Кочо Рацин: Разлика помеѓу преработките

Од Википедија — слободната енциклопедија
[непроверена преработка][непроверена преработка]
Избришана содржина Додадена содржина
Ред 104: Ред 104:
Родната куќа на Рацин во Велес во [[1956]] година е претворена во спомен - музеј.
Родната куќа на Рацин во Велес во [[1956]] година е претворена во спомен - музеј.


Во [[1952]] година [[Трајче Попов]] ја снима филмска поема „Бели мугри“ врз основа на стиховите од истоимената Рацинова стихозбирка, а во [[2007]] година, на денот на загинувањето на Рацин е промовиран филмот „[[Елегија за тебе (филм)|Елегија за тебе]]“, авторски проект на [[Васил Зафирчев]] и [[Данчо Стефков]].
Во [[1952]] година [[Трајче Попов]] ја снима филмска поема „Бели мугри“ врз основа на стиховите од истоимената Рацинова стихозбирка, а во [[2007]] година, на денот на загинувањето на Рацин е промовиран филмот „[[Елегија за тебе (филм)|Елегија за тебе]]“, авторски проект на [[Васил Зафирчев]] и [[Бојан Лалцевски]].


== Надворешни врски ==
== Надворешни врски ==

Преработка од 12:15, 23 февруари 2012

Кочо Рацин
Податотека:Racin.jpg
Роден Коста Апостолов Солев
22 декември 1908
Велес, Отоманска империја
Починал 13 јуни 1943
Лопушник, Македонија
убиство
Занимање македонски книжевен деец и комунистички активист

Кочо Рацин или целосно Koста Апостолов Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 - Лопушник, 13 јуни 1943) бил македонски книжевен деец и комунистички активист, најпознат по својата поезија. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, философијата и литературната критика.

Презимето Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова - Раца. Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зеде од неговата втора љубов - Невенка Вуиќ.

Се уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.

Живот

Кочо (Коста Солев) Рацин е роден во 1908 година, во Велес. Уште во детството ја запознава сиромаштијата. Неговиот татко, грнчарот Апостол, не можел да му пружи којзнае какво школско образование, бидејќи грнчарскиот занает и состојбата на семејството барале многу напори и време за малечка заработувачка. Кочо можел да добие одвај еден клас нижа гимназија и веќе на својата тринаесетта година бил присилен да му се посвети сосема на татковиот занает.

Активист во комунистичкото движење

Во 1924 станува член на СКОЈ и набрзо се истакнува како еден од најнадежните млади кадри на Комунистичката партија на Југославија во Македонија. Во 1926 станува дописник на весникот „Организовани радник“, орган на Независните работнички синдикати на Југославија, кој е под влијание на КПЈ. Во 1926 Рацин станува и член на Месниот комитет на СКОЈ за Велес, а во ноември 1928 учествува во работата на Четвртиот конгрес на КПЈ во Дрезден, како единствен делегат од Македонија. По враќањето во Југославија е уапсен, но по три месеци поради недостиг на докази е пуштен на слобода. Но, набрзо, во април 1929 заминува на отслужување на воениот рок во Пожаревац.

По воведувањето на диктатурата во Југославија во 1929, партиската организација во Македонија е целосно разбиена. Дури во 1932 започнува процесот на обновување и поврзување на организациите на КПЈ и СКОЈ во Македонија, а во август 1933 се создава и Областен комитет на КПЈ за Македонија, во чиј состав влегуваат: Никола Оровчанец, Кочо Рацин и Живоин Ќурчиќ. Од ноември истата година ОК започнува да го издава месечниот весник „Искра”, чиј уредник е Рацин. Излегуваат само два броја на весникот, бидејќи на почетокот на јануари 1934 се случува провала во која се уапсени 15 македонски комунисти, вклучително и Рацин. Рацин е подложен на дури 42 испрашувања, при што морал да признае многу од она што не смеел да го каже.[1] Во септември истата година Рацин е осуден на четири години робија во Сремска Митровица, но таму останува околу една година. Имено, во декември 1935, по донесувањето на закон за амнестија, е ослободен. Времето поминато во затворот за него всушност претставува период на учење. Меѓу другото, со останатите затвореници Македонци се обидува да состави речник на македонскиот јазик и учествува во преводот на „Комунистичкиот манифест“ на македонски јазик.

