Еколошка економија
Еколошка економија (зелена економија) — прекудисциплинарно поле на академско истражување чија цел е решавање на меѓузависноста и коеволуцијата на човечката економија и природниот екосистем низ времето и просторот. Се разликува од економијата на животна средина, што е стандардна економска анализа за животната средина, со неговото третирање на економијата како подсистем на екосистемот и неговото нагласување за одржување на природниот капитал. Едно истражување спроведено од германски економисти покажало дека еколошката и економијата на животна средина се две различни школи на економската мисла, каде еколошката економија ја нагласува „силната“ одржливост и го одбива предлогот дека природниот капитал може да се замени со капитал создаден од човекот.
Еколошката економија била основана во делата на Кенет Е. Болдинг, Николас Георгеску-Реген, Херман Дали, Роберт Костанца и други. Сличната област на зелената економија е воглавно пополитичка применета форма на темата.
Во согласност со еколошкиот економист Малт Фабер, еколошката економија е дефинирана според нејзиниот фокус кон природата, правдата и времето. Проблемите за меѓугенерациската праведност, неповратноста на промените на животната средина, несигурноста од долгорочните исходи, и одржливиот развој се начелата според кои се прават анализите и вреднувањата на еколошката економија. Еколошките економисти ги доведоа во прашање основните стандардни економски пристапи како што се анализата на трошок и корист (cost-benefit analysis), и одделувањето на економските вредности од научното истражување, тврдејќи дека економијата е во поголем степен нормативна отколку позитивна (емпириска). Позиционите анализи кои целат кон вклучување на прашањата за време и правда се предложени како алтернативни.
Еколошката економија го вклучува изучувањњето на метаболизмот на општеството, што е изучување на протокот на енергија и средства кои влегуваат и излегуваат од економскиот систем. Оваа подобласт може да се однесува и како биофизичка економија, биоекономија, и има поврзаност со применета наука на индустриската симбиоза. Еколошката економија се заснова врз концептуален модел на економијата кој е поврзан со, и е одржан со, проток на енергија, средства и услуги на екосистемот. Аналитичари од различни дисциплини воделе истражување за односот економија-животна средина, со интерес за протокот и одржливоста на енергијата и средствата, квалитетот на животната средина, и економскиот развој.
Природа и екологија
[уреди | уреди извор]Во еколошката економија, едноставниот дијаграм на кружниот тек на приходот е заменет со покомплексен дијаграм кој го рефлектира инпутот на сончева енергија, што ги одржува природниот инпут и услугите на животната средина кои потоа се употребени како единици за производство. Штом ќе се конзумираат, природните инпути излегуваат од економијата како загадување и отпадок. Потенцијалот на една животна средина да обезбеди услуги и средства се нарекува „изворна функција на животната средина“, и оваа функција се осиромашува кога ресурсите се трошат или се загадуваат. „Функцијата за апсорпција“ ја опишува способноста на животната средина да ги апсорбира и намали штетните отпадоци и загадувањето: кога излезниот отпадок ја надминува границата на функцијата за апсорпција, се појавуваат долгорочни штети. Некои постојани загадувачи, како што се некои органски загадувачи и јадрениот отпадок, многу полека се апсорбирани или воопшто и не се; еколошките економисти го нагласувааат намалувањето на „ кумулативните загадувачи“. Загадувачите штетат на човековото здравје и состојбата на климата.
Економската вредност на природниот капитал и услугите на екосистемот е прифатена од стандардната економија на животната средина, но кај еколошката економија е нагласена како многу значајна. Еколошките економисти може да почнат со проценување како да ја одржат животната средина стабилна пред да го оценат трошокот во долари. Еколошкиот економист Роберт Костанца во 1997 водел пробно вреднување на глобалните екосистеми. Најпрво статијата била објавена во Nature и притоа вредноста изнесувала околу 33 трилиони долари. Пола од вредноста била наменета за кружниот тек на хранливите состојки. Отворените океани, континенталните прагови и естуарите имале највисока вкупна вредност, а највисоката вредност по хектар припаднала на естуари,мочуришта/заливи, површини со морски треви/алги. Подвигот бил критикуван во статиите во „Еколошка Економија“ Том 25, прво издание, но критиките го признале позитивниот потенцијал за економска валоразиција на глобалниот екосистем.
