Јежи Кошињски

Од Википедија — слободната енциклопедија

Јежи Кошињски (полски: Jerzy Kosiński), роден Јужеф Левинкопф (Józef Lewinkopf, 14 јуни 1933 - 3 мај 1991) — американски писател од полско еврејско потекло.

Животопис[уреди | уреди извор]

Косински во 1969 година

Косински е роден во Лоѓ, Полска во 1933 г. под името Јужеф Левинкопф. Татко му бил експерт за антички јазици, а мајка му била пијанистка. Косински имал само шест години, кога целото неговото пошироко семејство исчезнало во виорот на војната, некаде низ Полска и Русија. За време на Втората светска војна, како и другите Евреи во Полска, Косински преживеал големи страдања, не само од нацистите, туку и од домашното население. Потполно сам, прогонуван, бегал од едно до друго село низ Источна Европа, работејќи како слуга, борејќи се да преживее. На деветгодишна возраст, како последица на еден судир со група непријателски расположени селани, Косински ја загубил способноста да зборува и во текот на следните пет години бил нем. По војната, повторно ги пронашол своите родители во Полска и бил сместен во школо за хендикепирани деца. Говорот му се вратил по една повреда при скијање и потоа за една година ја завршил гимназијата. За време на гимназиските и студентските денови, поради неприфаќање на официјалната доктрина, Косински бил двапати суспендиран при што му се заканувало отпуштање од студиите.[1]

Подоцна, како кандидат за доктор на социјална психологија, Косински за брзо време ако го стекнал звањето вонреден професор и надворешен соработник на Полската академија на науките. Сакајќи да го избегне колективниот начин на живеење, зимите ги поминувал на Татрите каде што давал часови по скијање, а летата ги поминувал на Балтикот, работејќи како психолог-советник во едно летувалиште. Во меѓувреме, Косински тајно се подготвувал за напуштање на Полска. Бидејќи добро го познавал комунистичкиот режим и не сакал своите пријатели и роднини да ги изложи на непријатности, тој смислил паметен план така што измислил четири „истакнати членови“ на Полската академија кои требало да му послужат да емигрира. Косински имал добри врски во Академијата, и притоа бил наградуван фотограф со повеќе самостојни изложби, така што имал пристап до државната печатница. На тој начин, Косински успеал за секој од измислените академици да фалсификува печати и меморандуми при што во текот на две години се допишувал со своите непостоечки ментори и со државните бирократи. Како резултат на таа кореспонденција, најпосле, во 1957 година, успеал да добие пасош и дозвола за патување во САД во рамките на соработката со една фондација, која исто така ја измислил самиот тој. Додека чекал да му дадат американска виза, стравувајќи дека секој миг може да биде откриен од полицијата, Косински постојано во џебот носел капсула цијанид, со намера да се отруе.[2]

Косински во 1973

Косински пристигнал во Њујорк на 20 септември 1957 година. Најпрвин работел како возач на камион, а потоа променил низа занимања, како: чувар на паркинг, филмски оператор, фотограф, возач на лимузина и возач на тркачки автомобил. Сепак, во своето слободно време вредно го изучувал англискиот јазик и набргу успеал да добие стипендија од Фордовата фондација. Потоа, со многу напор дипломирал социјална психологија на Универзитетот „Колумбија“, но во 1960 година постигнал голем успех со своето прво стручно дело по што одлучил да стане писател. Набргу ја запознал вдовицата на еден индустријалец од Пистбург, Мери Ваер со која се венчал во 1962 година. Со неа живеел заедно десет години, до нејзината смрт, при што имал бројни контакти во светот на челичната индустрија, крупниот капитал и високото општество. Двајцата патувале многу често (имале приватен авион и јахта со екипаж од 17 луѓе), а имале куќи во Пистбург, Њујорк, Хоуб Саунд, Саутемптон, Париз, Лондон и Фиренца. Обично, Косински станувал околу осум часот наутро, а по ручекот имал навика да преспие уште четири часа, што му овозможувало да работи до доцна во ноќта. Исто така, тој уживал во скијањето и во полото. Бидејќи бил популарен, често се маскирал за да може слободно да шета низ улиците, а понекогаш работел разни работи кои го интересирале. Инаку, додека неуморно патувал низ САД, Европа и Јужна Америка, Косински често доживувал разни непријатности: така, на патот од Париз до Калифорнија, каде планирал да го посети стариот пријател Роман Полански, багажот по грешка му останал во Њујорк и тој морал да преноќи во градот. Таа ноќ, во куќата на Полански упаднала бандата на Чарлс Менсон, која убила петмина луѓе, меѓу кои и неколку негови најдобри пријатели.[3]

Косински предавал англиска книжевност и критика на универзитетотПринстон“ (Princeton University), а во 1970 година станал професор по книжевност и книжевна критика на универзитетот „Јејл“ (Yale University) и колеџотДевенпорт“. Во два мандати, Косински бил и претседател на американскиот ПЕН, по што продолжил да делува во рамките на разни организации за борба за човечките права при што успеал да им помогне на голем број писатели, политички затвореници, дисиденти и интелектуалци шриум светот. Починал во 1991 година.[4][5]

Творештво[уреди | уреди извор]

