Прејди на содржината

Претприемништво

Од Википедија — слободната енциклопедија

Претприемништвото претставува иновирање, финансирање и реализирање на бизнис идеи, со цел поекономично произведување економски добра. Зборот претприемништво има многу значења. Од една страна, претприемач е личност која почнува нови работи и поседува исклучителни одлики што ретко кој друг ги има. Од друга страна, секој што сака да работи сам може да се именува како претприемач. Зборот претприемач доаѓа од францускиот збор entreprendre – „презема“. Во бизнис контекст, ова значи да почнеш бизнис.

Историја

[уреди | уреди извор]

Претприемачот е глумец во микроекономија, а изучувањето на претприемништвото почнало со работата на Ричард Кантилон и Адам Смит, на крајот од 17-от и почетокот на 18-пт век, но во голема мера било игнорирано од страна на теоријата сè до крајот на 19-от и почетокот на 20-от век.

Во 20 век, разбирањето на претприемништвото во голема мера се должи на разбирањето на делото на економистот Џозеф Шумптер од 1940-тите, но и на други австриски економисти, како: Карл Менгер, Лудвиг фон Мисес и Фридрих фон Хајек. За Шумптер, претприемач е човек што е подготвен и што може да пртевори нова идеја или пронајдокот во успешна иновација.

Различни научници го опишаа како претприемништво, меѓу другото, впуштањето во ризик. На пример, за Френк Х. Најт (1921) и Питер Дракер (1970) претприемништвото е преземање ризик. За да се биде претприемач потребен е тип на човек кој е подготвен да ја стави неговата или нејзината кариера и финансиска сигурност на линија на работ и да преземе ризици во името на неговата идеја. Најт класифицира три типа на неизвесност: (1) ризик што статистички може да се измери, (2) двосмислен ризик, ризик што е тешко да се измери статистички и (3) вистинска несигурност, ризик што е невозможно статистички да се процени или да се предвиди.

Работата на претприемништвото често е поврзувана со вистинска несигурност, особено кога тоа подразбира реализирање на нова идеја, што на пазарот никогаш не постоела. Сепак, дури и ако на пазарот веќе постои, не постои гаранција дека на пазарот постои место за нов играч на даденото поле.

Дефинирање на претприемништво

[уреди | уреди извор]

Австрискиот економист Јозеф Шумптер при дефинирањето на претприемништвото особен акцент става на иновацијата на:[1]

  • нови продукти;
  • нови методи на производство;
  • нови пазари;
  • нови начини на организирање.

Многу луѓе ги користат термините претприемништво и сопственик на мал бизнис како синоними, но во реалноста овие термини се различни и има разлика меѓу претприемништво и мал бизнис. Претприемништвото се разликува од бизнисот на следниот начин:

Профит – наспроти традиционалниот начин на вработување и постепеното зголемување на просечниот профит, претприемачите се милионери;

Брзина на профитирање – малите успешни бизниси имаат профит од неколку милиони во текот на нивното постоење, додека оваа бројка претприемачите ја достигнуваат најчесто за 5 години;

Ризик – ризикот што претприемачот го презема секогаш е многу висок;

Иновација – претприемништвото најчесто е поврзано се некоја оддржлива и креативна идеја, додека малите бизниси најчесто не се од таков тип. Иновативноста може да биде производ или сервис, или пак може да се сведе на начинот на кој се спроведуваат тие.

Подготовка за претприемништво

[уреди | уреди извор]
Вовед во претприемништво од книгата „Претприемништво: успешно почнување со нови потфати“ од Брус Барингер и Дуен Ајрланд (стиснете за да читате)

Да бидеш претприемник значи дека си си свој сопствен шеф.

Вистината за претприемништвото е дека е работа без слава и раскош. Всушност и најчесто претприемачите се оние кои треба да ги работат „нечистите“ работи, особено кога никој и не знае дека тие постојат.

Секогаш да се имаат предвид следните неколку работи:

Ставови Негативните ставови се првиот чекор кон пропаст на вашиот бизнис. За да се одбегне ова – ќе мора да се променат ставовите и секогаш да се биде позивен и да се размислува како претприемач. Обичниот работник чека работите да се случат, додека претприемачот прави работите да се случуваат. Обичниот работник чека инструкции, додека претпримачот дава јасни инструкции. Обичниот работник чека некој да ги реши проблемите, а претприемачот ја презема ситуацијата во свои раце за да ги реши проблемите.