Максималниот капацитет кој може да го има Земјата е главен предмет во еколошката економија. Првите економисти како Томас Малтус укажале на конечниот максимален капацитет на Земјата кој исто така бил главен предмет на МИТ (MIT) истражувањето „Граници на раст“ (Limits to growth). Опаѓачкиот маргинален производ предвидува дека зголемувањето на продуктивноста ќе се забави ако не се спроведе голем технолошки прогрес. Производството на храна може да стане проблем, во случај на ерозија, претстојна криза за вода, и соленост на почвата (од наводнување) кои ќе доведат до намалување на продуктивноста на производството на земјоделски производи. Еколошките економисти тврдат дека индустриското земјоделство, кое ги зголемува овие проблеми, не е одржливо земјоделство и тежнеат кон органско производство, кое притоа би го намалило производството на јаглерод.
Се верува дека глобалните диви рибници го достигнале својот врв и почнале да се намалуваат, дури и оние во поволни средини, како естуарите, коишто сега се наоѓаат во критични услови. Аквакултурата или одгледувањето на риби кои се хранат со други риби, како лосос, не помага во разрешување на проблемот бидејќи треба да се нахранат со други риби. Истражувањата покажале дека одгледувањето на лосос има огромно негативно влијание врз дивиот лосос, како и врз рибите кои се користат како мамка и служат за нивна прехрана.
Бидејќи животните котираат највисоко на трофично ниво, тие се најнеефикасен извор на хранлива енергија. Намаленото конзумирање на месо ќе ја намали и побарувачката за храна, но со развојот на нациите, има тенденција тие да применат режим на исхрана која го вметнува месото во голем процент , сличен на оној од САД. Генетски изменетата храна – конвенционалното решение на проблемот, предизвикува многу проблеми - Бт (Bt) пченката произведува нејзини сопствени Bacillus thuringiensis, но отпорноста на штетници е само прашање на време. Севкупниот ефект од ГМХ (GMF) врз приносите е спорен, поради фактот што УСДА (USDA) и ФАО (FAO) тврделе дека не мора да значи дека ГМХ има високи приноси, па дури било можно да има и намалени приноси.
Глобалното затоплување е широко признат како голем проблем, со изразување на согласност на сите национални научни академии за важноста на овој проблем. Со зголемување на популацијата и со зголемување на побарувачката на енергија, светот се соочува со енергетска криза. Некои економисти и научници предвидуваат глобална еколошка криза, ако употребата на енергија не се контролира - извештајот на Николас Стерн уште познат и како Стерновиот извештај е пример. Несогласувањето предизвикало остра дебата за проблемот на дисконтирањето и меѓугенерациската праведност.
Етика
[уреди | уреди извор]Стандардната економија се обидувала да стане објективна „егзактна наука“, но еколошките економисти тврдат дека во суштина објективната економија е нереална. Еколошката економија претпочита да земе предвид алтернативни концепти на корист, ефикасност, трошок-придобивка како што е положбена анализа или анализа со повеќе критериуми. Еколошката економија вообичаено се смета како економија за оддржлив развој и може да има цели слични на зелената политика.
Школи на мисла
[уреди | уреди извор]Во оваа област постојат различни конкурентски школи на мислата. Некои се однесуваат повеќе на ресурсите и економијата на животната средина, додека другите се различни во начинот на изучување. Како пример за последното е „Европската организација за еколошка економија“. Како пример за претходното е шведскиот Меѓународен институ за еколошка економија Бејер.
Разлики од стандарните школи
[уреди | уреди извор]Кај еколошката економија, природениот капитал е додаден на вообичаената анализа на капиталните средства на земјиште, работна сила и финансиски капитал. Еколошката економија користи алатки од математичката економија, но може да ги примени непосредно врз природата. Додека стандарните економисти тежнеат да бидат технолошки оптимисти, еколошките економисти тежнеат да бидат технолошки песимисти. Тие сметаат дека природниот свет има ограничен максимален капацитет и дека неговите извори може да пресушат. Бидејќи уништувањето на значајните животни ресурси може да биде неповратно и катастрофално, еколошките економисти ги оправдуваат предупредувачките мерки, засновани на принципите за заштита.
