Летни олимписки игри 1896

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Летни олимписки игри - 1896)
Игри на I Олимпијада
Игри на I Олимпијада
Игри на I Олимпијада

Град домаќин Атина, Грција
Бр. на држави 14[а]
Бр. на спортисти 241[б]
Отворени 6 април
Затворени 15 април
Официјално отворени од: Георги I
Стадион Панатинаико

Летните олимписки игри 1896 се одржале во Атина како први модерни олимписки игри. Игрите се одржале од 6 април (понеделник) до 15 април (среда).

За одржување на првите модерни олимписки игри било одлучено уште на првиот конгрес на Меѓународниот олимписки комитет, одржан во Париз на 23 јуни 1894 година. Конгресот го раководел барон Пјер де Кубертен, а било одлучено да се обноват античките олимписки игри, при што првите игри да се одржат во земјата-домаќин на античките, Грција.

Церемонијата на свеченото отворање се одржала на стадионот Панатинаикон, а за отворени игрите ги прогласил грчкиот крал Георги I. На игрите се натпреварувале 241 спортист од 14 земји во 9 спортови и во 43 дисциплини.

Најзначајно натпреварување за Грците била маратонската трка, во којашто победил грчкиот натпреварувач Спиридон Луис. Најуспешен натпреварувач на игрите бил германскиот борач и гимнастичар Карл Шуман, кој освоил 4 златни медали.

Распоред на натпревари[уреди | уреди извор]

   ●    Церемонија на отворање    ●    Натпревари    ●    Финални натпревари    ●    Церемонија на затвирање
април 6. 7. 8. 9. 10. 11. 12. 13. 14. 15.
Церемонии
Атлетика
Велосипедизам
Мечување
Гимнастика
Стрелаштво
Пливање
Тенис
Кревање тегови
Борење
април 6. 7. 8. 9. 10. 11. 12. 13. 14. 15.

Земји-учеснички[уреди | уреди извор]

Земјите-учеснички прикажани на карта на светот

Концептот на државни репрезентации не играл голема улога во Олимпиското движење, сè до Меѓуигрите 10 години подоцна, иако во многу извори се наведува националноста на натпреварувачите во 1896, како и список на земји по бројот на освоени медали. Меѓународниот олимписки комитет дава бројка од 14 земји-учеснички, но не наведува кои биле тие земји.[1] најверојатно, овие 14 се оние коишто биле признаени од страна на МОК. Во некои извори се споменуваат 12, исклучувајќи ги Чиле и Бугарија; во други се наведуваат 13, вклучувајќи ги претходните две, но исклучувајќи ја Италија. Египет, исто така, понекогаш се вклучува поради учеството на Дионисиос Касдаглис. Белгија и Русија пријавиле свои натпреварувачи, но се откажале.

  1. Австралија (1) – поради австралиската борба за независност од Велика Британија, резултатите на Теди Флек се сметаат за австралиски;
  2. Австрија (3) – Австрија била дел од Австроунгарија, но резултатите на австриските спортисти се сметаат за австриски;
  3. Бугарија (1) – Бугарскиот олимписки комитет го пријавил швајцарскиот гимнастичар Шарл Шампо, кој во тоа време живеел во Бугарија, како бугарски натпреварувач.[2] Сепак, некои извори го наведуваат Шампо како Швајцарец.[3]
  4. Велика Британија (10) – во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска историски имало различни спортски организации од земјите коишто го составувале. Голем исклучок во врска со ова се Олимписките игри, на којшто земјата настапува како еден учесник. Меѓутоа, во употреба е спорното име „Велика Британија“ наместо вообичаената кратенка „Обединетото Кралство“.
  5. Германија (19)
  6. Грција (169) – грчките резултати на игрите ги вклучуваат и резултатите на натпреварувачите од Кипар, Смирна и Египет.[4] Некои извори ги наведуваат резултатите на Кипар одвоено, иако многумина ги сметаат резултатите на кипарскиот Грк Анастасиос Андреу како грчки.[в] Дионисиос Касдаглис, кој бил од Александрија и имал грчко потекло, се споменува како Грк во неговиот поеднечен настап во тенис, додека неговиот настап со грчкиот тенисер Деметриос Петрококинос во двојки се наведува како настап на мешовит тим.[5]
  7. Данска (3)
  8. Италија (1) - најпознатиот италијански натпреварувач на игрите, Карло Аиролди, се сметал за професионалец и бил исклучен од игрите. Сепак, на игрите се натпреварувал италијански стрелач наведен едноставно со името Ривабела.[6]
  9. САД (14)
  10. Унгарија (7) – Унгарија се натпреварувала одвоено од Австрија. Во резултатите на Унгарија биле вклучени и резултатите на натпреварувачите од Војводина.
  11. Франција (13)
  12. Чиле (1) – Чилеанскиот олимписки комитет тврди дека имал само еден спортист, Луис Суберкасуикс, којшто се натпреварувал во атлетика, во трките на 100, 400 и 800 метри.[7][8][9][10] Не се даваат дополнителни податоци во врска со Суберкасуикс, дури ни во официјалниот извештај.
  13. Швајцарија (3)
  14. Шведска (1)

