Зимски олимписки игри 2018

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
XXIII Зимски олимписки игри
PyeongChang 2018 Winter Olympics.svg
Град-домаќин Пјонгчанг, Јужна Кореја
Гесло „Поврзани со страст“
Земји-учеснички 92
Натпреварувачи 2,952
Натпревари 102 од 7 спортови
Свечено отворање 9 февруари
Свечено затворање 25 февруари
Отворена од Мун Џае-Ин
Натпреварувачка заклетва Мо Тае-Бум[1]
Олимписки оган Јуна Ким[2]
Стадион Олимписки стадион
Пјонгчанг се наоѓа во Јужна Кореја
Пјонгчанг
Местоположба во Јужна Кореја

XXIII Зимски олимписки игри, познати и уште како Пјонгчанг 2018зимски олимписки игри кои се одржале од 9 до 25 февруари 2018 година во Пјонгчанг, Јужна Кореја. Пјонгчанг бил избран за град-домаќин во јули 2011 година, за време на 123. конгрес на Меѓународниот олимписки комитет одржан во Дурбан, Јужна Америка. Ова се први зимски олимписки игри одржани во Јужна Кореја, и втори олимписки игри одржани во земјата, по Летните олимписки игри 1888 одржани во Сеул.

На овие игри биле одржани 102 натпревари во петнаесет спортски дисциплини, во кои биле вклучени и новите дисциплини биг ер (скијање на даска), масовен старт (брзо лизгање), мешани парови во карлинг и мешани екипи во алпско скијање кои биле додадени на зимската олимписка програма. Се очекува да настапат 2,952 натпреварувачи од 92 национални олимписки комитети, вклучително и првите настапи на натпреварувачи од Еквадор, Еритреја, Косово, Малезија, Нигерија и Сингапур.

Избор на град-домаќин[уреди | уреди извор]

Пјонгчанг поднел кандидатура за да биде домаќин на Зимските олимписки игри 2010 и Зимските олимписки игри 2014, но загубил во последните кругови на гласање од Ванкувер и Сочи редоследно.[3]

Минхен исто така поднел кандидатура за организација на овие игри, со што би станел првиот град кој би бил домаќин на зимска и летна олимпијада, но неговата кандидатурата добила 25 гласови. Францускиот град Анси исто така поднел кандидатура, но градот не успеал да добие подршка од локалното население, и неговата кандидатура добила само 7 гласови.[4]

Пјонгчанг бил избран за град-домаќин на 123. конгрес на МОК одржан во Дурбан, во 2011 година, добивајќи го неопходниот број на гласови (најмалку 48) во само еден круг на гласање, повеќе од добиените гласови на конкурентите заедно. Пјонгчанг е третиот азиски град-домаќин за Зимски олимписки игри; првите два беа од Јапонија, во Сапоро (1972) и Нагано (1998).[5][6]

Избор на град домаќин на ЗОИ 2018
Град Земја Гласови
Пјонгчанг  Јужна Кореја 63
Минхен  Германија 25
Анси  Франција 7

Игрите[уреди | уреди извор]

Свечено отворање[уреди | уреди извор]

Свеченото отворање на Зимските олимписки игри 2018 било одржано на олимпискиот стадион во Пјонгчанг на 9 февруари 2018 година. Зданието со капацитет од 35.000 гледачи чија изградба чинела 100 милиони долари единствено било искористено за свеченото отворање и затворање на олимписките и параолимписките игри, а се очекува да биде срушено по нивното завршување.[7] Игрите официјално биле отворени од јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин.

Спортови[уреди | уреди извор]

Зимските олимписки игри 2018 вклучиле 102 натпревари во петнаесет спортски дисциплини, со што биле први зимски олимписки игри кои ја надминале границата од 100 натпревари. Четири нови дисциплини во постоечки спортови биле додадени на зимската олимписка програма во Пјонгчанг, и тоа: биг ер (скијање на даска), масовен старт (брзо лизгање), мешани парови во карлинг и мешани екипи во алпско скијање.[8]

Броевите во заградите го означуваат бројот на натпревари предвидени во секоја спортска дисциплина.


