Монопол

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Монопол е облик на пазарна структура, т.е. крајна форма на непотполна или ограничена конкуренција на пазарот во која вкупното производство и вкупната понуда на секторот ја создава едно претпријатие - монополист.

Опис[уреди | уреди извор]

Наспроти состојбата на совршена конкуренција, каде што производството и понудата на одделен производ ги создваат голем број мали фирми, стои состојбата на монопол. Совршената конкуренција и монополот, според тоа, се екстреми во морфологијата на пазарните структури, кои релативно малку се застапени во реалниот економски живот. Монополот е дел од непотполната конкуренција која, исто така, ги опфака и следниве пазарни структури: Олигопол (состојба на неколку продавачи и многу купувачи) и монополистичка конкуренција. Монополот има силно влијание врз цената на производот. Овој тип на пазарна структура, во основа, е присутен во стопанската инфраструктура - железницата, телекомуникациите, ПТТ-услугите и слично.

За да постои класичен монопол трба да се исполнат две претпоставки:

  • едно претпријатие (продавачот) да го дава вкупното производство во секторот,
  • да нема други производители кои можат да обезбедат супституција на производот што го продава монополистот.

Главни карактеристики во монополот се:

  • недостиг на конкуренција
  • еден продавач
  • немање на сличен (потенцијално заменлив) производ

Пречките за влез во секторот во кој длеува монополот може да бидат од различна природа:

  • Правни бариери - состојба во која државата со правни прописи може да го ограничи влезот на нови претпријатија во оделни стопански сектори.
  • Окрупнување на претпријатијата заради искористување на економиите од обем (масовно производство)- Ефикасноста во одделни економски сектори е можна само доколку постои масовно производство.
  • Дарови на природата - некои природни богатства се концентрирани во одделни земји, па контролата на производството им е препуштена на крупни домашни или странски фирми, кои имаат доминантни позиции во светското производство (на пример, Нафтата).
  • Диференцијација на производите.

Погрешно е тврдењето според кое монополот настојува да продава по највисока цена. Исто така, не е точно дека монополот ќе произведува колку што е неговиот капацитет. Тој настојува да го изнајде најсоодветниот компромис помеѓу количината и цената, односно монополот никогаш нема да произведе и продаде толку производи колку што изнесува неговиот капацитет.

Кај монополот постои тенденција вештачки да го ограничува производството, за да се постигне повисока цена и повисок вкупен приход, а со тоа и повисок профит. Но, овој факт покажува дека монополот нерационално ги користи расположливите ресурси, што од аспект на општеството претставува загуба. Ова упатува на штетноста од постоењето на монополот и дава одговор на прашањето зошто луѓето (потрошувачите) се противат на монополите и зошто современите влади ги контролираат монополите.

Антимонополско законодавство[уреди | уреди извор]

Во 2017 година, регулаторните тела на ЕУ го казниле „Гугл“ со казна од 2,42 милијарди евра за кршење на антимонополските правила, затоа што „Гугл“ ја злоупотребил својата доминација на пазарот како пребарувач. Тоа била највисоката казна за монополско однесување изречена во ЕУ, надминувајќи ја казната од 1,06 милијарди евра изречена на „Интел“ во 2009 година.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Мирослав Саздовски, „ЕУ го казни Гугл со 2,42 милијарди евра поради монополски манипулации“, Економија и бизнис, година 19, број 229/230, јули/август 2017, стр. 33.