Подем и пад: „Бели мугри“ и исклучување од Партијата

По излегувањето од затвор Рацин бележи особена творечка активност, која ќе кулминира во 1939 година кога ја објавува својата стихозбирка „Бели мугри“. Во меѓувреме пишува и објавува неколку статии и трудови од областа на литературната критика, философијата и историјата што од него ќе направат најпознат македонски интелектуалец и прогресивен мислител на просторите на бивша Југославија.

Сепак, новоздобиената слава и авторитет на Рацин ќе доживеат силен удар во 1940 година кога доаѓа до нарушување на односите помеѓу Рацин и КПЈ. Во тоа време е во полн ек т.н. судир на книжевната левица и од Рацин е побарано да напише статија против Мирослав Крлежа и неговите соработници од списанието „Печат“. Бидејќи Рацин не постапува така, ЦК КПЈ донесува одлука за исклучување на Рацин од партијата. Дополнително, на Покраинската конференција на КПЈ за Македонија одржана на 8 септември 1940 (на која Методија Шаторов - Шарло е избран за секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија), поради посетата на Рацин на тогашниот бан на Вардарската бановина, Рафајловиќ, Рацин е казнет со бојкот.[2]

Од јануари до 27 март 1941 година Рацин е затворен во логорот кај Ивањица, Меѓуречје. При нападот врз Југославија од Силите на Оската, Рацин се јавува на мобилизацијата и е испратен на кумановскиот фронт, на месноста Страцин, каде што веќе на 7 април е заробен од страна на Германците. Сепак, набрзо успева да побегне[3] и, откако кратко време живее во Велес, заминува за Софија. Таму живее заедно со својот сограѓанин Коле Неделковски, но по неговата смрт, во септември 1941 година, се враќа во Македонија.

Во следниот период доаѓа до подобрување на односот на КПЈ кон Рацин. Новото партиско раководство на чело со Бане Андреев, во првите месеци на 1942 година, одлучува да се тргне бојкотот над Рацин, но тој не е примен повторно во партијата.[4]

Во септември 1942 година Рацин е уапсен во Скопје од страна на бугарската полиција и во ноември[5] е интерниран во селото Корница, Неврокопско. Сепак, многу брзо, во април 1943 година на Рацин му успева да побегне и да се врати во Скопје.[6]

Вклучување во НОБ и загинување

На 5 мај 1943 година Рацин тргнува од Скопје во партизани, со група од 8-мина, меѓу кои е и Добривое Радосавлевиќ.[7] По пристигнувањето во одредот „Кораб” станува уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат” и подготвува две збирки на македонски народно-ослободителни песни.

Но, набрзо, Рацин загинува. Вечерта[8] на 13 јуни, додека се враќал во партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, смртоносно бил застрелан од Мино Миновски, партизанот кој го чувал пристапот кон печатницата. Според податоците кои ги наведува Перо Коробар, при тоа Рацин бил на триесеттина метри подолу од него, а партизанската база се наоѓала на 300-400 метри од печатницата.[9]

Има две верзии околу смртта на Рацин. Според првата, станува збор за несреќен случај: поради вродената наглувост Рацин не го чул повикот на стражарот да застане и да се идентификува, по што овој го истрелал смртоносниот куршум. Според втората верзија тој е намерно убиен. Според некои наводи, Страхил Гигов политички го изолирал Рацин и го организирал неговото убиство,[10] а сомнежи дека се работи за наместен случај фрла и податокот дека Рацин, пред заминувањето во партизани и на патот до партизанскиот одред, веројатно влегол во судир со Добривое Радосавлевиќ,[11] како и податокот според кој на Рацин му бил одземен пиштолот додека бил во партизанскиот одред.[12]

Рацин за македонската самобитност

Никола Вулиќ, истакнат српски археолог кој долго време работел во Вардарска Македонија одржал предавање во просториите на Српскиот културен клуб во Белград, веднаш потоа ова предавање било објавено во весникот „Време“ под наслов Јужна Србија или Македонија. Основата поента на предавањето било да докаже нема место залагањето на Македонците за употреба на името Македонија како синоним за некаква народност и самобитност, и уште помалку македонското залагање за афирмација на македонскиот јазик.