Земји учеснички[уреди | уреди извор]

Вкупно 95 земји обезбедиле учество на барем еден натпреварувач, а од нив настапиле спортисти од 92 земји. Шест земји за прв пат настапиле на Зимски олимписки игри: Еквадор, Еритреја, Косово, Малезија, Нигерија и Сингапур.[9] Спортисти од Кајманските Острови, Доминика и Перу успеале да обезбедат учество на игрите, но сите три национални олимписки комитети ги вратиле квотите назад до меѓународната скијачка федерација (FIS).

Северна Кореја и Јужна Кореја постигнале договор севернокорејските спортисти да ја преминат корејската демилитизирана зона и да учествуваат на игрите.[10][11][12] Двете земји марширале заедно под Знамето на Обединета Кореја во текот на свеченото отворање на игрите.[13][14] Двете земји се согласиле да испратат заедничка женска хокејарска репрезентација која ќе се натпреварува под посебна кратенка (COR); во сите други спортови, има посебен севернокорејски тим и посебен јужнокорејски тим.[15]

На 5 декември 2017 година Меѓународниот олимписки комитет објавил дека Рускиот олимписки комитет е под суспензија поради рускиот допинг спор. Индивидуалните спортисти кои се квалификувале за игрите и можат да покажат дека се усогласени со регулативите за допинг на МОК се натпреваруваат под името „Олимписки спортисти од Русија“ (OAR) под олимпиското знаме и олимписката химна.[16]

Земји учеснички[17][18][19][20][21][22]
Земји кои учествувале во 2014, но не во 2018 Земји кои учествувале во 2018, но не во 2014
  1. aЗаеднични корејски тим кој се состоел од играчи од Северна Кореја и Јужна Кореја се натпреварувал во женскиот турнир во хокеј на мраз согласно постигнатиот договор помеѓу двете земји на 17 јануари 2018 година. Од 35 играчи од кои се состоел тимот, 12 биле од Северна Кореја и 23 од Јужна Кореја.[23]
  2. b Русија учествувала на Зимските олимписки игри 2014, но по спорот за користење на недозволени средства, Рускиот олимписки комитет бил суспендиран со можност руските спортисти да се натпреваруваат под олимпиското знаме и под името „Олимписки спортисти од Русија“ (OAR) доколку бидат прогласени за чисти од страна на МОК.

Распоред[уреди | уреди извор]

Сите саатници се по KST (UTC+9)
СО Свечено отворање Натпревари 1 Финални натпревари Ег Егзибиции СЗ Свечено затворање
Февруари 8.
Чет
9.
Пет
10.
Саб
11.
Нед
12.
Пон
13.
Вто
14.
Сре
15.
Чет
16.
Пет
17.
Саб
18.
Нед
19.
Пон
20.
Вто
21.
Сре
22.
Чет
23.
Пет
24.
Саб
25.
Нед
Натпревари
Olympic Rings Icon.svg Церемонии СО СЗ Н/П
Alpine skiing pictogram.svg Алпско скијање 1 1 1 1 1 1 1 1 1 1 1 11
Biathlon pictogram.svg Биатлон 1 1 2 1 1 1 1 1 1 1 11
Bobsleigh pictogram.svg Боб 1 1 1 3
Cross country skiing pictogram.svg Скијачко трчање 1 1 2 1 1 1 1 2 1 1 12
Curling pictogram.svg Карлинг 1 1 1 3
Figure skating pictogram.svg Уметничко лизгање 1 1 1 1 1 Ег 5
Freestyle skiing pictogram.svg Слободно скијање 1 1 1 1 2 1 1 1 1 10
Ice hockey pictogram.svg Хокеј на мраз 1 1 2
Luge pictogram.svg Санкање 1 1 1 1 4
Nordic combined pictogram.svg Нордиска комбинација 1 1 1 3
Short track speed skating pictogram.svg Брзо лизгање на кратки патеки 1 1 2 1 3 8
Skeleton pictogram.svg Скелетон 1 1 2
Ski jumping pictogram.svg Скијачки скокови 1 1 1 1 4
Snowboarding pictogram.svg Скијање на даска 1 1 1 1 1 1 1 3 10
Speed skating pictogram.svg Брзо лизгање 1 1 1 1 1 1 1 1 1 2 1 2 14
Натпревари за медал 5 7 8 8 6 7 5 9 6 3 5 7 8 6 8 4 102
Збирно 5 12 20 28 34 41 46 55 61 64 69 76 84 90 98 102
Февруари 8.
Чет
9.
Пет
10.
Саб
11.
Нед
12.
Пон
13.
Вто
14.
Сре
15.
Чет
16.
Пет
17.
Саб
18.
Нед
19.
Пон
20.
Вто
21.
Сре
22.
Чет
23.
Пет
24.
Саб
25.
Нед
Вкупно натпревари

