медал. На Летните олимписки игри во 1928, 1932 и 1948 година, Лакрос бил претставен како демонстративен спорт[16][17].

Професионалната Главна лакрос лига скршнала од главните пропишани правила на лакрос во меѓународните, факултетски и средношколските програми. Главната лакрос лига беше поттикната со телевизиски договор на десет години со ЕСПН (ESPN) во 2007 година.

Лакрос (на затворено)[уреди | уреди извор]

Лакрос

Овој вид на лакрос е верзија од овој спорт на затворено, и се игра на терен за хокеј, каде што мразот е тргнат или покриен со вештачка трева. Затворениот дел за играње го нарекуваат „кутија“, бидејќи е поразличен од отвореното поле, како што се игра во традиционалната игра[18]. Оваа верзија на играта е воведена во 1930-тите, за да се промовира бизнисот на арените за хокеј[19](стр.157), и по седум години скоро го замени лакросот на отворено во Канада[19](стр.120).

Лакрос на затворено се игра на највисоко ниво во Сениорските А лиги на Канадската лакрос Асоцијација и Националната лакрос лига (НЛЛ). Националната лакрос лига воведува некои мали промени во правилата на Канадската лакрос асоцијација. Нормално, оваа игра се игра во зима, се состои од четири четвртини од по петнаесет минути, за разлика од лакрос на отворено кој се игра три третини од по дваесет минути. Овде играчите користат стапови со шуплива дршка, додека во лакросот на отворено се користат цврсти дрвени стапови. Головите во лакросот на затворено се многу помали, традиционално 1,2 метри широки, и 1,2 метри високи. Исто така, голманите носат облека која ги заштитува повеќе, вклучувајќи и големи штитници за гради и рамена, големи штитници за колена и маски како за хокеј на мраз или кациги за лакрос[18][20]. На професионално ниво, голманите во лакрос на затворено, често користат традиционални дрвени стапови какви што не се дозволени во НЛЛ. Со ова лакрос на затворено е побрз и погруб од традиционалниот лакрос на отворено.

Стилот на играта е брз и се забрзува со отчукувањето на часовникот. „Часовникот за шутирање“ бара од тимот што напаѓа да „шутне“ во голот во времетраење од 30 секунди од преземањето на топката[18]. Згора на тоа, играчите мораат да ја однесат топката од нивниот одбранбен агол до страната за напаѓање за 10 секунди.

Лакрос на затворено, исто така, е игра во која се бара физичка подготвеност. Во овој вид на лакрос како и во лакрос на отворено, играчите носат и подлоги на нивните зглобови. Играчите на лакрос на затворено носат и различни кациги, како во хокејот на мраз.

За повеќето казни, напаѓачкиот играч го праќаат во „местото за казни“ и неговиот тим мора да игра без него, а со тоа и со еден иден играч помалку на кратко време. Повеќе од казните траат две минути, освен ако не се даде најголемата казна од пет минути и ирачите се отфрлени за учество во тепање[18].

На меѓународно ниво, Светското првенство во лакрос на затворено се одржува на секои четири години и е спонзориран од Федерацијата на меѓународен лакрос. Само осум земји се натпреваруваат на овој натпревар, и само Канада, „Ирокиос Нешнлс“ и САД завршуваат на прво, второ и трето место на овие настани.

Женски лакрос[уреди | уреди извор]

Женски лакрос

Правилата за женскиот лакрос значително се разликуваат од машкиот лакрос, најзабележливо во опремата и степенот на дозволен физички контакт[21]. Во лакрос за жени не е дозволен физички контакт, првенствено, бидејќи единствената заштитна опрема што се носи во овој спорт е штитник за уста, штитник за лице и понекогаш тенки ракавици. Во женскиот лакрос е дозволено борење со стаповите, за разлика од машкиот, каде е дозволено борење со телото.

