Судбина и коментари

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Судбина и коментари“роман на српскиот писател Радослав Петковиќ од 1993 година. За ова дело, авторот ги освоил НИН-овата награда, наградата „Меша Селимовиќ“, наградата на „Борба“ и наградата на Радиото Б92 за роман на годината.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Книга прва[уреди | уреди извор]

  • Глава I-XI: На 5 март 1806 година, Павел Волков, 32-годишен офицер во руската морнарица, се наоѓа на островот Крф и додека чекал да исплови за Трст, наеднаш добил чувство на разочараност од животот. Неговиот татко, Стојан Јованович, по потекло од Србија, стапил на служба во руската армија, достигнувајќи до мајор, и таму се оженил со ќерката на провинцискиот спахија Петар Александрович. Павле растел слушајќи ги приказните на татко му за наводното благородничко потекло на нивните предци и за нивните божемни херојски подвизи. Но, по моралното пропаѓање на татко му Стојан, кој се претворил во алкохоличар, Павле бил воспитан од дедо му Петар и, менувајќи го името и презимето во Павел Волков, заминал да учи во Санкт Петербург. Таму го засакал морето и со помош на кнезот Разумски станал офицер во руската морнарица.[2]
  • Глава XII-XXX: Во јануари 1806 година, Волков пристигнал на островот Крф. По успешното извршување на една разузнавачка задача во Дубровник, по негов предлог, Волков бил испратен на важна разузнавачка задача во Трст. Пред тргнувањето на бродот, еден непознат човек, со име Спиридон, го замолил да го земе со себе на патувањето, а Волков, без да знае зошто, се согласил. Патем, бродот го зафатила голема бура во која погинале неколку морнари и била направена голема штета. Тогаш, морнарите го истепале Спиридон и Волков го зел во својата кабина за да закрепне. Така дознал дека тој е поранешен иконописец кого го избркале од Света Гора, а на една икона за првпат го видел ликот на последниот српски деспот, Ѓорѓе Бранковиќ. Подоцна, Спиридон му раскажал на Волков еден сон при што на необјаснив начин погодил дека Волков имал српско потекло. Иако делувало дека закрепнува, пред крајот на патувањето, Спиридон умрел, а на 11 април 1806 година, Волков конечно пристигнал во Трст.[3]

Книга втора[уреди | уреди извор]

  • Глава I - XXII: По пристигнувањето во Трст, Волков бил гостин на богатиот трговец Јован Куртовиќ. Набргу, во близината на Тртс се случила кратка борба меѓу руски и француски брод. Потоа, рускиот брод го блокирал пристаништето на Трст, а Волков бил задржан во домашен притвор. За да го исполни времето, тој почнал да чита српски книги во кои повторно го сретнал ликот на деспотот Ѓорѓе Бранковиќ. Кога целата руска флота го блокирала градот, Волков бил веднаш пуштен од притворот, а во договор со рускиот адмирал, тој направил план за мирно решавање на спорот. Во Трст, Волков се запознал со Доситеј Обрадовиќ и во разговорите со него дознал повеќе за деспотот Бранковиќ. Еднаш, случајно здогледал млада жена со која подоцна се запознал - Катарина Ризниќ која пред седум години наеднаш ја оставил сопругот, богат трговец, кој пребегал во Одеса. Еден ден, Волков добил писмо од мајка му која го известила за испадите на татко му. Невообичаено за него, тој се вљубил во Катарина, почнал редовно да се гледа со неа и набргу станал нејзин љубовник. Истовремено, тој добивал многу корисни информации за неа за случувањата во Трст. Меѓутоа, со текот на времето, тој станал незадоволен од врската, зашто Катарина била самостојна жена.[4]
  • Глава XXIII - XXXII: Во декември истата година, Волков сонил необичен сон и ноќта посакал да ја види Катарина, но поради невремето заскитал. Како последица на тоа, утредента се разболел и лежел болен повеќе од два месеца. Додека бил во бесознание, Волков имал чувство како да се наоѓа во некој друг свет. Еден ден, него го посетил пратеник на рускиот адмирал кого го известил дека не може повеќе да ја извршува разузнавачката должност. Во меѓувреме, Катарина наеднаш го напуштила Трст, а Волков се чувствувал несигурен и изгубен и не сакал да се види со никого. Сепак, најпосле го примил српскиот свештеник Ракиќ кој, исто како Волков, се наоѓал во фаза на преиспитување, така што двајцата ја поминале средбата во молчење. Сепак, Волков дознал изненадувачки нешта од следниот посетител - градоначалникот на Трст, кој знаел за средбата на Волков и Катарина во Девон. Притоа, тој го известил Волков дека Катарина била во љубовна врска со францускиот офицер Жорж Данден и дека шпионирала во корист на француската војска. Разочаран, во август 1807 година, Волков испловил со еден трговски брод и пловел по Средоземјето, а во Трст се вратил во март 1808 година. Таму се наоѓал дел од руската флота и Волков се пријавил кај заповедникот на еден брод. Во исто време, тој добил писмо од Катарина во која таа ги правдала своите постапки. Волков одлучил да замине во Санкт Петербург, а пред заминувањето сонил необичен сон за волшебната градина во која човекот може да си ја промени животната приказна. Утредента, тој тргнал за Санкт Петербург, но никогаш не стигнал таму.[5]