Најубедливиот пример за тоа како различни теории ги објаснуваат сличните средства е трофичниот екосистем во дождовните шуми, како што е Јасуни регионот на Еквадор. Додека оваа област има значајно ниво на битумен, исто така е еден од најразличните екосистеми на Земјата и според некои проценки има над 200 неоткриени медицински супстанции во неговите геноми - од кои повеќето ќе бидат уништени со сечење на шумата или со минирање на битуменот. Најверојатно, инструкцискиот капитал на геномите е потценет со анализите кои превенствено ги прикажуваат дождовните шуми како извор на дрво, нафта/катран, и можеби храна. Зголемувањето на јаглеродните кредити со оставање на екстремно богатиот битумен со јаглерод („валкан“) во земјата, е исто така вреднувано - Владата на Еквадор формирала цена од $350M, за закуп на нафта со цел да се продаде на некој кој се обврзува дека никогаш нема да го експлоатира до крај, наместо тоа ќе помогне во зачувување на дождовните шуми.
Историја и развој
[уреди | уреди извор]Најраниот интерес за екологијата и економијата датира во 1960-тите години со делото на Кенет Булдинг и Херман Дали, но првите состаноци се оддржале во 1980-тите. Сè почнало со Симпозиумот во Шведска во 1982 на кој учествувале луѓе кои подоцна ќе бидат водачи во оваа област: Роберт Костанца, Херман Дели, Чарлс Хол, Ен-Мари Јансон, Брус Ханон, Х.Т. Одум и Дејвид Пиментел. Повеќето од нив биле екологисти во екосистемите или економисти за животна средина, со исклучок на Дели. Во 1987 Дели и Костанца, биле уредници на изданието „Еколошко моделирање за тестирање на водите“. Книгата насловена „Еколошка економија“, од Хуан Мартинес-Алиер, била издадена подоцна истата година. Во 1989 г. била основана Интернационалната организација за еколошка економија, како и издавање на нивен весник, „Еколошка Економија“, од страна на Елсевиер. Роберт Констанца бил првиот претседател на организацијата и првиот уредник на весникот, чиј уредник моментално е Ричард Хоуарт.
Од европските концептуални основачи може да се вклучат Николас Георгеску-Реген (1971), К. Вилијам Кап (1950) и Карл Полањи (Karl Polanyi) (1944). Некои од клучните концепти за тоа што претставува денешната еколошка економија, се евидентирани во прибелешките на Е.Ф.Шумахер (E.F. Schumacher), чија книга „Малото е убаво: Истражување за економијата небаре ги засега луѓето“ (1973), беше издадена само неколку години пред првата сеопфатна едиција „Стабилна состојба на економијата“ од Херман Дали (1977). Други податоци ги вклучуваат екологистите Ц.С.Холинг (C.S. Holling), Х.Т. Одум (H.T. Odum) и Роберт Костанца, биологот Гречен Дејли (Gretchen Daily) и физичарот Роберт Аирес (Robert Ayres). CUNY професорот по географија Дејвид Харви (David Harvey) експлицитно изразил загриженост за еколошката состојба на политичката економска литература. Овој паралелен развој во политичката економија е продолжен од аналитичари како што е социологот Џон Белами Фостер (John Bellamy Foster).
Претходници имало уште во романтизмот во XIX век, како и некои политички економисти од просветителството. Загриженост за популацијата била изразена од Томас Малтус, додека пак Џон Стјуарт Мил претпоставил дека „стабилната состојба“ на една економија била пожелна, предвидувајќи ги подоцнежните согледувања на модерните еколошки економисти, без да го има нивното искуство од општествените и еколошките трошоци од драматичната индустриска експанзија по Втората светска војна. Како што Мартинес-Алиер во својата книга ја разработува дебатата за енергијата во економските системи, тоа може исто така да се забележи и во XIX век, на пример нобеловецот за хемија, Фредрик Соди (Frederick Soddy) (1877-1956). Соди го критикувал постоечкото верување за економијата како постојана движечка машина, способна за создавање бесконечно богатство - критика која одекнала преку неговите интелектуални следбеници во сега веќе растечката област на еколошката економија.
Романскиот економист Николас Георгеску-Реген (1906-1994), кој бил меѓу наставниците на Дели во Универзитетот „Вандербилт“, во еколошката економија вметнал модерна концептуална рамка заснована на материјалниот и енергетскиот проток на економското производство и потрошувачката. Неговиот магнум опус,„Ентропискиот закон и економскиот процес“ (1971), бил многу влијателен.