Првата модерна женска лакрос игра е одржана училиштето Св. Леонард, во Шкотска, во 1890 година. Спортот бил воведен од директорката на училиштето Луиза Лумсден[22], по една нејзина посета на Канада. Првиот женски лакрос тим во САД бил основан во училиштето Брин Мавр во Балтимор, Мериленд, ва 1926 година[23]. Машкиот и женскиот лакрос биле играни со истите правила, без заштитна опрема, се да средината на 1930-тите години.

Во меѓународни рамки, играта била играна во британските женски независни училишта, и додека во Австралија бил незначаен спорт, на Светскиот лакрос куп за жени се играло на многу висок стандард и на елитно ниво и токму на овој куп австралиската репрезентација победил во 2005 година. Светскиот женски куп во 2009 година се играше во Прага, Чешка.

Колеџ Лакрос (на ниво на факултети)[уреди | уреди извор]

Лакрос во САД се игра на ниво на факултети и има 61 машки лакрос тимови коишто играат во прва лига на НУАА, 37 машки лакрос тимови во втора лига, и 166 машки лакрос тимови во трета лига. Во моментов има, исто така, 91 женски лакрос тимови во прва лига, 57 женски лакрос тимови во втора лига, и 201 женски лакрос тимови во трета лига. 209 универзитетски машки тимови се натпреваруваат на ниво на Машката универзитетска лакрос асоцијација, вклучувајќи ги најддобрите универзитети во САД. Уште 107 други училишта имаат тимови во Националната универзитетска лакрос лига.

Првата меѓууниверзитетска игра беше одиграна меѓу Универзитетот Њујорк и Колеџот Менхетен на 22 ноември 1877 година[24]. Лакрос во државата Њујорк бил воведен во 1860-тите години. Потоа, бил воведен во Балтимор во 1890 години. Овие две области се сè уште жаришта на универзитетскиот лакрос во САД. Првиот турнир меѓу универзитети бил одржан во 1881 година, со тоа што Харвард го победил Принстон во финалето со 3:0.

Во 1971 година, во прва лига на машки лакрос во НУАА, Корнел победи на првото првенство против Мериленд со 12:6. Џон Хопкинс освоил 9 првенства со 3 последователни победи од 1978 до 1980 година. Другите два тима кои имаат 3 последователни победи се Сиракуза од 1988 до 1990 години, и Принстон од 1996 до 1998 година. Сиркуза, исто така, го држи НУАА рекордот на 11 освоени шамионати, од кои последниот освоен во 2009 година. Во 2010 година, Дјук го освоил првиото НУАА првенство против Нотердам со 6:5. Турнирот на државното првенство во прва лига постигнал најголема посетеност од било кој друг спорт од прва лига на НУАА.

Третата лига на машкиот лакрос од НУАА се развива во многу поголема мера од првата лига. Во моментов, има 166 тимови кои играат во третата лига, додека во првата 130. Најдобрите тимови од третата лига се тимовите на универзитетите во Кортланд, Стивенсон, Гетисбург, Тафтс и Солсбери.

Првата лига во женски лакрос на НУАА, почнала да одржува натпревари во 1982 година. Универзитетот во Мериленд, Колеџ Парк, традиционално доминирал во женските натпревари меѓу универзитетите, и од него произлегле многу тренери и играчи за репрезентацијата на САД. „Терапините“ победиле на седум последователни НУАА првенства, од 1995 до 2001 година. Женските тимови на универзитетот Принстон стигнаа до финалето седум пати од 1993 година, а победија на три од нив, во 1993, 2002 и 2003 година. Во последните години, универзитетот Нортвестерн се покажа како најголема сила во женски лакрос, победувајќи во националните првенства од 2005 да 2009 година. Мериленд ја прекина традицијата на Нортвестерн со победата во 2010 година, поразувајќи ги Вајлдкетс во финалето.

Меѓународен лакрос[уреди | уреди извор]

Лакрос најчесто се игра во Канада и САД, но во Велика Британија и Австралија, исто така, постојат мали, но посветени лакрос организации. Меѓутоа, од неодамна, лакрос почна да се шири на меѓународно ниво и почна да се промовира во многу други земји, особено во Европа и Источна Азија.

