Претпријатие
Претпријатие (англиски: enterprise) претставува организациска форма за остварување на материјални добра или услуги наменети за потрошувачот. Претпријатијата доминираат во капиталистичкото општество, а најголем дел се во приватна сопственост на физички лица или некој друг облик на здружување, која има за цел остварување (профит), кој би го зголемил богатството на сопственикот.
Видови претпријатија
[уреди | уреди извор]Според големината, претпријатијата најчесто се класифицираат на микро, мали, средни и големи[1]. Во почетокот на транзицијата во Македонија, Законот за сметководство разликувал само мали и големи претпријатија, а Законот на трансформација на претпријатијата со општествен капитал разликувал мали, средни и големи проетпријатија[1]. Во текот на 2004 година со измените на Законот за трговски друштва, прифатени се критериумите на ЕУ за класификација на претпријатијата според нивната големина врз основа на: бројот на вработени, годишен обрт и вредност на деловната актива[1]. Претпријатијата влегуваат во соодветната категорија доколку во првата година од работењето задоволуваат два од посочените три критериуми[1].
Претпријатијата во Македонија
[уреди | уреди извор]Во 2004 година, со измените во Законот за трговски друштва, Македонија ја прифатила методологијата на Комисијата на ЕУ за класификација на претпријатијата според големината. Според оваа методологија, врз основа на три критериуми (број на вработени, големина на обртот и вкупна вредност на деловната актива), претпријатијата, се класифицираат на микро, мали, средни и големи. Притоа, првиот критериум од методологијата (број на вработени) се применува и во Македонија (микро до 10 вработени, мали до 50 вработени, средни до 250 вработени и големи над 250 вработени), додека останатите два критериума се соодветно намалени во случајот на Македонија (на пример, во Македонија, мали претпријатија се оние со годишен обрт до 2 милиони евра, за разлика од ЕУ, каде тој износ е 10 милиони евра).
Бројот на претпријатија во 1989 година изнесувал 2.003 (со 432.400 вработени), а потоа нивниот број пораснал на 34.716 во 2001 година (со 292.526 вработени).[2] На почетокот на 2012 година, во Македонија постоеле 73.118 активни претпријатија, од кои дури 72.933 (или 99, 7%) биле мали и средни претпријатија. Притоа, тие имале доминантно учество и во формирањето на БДП (преку 55%, во додадената вредност), и во вкупната вработеност во бизнис секторот (преку 75%).[3]
Табела бр. 1: Број на деловни субјекти во Македонија (2012 година)[3]
Сектор | Број на деловни субјекти | Сектор | Број на деловни субјекти |
---|---|---|---|
Земјоделство, шумарство и рибарство | 2 963 | Рударство и вадење камен | 176 |
Снабдување со електрична енергија, пареа и климатизација | 98 | Преработувачка индустрија | 8 155 |
Снабдување со вода и управување со отпад | 283 | Градежништво | 4 400 |
Трговија на големо и трговија на мало | 27 468 | Транспорт и складирање | 6 380 |
Туризам и угостителство | 4 313 | Информации и комуникации | 1 419 |
Финансиски дејности и осигурување | 420 | Дејности во врска со недвижен имот | 450 |
Стручни, научни и технички дејности | 5 369 | Административни и помошни дејности | 1 319 |
Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување | 203 | Образование | 986 |
Здравствена и социјална заштита | 3 246 | Уметност, забава и рекреација | 1 213 |
Други услужни дејности | 4 257 |