Женска конкуренција[уреди | уреди извор]

На жени не им било дозволено учество на Летните олимписки игри 1896. Сепак, жена по име Стамата Ревити, мајка на 17-месечно дете, ја истрчала маратонската трка на 11 април, ден по одржувањето на официјалната трка. Но и покрај тоа што не и било дозволено да настапи на игрите, таа имала сведоци за да може да го потврди постигнатото време од 5 часа и 30 минути. Ревити настојувала да го поднесе овој резултат до Грчкиот олимписки комитет, надевајќи се дека нејзиното остварување ќе биде признаено. До денес не се пронајдени ниту нејзините извештаи, ниту пак документи од страна на Комитет како поткрепа на нејзиното достигнување.[11]

Освојувачи на медали[уреди | уреди извор]

Место Земја Злато Сребро Бронза Вкупно
1 САД (1896) 11 7 2 20
2 Грција 10 17 19 46
3 Германија 6 5 2 13
4 Франција (1896) 5 4 2 11
5 Велика Британија (1896) 2 3 2 7
6 Унгарија 2 1 3 6
7 Австрија 2 1 2 5
8 Австралија 2 0 0 2
9 Данска (1896) 1 2 3 6
10 Швајцарија (1896) 1 2 0 3

Белешки[уреди | уреди извор]

  • а Овој број, даден од страна на Меѓународниот олимписки комитет, сепак е предмет на различно толкување и бројот се движи во интервал од 10 до 15 земји-учеснички. Во тоа време, постоењето на државни репрезентации било реткост и многу спортисти се претставувале себеси или своите клубови. Освен тоа, земјите не биле дефинирани како што се денес. Бројот кој се наведува овде е оној којшто се споменува во најголем број на современи извори.
  • б Овој број на натпреварувачи потекнува од Меѓународниот олимписки комитет. Познато е дека се споменува и број кој се движи од 179 до најмногу 252 натпреварувачи.
  • в Во тоа време, Кипар бил протекторат на Обединетото Кралство.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Athens 1896 – Games of the I Olympiad, Меѓународен олимписки комитет.
  2. Athens 1896 Архивирано на 29 октомври 2013 г., Бугарски олимписки комитет.
  3. De Wael, KONRAD Gymnastics 1896
  4. Gillmeister (1998), 364.
  5. Athens 1896–Medal Table, Меѓународен олимписки комитет.
  6. De Wael, Shooting 1896 Архивирано на 22 април 2021 г.
  7. Guttmann (1994), 128; La Presencia de Chile en los Juegos Olimpicos, Olympic Committee of Chile; McGehee (2000), 107.
  8. aboutolympics.co.uk (s/f). „1896 Athens Olympics“. Fourteen nations were represented — Australia, Austria-Hungary, Bulgaria, Chile, Denmark, Egypt, USA, France, Germany, Great Britain, Greece, Italy, Sweden and Switzerland Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  9. Mallon, Bill, and Ture Widlund (1988). The 1896 Olympic Games. Results for All Competitors in All Events, with Commentary (PDF). Jefferson: McFarland. стр. 39. ISBN 0-7864-0379-9. Across the field, in answer to the Herald's trumpet, come two Hungarians, a Chilian, a Frenchman, a German, an Englishman and an American, to run the 100-meters race
  10. Olympic Games Museum (2011). „Participating Countries — Olympic Games Athens 1896“. olympic-museum.de. Архивирано од изворникот на 2015-06-27. Посетено на 2012-07-14.
  11. Martin–Gynn (2000), 22.