Статии од Инг Ропке и Клајв Спеш ги опфаќаат развојот и модерната историја на еколошката економија и ја објаснуваат нејзината разлика од економијата за ресурси и за животна средина, како и за некои спротивности меѓу американската и европската школа на мисла. Статијата од Роберт Костанца, Дејвид Стерн, Лининг Хи, и Чунбо Ма била одговор на повикот од Мик Комон (Mick Common) за да ја определат основната литература за еколошката економија употребувајќи анализа на цитати за да се испитат кои книги и статии имале најголемо влијание врз развојот на оваа област.
Теми
[уреди | уреди извор]Методологија
[уреди | уреди извор]Примарната цел на еколошката економија е да основа економско размислување и практика во физичката реалност,особено во законите на физиката( посебно законите на термодинамиката) и во познавањето на биолошките системи. Нејзината цел е подобрување на човековата благосостојба преку развој, и стремеж кон постигнување на ова преку планирање за одржлив развој на екосистемите и општествата. Се разбира дека термините „развој“ и „одржлив развој“ се далеку од недостиг на контроверзност.
Благосостојбата во еколошката економија исто така се разликува од социјалната благосостојба која се среќава во стандардната економија и „новата економија на благосостојба“ од 1930 која ја поддржува економијата на природните ресурси и на животната средина. Со ова се подразбира утилитарен концепт на вредност со ограничен избор, т.е. природата е драгоцена за нашата економија, и затоа луѓето се спремни да платат за услугите, како што се чист воздух, чиста вода, допир со дивината итн.
Еколошката економија се разликува од неокласичната економија, најпрво по нејзиното тврдење дека економијата е вградена во системот на животната средина. Екологијата се занимава со енергетските и материјалните врски на животот и на земјата,и според дефиницијата човечката економија е содржана во овој систем. Еколошките економисти тврдат дека неокласичната економија не ја зема предвид животната срединиа, во најдобар случај ја смета како подгрупа на човековата економија.
Неокласичните ставови го занемаруваат она што природните науки нè имаат научено за придонесите на природата кон создавање на богатство, на пример малиот степен на материја и енергија дадени од планетата, заедно со комплексната и биолошката разновидност кои обезбедуваат добра и услуги на екосистемот директно до човечките заедници:микро и макро климатска регулација, рециклирање на вода, прочистување на вода, регулација на атмосферската вода, апсорбција на отпадок, производство на храна и медицински лекови, опрашување, заштита од сончева и космичко зрачење, поглед на ѕвезденото ноќно небо, итн.
Потоа бил направен чекор за да се земат предвид функциите на природниот капитал и екосистемите како добра и услуги. Меѓутоа, ова е доста контроверзно во рамките на екологијата или еколошката економија поради потенцијалот за намалување на вредностите што се среќаваат и во стандардната економија, и опасноста од сметање на природата како производ/стока. Ова се однесувало на тоа како екологистите да ја „распродаваат природата“. Постои загриженост дека еколошката економија не успеала да научи од опширната литература на етиката на животната средина за тоа како да се структурира еден плурален вредносен систем.
Распределба на ресурси
[уреди | уреди извор]Економијата на природните ресурси и неокласичнита економија се фокусираат првенствено на ефикасната распределба на ресурсите, и помалку на други два основни економски проблеми кои се центар на еколошката економија: распределбата (капитал) и скалата на економијата е поврзана со екосистемите врз чија основа се потпира. Еколошката економија исто така јасно ги разграничува растот (квантативно зголемување на економскиот аутпут) и развојот (квалитативно подобрување на квалитетот на животот), додека неокласичните економисти ги мешаат. Еколошките економисти наведуваат дека зголемената потрошувачка по глава на жител (типична економска мерка на „животниот стандард“) не мора да доведе до подобрување на човечката благосостојба, наместо тоа оваа потрошувачка може да предизвика штетни ефекти на животната средина и пошироката општествена благосостојба.
Јака наспроти слаба одржливост
[уреди | уреди извор]Еколошката економија го предизвикува конвенционалниот пристап кон природните ресурси и тврди дека го потценува природниот капитал сметајќи го како меѓусебно заменлив со човечкиот капитал- работна сила и технологија.