Книга трета[уреди | уреди извор]

  • Во овој дел се претставени белешките на историчарот Павле Вуковиќ, кој на една конференција одржана во Дубровник, во мај 1948 година, ја запознал Марта Ковач, 28-годишна девојка со желба да стане филмска режисерка, инаку членка на унгарската делегација. Пред Втората светска војна, Павле почнал да ја проучува српската историја од XVIII век, со особен интерес за српската заедница во Трст, и така поблиску се запознал со судбината на Ѓорѓе Бранковиќ. Во тоа време, сосема случајно стапил во врска со комунистите и во 1941 година заминал во партизаните. Додека ноќта шетал со Марта низ Дубровник, Павле ѝ ја раскажувал историјата на Ѓорѓе Бранковиќ. По завршувањето на конференцијата, тие си размениле по едно писмо, а информбирото ги прекинало нивните односи. Подоцна, во јули 1956 година, Павле заминал на летување во Пула, заедно со сопругата и со децата, а таму случајно пак ја сретнал Марта, која била дел од унгарската делегација која учествувала на филмскиот фестивал. По враќањето дома, Марта му испратила писмо, известувајќи го дека грофот Чарноевич ги поседува мемоарите на личниот секретар на Ѓорѓе Бранковиќ. Заинтересиран од можноста за истражување, Павле побарал пасош и излезна виза и тогаш дознал дека УДБА го задржала писмото што му го испратила Марта во 1948 година, така прекинувајќи ја нивната преписка. Притоа, Павле ја добил визата под условот да поднесе извештај за состојбата во Унгарија.[6]
  • Така, во октомври 1956 година, Павле заминал во Будимпешта во која започнале демонстрации против власта чиј сведок бил и тој. Тогаш, полицијата почнала да пука во демонстрантите, а Павле се засолнал во станот на грофот Чарноевич, каде останал подолго време кое го поминал во долги разговори со грофот. Во меѓувреме, тој ретко се гледал со Марта која била ангажирана во бунтот против власта. На почетокот од ноември, советската војска навлегла во Будимпешта со намера да го скрши бунтот и тогаш Павле го напуштил станот на Чарноевич без да успее да ги види мемоарите на Ѓорѓе Бранковиќ. Тој веднаш заминал во станот на Марта, но не ја нашол, така што тргнал да ја бара по улиците на Будимпешта каде веќе се водела борбата меѓу востаниците и советската војска. Тогаш, Павле пристигнал до еден необичен парк каде забележал стапалки во песокот. Подоцна, од записот на неговата ќерка Катарина Вуковиќ Трипковиќ се дознава за натамошната судбина на Павле: тој бил ранет во главата, што му предизвикало тешка амнезија, но подоцна закрепнал и продолжил да живее нормално. Одвреме-навреме, тој се затворал во работната соба пишувајќи чудни записи кои ги нарекувал вежби по паметење. Во 1974година, по смртта на сопругата, тој се замонашил земајќи го името Спиридон.[7]

Summa[уреди | уреди извор]

Во последниот дел се наведени сеќавањата на деспотот Ѓорѓе Бранковиќ, затворен во чешкото место Хеб, за неговата прва посета на Цариград, кога првпат во животот го видел морето; за посетата на Русија и за наводната средба со рускиот цар; за брат му Сава; за докажувањето на неговото благородничко потекло, итн.[8]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Според Александар Јерков, во романот се меша лажната историја на словенскиот поход на југ со сенките на јунаците од делата на Црњански и така оживеала вистинската историја на српскиот поход кон слободата... романот сведочи за човековата немоќ засекогаш да се сретне со својата среќа. Тихомир Брајовиќ нагласува дека романот зборува за универзалниот проблем на човековата еманципација - правото да ѝ рече „не“ на својата судбина. Преку диховитото и луцидното прикажување на постојаното повторување на историската судбина, романот е „неисториски“: замислата за цикличното повторување на судбината на поединецот и на заедницата во својата основа е „противисториска“, исто како и претставата за бегството од Историјата.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Radoslav Petković, Sudbina i komentari (3. izdanje). Beograd: Laguna, 2018.
  2. Radoslav Petković, Sudbina i komentari (3. izdanje). Beograd: Laguna, 2018, стр. 7-44.
  3. Radoslav Petković, Sudbina i komentari (3. izdanje). Beograd: Laguna, 2018, стр. 45-119.
  4. Radoslav Petković, Sudbina i komentari (3. izdanje). Beograd: Laguna, 2018, стр. 123-238.
  5. Radoslav Petković, Sudbina i komentari (3. izdanje). Beograd: Laguna, 2018, стр. 239-322.
  6. Radoslav Petković, Sudbina i komentari (3. izdanje). Beograd: Laguna, 2018, стр. 323-371.
  7. Radoslav Petković, Sudbina i komentari (3. izdanje). Beograd: Laguna, 2018, стр. 371-420.
  8. Radoslav Petković, Sudbina i komentari (3. izdanje). Beograd: Laguna, 2018, стр. 421-430.