Краток преглед[уреди | уреди извор]

Норвежанката Марит Бјерген станала најуспешен спортист на Зимските олимписки игри со вкупно 15 медали
  • Спортистите од Јужна и Северна Кореја на церемонијата на свеченото отворање марширале под Знамето на Обединета Кореја, а во женскиот турнир во хокеј на мраз настапиле со обединет тим чија химна била корејската народна песна „Ариранг“.
  • Норвежанката Марит Бјерген освоила два златни, еден сребрен и два бронзени модели, со што вкупниот број на освоени медали на олимписките игри го зголемила на 15 и со тоа станала најуспешен спортист на Зимските олимписки игри и втора најуспешна спортистка воопшто по Лариса Латинина.
  • Чехинката Естер Ледецка победила во супервелеслаломската трка во алпско скијање и во трката во паралелен велеслалом во скијање на даска. На тој начин, таа станала првата спортистка која освоила златен медал во два различни спорта на едни исти Зимски олимписки игри и втора воопшто (по Анфиса Резцова) и првата спортистка која освоила златен медал на Зимските олимписки игри со различни видови на опрема.
  • Во бијатлон, францускиот натпреварувач Мартин Фуркад освоил три златни медали, победувајќи во натпреварите во потера на 12,5 км, масовен старт на 15 км и како дел од мешната штафета на Франција на 2 х 6 км + 2 х 7,5 км. Во женска конкуренција, најуспешна била Германката Лаура Далмајер со два златни и еден бронзен медал откако победила во спринтот на 7,5 км и потерата на 10 км, а освоила бронза во поединечната трка на 15 км.
  • Во алпско скијање, шесткратниот освојувач на Светскиот куп Марсел Хиршер од Австрија конечно успеал да освои златен олимписки медал откако победил во алпска комбинација и велеслалом, со што бил најуспешен натпреварувач во овој спорт на игрите. Сепак, тој не успеал да ја оправда фаворитската улога во слалом и не ја завршил уште првата трка. Американката Микаела Шифрин била најуспешна алпска скијачка со победата во велеслалом и второто место во алпска комбинација. Овие олимписки игри биле првите на кои бил одржан екипен натпревар, во кој златниот медал го освоиле скијачите на Швајцарија кои во завршниот двобој ја совладале Австрија со 3-1.
  • Натпреварите во брзо лизгање ги одбележале Холанѓанецот Кјелд Нуис, кој на светските титули во трките на 1.000 и 1.500 м освоени во истата сала во 2017 година ги придодал и олимписките, и Јапонката Нина Такаги, која освоила златни медали во трката со масовен старт и како дел од екипата на Јапонија во екипната потера. Покрај тоа, холандската лизгачка Ирен Вуст со освоеното злато во трката на 1.500 м и сребрата во трката на 3.000 м и екипната потера станала најуспешен натпреварувач во спортот на Зимските олимписки игри со освоени 11 медали.
  • Во уметничко лизгање, јапонскиот натпреварувач Јузуру Хању успеал да го одбрани златниот медал освоен на игрите во Сочи во 2014 година, со што станал третиот лизгач кому тоа му пошло од рака на две последователни игри и прв по Американецот Дик Батон кој истиот успех го постигнал во 1948 и 1952 година. Канадската танцова двојка Теса Вирчју и Скот Моар освоила два златни медали, од кои првиот како дел од репрезентацијата на Канада во екипниот натпревар и вториот во натпреварот во танцови двојки (нивен втор златен медал во танцови двојки по игрите во Ванкувер во 2010 година).
  • Германската санкачка Натали Гајзенбергер победила во поединечната трка и како дел од штафетата на Германија, со што го повторила успехот од игрите во 2014 година и со 4 златни и 1 бронзен медал станала најуспешен натпреварувач на олимписките игри во овој спорт. Нејзиниот сонародник Феликс Лох не успеал во обидот да го изедначи рекордот на Георг Хакл од три златни олимписки медали во поединечната трка откако не успеал најдоброто време по трите трки да го потврди со златен медал и по лошата последна трка на крајот завршил на петтото место.
  • Американецот Шон Вајт го освоил својот трет златен олимписки медал во дисциплината полуцевка во скијање на даска откако претходно истиот успех го постигнал на игрите во 2006 и 2010 година.
  • Репрезентацијата на Јужна Кореја со учеството во завршниот натпревар во женскиот турнир во карлинг приредила големо изненадување пред домашната публика и на своето второ учество на Зимските олимписки игри во овој спорт го освоила сребрениот медал.
  • Во хокеј на мраз, ова биле првите олимписки игри по 1998 година на кои во машкиот турнир на хокејарите од Националната хокејска лига не им бил дозволен настап. Златниот медал го освоила репрезентацијата на Русија, која на игрите настапила под олимпиското знаме, откако во финалниот натпревар ја совладала репрезентацијата на Германија со златниот гол на Кирил Капризов постигнат во 10. минута од продолжението за конечен резултат од 4-3. Прославата на златниот медал од страна на руските хокејари била предмет на критика поради тоа што за време на свирењето на олимписката химна тие заедно со публиката ја пееле химната на Русија. Во женскиот турнир, златниот медал го освоила репрезентацијата на САД по победата на пенали против Канада откако натпреварот во регуларниот дел завршил со резултат 2-2. Тоа бил вториот медал за Американките и прв по оној на игрите во Нагано во 1998 година, со што успеале да ја прекинат победничката низа на Канаѓанките од четири олимписки игри по ред.
  • Најуспешна нација на ирите била репрезентацијата на Норвешка со 14 златни од вкупно 39 медали, што претставувало изедначување на рекордот по бројот на освоени златни медали на едни Зимски олимписки игри и нов рекорд по вкупниот број на освоени медали.