Тезите на Вулиќ предизвикале бура од негодувања и протести. Меѓу другото, студентското друштво „Вардар“ во Загреб презело иницијатива за спречување на предавањето на Вулиќ во просториите на Пучкото (народно) свеучилиште, со намера Вулиќ да се принуди јавно да дискутира со студентите од Македонија по прашањето за положбата на Македонија и македонскиот народ.[13] По влегувањето на Вулиќ во салата, македонските студентите почнале да негодуваат против неговите погледи во однос на македонскиот народ и Македонија, некои фрлале јајца, други јавно ја истакнале „Бели мугри“, како доказ за постоењето на македонскиот јазик и култура. Публиката во салата создала неподнослива атмосфера која го принудила предавачот да ја напушти салата. Надвор Вулиќ бил пречекан од Кочо Рацин и другите членови кои биле определени да разговараат со него. Професорот бил замолен на мирен разговор за приведените проблеми, Вулиќ прифатил но побарал во разговорот да учествува и професорот Јован Радоњиќ. Средбата се одржала на 3 декември 1939 година во хотелот каде бил сместен Вулиќ. Во разговорите со двајцата професори учествувале: Кочо Рацин, Љупчо Арсов, Георги Василев, Благој Димитров Панко и Тихомир Анчев. На средбата се развила жива дискусија на која, меѓу другото, Рацин истакнал:

... За мене е важно дека оваа земја се викала Македонија и дека извесни народи кои за таа земја оставиле спомен. Ние видовме како ниту Србија ниту Бугарија под Турците не се викале со денешното име, туку со некои општи имиња. Ние сега доаѓаме во време кога тие не се појавуваат кога кај народите се јавува ренесансата. Народот почнува да станува национално свесен. Тогаш настапува времето кога тие историски имиња се извлекуваат од ризницата на историјата. Србите го извлекуваат од својата историја она што го имале некогаш. Тоа истото го прават и Бугарите. Што прават нашите Македонци! Тоа го прават и тие! Во периодот на националната преродба кога доаѓа таканареченото граѓанство свесно за својата положба дека треба да создаде национална држава, тоа настапува под паролата на сплотување на народот, со намера да ја обнови својата некогашна стара држава. Во тоа време од историската ризница извлекуваат тие називи. Кај Србите националното движење се јавува не само во Србија туку и таму каде што можеле слободно да се движат... Тие луѓе го зеле српското име бидејќи видел: ние бевме Срби... Тие луѓе тогаш српското име го обновиле и почнале да го обединуваат својот народ. Тоа е кога се обновуваат тие стари држави извлекувајќи го од својата историска ризница своето старо минато, врз основа на кое можат на другите народи да им кажат дека тие не се тоа што тие го сметаат, туку се тоа Срби, Бугари итн... Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име како и српските и бугарските идеолози. Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име. Мислам дека нашето македонско револуционерно движење под Турците го направило истото што го сториле, борејќи се, и Вашите Срби и Бугарите. Во тоа време се формирале овие две први држави и ја имаме нивната пропаганда, дека таа земја е нивна. Факт е дека на нашето знаме е запишано името Македонија. Вие веројатно помисливте дека е тоа влијание на туѓа пропаганда и во тоа е Вашата грешка. По тоа ја имаме борбата на македонскиот народ и борбата на Бугарите и Србите за превласт над оваа земја. Таа борба се водела за копањето на историската тапија. Се работело на тоа да се владее над овој народ. И Србите и Бугарите создадоа цели научни институти да го докажат правото да владеат над нашата земја. Македонците имаат нешто заедничко и со Бугарите и со Србите. Базирајќи се врз тоа, и Вие сте дошле до погрешен резултат. Националната преродба не се врши врз основа на историските натписи, туку дека таа земја е еднаква со другите и по својата етнографска положба и свест што постои кај народот. Што се однесува до економската положба, таа постои како самостојна област. Го имаме Солун како центар на таа земја. Но Вие заостанавте исклучиво на историска почва, барајќи ја фамозната историска тапија...[14]

Творештво

Бели мугри

Творештвото на Кочо Рацин опфаќа неколку области: поезија, проза, историски списи, философски списи, литературна критика и есеи. Својот најголем придонес го дава во областа на поезијата, особено со својата стихозбирка „Бели мугри“, објавена во Загреб, 1939. Неговите придонеси и во останатите области се важни, но тие главно се во сенка на неговото поетско творештво.