Одговорности Секогаш треба да се биде подготвен за преземање одговорности за бизнисот и за тековните случувања кои се поврзани со него. Успешноста во претприемништвото не е само успешен бизнис план или пак работење со пари. Кога бизнисот не оди како што треба не треба да се обвинува економскиот пад, пазарот, економската клима, конкуренцијата или околината и да се чека помош од владата, туку треба да се преземе контролата во свои раце и да се најде начин да се подобри ситуацијата. Ако се направи грешка, преземете ја одговорноста и научете од неа.

Претприемачки намери и корпоративно претприемништво - второ поглавје од книгата „Претприемаштво“ од Роберт Д. Хисрич, Мајкл П. Питерс, Дин А. Шепард (стиснете за да читате)

Верувања

Ако некое лице А верува дека може да почне бизнис со 50.000 евра, тогаш и ќе го почне. Ако некое друго лице Б верува дека може истиот тој бизнис да го почне со 1,000 евра секогаш ќе најде начин како да го направи тоа. Во реалноста на лицето А – таа не може да види како може да го почне бизнисот за помалку од 50.000 евра и чувствува дека е во право. Нема ништо погрешно во тоа да го почнете бизнисот со 50.000 или со 1.000 евра. Во прашање е само систeмот на верување на претприемачите и тој систем на верување ја дава сликата за која се смета дека е реална или лажна.

Услуга

Бидете подготвени да им служите на луѓето околу вас. Само доколку им служите на другите и им помагате да стигнат до своите цели само тогаш ќе добиете што сакате од нив. Влезете во бизнисот со цел да служите и да давате и тогаш ќе почнете да добивате. Услугата не значи услужување само на корисниците. Услужувањето на вработените и на партнерите исто така ја охрабрува комуникација и води до засилување на тимскиот дух и создавање на победнички тим.

Континуирано учење

Секогаш бидете подготвени да се надградувате себеси. Надградувањето не е само за вработените во вашата компанија туку пред сè за претприемачот. Има многу вештини и техники кои му се неопходни на претприемачот и претприемачот мора да ги учи постепено. Наједноставниот начин за тоа е постојано да се посетуваат обуки, работилници и семинари.

Но, зошто би плаќале толку многу? Има една изрека која вели: „ Ако мислите дека образованието е скапо, обидете се да го игнорирате незнаењето“. Наместо да се мислите за цената на вашето образование, мислете на тоа како на инвестиција. Вештините и искуството од книгите, семинарите и обуките можат да ви бидат корисни цел живот, затоа гледајте на тоа како на животна инвестиција.

Пред да се впуштите во претприемничките води, морате да направите неколку промени во вашиот живот и да почнете да го правите она што другите не го прават.

Претприемништвото во современата економска наука

[уреди | уреди извор]

Интересорањето на економистите за сферата на претприемништвото и за обезбедувањето на претприемнички амбиент се манифестира во периодот помеѓу седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век. Во современата терорија се прави разлика помеѓу релацијата „пазар - претприемач“ и „работа на претпријатието - претприемач“. Според Џоеџ Џидлер, препријатието не е едноставен инструмент на пазарните сили, туку нивни творец. Така, претприемачот не само што врши комбинација на факторите на производството, туку ги иновира и ги развива. Денес, во современата економска наука претприемништвото се гледа во релокацијата и супституцијата на факторите кон точките на најподуктивна употреба на микроплан, иновација и ризик.