По заминувањето во САД, Косински пишувал само на англиски јазик. Неговиот прв роман Обоена птица (Painted Bird), објавен во 1965 година, во Франција добил награда за најдобро прозно дело на странски јазик. Вториот роман Чекори (Steps) бил објавен во 1968 година, а во 1969 година, за него ја добил Националната книжевна награда во САД. Во 1972 година го објавил романот Присутност (Being There). Потоа следувале романите: Ѓаволското дрво (The Devil Tree), Пилотска кабина (Cockpit), Состанок на слепо (Blind Date), Игра на страсти (Passion Play), Флипер (Pinball), и Пустиникот од 69. улица (The Hermit of 69th Street) итн.
Косински се занимавал и со книжевна критика, а под псевдонимот Џозеф Новак ја напишал книгата за човечкото однесување, објавена во два тома: Иднината е наша, другар (The Future is Ours, Comrade) од 1960 година и Нема третпат (No Third Path) од 1962 година. Студијата „Иднината е наша, другар“ постигнала огромен успех и била објавена, во повеќе продолженија, во „The Saturday Evening Post“, скратеното издание излегло во „Reader's Digest“, а делото било преведено на 18 јазици. Неговите дела се преведени на најважните светски јазици, а на почетокот тој уживал меѓународно признание само во рамките на „андерграунд“-културата. Во 1970 година, Косински ја добил наградата за книжевност на Националниот институт за уметност и книжевност (за романот „Обоена птица“) по што слеудвале и бројни други награди, како: националната награда за најдобра книга (за „Чекори“), Гугенхајмовата стипендија за целокупното дело, книжевната награда на националниот институт за уметност и книжевност, наградата „Brith Sholom Humanitarian Freedom“, наградата на БАФТА за најдобро сценарио итн.[4][6]

Косински живеел богат живот и тоа оставило големо влијание врз неговото творештво. На таа тема, тој изјавил: „...често мислев дека Стендал или Ф. Скот Фицџералд, преокупирани со богатството што го немале, го залужиле тоа што јас го доживеав. На почетокот сакав да напишам роман за своето непосредно американско искуство, богатството, моќта и високото општество околу мене, а не за стравот, сиромаштијата и откажувањето што ги видов и искусив малку порано. Но, во својот брак премногу му припаѓав на светот на парите за да би можел од него да го издвојам сето она што го чувствував... и поради тоа одлучив својот прв роман да го напишам... за животот каков што го преживеав јас и милиони слични на мене, но којшто на Американците сè уште им беше непознат.“[6]
Во таа смисла, „Los Angeles Herald Examiner“ напишал дека „техничката виртуозност на Косински е доволна со неа да го надмине речиси секој конкурентски писател, но малку писатели би можеле да се инспирираат од минатото какво што го има Косински.“ Во САД, тој бил славен како „претставник на човечката способност да се преживее во крајно замрсениот општествен систем“, а критичарите често го опишувале како егзистенцијалистички каубоец, претпоследниот ловец, потполно „портабл“ човек, авантурист и општествен реформатор. Еднаш, некој критичар рекол дека Косински „пишува толку штедливо како секој збор да го чини илјада долари, а погрешниот или лошо употребениот израз - животот.“ Весникот „Вашингтон пост“ за него напишал: „Учејќи од најдобрите книжевни дела на сите епохи, Косински го развива својот стил и техника... во склад со потребата да ги изрази новите нешта за нашиот живот и светот во кој живееме, да го изрази она што не може да се изрази... Тој ги шири границите на пишувањето до оддалечените, уште невидливи и недопирливи полови, во студенилото и мракот. Правејќи го тоа, тој ги проширува границите на подносливото.“[7]
Косински трошел по три години за да напише еден роман при што го преработувал по десетина пати, а подоцна, го крател текстот дури за една третина. Својот начин на пишување тој го оценил на следниов начин: „Пишувањето е битието на мојот живот - без оглед што работам, сè се врти околу една непрекидна мисла: дали би можел - можам ли - дали да - треба ли да го употребам тоа во својот следен роман? Бидејќи немам деца, ни семејство, ни роднини, ни работи или имот за кои би зборувал, моите книги се моето единствено душевно исполнување.“[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „O Ježiu Kosinskom“, во: Jirži Kosinski, Obojena ptica. Plato: Beograd, 2014, стр. 261-262.
  2. „O Ježiu Kosinskom“, во: Jirži Kosinski, Obojena ptica. Plato: Beograd, 2014, стр. 262.
  3. „O Ježiu Kosinskom“, во: Jirži Kosinski, Obojena ptica. Plato: Beograd, 2014, стр. 262-266.
  4. 4,0 4,1 „Beleška o autoru“, во: Jirži Kosinski, Prisutnost. Zemun: Algoritam, 2005, стр. 123.
  5. „O Ježiu Kosinskom“, во: Jirži Kosinski, Obojena ptica. Plato: Beograd, 2014, стр. 265.
  6. 6,0 6,1 „O Ježiu Kosinskom“, во: Jirži Kosinski, Obojena ptica. Plato: Beograd, 2014, стр. 263-264.
  7. „O Ježiu Kosinskom“, во: Jirži Kosinski, Obojena ptica. Plato: Beograd, 2014, стр. 265-266.
  8. „O Ježiu Kosinskom“, во: Jirži Kosinski, Obojena ptica. Plato: Beograd, 2014, стр. 266.