Пазарен неуспех

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Пазарниот неуспех во микроекономијата не значи дека одреден пазар прекинал со функционирање. Всушност, пазарен неуспех е ситуација во која одреден пазар неефикасно го организира производството или неефикасно ги алоцира добрата и услугите. Економистите овој термин го применуваат во ситуации кога има драматично неефикасно алоцирање на добрата и услугите, или кога има препораки дека некои други институции можат поефикасно да ги алоцираат ресурсите. Од друга страна, политичарите го користат зборот пазарен неуспех кога механизамот на пазарот не работи за јавниот интерес.

Четирите вида или причини за пазарен неуспех се:

  • Mонополите или други видови на злоупотреба на пазарната сила каде што „еден учесник на пазарот може значајно да влијае врз цените или производството“. Ваквата пазарна злоупотреба се регулира со антитрустовски регулации.
  • Екстерналии се случуваат кога пазарот не го зема предвид влијанието на активностите на неговите учесници врз аутсајдерите. Има позитивни и негативни екстерналии. Пример за позитивна екстерналија е образованието, имено активноста на образовните институции покрај тоа што им носи доход на образовните институции, исто така има и позитивен ефект врз целата држава. Пример за негативна екстерналија е кога некоја компанија ја загадува околината и со тоа влијае врз учесниците надвор од пазарот. Екстерналииите се регулираат преку владина контрола, даноци, субвенции или преку сопственички права кои ќе ги принудат компаниите да го земаат предвид загадувањето.
  • Јавни добра се добра чие користење не е возможно да биде ексклузивно на едно лице, и од чие користење некои лица не можат да се исклучат. Такви примери се јавното зеленило, националната одбрана, јавното здравство и др. На пример, едно лице не може да се исклучи од одбранбениот систем на земјата, исто како што не може едно лице само да си организира одбранбен систем. За да се задоволат овие потреби, државата ги обврзува луѓето да плаќаат даноци со кои подоцна се финансираат сите тие јавни добра.
  • Случаи на пазарот кога има асиметрични информации, односно несигурност или неефикасни информации. Асиметричните информации постојат тогаш кога една страна во една трансакција има подобри информации од другата страна. На пример, продавачите на половни автомобили знаат една кола дали служела како приватно возило или како такси, но ако таа значајна информација не му биде достапна на купувачот, тогаш постојат асиметрични информации. Вообичаено продавачот знае повеќе за производот од купувачот, но не е секогаш така, на пример во случајот на продажба на полиси за животно осигурување, купувачот на полисата има подобри информации за сопственото здравје одколку продавачот.

Терминот асиметрични информации прв пат го употребил Џорџ Акерлов во статијата Пазарот на лимони од 1970. Во истата статија, Акерлов, забележал дека во пазарите каде постојат асиметрични информации цената на добрата има тендеција да паѓа, дури и за тие добра со добар квалитет. Тој го објаснува тоа со несигурноста на купувачот, купувачот не знае дали доброто ќе биде од добар квалитет или од лош квалитет и следствено сите добра ги вреднува пониско.