Никола Оровчанец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Никола Оровчанец - Сандански (Велес, 25 јули 1905 - Москва, 2 април 1938) е македонски комунист, жртва на Сталиновите чистки.

Биографија[уреди | уреди извор]

Учел во велешката гимназија. Заедно со Ганчо Хаџипанзов, Бане Андреев, Георги Шоптрајанов и други, членува во Литературно-уметничкото друштво „Нада“. Бил член на СКОЈ. Од јуни 1923 година е член на КПЈ.

Во втората половина на 1925 година заминува на школување во СССР, на Универзитетот за националните малцинства на Западот. Во 1925 година е примен за член на КП на СССР.[1] По завршувањето на студиите во 1929 година, испратен е во Украина во заводот „Петровскиј“, а оттаму како инструктор при реонскиот комитет во Днепропетровск.[2] Таму останува до пролетта 1933 година, кога е повикан од Коминтерната и е испратен на работа во Југославија.

Во Македонија се враќа во август 1933 година, како инструктор на ЦК КПЈ. Создава Областен комитет на КПЈ за Македонија во Скопје, во чиј состав, покрај него, влегуваат и Кочо Рацин и Живоин Ќурчиќ. Пред годишнината на Октомвриската револуција во 1933 година ја напишал брошурата „Советскиот Сојуз и Македонија“.

Сепак, Оровчанец не останува долго во Македонија. Во јануари 1934 година доаѓа до провала во која се уапсени 15 македонски комунисти. Првично, додека провалата не се проширила, Оровчанец конспиративно живее во Куманово, а на 23 јануари 1934 година конечно заминува од Скопје.[3] Кон крајот на јануари, кога провалата почнува да се шири, особено кога на 3 февруари во весникот „Политика“ е објавена полициска потерница по него, заедно со негова слика,[4] тој е принуден, за да не биде уапсен, да ја напушти Македонија.[5]

По враќањето во Москва го продолжува своето политичко школување. Станува аспирант на Ленинската школа. Во 1937 година е назначен за помошник директор за просветно-политичка работа во Медицинско-фармацевтскиот комбинат во Москва. Во 1937 година е исклучен од Партијата,[6] но следната година е повторно примен.[7] Уапсен е на 8 февруари 1938 година, а на 2 април истата година е осуден за шпионажа и истиот ден е стрелан. Рехабилитиран е на 11 декември 1963 година.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1084 стр.
  2. Tодор Зографски и Димче Зографски „КПЈ и ВМРО (Обединета) во Вардарска Македонија во периодот 1920-1930”, ИНИ, Скопје, 1974, 125-126 стр.
  3. Иван Катарџиев (ур.) „Документи и материјали 1919-1920”, „Комунист”, Скопје, 1985, 2 книга, 265 стр.
  4. Катарџиев, цит. дело, 2 книга, 265 стр.
  5. Славко Николов „Револуционер со срце и дарба“, „Вардарски глас“, 27 септември 1978, 11 стр.
  6. Катарџиев, цит. дело, 2 книга, 238 стр.
  7. Petar Požar, "Jugosloveni, žrtve staljinističkih čistki".
  8. „Книга Памяти Жертв Коммунистического Террора“ (руски)