Претприемач

[уреди | уреди извор]

Што го прави претприемачот претприемач? Сигурно постојат некои специфични одлики, кои се потребни за успешен претприемач и, за среќа за оние кои сакаат да станат претпиремачи или сакаат да си ги развијат своите претприемачки вештини, овие одлики можат да се научат:[2]

  • cигурен во себе, полн со самодоверба и независен;
  • cпособноста да постави јасни и мерливи цели;
  • cпособноста да бара информации и ресурси за постигнување на целите;
  • водачки способности;
  • да прифати дека грешките и ризикот се дел од успехот;
  • да може да работи и по 50 часови неделно - не е типичен вработен;
  • да поседува неограничена автомотивација;
  • да биде подготвен да се соочи и да ги надмине своите лични стравови и ограничувања;
  • натпреварувачки дух;
  • градење на ефективни врски и соработка со тимовите;
  • секогаш да поседува идеја или подобар начин за остварување на целите;
  • искуство или знаење за некоја специјалност;
  • желба да направи сè за да успее;
  • да има развиено силно чувство за насока;
  • да поседува неограничен потенцијал – секогаш способен да расте, учи и изведува подобро.

Жени претприемачи

[уреди | уреди извор]

Жените претставуват еден голем и значаен дел од светската популација, со несомнено големо влијание во сеопфатното општество. Ако мажите претставуват кров на една куќа, тогаш несомнено жените претставуваат темел на таа куќа.[3] Доколку жените се набљудуваат во професионална смисла, може да се забележат големи постигнувања во секоје подрачје. Па, мора да се констатира дека во светските рамки влианието на жените континуирано расте. Одредени сектори кои до вчера како да беа резервирани само за мажите, сè повеќе ги заземат жените.

Жените и нивната улога во претприемништвото добиваат сè поголема актуелност како во развиените земји, така и во земјите во развој. Во развиените економии се следат сите фактори што можат да придонесат за развојот и тие фактори се користат максимално. Во светот континуирано се појавуваат поволни услови за развој на женското претприемништво, политика, наука. За тоа многу придонесуваат разните групи за лобирање. Се смета дека и падот на наталитетот игра големо влијание на сè поголемото значење на жените во светот (доколку некој банкар има една ќерка секако дека ќе инвестира големи средства во нејзиното образование, па со текот на времето таа ќе стане моќна фигура за бизнисот). Што ги мотивира жените сè повеќе да влегуваат во бизнис? Еве неколку фактори:

  • Обезбедување егзистенцијата,
  • Желбата за независност,
  • Желба за самодокажување,
  • Желба за самостојност во однос на мажите,
  • Желба децата да го наследат бизнисот,
  • Обезбедување сигурност за староста,
  • Желба за успех и независност,
  • Потреба од сатисфакција во работата,
  • Економски потреби...

На жените претприемачи не им е потребна им посебна помош во однос на едукацијата, стекнување на специфични способности и знаења, финансирање, техничка помош, влевање на самодоверба преку различни обуки, практична настава и слично. Жените веќе го имаат тоа.

Разлика меѓу мажите и жените претприемчи

[уреди | уреди извор]

Голем број истражувања ги обработуваат проблемите кои произлегуваат од стереотипите поврзани за родовите. Одликите на успешни претприемачи повеќе им се препишуваат на мажите отколку на жените.[4]

Сè произлегува од традиционалното сфаќање дека претприемаштвото е „машка“ работа, дека мажите имаат поголемо работно искуство поради биолошките функции на жените (раѓање и одгледување деца), кое влијае на помалото образование и работно искусто. Стереотип е ако се мисли дека сите жени се помалку способни за бизнис од мажите. Секое компаративно истражување кај мажите и жените претприемачи повеќе ги нагласува сличностите отколку разликите. Испитувањето на вредносните системи покажало дека вредносните системи кај мажите и жените претприемачи имаат повеќе сличности отколку разлики. Едно истражување спроведено меѓу жените претприемачи и мажите претприемачи покажало дека во големи број аспекти не постоеле значителни разлики. Жените добиле повеќе бодови во поглед на автономијата и промените, а помалку во поглед на енергијата и прифаќање на ризикот. Значи жените претпочитаат поле на дејствување каде што е возможно ново и различно искуство со мали ограничувања, со извесен степен на сигурност за исходот и со помало ангажирање на физички и ментални капацитети.