Можноста за замена на човечкиот капитал со природниот капитал е значајна дебата кај еколошката економија и економијата за одржливост. Постои континуитет на ставовите меѓу економистите помеѓу силната неокласична позиција на Роберт Солоу и Мартин Веицман, од една страна, и „ентрописките песимисти“ Николас Георгеску-Реген и Херман Дели, од друга страна.
Неокласичните економисти тежнеат да се држат до тоа дека човечкиот капитал, во принцип, може да ги замени сите видови на природен капитал. Овој став е познат како слаба одржливост, бидејќи секоја технологија може да се подобри или да се замени со иновација, и дека постои замена за сите ретки материјали.
Од друга страна, според ставот за јаката одржливост резервите на природните ресурси и еколошките функции се незаменливи. Оттаму следи дека економската полиса има доверлива должност кон поголемиот дел од еколошкиот свет, и дека одржливиот развој треба да земе друг пристап кон вреднување на природните ресурси и еколошките функции.
Економија на енергетски сектор
[уреди | уреди извор]Клучниот концепт на овој сектор е нето добиената енергија, кој потврдува дека за производство на енергија потребна е енергија. За да биде корисна добиената енергија од онаа инвестираната, мора да биде поголема од еден. Нето добиената енергија од производство на јаглен, нафта и гас се намали со текот на времето поради полеснит начин на производство што предизвика исцрпување на изворите.
Генерално, еколошката економија ги отфрла ставовите на економијата на енергетскиот сектор за тоа дека зголемувањето на снабдувањето на енергија е директно поврзано со благосостојбата, наместо тоа се фокусира на биоразновидноста и креативност - или природниот капитал и поединечниот капитал, кои понекогаш во терминологијата се прифатени како такви за да ја доловат економската смисла. Во практика, еколошката економија првенствено се фокусира на клучните проблеми на неекономскиот раст и квалитетот на животот. Еколошките економисти тежнеат кон признавање на тоа дека она што е од големо значење за човечката благосостојба не може да се анализира директно од економска гледна точка и предлага интердисциплинарен пристап, соединувајќи ги општествените и природните науки кои ќе послужат како средство за решавање на ова.
Термоекономијата се заснова на исказот дека улогата на енергијата во биолошката еволуција треба да се дефинира и да се разбере преку вториот закон за термодинамика, но и во однос на економските критериуми како што се продуктивност, ефикасност, и особено трошоците и бенефициите (или профитабилноста) на различни механизми за искористување на расположлива енергија за изградба на биомаса и извршување на работа. Како резултат, термоекономијата често е разгледувана во областа на еколошката економија, која сама по себе е блиска со областите на одржливоста и одржливиот развој.
Анализа на максималното ефикасно искористување на енергијата (ексергија) се прави во индустриската екологија за поефикасно да се искористи енергијата. Терминот ексергија, е кованица на Зоран Рант (Zoran Rant) во 1956, но коцептот бил развиен од Ј. Вилард Гибс. Во последните декади, употребата на терминот ексергија се проширил надвор од областа на физиката и инженерството во областите како индустриската екологија, еколошката економија, екологија на системите и енергетиката.
Енергетско сметководство и енергетски баланс
[уреди | уреди извор]Енергетскиот баланс може да се употреби за следење на енергијата преку систем, и е многу корисна алатка за определување на употребата на ресурсите и влијанието на животната средина, користејќи ги првиот и вториот закон на термодинамиката, за да се определи колку енергија е потребна на секоја точка во системот, и во каква форма таа енергија е трошок во различни проблеми на животната средина. Енергетскиот сметководствен систем постојано ја следи енергијата што влегува,излегува, и неупотребената енергија, наспроти извршената работа и трансформациите во системот. Научниците напишале и размислувале за различни аспекти на енергетското сметководство.
Услуги на животната средина
[уреди | уреди извор]Било направено истражување од страна на Костанца и неговите колеги за определување на цената на „услугите“ што ги нуди животната средина. Ова било определено со сведување на вредностите на просечно ниво, добиени од различни проучувања, кои се спроведени во многу специфичен контекст и потоа се пренесени истите без оглед на контекстот. Цената за хектар површина на различен тип на екосистем (водни живеалишта, океани итн) била сведена на просечно ниво. Вкупната сума изнесувала 33 трилиони американски долари, двојно повеќе од вкупниот БДП на светот во тоа време кога е направено проучувањето. Ова изучување било критикувано од страна на некои економисти на животната средина – за тоа што биле неусогласени со пресметките на финансиската вредност на капиталот - и еколошки економисти - за тоа што не биле усогласени со фокусот на еколошката економија кој бил врз биолошките и физичките индикатори.
