Бетмен

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Бетмен
Batmanlee.png
Втората страна на Бетмен број 608 (од октомври 2002)
Издавање
Издавач DC Comics
Прво
појавување
Историско:
Детективски стрипови #27
(мај 1939.)
Современо:
Бетмен #404 - Batman: Year One прв дел (јули 1986.)
Автори Боб Кејн
Бил Фингер
Информации
Вистинско име Брус Вејн
Пријателски
врски
Семејство Бетмен
Лига на праведниците
Аутсајдери
Познати
моќи
Генијално ниво на интелигенција, одлични детективски способности, совршена физичка подготвеност, одлично владеење на боречки вештини, опременост со висока технологија.

Бетмен (англиски: Batman) е измислен лик и главен протагонист од стриповите на DC Comics, и е еден од најпрепознатливите измислени ликови на денешницата. Бетмен е тајниот идентитет на Брус Вејн, мултимилионер, индустријалец и еден од највлијателните луѓе во градот Готам. Во раните години, Бетмен бил цртан од Боб Кејн и бројни негови помошници, а еден од главните сценаристи бил Бил Фингер.

Сведоштвото на убиство на неговите родители кога бил дете, го води да стане суперхерој, и да започне да се бори против криминалот во градот Готам. Облечен во темен костум, на кој се наоѓа приказ на лилјак, Бетмен се бори против криминалците од Готам меѓу кои најпознати се Џокер, Пингвин, Загатнувачот, Отровната Ајви, Господин Студен, Жена-мачка и други.

Историја на Бетмен[уреди]

Почетоци[уреди]

Бетмен прв пат се појавил во мај 1939 година во 27. број на "Детективските стрипови", и по некое време стекнал дотогаш невидена популарност. Во исто време започнале да се издаваат "Детективски стрипови" во кои главен лик бил Бетмен и "Акциони стрипови" со Супермен како главен јунак и тие два серијала на стрипови се најдолги серии кои некогаш биле издавани (Детективските стрипови и ден-денес излегуваат секој месец). Набрзо по дебито во "Детективските стрипови", Бетмен постанал посебен серијал на стрипови. Првиот број излегол во пролетта 1940, кога бил претставен и најголемиот непријател на Бетмен - Џокер. Детективските и акционите стрипови ги издава "Ди-си комикс" (DC Comics), една од трите најголеми стрип куќи во Америка.

Насловна страна на Детективските стрипови бр. 27 (мај 1939.), прво појавување на Бетмен. Цртано од Боб Кејн.

Идејата за Бетмен дошла од Боб Кејн, но за денешниот изглед на Бетмен заслужен е сценаристот Бил Фингер. Кејн го замислил Бетмен како херој кој бил сличен на Супермен: костумот ни одблиску не му бил толку мрачен, туку имал и различни црвени нијанси на себе; имал упростена маска, а наместо наметка имал крила и не носел ракавици. Бил Фингер го советувал Кејн да ги тргне крилата и црвените нијанси од костумот и да стави наметка и маска. Така бил создаден конечниот изглед на Бетмен. Со оглед на тоа дека Кејн дошол до идеја за создавање на таков суперхерој, само нему му се признати авторските права врз Бетмен. Кејн подоцна го признал и придонесот на Фингер во создавањето на ликот Бетмен, но Фингер немал никаква финансиска корист од тоа.

Бетмен низ историјата се менувал, некогаш низ нијанси, некогаш драстично. Можат да се издвојат три периоди во развојот на ликот: Златна ера, Сребрена ера и Модерна ера. Ваквата поделба се однесува на сите суперхерои на издавачката куќа "Ди-си комикс".