На крајот од 2014 година, бројот на претпријатија во Македонија достигнал 70.659, од кои 24.674 или 34,9% биле од секторите трговија на големо и мало и поправка на моторни возила, а 7.675 или 10,9% биле од преработувачката индустрија. Најмал број фирми имало во секторите рударство и вадење камен (180 фирми) и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (151 фирма). Мерено според бројот на вработените, најголемо учество (85,2%) имале микро-фирмите кои имаат од еден до девет вработени; 5,4% биле фирми кои немаат вработени; фирмите кои вработуваат од 10 до 19 вработени учествувале со 4,4%; 2,6% од фирмите имале меѓу 20 и 49 вработени; 1,8% од фирмите имале меѓу 50 и 249 вработени; а само 0,3% од претпријатијата имале над 250 вработени.[4] Во 2016 година, 79,3% од претпријатијата имале од 1 до 9 вработени, 11,3% немале вработени, 4,3% имале од 10 до 19 вработени, 2,8% имале меѓу 20 и 49 вработени, 1,9% имале од 50 до 249 вработени, а само 0,3% имале над 250 вработени.[5]
На крајот од 2014 година, вкупниот број на активни претпријатија во Македонија изнесувал 57.906. Притоа, само 1,9% спаѓале во групата на средни и големи претпријатија, додека 98,1% биле мали и микро претпријатија. Меѓутоа, средните и големите претпријатија зафаќале 72% од вкупната добивка и учествувале со 63% од вкупните средства (актива) на претпријатијата. Вкупниот долг на корпоративниот сектор изнесувал 64% од БДП (на крајот на 2014 година), додека нето-задолженоста изнесувала 33% од БДП.[6]
Во 2015 година, вкупниот број на претпријатија изнесувал 136.695, а во 2016 година се намалил на 113.978.[2] Бројот на активните деловни субјекти во Македонија во 2016 година изнесувал 71.519, во 2015 година тој број изнесувал 70.139.[7] Бројот на претпријатијата од корпоративниот сектор изнесувал 53.466 во 2016 година, а во 2015 година имало 52.566 претпријатија од корпоративниот сектор.[8]
Показатели за работењето на претпријатијата во Македонија
[уреди | уреди извор]Корпоративниот сектор вработува околу 75-77% од вкупниот број вработени во Македонија. Учеството на вкупната актива на претпријатијата во БДП било зголемено од 246% во 2006 година на 266% во 2015 година. Притоа, во структурата на активата на претпријатијата во 2015 година, нетековните средства учествувале со 52-53%, а во нив доминирале материјалните средства (Невижен имот, постројки и опрема, транспортни средства, биолошки средства итн.), со учество од 80-85% во вкупните нетековни средства. Во рамките на тековните (обртните средства) на претпријатијата најголемо учество имале краткорочните побарувања (55%). Од друга страна, во структурата на пасивата на претпријатијата, капиталот и резервите учествувале со 50%, по што следувале обврските по заеми (21%).[9]
Табела бр. 2: Показатели за работењето на претпријатијата во Македонија (2014 година)[10]
Показател | Големи и средни фирми | Мали и микро фирми | Вкупно |
---|---|---|---|
Долг / капитал | 0,77 | 1,42 | 0,96 |
Вкупен долг | 43,5% | 58,7% | 49,1% |
Тековна ликвидност | 1,22 | 1,24 | 1,23 |
Моментна ликвидност | 0,88 | 0,86 | 0,87 |
Принос на средствата | 2,6% | 1,7% | 2,2% |
Принос на капиталот | 4,5% | 4,1% | 4,4% |
Нето-профитна маржа | 3,7% | 2,1% | 3,1% |
Оперативна профитна маржа | 4,4% | 2,8% | 3,8% |
Обрт на вкупните средства | 0,69 | 0,81 | 0,73 |
Обрт на залихите | 6,75 | 4,46 | 5,58 |
Обрт на побарувањата | 3,25 | 2,51 | 2,91 |
Денови на наплата на побарувањата | 112 | 145 | 126 |
Денови на врзување на залихите | 54 | 82 | 65 |
Денови на плаќање на обврските | 141 | 215 | 172 |
Во 2014 година, 19.282 претпријатија (37,7% од правните лица коишто доставиле завршни сметки во Централниот регистар) прикажале загуба во работењето. Во 2015 година, нивниот број се намалил на 19.109 (36,3% од правните лица коишто доставиле завршни сметки). Во 2016 година, бројот на правни лица кои оствариле добивка бил 34.022, додека загуба оствариле 19.424 претпријатија.[11] Во 2015 година, просечната нето-профитна маржа на претпријатијата во Македонија изнесувала 4,3%, што претставувало раст во однос на 3,1% во 2014 година. Набљудувано по сектори, таа била највисока во секторите информации и комуникации (8,5%) и градежништво (7,7%), а најниска била во секторите земјоделство и шумарство (2,6%) и трговија и транспорт (3,4%).[12]