Целата идеја за третирање на екосистемите како добра и услуги, и да бидат вреднувани во монетарна смисла останува неприфатливо за некои. Според нивното тврдење, животот е скапоцен и бесценет, но ова очигледно го деградира до тој степен да биде безвреден според пресметките на било која гранка од економијата. Сведувањето на човечкото тело на финансиска вредност е неопходен дел од секоја гранка на економијата и не секогаш се однесува директно на осигурување и плати. Во принцип, според економијата каков било конфликт се намалува со доброволно склучување на договор за односите и цените,од страна на засегнатите субјекти, наместо да се расправаат или да присилуваат и залажуваат други при обезбедување на добра и услуги. Во овој случај, давателот се согласува на ограничен период за повлекување на средствата, и притоа да се изложи на телесни ризици,како и финансиски и други ризици. Екосистемите не се многу различни од други тела од економска гледна точка,освен ако не постои можност тие да се заменат со типичната работна сила или стока.
И покрај овие проблеми, многу екологисти и конзервациски биолози извршуваат валуација на екосистемот. Мерките на биоразновидноста се чини дека се најветувачки начин за усогласување на финансиските и еколошките вредности, и се прават многу активни напори во врска со овој проблем. Растечката област на економијата на биоразновидност почна да се појавува во 2008 како реакција на многу специфични предлози,како што е предлогот за Јасуни во Еквадор, или слични во Конго.
Комерцијализацијата на други еколошки односи во случајот со јаглеродни кредити и директни парични надоместоци на фармери за зачувување на услугите на екосистемот исто така се примери за потпомагање на приватни субјекти да имаат подиректна улога во заштитувањето на биоразновидноста. Организацијата на Обединетите Нации за Храна и Земјоделство постигнала речиси универзален договор во 2008 дека таквите надоместоци директно ја вреднуваат заштитата на екосистемот и ги поддржуваат пермакултурите, што било единствениот практичен излез од кризата за храна. Тие што биле против, биле земјите со англиско јазично подрачје, кои извезувале генетски изменета храна и промовирале договори за „слободна трговија“ што ја олеснувала нивната контролата врз светката транспортна мрежа: САД, Велика Британија и Австралија.
Екстерналии
[уреди | уреди извор]Еколошката економија се заснова врз ставот дека претпоставката на неокласичната економија дека трошокот и придобивкаот на животната средина и заедницата се взаемно уништувачки „екстерналии“, е неоправдана. Хуан Мартинес Алиер, на пример, покажува дека најголемиот дел од потрошувачите се автоматски исклучени од можното влијание врз цените на стоката, бидејќи овие потрошувачи се идни генерации кои сè уште не се родени. Претпоставките за идните отстапки, според кои идните добра ќе бидат поевтини од сегашните, се критикувани од Фред Пирс (Fred Pearce) и од неодамнешниот извештај на Стерн (и покрај тоа што во извештајот, Стерн употребува дисконтирање и притоа бил критикуван од еколошките економисти).
Земајќи ги предвид овие екстерналии, Пол Хокен (Paul Hawken) аргументира дека единствената причина зошто добрата произведени на неодржлив начин се обично поевтини од добрата произведени на одржлив начин, се должи на скриените давачки, платени од немонетизирана човечка средина, заедница или идни генерации. Овие аргументи понатаму се развиени од Хокен, Амори (Amory) и Хантер Ловинс (Hunter Lovins) во делото „Природен капитализам: Создавање на следната индустриска револуција“.
Еколошко-економско моделирање
[уреди | уреди извор]Математичкото моделирање е моќна алатка што се користи во еколошката економска анализа. Различните пристапи и техники вклучуваат: еволутивен, инпут-аутпут, нео-австриско моделирање, ентрописки и термодинамични модели, повеќе критериумско моделирање, и еколошката крива на Кузнец. Системската динамика и Географски информацискиот систем (ГИС) се техники применети за симулативно моделирање на просторно динамичните површини.
|