Златна ера[уреди]

Во Златната ера го запознаваме патот на Бетмен од тажен, осамен, мал сирак, до немилосрден одмаздник. Минатото на Бетмен прв пат е прикажано во 33. број на "Детективските стрипови", а подоцна е спомнато во 47. број на стриповите за Бетмен, каде дознаваме дека Бетмен е син на докторот Томас Вејн и неговата жена Марта, двајца богати и угледни граѓани на Готам Сити. Брус живеел комфорен и среќен живот до својата осма година кога ситниот криминалец, Џо Чил, при неуспехот да и ги украде бисерите на Марта, ги убил неговите родителите, кои во тој момент се враќале од кино.

Брус се заколнал дека ќе го исчисти Готам од криминал и зло кое веќе е долго време присутно. Затоа, тој започнал со напорни физички и ментални тренинзи како и студирање на математика, физика, хемија, боречки вештини и магични трикови (бегање од невозможни ситуации итн.), меѓутоа, сфатил дека само знаењето нема да биде доволно за да го победи криминалот. Размислувајќи за тоа, приметил лилјак како му влетува во собата и тоа го инспирирало да стане човекот-лилјак - Бетмен (Batman). Полицијата во почетокт не гледала благонаклонето на неговите одмазднички акции. Во тоа време, Брус Вејн имал вереница Џули Медисон, која прв пат се појавила во 31. број на "Детективските стрипови".

Брус Вејн одлучува да стане Бетмен. Детективски стрипови бр. 33 (ноември 1939), цртано од Боб Кејн.

Во 38. број на "Детективските стрипови", Брус посвоил сираче (циркускиот акробат Дик Грејсон), кое подоцна постанало Робин - најдобар пријател и помошник на Бетмен. Бетмен исто така постанал и еден од основачите на "Лигата на праведниците". Во првото појавување на тимот во 3. број на All Star стриповите, Бетмен, како и Супермен, бил почесен член на тимот така што во златната ера се појавува во неколку приказни. Односот на Бетмен со полицијата се подобрил во раните 1940-ти и во 7. број на стриповите за Бетмен, тој постанал дури и почесен член на готамската полиција. Во овој период бил воведен и нов лик, батлерот Алфред, кој по откривањето на тајните идентитети на Брус и Дик, се приклучил на тимот во 16. број на стриповите за Бетмен. До 1950-тите биле представени најмногу елементи од кои се состои митот за Бетмен.

Сребрена ера[уреди]

Се смета дека Сребрената ера започнала во 1956 година, кога бил претставен Бари Ален како нова унапредена верзија на Флеш. Бетмен не се променил значајно до доцните 1950-ти (овој период се нарекува Земја-прва). Релаксираниот пристап на ликот помеѓу Златната и Сребрената ера е видлив во настанувањето на повеќе приказни со научнофантастична подлога, но ликот на Бетмен не се променил значајно до 1964 година, кога се вратил на своите детективски корени и кога научната фантастика била потполно исфрлена од стрипот.

По претставувањето на Ди-Си Мултиверзумот околу 1960 година го запознаваме Бетмен од Земја-втора. Земја-втора е паралелен свет во кој ги има истите ликови како и во Земја-прва, но на креаторите им е дозволено да уфрлуваат во стриповите она што никогаш не би можеле, па дури и да ја менуваат историјата и потеклото на главните ликови. Во оваа варијанта, Бетмен бил оженет со Селина Кајл ("Жена-мачка") и со неа имал ќерка Хелена Вејн, која подоцна станува "Ловкиња". Ловкиња со Робин од Земја-втора ја презеле работата на Бетмен по неговото пензионирање со цел да стане комесар на полицијата во Готам. Тој ја задржал таа позиција сè додека не бил убиен во последната авантура на Бетмен од Земја-втора.

Бетмен често соработувал со други суперхерои, и тоа најмногу со Супермен со кој почнал редовно да соработува во низата World's Finest стрипови кои биле издавани од 1954 до 1986 година. Бетмен постанал еден од основачите на "Лигата на праведниците" (Justice League Of America) и се појавил во првата сторија за тимот во број 28. Brave and the Bold. Во тоа изданије, кое излегувало помеѓу 1970-тите и 1980-тите, Бетмен редовно се појавувал еднаш месечно и соработувал со другите суперхерои.