Бидејќи лакрос не е службен олимписки спорт од 1908 година, овој спорт го достигнува својот врв со светското првенство кој се одржува на секои четири години. Во моментов, се одржуваат првенства за мажи, жени, мажи до 19 години и жени до 19 години. До 1986 година, на светското првенство во лакрос се натпреварувале тимовите на САД, Канада, Англија и Австалија, а во женскиот лакрос се натпреварувале и Шкотска и Велс. Со експанзијата на играта на меѓународно ниво, на Светското првенство за мажи во 2006 година се натпреварувале 21 земја, а во Светскиот куп за жени во 2009 година во кој се натпреварувале 16 земји.

Во 2003 година, на првиот Светско лакрос првенство на затворено се натпреварувале шест нации на четири места во Онтарио, Канада. На првенството победи тимот на Канада, кој во финалето играше против Ирокезите. Светското лакрос првенство на затворено во 2007 година се одржал во Халифакс, Канада од 14 до 20 мај. На ова првенство, исто така, победила Канада. Се натпреварувале тимови од Австралија, Канада, Чешка, Англија, Ирска, Шкотска, САД и Ирокезите.

Уште еден голем натпревар во меѓународен лакрос е Европското лакрос првенство, кој се одржува за мажи и за жени. Европската лакрос федерација (ЕЛФ) го одржува овој Европско првенство од 1995 година. До 2001 година првенството се одржуваше секоја година, но во 2001 година ЕЛФ го смени во настан кој се одржува на секои четири години помеѓу Светското првенство. До 2004 година само 7 нации учествувале, но во 2004 година се достигнал рекордниот број на земји- учеснички, 12 машки и 6 женски тимови, со што станал најголемиот лакрос настан на 2004 година. Последнпото Европско лакрос првенство бил одржан во Лахти, Финска во 2008 година, на кој се натпреварувале 18 земји. Англија го освоила првото место, Холандија - второто, а Германија - третото место.

На Светското лакрос првенство доминираше САД, посебно во натпреварите за мажи, каде единствените светски првенства што ги има изгубено се финалето во 1978 и 2006 година, двете од Канада. САД победил на 9 од 11 турнири за мажи и сите 6 турнири за мажи до 19 години.

Во натпреварите за жени, Австралија обезебеди посилна конкуренција, со 6 победени од вкупно 14 натпревари против САД, вклучувајќи и еден нерешено изигран натпревар. САД победи 6 од 8 одиграни турнири за жени и 2 од 3 одиграни турнири за жени до 19 години, а на останатите светски првенства победи Австралија.

Ирокезите се тим кој се состои од членови од шест нации од конфедерацијата на Ирокезите. Овој тим беше примен во Интернационалната лакрос федерација (ИЛФ) во 1990 година. Тоа е единствениот тим на Индијанците од Канада, на кој му е дозволено да се натпреварува на меѓународно ниво. Тие го освоија четвртото место на Светското лакрос првенство во 1998, 2002 и 2006 година. Во 2008 година, Ирокезите беа признаени како Ирокеска нација во Интернационалната федерација и асоцијација на женски лакрос.

