Владимир Димов
Владимир Димов | |
---|---|
Министер за здравство | |
На должноста 15 ноември 2004 – 27 август 2006 | |
Претседател | Бранко Црвенковски |
Претходник | Реџеп Селмани |
Наследник | Имер Селмани |
Лични податоци | |
Роден(а) | 17 септември 1956 Скопје, СФР Југославија |
Националност | Македонец |
Партија | СДСМ |
Владимир Димов (роден на 17 септември 1956 во Скопје) — македонски лекар и политичар. Во периодот од 15 ноември 2004 до 27 август 2006 година бил Министер за здравство на Република Македонија.
Животопис
[уреди | уреди извор]Владимир Димов дипломирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1982 година, каде докторирал во 1997 година. Специјализирал општа хирургија на Клиниката за хируршки болести при Медицинскиот факултет во Скопје во периодот од 1984 до 1988 година и супспецијализација по дигестивна хирургија во 1991 година.
Во периодот од 1991 до 1992 година престојувал на стручни едукации и тренинзи на медицинскиот факултет во Белград, на Универзитетот во Илиноис во САД, и во Тренинг центарот за лапараскопска хирургија во Хамбург, СР Германија. Добил и диплома за Визитинг научен соработник на Универзитетот во Чикаго. Зборува англиски и германски јазик.
Во 2002 година станал заменик директор на Клиничкиот центар во Скопје и директор на Хируршките и ортопетски дејности во Клиничкиот центар.
Претходно, во периодот од 1997 до 1999 година бил директор на Клиниката за дигестивна хирургија, а од 1989 до 1997 шеф на повеќе оддели на истата Клиника. Од 1983 до 1988 година бил помплад асистент и асистент по предметот Општа хирургија.
Во 2003 година Димов бил избран за вонреден професор по предметот хирургија. Член е на Македонското лекарско друштво, на Здружението на хирурзите, на Секцијата на дигестивни хирурзи и на Лекарската комора на Македонија. Тој е почесен член на Асоцијацијата на бугарски хирурзи, на Здружението на хирурзи на Србија и Црна Гора, а член е и на Одборот на ЕУРОСУРГЕРС, на Одборот ЕАЦСС со седиште во Брисел. Димов е автор на повеќе стручни и научни трудови од полето на дигестивната хирургија.
Во периодот од 15 ноември 2004 до 27 август 2006 година, Владимир Димов бил Министер за здравство на Република Македонија.
Кривично гонење
[уреди | уреди извор]По крајот на мандатот, Димов бил осомничен за повеќе набавки преку Фондот за здравство и за затајување данок во висина од 790 илајди денари. На Димов во 2007 година му бил замрзнат имотот[1]. Исто така, против него било подигнато обвинение од страна на Основниот суд во Струмица, бидејќи дал одобрение за 17 нови вработувања во Здравствениот дом Струмица, спротивно на законот и без одобрение од Министерството за финансии[2]. Според обвинението, Димов го оштетил буџетот на здравствената установа за 2,5 милиони денари. Во текот на овој период, Димов најпрвин бил на специјализација во Истанбул, Турција, а подоцна, кога добил бугарско државјанство, се преселил да живее во Софија, Бугарија.
Во јули 2009 година Димов бил уапсен на Варшавскиот аеродром во Полска, од страна на Интерпол[3], но набргу бил пуштен од притворот, повикувајќи се на своето бугарско државјанство, а како гарант зад него застанал бугарскиот конзул во Варшава[4].
Денеска Димов живее и работи во Софија, Бугарија.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ makfax.com.mk
- ↑ dnevnik.mk[мртва врска]
- ↑ „Владо Димов, поранешен министер за здравство, уапсен во Полска“. Архивирано од изворникот на 2018-11-15. Посетено на 2017-05-23.
- ↑ www.utrinski.mk[мртва врска]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Претходник Реџеп Селмани |
Министер за здравство на Република Македонија 15 ноември 2004 – 27 август 2006 |
Наследник Имер Селмани |
|