Кон крајот на 2015 година, вкупната задолженост на претпријатијата во Македонија изнесувала околу 60% од БДП, во споредба со 34% во 2006 година.[13] Во поглед на ликвидноста на македонските претпријатија, во 2015 година, показателот за забрзана ликвидност бил помал од 1, т.е. малку под општоприфатената долна гранична вредност за овој показател.[14] Во однос на обртот на средствата, просечниот период на исплата на обврските изнесувал приближно шест месеци; просечниот рок на наплата на побарувањата бил четири месеци; а просечниот период на ослободување на врзаните залихи изнесувал два месеца. Притоа, најголем обрт, најбрза наплата на побарувањата и најбрза исплата на обврските имале секторите трговија, транспорт, складирање и угостителство.[9]
Табела бр. 3: Показатели за работењето на претпријатијата во Македонија (2023 година)[15]
Показател | Земјоделство, шумарство и рибарство | Индустрија | Градежништво | Трговија, транспорт и угостителство | Информации и комуникации | Дејности во врска со недвижен имот, начуни, административни и други услужни дејности | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|
Принос на средствата | 0,1 % | 4,5 % | 4,1 % | 5,2 % | 10,7 % | 5,0 % | 4,7 % |
Принос на капиталот | 0,1 % | 9,7 % | 9,9 % | 9,9 % | 16,5 % | 9,1 % | 9,4 % |
Нето-профитна маржа | 0,4 % | 4,3 % | 12,6 % | 4,1 % | 10,4 % | 12,3 % | 5,3 % |
Оперативна профитна маржа | -1,6 % | 5,1 % | 12,3 % | 4,5 % | 11,9 % | 12,2 % | 5,8 % |
Приходи по вработен (мил. ден.) | 2,4 | 5,6 | 4,0 | 6,9 | 3,4 | 1,9 | 5,4 |
Нето-добивка по вработен (мил. ден.) | 0,0 | 0,2 | 0,5 | 0,3 | 0,4 | 0,2 | 0,3 |
Табела бр. 4: Број на новоосновани претпријатија во Македонија[2]
Година | Број на претпријатија |
---|---|
2008 | 13.534 |
2009 | 10.729 |
2010 | 11.685 |
2011 | 8.620 |
2012 | 8.583 |
2013 | 8.294 |
2014 | 7.161 |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Фити, Таки (2009). „Претпријатија (Класификација) според големината“. Во Блаже Ристовски (уред.). Македонска енциклопедија. 2. Скопје: МАНУ. стр. 1218.CS1-одржување: користи параметар editors (link)
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Централен регистар на Република Македонија (пристапено на 7.12.2107)
- ↑ 3,0 3,1 ДЗС на Република Македонија, Соопштение бр. 6.1.12.13 од 24.2.2012.
- ↑ „Лани биле активни 70.659 фирми, најмногу во трговијата“, Утрински весник, година XVI, број 4718, вторник, 24 февруари 2015, стр. 8.
- ↑ „Доминантен број деловни субјекти во Македонија имаат од 1 до 9 вработени“, Економија и бизнис, година 19, број 226, април 2017, стр. 7.
- ↑ Петар Дебников, „Клучните трендови во македонскиот корпоративен сектор“, Економија и бизнис, година 18, број 206, 12 август 2015, стр. 34-37.
- ↑ Државен завод за статистика (пристапено на 7.12.2017)
- ↑ НБРМ, Извештај за финансиска стабилност во Република Македонија во 2016 година, Анекс бр. 4.
- ↑ 9,0 9,1 Михајло Васков, „Анализа на остварувањата и задолженоста на македонскиот корпоративен сектор“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 44-48.
- ↑ Петар Дебников, „Клучните трендови во македонскиот корпоративен сектор“, Економија и бизнис, година 18, број 206, 12 август 2015, стр. 35.
- ↑ НБРМ, Извештај за финансиската стабилност во Република Македонија во 2016 година, Анекс 6.
- ↑ „Селектирани клучни показатели за корпоративниот сектор во Република Македонија“, Економија и бизнис, година 18, број 219, септември 2016, стр. 7.
- ↑ Ана Митреска, Султанија Бојчева - Терзијан и Петар Дебников, „Раздолжување на корпоративниот сектор во Македонија по кризата: Дали воопшто се случи?“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 33.
- ↑ НБРМ, Извештај за финансиската стабилност во Република Македонија во 2016 година, стр. 52.
- ↑ Маја Кадиевска Војновиќ, „Инфлацијата, факторите и поскапениот живот“, Економија и бизнис, година 27, број 320, 1 октомври 2024, стр. 17.