Единствената пречка за развојот на лакрос на меѓународно ниво е постоењето на различни управни тела за машката и женската верзија на спортот, со тоа што машкиот лакрос бил управуван од Интернационалната лакрос федерација, а женскиот лакрос бил управуван од Интернационалната федерација и асоцијација на женски лакрос. Во август 2008 година, по четири години преговарање, двете управни тела се споија и формираа едно единствено тело, кое се нарекува Федерација на интернационален лакрос. Сите првенства кои биле водени од двете претходни тела, потоа биле преземени од новата Федерација. Федерацијата на интернационален лакрос беше домаќин на Светското лакрос првенство, во Манчестер, Англија кој се одржуваше од 15 до 24 јули 2010 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „FIL Rules of Men's Field Lacrosse, 2019-2020“ (PDF). The Federation of International Lacrosse. 2018. Архивирано од изворникот (PDF) на 2019-12-03. Посетено на 2021-01-18.
  2. Chris Hayhurst (2005). Lacrosse: Rules, Tips, Strategy, and Safety. The Rosen Publishing Group. стр. 23–31. ISBN 978-1-4042-0183-5.
  3. Stewart, Megan (October 10, 2013). „Through Lacrosse, Empowerment for First Nations“. The Tyee.
  4. Britannica Educational Publishing (2015). Lacrosse and Its Greatest Players. Britannica Educational Publishing. стр. 10–12. ISBN 978-1-62275-593-6.
  5. Donald M. Fisher (2002). Lacrosse: A History of the Game. JHU Press. стр. 1–8. ISBN 978-0-8018-6938-9.
  6. „Lacrosse History“. STX. Архивирано од изворникот на May 24, 2007. Посетено на February 24, 2007.
  7. Rock, Tom (ноември–декември 2002). „More Than a Game“. Lacrosse Magazine. US Lacrosse. Архивирано од изворникот August 22, 2007. Посетено на March 18, 2007.
  8. „Lacrosse, the Creator's game“. Oneida Indian Nation (англиски). Посетено на September 9, 2018.
  9. Vennum, Thomas (2002). American Indian Lacrosse: Little Brother of War. Smithsonian Institution. ISBN 978-1560983026 – преку Internet Archive.
  10. Claydon, Jane (уред.). „Origin & History“. Federation of International Lacrosse. Архивирано од изворникот на 2019-04-29. Посетено на November 15, 2017. Укажано повеќе од еден |accessdate= и |access-date= (help)
  11. Adamski, Barbara K. „Lacrosse“. The Canadian Encyclopedia.
  12. „Equipment for Boys' and Men's Lacrosse“. US Lacrosse.
  13. Fisher, Donald M. (14 March 2002). Lacrosse: A History of the Game. JHU Press. ISBN 9780801869389. Посетено на 2 December 2016 – преку Google Books.
  14. „STX Blog - 7 Reasons Why Lacrosse Should be an Olympic Sport“. Архивирано од изворникот на 2020-03-23. Посетено на 2 December 2016.
  15. Nathan, Daniel A. (1 August 2016). Baltimore Sports: Stories from Charm City. University of Arkansas Press. ISBN 9781682260050. Посетено на 2 December 2016 – преку Google Books.
  16. „Lacrosse Programme“ (PDF). Wsyacy.com. Посетено на 2016-11-28.
  17. Pietramala, David G.; Grauer, Neil A. (17 May 2006). Lacrosse: Technique and Tradition, The Second Edition of the Bob Scott Classic. JHU Press. ISBN 9780801883712. Посетено на 2 December 2016 – преку Google Books.
  18. 18,0 18,1 18,2 18,3 „Box Lax 101“. National Lacrosse League. Посетено на November 15, 2017.
  19. 19,0 19,1 Fisher, Donald M. (2002). Lacrosse: A History of the Game. Johns Hopkins University Press. ISBN 0-8018-6938-2.
  20. „Box Lacrosse Equipment Guideline“. Zone4Laxx.com. Архивирано од изворникот на November 21, 2008. Посетено на October 28, 2008.
  21. „2015-2018 Women's Official Rules“ (PDF). Federation of International Lacrosse. Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-11-16. Посетено на November 15, 2017.
  22. „History of Lacrosse at St Leonards“. STLeonards-Fife.org. Архивирано од изворникот на May 6, 2008. Посетено на May 1, 2008.
  23. „Hall of Fame to induct first woman Sinclair enters posthumously“. baltimoresun.com. February 6, 1993. Посетено на 14 August 2019.
  24. „The History of Lacrosse: The College Game“. Sunset Sports. Архивирано од изворникот на 2021-01-22. Посетено на October 21, 2018.