Алдо Климан
Алдо Климан | |
---|---|
Алдо Климан | |
Роден/а | 9 ноември 1950 Битола, Македонија |
Занимање | Писател, Новинар |
Алдо Климан (р, 9 ноември 1950 во Битола) — поет, раскажувач, литературен критичар, полемичар, антологичар, преведувач, новинар, издавач и собирач на македонски старини. Се занимава и со графички дизајн. Во 2005 година снимил документарен филм “Од Ровињ до Венеција со батаната Фиамита” (“Da Rovigno a Venezia con la batana Fiamita”), премиерно прикажан на 16 септември 2005 во Ровињ.
Дипломирал книжевност на Филолошкиот факултет на Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје (1974). Како новинар работел во Радио Скопје, на Македонска телевизија и во “Глас Истре”, дневен весник што излегува во Пула.[1]
Во македонската книжевност се јавува во 1970 година со песни и кратки прози. Во текот на седумедесеттите, со својата тнр. четврта генерација македонски писатели активно учествува во разнообразувањето на литературниот живот во Македонија. Бил член на редакцијата на литературниот прилог “Координати” во младинскиот неделник “Млад борец”, потоа на редакцијата на списанието “Современост”, член на македонската редакција на списанието “Дисов гласник” (Чачак, Република Србија), главен и одговорен уредник на издавачката куќа “Истарска наклада” (Пула, Република Хрватска), главен и одговорен уредник на литературното списание “Истра” (Пула, 1983-1989 и 1993) и на родокрајната илустрирана ревија “Јурина и Франина” (која излегуваше во Пула во одделни изданија на хрватски, италијански, словенечки и германски јазик). Во 1986 година ја основал Истарската книжевна колонија “Грозд”, која во периодот од 1987 до 1990 одржа четири големи меѓународни книжевно-научни собири (“Полемиките на југословенското литературно поприште”, “Писмото и сликата”, “Културата како репресија” и “Балканскиот мислител”) на кои учествуваа и низа истакнати македонски интелектуалци и творци (Катица Ќулавкова, Влада Урошевиќ, Радован Павловски, Данило Коцевски, Ферид Мухиќ, Глигор Чемерски, Ким Мехмети и други). Во Пула ги основал издавачките куќи “Либар од грозда” (1989, со Армандо Дебељух ), во која бил главен и одговорен уредник, и Истарската издавачка куќа “Жакан Јури” (1994) чиј е сопственик, директор и главен и одговорен уредник. Бил долгогодишен деловен секретар на угледната истарска културна организација Чакавски сабор и член на редакцијата и директор на антологиската едиција “Истра низ вековите” што ја обмислуваше и ја уредуваше писателот Зване Чрња. Во почетокот на деведесеттите години, на трагата на идеите на Чрња за издавањe еден сеопфатен “Лексикон на Истра”, Климан, заедно со Армандо Дебељух и со угледниот хрватски историчар Мирослав Бертоша работи врз подготовките за објавување на “Лексиконот на истарската историја и култура”. Ја покренал и ја уредува претставителната едиција “Историја на Истра”, а како уредник потпишува и низа други значајни проекти: хрватскоглаголскиот правно-историски паметник “Истарски развод” (“Истарски размеѓувања”) од 1325 година, “Ровињскиот илуминиран кодекс од XIV-XV век” (Translatio corporis Beate Eufemie), одбраните дела (во 5 книги) на италијанскиот писател Фулвио Томица (Fulvio Tomizza) и др.
Во хрватската литература, паралелно со македонската, е присутан од 1982 година. Со кратки прози и поезија е застапен во повеќе хрватски и македонски антологии и избори: Петар Т. Бошковски: „Поети од Македонија родени во слободата”, Мирјана Стрчиќ: “Istarska pjesmarica” (Hrvatsko pjesništvo Istre 19. i 20. stoljeća), Борислав Павловски: “Gospodari labirinta” (Antologija snova, maštarija i fantastičnih priča iz makedonske književnosti), Борис Билетиќ: “I ča i što i kaj” (Iz suvremene hrvatskoistarske lirike), Даниел Начиновиќ: “Priče iz Istre” (Hrvatski pripovjedači XX. stoljeća), Борис Билетиќ: “Glasi književne Istre” (Izbor studija, ogleda i kritika o suvremenoj hrvatskoj književnosti u Istri /do 2000/), Марко Илкоски: „Црнопис эа еден непребол” (антологиски иэбор на песни посветени на Скопје), Катица Ќулавкова: “Maketa” (savremena makedonska kratka priča), Suat Engüllü: “Yeni Makedon Önsüsü”, Саво Цветановски: “Anthology of the macedonian postmodern short story” и др. Одделни песни, раскази, есеи и статии му се преведени на англиски, германски, француски, италијански, руски, полски, словенечки, романски, турски и албански јазик - а од македонски, уште на хрватски и српски јазик. Преведува од македонски на хрватски и српски, и обратно, и од француски и италијански јазик.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) од 1975 и на Друштвото на хрватските писатели од 1987 година. Застапен е во порелевантните лексикони на македонските и хрватските писатели. Забележлив простор му е посветен во треттиот том на “Лексиконот на писателите на Југославија” (Нови Сад, 1987) и во “Хрватскиот лексикон” (Загреб, 1996).
Алдо Климан е еден од основачите на Македонското културно друштво “Кочо Рацин” во Пула и на традиционалната манифестација “Денови на македонската култура во Истра”. Иницијатор е и еден од основачите на Македонскиот културен форум во Пула, втемелен во 2008 година. На Рациновите средби во Велес во 2001 година му е врачено Почесно Рациново признание за придонес во афирмацијата на македонската книжевност и Рациновото дело и за зближување меѓу народите.
Живее и создава во Пула.
Библиографија
[уреди | уреди извор]- “Темни игри” (“Мисла”, Скопје, 1973), раскази
- “Забранета овошка” (“Македонска книга”, Скопје, 1974), песни,
- “Агол” (“Македонска книга”, Скопје, 1980), кратки прози,
- “Трагачи по злато” (“ТРИ”, Скопје, 2001), студии и литературни критики,
- “Македонската книжевност во книжевната критика I-V”, (заедно со Санде Стојчевски, Веле Смилевски и Раде Силјан - “Мисла”, Скопје, 1973-1975), антологиски избор од македонската литературна критика
Препеви
[уреди | уреди извор]- Sande Stojčevski: “Abor gora” (Izdavački centar Rijeka, Риека, 1988), иэбор од поеэијата на Санде Стојчевски на хрватски јаэик,
- Risto Jačev: “Pepeo pod maslinama / Egejske rapsodije” (3000 GODINA ZA DAR, Zadar, 2008), иэбор од поеэијата на Ристо Јачев на хрватски јаэик, ISBN 978-953-7217-39-6
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Македонски писатели/Macedonian writers, Друштво на писатели на Македонија, 2004, стр. 118.