Поезија

Рацин започнува да пишува поезија во 1928 година. Од февруари до јули на својата љубов Рахилка Фирфова ѝ ги посветува своите љубовни стихови со крв и мастило на 31 дописна картичка и стихозбирката „Антологија на болката” останата во ракопис. Картичките денес се чуваат во Архивот на Македонија. Песните главно се напишани на српскохрватски јазик, освен шест, кои се напишани на бугарски („Разнеженост“, „Рухнаха се надеждите мои“, „Плач в безмощие“, „Все пак...“, „Мечти в полунощ“, „И пак тъга раздира ми гърдите“).

Истата година во двобројот за октомври-ноември на загрепското списание „Критика“ е објавена неговата прва песна, „Синови глади”, напишана на српскохрватски јазик. Од мај до октомври 1930 година во сараевското списание „Снага” објавува четири песни: „Из фабрике”, „У предвечерје”, „Челичном строју” и „Бити човек”. Во 1932 година во Скопје Рацин објавува заедничка стихозбирка со студентите на Философскиот факултет во Скопје, Јован Ѓорѓевиќ и Александар Аксиќ, на српски јазик под наслов „1932“. Во оваа збирка е објавена една од Рациновите најсилни песни „Ватромет”. Следна песна која ја објавува Рацин е песната „До еден работник”, која е прва песна на Рацин на македонски јазик, а ја објави загрепското списание “Књижевник” во 1936 година. Во 1937 година, по повод загинувањето на велешанецот Ганчо Хаџипанзов во Шпанската граѓанска војна, ќе ја напише „Испанска балада“, а во 1938 година ја објавува песната „Смрт астуриског рудара“.

Најголемиот успех го постигнува во 1939 година со стихозбирката „Бели мугри”. Стихозбирката е испечатена во 4.000 примероци и се растура по цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија, постигнувајќи голем успех.

Треба да се спомнат и двете стихозбирки „Македонски народно-ослободителни песни“ чиј уредник е Рацин. Првата излегува од печат на денот на неговата смрт, 13 јуни 1943 година,[15] додека втората е објавена набрзо потоа.

Проза

Рациновиот прв објавен прилог е неговата прозна исповест „Резултат“, објавена во двобројот за август-септември 1928 на загрепското списание „Критика“. Во 1932 година учествува на конкурсот на загрепската „Литература” и е награден за својот расказ „У каменолому“, кој подоцна е и објавен во ова списание. Во 1933 истото списание објавува фрагменти од неговиот роман „Опиум“ (преведен како „Афион“ на македонски). Овој роман Рацин почнал да го пишува околу 1931 година, но ракописот настрадал при провалата и апсењето на Рацин. Другите раскази на Рацин се: „Тутуноберачи“ (1937), „Пладне“ (1937), „Еден живот“ (1937), „Златен занает“ (1939), како и „Татко“ и „Радоста е голема“, кои се објавени подоцна.

Историја

Од историјата Рацин покажа посебен интерес за богомилското движење и напиша три трудови посветени на него: „Драговитските богомили“, „Богомилите“ и „Селското движење на богомилите во Средниот век“. Од овие три, во текот на Рациновиот живот е објавен само „Селското движење...“, во 1939 година во списанието „Народна читанка“, а трудот „Богомилите“ е напишан на македонски јазик.

Овие Рациновите трудови за богомилите се одликуваат со значителен квалитет на проучувањето на материјата, при што самата материја доста студиозно е обработена, а не изостануваат и неколку доста продорни тези кои се посебно интересни. Меѓу нив посебно вреди да се одбележи Рациновата теза дека „богомилството е нешто најинтересно и најсветло во нашата народна историја“ („Богомилите“). Важно е да се нагласи и податокот дека Рацин е првиот Македонец што го проучувал богомилското движење..

Философски прилози

Квалитетот и способностите на овој самоук работник најдобро го покажува неговото интересирање за Хегеловата философија. Настрана од фактот дека философијата на Хегел се одликува со посебна сложеност, позитивно изненадува и податокот дека Рацин се интересираше за овој германски идеалистички философ во времето кога овој Марксов учител во услови на растечка догматизација на комунистичкото движење под притисок на Сталин не беше на голема цена.