Дик Грејсон (Робин) во 1969 година се запишал на факултет и тоа претставувало еден од обидите на Ди-Си да ги ревитализира стриповите за Бетмен. Исто така, Бетмен се преселил од замокот во апартман на врвот на главната зграда "Вејнови", која се наоѓа во центарот на Готам како би можел брзо да интервенира. Во периодот помеѓу 1970-тите и 1980-тите, Бетмен главно работел сам, со повремени појавувања на Робин и Бетгрл. Сториите од овој период биле многу мрачни и содржеле многу насилство. Повторно се појавил "Џокер", ликот од Златната ера, а бил претставен и новиот противник на Бетмен - "Рас Ал Гул". Во 1980-тите, Дик Грејсон постанал "Ноќен летач". " Во последниот број на "Brave and the Bold", во 1983 година, Бетмен ја напуштил "Лигата на праведниците" и формирал ново здружение "Аутсајдери". Тој бил водач на тимот до број 32. на стриповите за Бетмен и "Аутсајдери", кога стрипот ненадејно го променил името.

Екранизација на Бетмен[уреди]

За Бетмен се снимени повеќе телевизиски и филмски приказни. Првото појавување на Бетмен на филмското платно се случило во 1943 година во филмот "Бетмен", а насловната улога ја играл Луис Вилсон. Во овој филм за првпат била создадена и прикажана славната Бет-пештера. Исто така, бидејќи филмот бил снимен за време на Втората светска војна, во него биле застапени бројни антијапонски навреди. Во 1949 година бил снимен вториот филм за Бетмен под наслов "Бетмен и Робин", каде главната улога ја играл Роберт Ловери. Сепак, овој нискобуџетен филм не предизвикал поголемо внимание кај публиката. Подоцна, од 1966 до 1968 година се прикажувала најпознатата телевизиска серија за Бетмен кого го играл Адам Вест, додека Барт Ворд го играл ликот на неговиот помошник Робин. Во оваа серија бил прикажан познатиот автомобил на Бетмен - "бетмобил".[1]


Филмскиот серијал за Бетмен продолжил двата филма во режија на Тим Бартон: "Бетмен" од (1989) година и "Враќањето на Бетмен" од 1992 година. Во нив, главната улога ја толкувал Мајкл Китон, но и тој и режисерот подоцна се повлекле од серијалот поради несогласувањата со студиото "Ворнер брос", кое барало идните продолженија да имаат поведар тон. Во 1995 година бил снимен филмот "Бетмен засекогаш", во режија на Џоел Шумахер, а главната улога ја играл Вал Килмер. Меѓутоа, кавгата меѓу главниот глумец и режисерот била причина Килмер да не биде вклучен во снимањето на следниот филм, под наслов "Бетмен и Робин" од 1997 година, повторно режиран од Шумахер, а овојпат, главната улога му припаднала на Џорџ Клуни. Според критичарите и гледачите, тоа бил најлошиот филм во серијалот за Бетмен. Во 2005 година бил прикажан новиот филм за Бетмен, под наслов "Бетмен започнува", во режија на Кристофер Нолан, по што истиот режисер ги потпишал и филмовите "Мрачниот витез" од 2008 година и "Подемот на мрачниот витез" од 2012 година. Во сите три филма, улогата на Бетмен ја играл Кристијан Бејл, а трилогијата остварила огромен комерцијален успех.[2]

Наводи[уреди]

  1. "Бејл е омилен Бетмен, Клуни - 'убиец' на серијалот", Антена, бр. 792, 30.8.2013, стр. 27.
  2. "Бејл е омилен Бетмен, Клуни - 'убиец' на серијалот", Антена, бр. 792, 30.8.2013, стр. 27.

Надворешни врски[уреди]