Протекционизам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Протекционизам (лат. protegere = заштита) — збир на економски мерки со кои една држава се обидува да ограничи пласирање на странски производ на домашниот пазар. Тие мерки се наоѓаат во доменот на стратегиските трговски политики и нивната цел е по правило, подобрување на —пласманот на домашните продукти, унапредување и подобрување на развојот на поедините стопански гранки како и стопанството во целина. Такви мерки на стратегиска трговинска политика помагаат во развојот на поедини земји во развој во толкава мерка, па некои од нив веќе прераснале во индустриски сили (на пример, Кина).

Надворешнотрговски протекционизам[уреди | уреди извор]

Политиката на ограничување на меѓународната трговија се нарекува протекционизам. Протекционизмот вклучува две групи мерки: царини и нецарински ограничувања. Царините претставуваат еден вид данок на увозните производи. Царината ја зголемува цената на увозниот производ и така ја намалува неговата (ценовна) конкурентност во споредба со домашните производи. Нецаринските ограничувања се појавуваат во разни форми, како што се: увозни и извозни квоти со кои се ограничува максималното количество на увозот или извозот на некој производ; дозволи за увоз и извоз, т.е. посебни одобренија за да може да увезе или извезе некој производ; извозни субвенции со кои на извозниците им се надоместува разликата меѓу производната цена (трошоците на производството) и цената по која ги извезуваат производите; здравствени, санитарни, технички и еколошки стандарди кои мора да ги исполнуваат увозните производи за да може да се продаваат на домашниот пазар. Во екстремни случаи, протекционизмот се манифестира во вид на трговско ембарго или трговска војна, кога целосно се забранува извозот во некои земји или увозот од нив.[1]

Земјите кои спроведуваат протекционистички мерки наведуваат различни оправданија за своите постапки. Овие аргументи може да се поделат на две групи: економски оправдани и економски неоправдани аргументи.

  • Како економски оправдани аргументи се сметаат царините за заштита на младите индустрии и царините за намалување на невработеноста. Во првиот случај, земјите воведуваат царини за заштита на некои индустрии кои штотуку почнале да се развиваат во земјата. Бидејќи се наоѓа во почетната фаза од развојот, во овој случај, домашната индустрија не може да се натпреварува (да им конкурира) со странските индустрии. Со други зборови, домашните производители се соочуваат со повисоки трошоци од странските фирми, т.е. домашните производи имаат повисоки цени од увозните. Оттука, со царинската заштита им се овозможува на домашните индустрии да се развијат до нивото кое ќе им овозможи да им конкурираат на странските фирми. Ова значи дека заштитата на младите домашни индустрии треба да биде привремена, т.е. до моментот кога тие ќе станат развиени и ефикасни. Во вториот случај, кога домашната економија се наоѓа во рецесија, земјата може привремено да ги зголеми царините со цел да ги заштити домашните фирми и така да го спречи зголемувањето на невработеноста. Сепак, и овде, царинската заштита има оправдание само ако е привремена, т.е. кога економијата ќе излезе од рецесијата, царините треба да се вратат на претходното ниво.[2]
  • Економски неоправдани аргументи за протекционизмот се: царините кои се резултат на лобирањето од моќните бизнис-групи, царините насочени против конкуренцијата од поевтиниот странски труд, царините како реципрочна мерка (одмазда) против други земји итн. Често, царините се резултат на лобирањето на моќните стопанственици кои така си ги бранат своите лични интереси, т.е. го штитат својот бизнис под маската дека го бранат националниот интерес. Исто така, и самите политичари често застапуваат популистички политики на зголемување на царините, повторно со паролата дека ги бранат националните интереси, сакајќи да ги придобијат гласачите. Во развиените земји, чести се барањата за воведување царини на производите кои доаѓаат од земјите во кои се ниски платите. Во овој случај, најчесто оправдувањето е дека со царините домашната економија се брани од нелојалната конкуренција. Меѓутоа, вистинската причина е настојувањето на синдикатите да ги заштитат интересите на своите работници. Најпосле, земјите воведуваат царини како одговор на царините што другите земји ги вовеле против нив.[3]

Посебна форма на протекционизам претставува културниот протекционизам како и протекционизмот во спортот. Со таквите мери се штитат поединечни држави или региони од културни влијанија во странство, односно се штити домашниот пазар на спортисти. Во тој контекст се познати поранешните ограничувања на странските играчи во клубови на некои западноевропски земји.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Таки Фити, Економија. Скопје: Економски факултет – Скопје, 2006, стр. 461-462.
  2. Таки Фити, Економија. Скопје: Економски факултет – Скопје, 2006, стр. 466-467.
  3. Таки Фити, Економија. Скопје: Економски факултет – Скопје, 2006, стр. 467-468.