Прејди на содржината

Комунистички манифест

Од Википедија — слободната енциклопедија
Комунистички манифест
Првото издание на германски
АвторКарл Маркс и Фридрих Енгелс
Јазикгермански, преведен на многу светски јазици
Жанрманифест
Издадена
21 февруари 1848

Комунистички манифест (офиц. Манифест на Комунистичката партија) — дело на комунистичките мислители Карл Маркс и Фридрих Енгелс, првпат објавено на 21 февруари 1848 година од Сојузот на комунистите. Манифестот е еден од историски највлијателните политички текстови во светот.

Настанувањето на Манифестот

[уреди | уреди извор]

Настанувањето на Манифестот е опишано во предговорот кон германското издание од 1872 година (напишан од Маркс и Енгелс во Лондон, на 24 јуни 1872 година): „Сојузот на комунистите“, тајна меѓународна работничка организација, на конгресот одржан во Лондон во ноември 1847 година, им наложила на Маркс и Енгелс да ја состават програмата на новата партија што требало да се основа. Манифестот бил испечатен во Лондон, а најпрвин бил објавен на германски јазик, а изданието на англиски јазик се појавило во Лондон на почетокот на 1850 година, во „Црвениот Републиканец“ а во превод на Елен Макферлен. На француски јазик бил објавен во Париз, во 1848 година, непосредно пред Јулското востание, а во САД, Манифестот бил објавен во „Социјалист“. Изданието на полски јазик се појавило во Лондон, непосредно по првото германско издание; а руското издание се појавило во Женева, во 1860-тите. Исто така, Манифестот бил објавен и на дански јазик.[1] Во предговорот кон германското издание од 1872 година, Маркс и Енгелс укажуваат дека некои работи во Манифестот станале застарени (на пример, предложените револуционерни мерки на крајот од втората глава и критиката на социјалистичката литература во четвртата глава), поради што тој би требало да биде дополнет во некое идно издание.[2]

Во предговорот кон руското издание од 1882 година (напишан од Маркс и Енгелс во Лондон, на 21 јануари 1882 година), се соопштува дека првото руско издание било испечатено во печатницата „Колокол“ (руски: Камбана), а во превод на Бакунин. Во овој предговор, Маркс и Енгелс го опишуваат развојот на пролетеријатот во Русија и во САД во периодот по појавата на првото издание на „Комунистичкиот манифест“.[3] Во 1883 година се појавило уште едно издание на германски јазик, чиј предговор го напишал Енгелс на 28 јуни 1883 година во Лондон. Во него, Енгелс категорички изјавува дека, по смртта на Маркс, повеќе не може да стане збор за поправки или дополнувања на Манифестот, зашто основната мисла која се провлекува во него (дека економската и општествената структура ја сочинуваат основата на политичката историја; дека целата историја е класна борба меѓу експлоататорите и експлоатираните класи; и дека пролетеријатот ќе го ослободи општеството од угнетувањето) целосно е дело на Маркс.[4]

Во 1890 година се појавило ново германско издание на Манифестот, чиј предговор повторно го напишал Енгелс (на 1 мај 1890 година, во Лондон). Во него, Енгелс пишува за законската забрана на Манифестот, што се случила по судењето на келнските комунисти во ноември 1852 година; за појавата на „Меѓународното здружение на работниците“ (Интернационалата) во 1864 година и неговата пропаст девет години подоцна; за ширењето на идеите изложени во „Комунистичкиот манифест“; и за зајакнувањето на меѓународниот пролетеријат.[5]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Манифестот се состои од четири дела:

  1. Буржуите и пролетерите: Во овој дел се разработува идејата дека целата историја е само историја на класните борби. Во тој процес, особено голем придонес има буржоазијата која ги уништила сите застарени производствени и општествени односи. Меѓутоа, со текот на времето, нејзиниот начин на производството доаѓа во судир со буржоаските производни односи. Тогаш, на сцена ќе стапат пролетерите кои ќе ги уништата приватната сопственост и целото официјално општество.[6]
  2. Пролетерите и комунистите: Во таа смисла, целата теорија на комунистите може да се изрази со една поставка - укинување на приватната сопственост. Бидејќи идеите се само производ на производните и сопственичките односи, со укинувањето на приватната сопственост ќе дојде и до разурнување на старите идеи. Во овој дел, Маркс и Енгелс ги наведуваат основните мерки во изградбата на комунизмот: експропријација на земјишната сопственост, висок прогресивен данок, укинување на правото на наследство, конфискација на имотите на сите емигранти и бунтовници, централизација на кредитот во рацете на државата преку една национална банка, центнтрализација на сиот транспорт во рацете на државата, зголемување на бројот на државните фабрики, задолжителна работна обврска за сите и создавање индустриски армии, соединување на земјоделието и индустријата и отстранување на противречностите меѓу селото и градот и бесплатно образование на децата.[7]
  3. Социјалистичката и комунистичката литература: Во овој дел е даден преглед на развојот на социјалистичката литература, почнувајќи од реакционерниот социјализам (феудалниот, ситнобуржоаскиот и германскиот или „вистински“ социјализам) преку конзервативниот или буржоаски социјализам до критичко-утопистичкиот социјализам.[8]
  4. Односот на комунистите кон различните опозициони партии: Најпосле, Маркс и Енгелс истакнуваат дека работничката класа мора да соработува со сите напредни и демократски партии и да го поддржува секое револуционерно движење при што отворено изјавуваат дека работничката класа може да ги оствари своите цели само со насилно уривање на општествениот поредок. Оттука, Манифестот завршува со познатата парола: „Пролетери од сите земји, обединете се!“[9]

Изданија на македонски јазик

[уреди | уреди извор]

Издание на „Култура“ од 1946 година: Манифестот бил објавен на македонски јазик во 1946 година од издавачката куќа „Култура“. Книшката, со обем од 64 страници, е испечатена во тираж од 6 000 примероци во печатницата „Култура“ во Скопје.[10] Преводот на македонски јазик е направен врз основа на рускиот превод (во редакција на В. В. Адаротски), а со помош на српскиот превод на Моша Пијаде.[11]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]


  1. К. Маркс / Ф. Енгелс, Комунистички манифест. Култура, Скопје, 1946, стр. 5.
  2. К. Маркс / Ф. Енгелс, Комунистички манифест. Култура, Скопје, 1946, стр. 6.
  3. К. Маркс / Ф. Енгелс, Комунистички манифест. Култура, Скопје, 1946, стр. 7-8.
  4. К. Маркс / Ф. Енгелс, Комунистички манифест. Култура, Скопје, 1946, стр. 8-9.
  5. К. Маркс / Ф. Енгелс, Комунистички манифест. Култура, Скопје, 1946, стр. 10-13.
  6. К. Маркс / Ф. Енгелс, Комунистички манифест. Култура, Скопје, 1946, стр. 19-34.
  7. К. Маркс / Ф. Енгелс, Комунистички манифест. Култура, Скопје, 1946, стр. 35-45.
  8. К. Маркс / Ф. Енгелс, Комунистички манифест. Култура, Скопје, 1946, стр. 47-59.
  9. К. Маркс / Ф. Енгелс, Комунистички манифест. Култура, Скопје, 1946, стр. 61-63.
  10. К. Маркс / Ф. Енгелс, Комунистички манифест. Култура, Скопје, 1946.
  11. К. Маркс / Ф. Енгелс, Комунистички манифест. Култура, Скопје, 1946, стр. 2.