Чифте амам
Чифте амам | |
---|---|
Чифте амам | |
Општи податоци | |
Стил | османлиска архитектура |
Град | Стара скопска чаршија Скопје |
Земја | Македонија |
Почната | 15 век |
Нарачател | Музеј на уметност |
Чифте амам — поранешен амам во Скопје, којшто се наоѓа во средишниот дел на Старата скопска чаршија, поточно на потегот меѓу Мурат-пашината џамија и Сули ан. Заедно со овие два објекта ја сочинува единствената постојна „исламска тројка“ на просторот на чаршијата и во Скопје воопшто. Чифте амам денес се употребува како уметничка галерија и во него е сместен дел од поставката на Националната галерија на Македонија.[1]
Имиња
[уреди | уреди извор]Амамот името го добил од турскиот збор „чифт“ (турски: çift; со значење „парен, двоен“), поради тоа што неговата градба спаѓа во групата на двојни амами. Во чест на наредбодавачот за негова изградба, Иса-бег, познат е и под името „Иса-бегов амам“, додека познатиот патописец Евлија Челебија во своите записи го нарекува „нов амам“.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Амамот е изграден во втората половина на 15. век, како завештание на Иса-бег. За првпат се споменува во вакуфнамата на Иса-беговата џамија во 1531 година. Тешко бил погоден со земјотресот од 1963 година, но подоцна е обновен и денес претставува уметничка галерија.[3] Во него е сместен и дел од поставката на Националната галерија на Македонија, чиешто седиште се наоѓа во Даут-пашиниот амам.[1]
Архитектура
[уреди | уреди извор]Објектот е редок пример на Балканот со голема архитектонска вредност, којашто денес не може да дојде до израз, бидејќи амамот, речиси, целосно е опколен со дуќани. Тој претставува монолитна градба, а при неговата изградба, особено, се водело сметка за функционалното единство и надворешното обликување. Граден е од камен, тули и малтер. Содржи две поголеми куполи и повеќе помали. Се состои од два дела, машки и женски, па оттаму и го добил името „чифте“, односно двоен амам.[3] За разлика од другите двојни амами, машкиот и женскиот дел во Чифте амамот се спојуваат во делот за капење.[2]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Национална галерија на Македонија, официјално мрежно место.
- ↑ 2,0 2,1 Чифте амам Архивирано на 21 февруари 2015 г., Old Skopje.
- ↑ 3,0 3,1 Чифте амам[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
|