Со истражувањето е утврдено дека помеѓу родовите не постојат разлики во поглед на желбата за успех, автономијата, истражувањата, агресијата, независноста, конформизмот, сфаќањето на целта, самодовербата, раководењето и контролата. Со утврдува дека родовите стереотипи се главната причина за нееднаквото образование и искуство, што ги ограничува можностите за отворање и проширување на претпријатијата, па врз основа на тоа се формираат дополнителни стереотипи за надреденоста на мажите, односно за подреденоста на жените во општеството и во бизнисот. Жените по својата интелегенција, способност, снаодливост... во никој случај не заостануваат зад мажите. Значи тие реално ги заслужуваат високите позиции. Некои типично женски особености, како што се способноста за соживување со туѓи проблеми, емоциите, силно изразената желба за интеграција, изразениот талент за комуницирање, снаодливоста и слично се плус или минус во женското претприемаштво, посебно во делот кога фирмата треба да се управува. Навистина, бизнисот не познава емоции и туѓи проблеми и потреби, освен емоциите и проблемите за сопствениот бизнис кои даваат енергија за напредување.

Има мислења дека жените потешко можат да се прочитаат од мажите, па тоа во деловните разговори може да биде значајна предност во т.н. невербално комуницирање. Тајни, мислења, идни насоки за дејствување, стратегии и планови ќе си останат неоткриени од претприамачот од другата страна, што претставува силна предност во фаза на преговарање и договарање.

Жените доминираат во услужните дејности. Според истражувањата во иднината односот замјоделство-индустрија-услужни дејности ќе биде во корист на услугите. Тоа говори дека тие се наоѓат во секторот кој во наредниот период ќе доживува раст. Воочена законитост е дека голем дел од фирмите што ги поседувале жените остануваат мали. Зашто бизнисот останува мал? Дали е тоа избор на жените или има други причини? За ова има повеќе причини. Една од нив се финансиите. Бизнисите што ги поседуваат жените би растеле побргу доколку се овозможи еднаков пристап до капиталот каков што го имаат мажите. Жените почнуваат бизнис со помалку пари. Тоа е така зашто почнуваат бизнис во услужните дејности, а имаат и поголеми тешкотии околу набавка на финансии. Втора работа е желбата на жените да ја имаат контролата во свои раце на бизнисот што го поседуваат и го одржуваат на нивото кое им овозможува задоволство при работење. За жените флексибилноста е поважна од парите.

Како до успешен претприемач

[уреди | уреди извор]

За да се биде успешен претприемач потребни се следниве способности:[5]

  1. Треба да се размислува за проектите и идеите како дел од поголемата слика и да се разбере како деталите се вклопуваат и интегрираат во целината. Овој начин на размислување е општо познат како системски и може да се набават многу книги на оваа тема. Системското размислување е делотворно за умешноста и вештините кои се потребни за креативност и решавање на проблемите.
  2. Треба да се поседува надмоќна потреба за достигнувања и да се има силен натпреварувачки дух, па дури и со самиот себе. Секогаш е потребно трудење да бидеш помудар од другите, па и од самиот себе во минатото. Овој процес треба да биде природен како и дишењето, а воедно треба да биде движечка сила.
  3. Треба да се има одлучност и посветеност за да се биде доследен во обврските, полн со самодоверба и да се имаат работите под контрола. Исто така, треба да се дејствува во позитивна атмосфера. Сите „мора“ треба да се претворат во „сакам“, и да се работи на принципот "можам" и "ќе го направам". Стравот од неуспех треба да се елиминира, а зборот неуспех да се исфрли од речникот и да не се размислува на него како на опција – неуспехот се изедначува со фидбек, а фидбекот е основа на секое учење.
  4. Да се биде објективен, но со способност за реално проценување на ризикот во глобалната слика. Треба да се има и способност за антиципирање на способноста за пронаоѓање решанија, како и за користење на инстинктот кога во крајна линија тоа станува потребно.
  5. Треба да се има одлични комуникациски вештини, да се знае колку е важна јасната и концизната комуникација за успех, но најбитно од сè - мора да се има големо познавање за областа во којашто се работи.
  1. Дефинирање на претприемништво Архивирано на 2 мај 2010 г., претприемач.мк
  2. Претприемач Архивирано на 10 септември 2009 г., претприемач.мк
  3. Жени претприемачи[мртва врска], претприемач.мк
  4. Разлика меѓу мажите и жените претприемчи Архивирано на 8 март 2016 г., претприемач.мк
  5. Како до успешен претприемач Архивирано на 10 септември 2009 г., претприемач.мк

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]