Рацин објавува две статии посветени на Хегел. Првата, насловена „Хегел“ е објавена по повод 100-годишнината од смртта на германскиот философ, во декември 1931 година, во загрепската „Литература“. Втората статија, „Значењето на Хегеловата философија“, е објавена во белградската „Млада култура“ во 1939 година. Овие Рацинови статии за Хегел се помеѓу првите философски статии напишани од некој македонски автор.

Литературна критика

Од областа на литературната критика Рацин ги напишал следните трудови и статии: „Развитокот и значењето на една нова наша книжевност“ (1940), „Блазираните глупости за насмевката на Мона Лиза“ (1939), „Анѓелко Крстиќ пред судот на Ж. Пламенац“ (1939), „Реализмот на А. Крстиќ“ (постхумно) и „Уметноста и работничката класа“ (постхумно).

Наспроти тогашната догматска позиција на приврзаниците на социјалистичкиот реализам, Рацин ја брани важноста на естетската димензија на литературното дело. Таа негова позиција е блиска до позициите на приврзаниците на Мирослав Крлежа во судирот на книжевната левица, иако Рацин отворено не застанува на нивна страна.[16]

Во чест на Рацин

Споменик на Кочо Рацин во Самобор, Хрватска

Во чест на Кочо Рацин од 1964 година во Велес се одржува поетската манифестација „Рацинови средби“, која од 1992 стана поетска манифестација на балканско ниво.

Родната куќа на Рацин во Велес во 1956 година е претворена во спомен - музеј.

Во 1952 година Трајче Попов ја снима филмска поема „Бели мугри“ врз основа на стиховите од истоимената Рацинова стихозбирка, а во 2007 година, на денот на загинувањето на Рацин е промовиран филмот „Елегија за тебе“, авторски проект на Васил Зафирчев и Бојан Лалцевски.

Надворешни врски

Наводи

  1. Блаже Ристовски „Животот и делото на Кочо Рацин (1908-1943)“, „Матица македонска“, Скопје, 2009, 107 стр.
  2. Антун Колендиќ „Рацин на робија“, „Књижевност“, Београд, 1986, бр. 1-2, 236-238 стр.
  3. Антун Колендиќ „Рацин на робија“, „Књижевност“, Београд, 1986, бр. 3, 513 стр.
  4. Антун Колендиќ „Рацин на робија“, „Књижевност“, Београд, 1986, бр. 3, 517 стр.
  5. Блаже Ристовски (уредник) „Рациновите македонски народно-ослободителни песни“, „Матица македонска“, Скопје, 1993, 6 стр.
  6. Антун Колендиќ „Рацин на робија“, „Књижевност“, Београд, 1986, бр. 3, 519 стр.
  7. Коста Църнушанов „Македонизмът и съпротивата на Македония срещу него“, София 1992, с. 235-237.
  8. Блаже Ристовски „Животот и делото на Кочо Рацин (1908-1943)“, „Матица македонска“, Скопје, 2009, 393 стр.
  9. Перо Коробар „Трагичниот крај на поетот-револуционер Кочо Рацин“ во „Творечкото и револуционерно живеење на Кочо Рацин“, Десетти Рацинови средби, Титов Велес, 1973, 235 стр.
  10. „Половина век борба на Виктор Аќимовиќ за вистината за Македонија“, Вест, 21.4.2007.
  11. Блаже Ристовски „Животот и делото на Кочо Рацин (1908-1943)“, „Матица македонска“, Скопје, 2009, 423-424 стр.
  12. Антун Колендиќ „Рацин на робија“, „Књижевност“, Београд, 1986, бр. 3, 519 стр.
  13. Љупчо Арсов, „Рацин за македонската самобитност“, „Културен живот“, год. XII, бр. 6, Скопје, 1968.
  14. „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава“, том втори, Универзитет Кирил и Методиј, Факултет за философско-историски науки, Скопје, 1981.
  15. Блаже Ристовски (уредник) „Рациновите македонски народно-ослободителни песни“, „Матица македонска“, Скопје, 1993, 5 стр.
  16. Воислав И. Илиќ „Усмевот на Мона Лиза и Рациновиот критички аспект“ во „Современата литературна критика и марксизмот“, 11-ти Рацинови средби, Титов Велес, 1974.

Предлошка:Македонска Литература

Статијата „Кочо Рацин“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).