Ганчо Хаџи Панзов
Ганчо Хаџи Панзов (Велес, 1900 - Мадрид, 18 ноември[1] 1936) — македонски комунист и поет, учесник во Шпанската граѓанска војна. Тој е меѓу првите македонски интербригадисти кои загинале во Шпанија.
Животопис
[уреди | уреди извор]Ганчо Хаџипанзов е роден во Велес, во едно од најбогатите велешки семејства на почетокот на 20-от век. Уште како ученик се вклучува во револуционерното движење на Велес, поради што е исклучен од велешката гимназија. Во 1920 година се вклучува во предизборната кампања на КПЈ за општинските и парламентарните избори. Истата година, заедно со Никола Оровчанец, Бане Андреев, Георги Шоптрајанов и други, членува во Литературно-уметничкото друштво „Нада“. По Обзнаната, заедно со други комунисти од Велес, во 1921-1922 година учествува во издавањето на илегалниот весник „Искра” (на велешки дијалект). Поради исклучувањето од велешката гимназија, заминува за Скопје каде го продолжува своето школување во Поштенско-телеграфското училиште, а потоа работи како поштенски службеник. Од пролетта 1922 до првата половина од 1923 година служи воен рок во школата за резервни офицери во Скопје.
Постојано следен и прогонуван, при крајот на летото 1923 година[2] илегално ја преминува бугарската граница. Работел на пристаништето во Бургас од каде во есента 1924 година преку Грција заминува за Париз. Таму се вклучува во работата на синдикатите и станува член на Комунистичката партија на Франција. Од 1925 до 1928 година е секретар на балканската комунистичка група.[3] Се вклучува и во работата на македонската емиграција, станувајќи член на Македонската народна федеративна група и ВМРО (Обединета).
По избувнувањето на Шпанската граѓанска војна, Хаџипанзов веднаш се вклучува во активностите на КП Франција за помош на Шпанската република. Вклучен е во прифаќањето на доброволците кои преку Франција заминуваат за Шпанија да се борат на страната на Републиката. При крајот на септември или на почетокот на октомври 1936 година[4] и самиот заминува да се бори во Шпанија. По воената обука во која се стекнува со чин водник и е избран за командир на вод на Балканската чета во состав на баталјонот „Едгар Андре“ [5], Хаџипанзов станува дел од Првата меѓународна бригада што е формирана во октомври 1936 година. Бригадата, набрзо по формирањето, на почетокот од ноември е испратена да помогне во одбраната на Мадрид, каде веќе се во тек жестоки битки со франкистичките сили. Првиот напад на франкистите е одбиен, а при офанзивата на републиканските сили на 19 ноември на фронтот кај Универзитетскиот град трагично загинува Ганчо Хаџипанзов, како еден од првите Македонци жртви на војната. Во моментот на неговата смрт до него се неговите соборци Трајко Мишковски и Борис Атков, кои подоцна и го погребуваат.[6]
На шестмесечниот помен во родната куќа на Хаџипанзов, неговите другари и почитувачи ќе организираат пригоден собир. Во таа прилика Кочо Рацин, добар пријател со сестра му на Ганчо, Румена Хаџи Панзова, ја чита песната „Испанска балада“ посветена на трагичната смрт на Ганчо.[7] Собирот прераснал во отворен и гласен бунт против тиранијата, на што веднаш реагирала полицијата и прекинувајќи го поменот, ги однела присутните на сослушување.
Творештво
[уреди | уреди извор]Творечката активност на Хаџипанзов е поврзана со периодот на неговиот престој во Париз. Пишувал на француски јазик, а од неговото творештво сочувана е поемата „Ќе се вратам” и неколку песни: „Бал на вентилаторите“, „Сирени“, „Алказар“, „Детството на еден град“ и „Поема за родниот град“.
Во 1961 година во книгата „На шпанската земја“ која содржи сеќавања на Македонци учесници во Шпанската граѓанска војна, во превод на Кирил Ќамилов, првпат е објавена поемата на Хаџипанзов „Ќе се вратам“.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Перо Коробар, Божо Стефановски „Во меѓународните бригади на Шпанија“ (ур.) „Студентски збор“, Скопје, 1989, 215 стр. и Борис Атков во Č. Kapor (ur.) "Španija 1936–1939. Zbornik sjećanja jugoslavenskih dobrovoljaca u španskom ratu", Beograd, 1971, tom V, 177 str.
- ↑ Васил Тоциновски „Враќање нема“, „Современост“, Скопје, 2012, 69 стр.
- ↑ Тоциновски, цит. дело, 94 стр.
- ↑ Тоциновски, цит. дело, 172 стр.
- ↑ Тоциновски, цит. дело, 165 стр.
- ↑ Блаже Ристовски „Животот и делото на Кочо Рацин (1908-1943)“, „Матица македонска“, Скопје, 2009, 281 стр.
- ↑ Кочо Рацин „Испанска балада“
Литература
[уреди | уреди извор]- „Како загина Ганчо“ во Елисие Поповски, Перо Коробар, Борис Вишински (ур.), „На шпанската земја“, „Култура“, Скопје, 1961, 51-52 стр.
- Перо Коробар, „Ганчо Хаџипанзов“, „Македонска ревија“, Скопје, 1986.
- Искра Николовска, „Поемата ‘Ќе се вратам’ на Ганчо Хаџи Панзов“ во „Книжевни записи“, 1988, 75-83 стр.
- Васил Тоциновски „Враќање нема“, „Современост“, Скопје, 2012.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Ганчо Хаџи Панзов“ на Ризницата ? |
- Архива на Ганчо Хаџи Панзов на Марксистичката интернет архива
- „Ќе се вратам“, документарна емисија, ТВ Скопје, 1982.
- „Поети револуционери: Ганчо Аџипанзов“, документарна емисија, ТВ Скопје, 1984.
- Здравко Стојкоски „Враќањето на еден револуционер и поет: Ганчо Хаџи Панзов“ Архивирано на 27 октомври 2015 г.
- Сталин Лозановски „Поетот Хаџи Панзов не се врати дома!“[мртва врска], „Време“