Освојувачи на медали[уреди | уреди извор]

Златен медал од игрите

     земја домаќин (Јужна Кореја)

Место НОК Злато Сребро Бронза Вкупно
1  Норвешка (NOR) 14 14 11 39
2  Германија (GER) 14 10 7 31
3  Канада (CAN) 11 8 10 29
4  САД (USA) 9 8 6 23
5  Холандија (NED) 8 6 6 20
6  Шведска (SWE) 7 6 1 14
7  Јужна Кореја (KOR) 5 8 4 17
8  Швајцарија (SUI) 5 6 4 15
9  Франција (FRA) 5 4 6 15
10  Австрија (AUT) 5 3 6 14
11  Јапонија (JPN) 4 5 4 13
12  Италија (ITA) 3 2 5 10
13  Олимписки спортисти од Русија (OAR) 2 6 9 17
14  Чешка (CZE) 2 2 3 7
15  Белорусија (BLR) 2 1 0 3
16  Кина (CHN) 1 6 2 9
17  Словачка (SVK) 1 2 0 3
18  Финска (FIN) 1 1 4 6
19  Велика Британија (GBR) 1 0 4 5
20  Полска (POL) 1 0 1 2
21  Унгарија (HUN) 1 0 0 1
 Украина (UKR) 1 0 0 1
23  Австралија (AUS) 0 2 1 3
24  Словенија (SLO) 0 1 1 2
25  Белгија (BEL) 0 1 0 1
26  Шпанија (ESP) 0 0 2 2
 Нов Зеланд (NZL) 0 0 2 2
28  Казахстан (KAZ) 0 0 1 1
 Латвија (LAT) 0 0 1 1
 Лихтенштајн (LIE) 0 0 1 1
Вкупно 103 102 102 307

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. (Olympics) S. Korean speed skater Mo Tae-bum takes Olympic Oath“, „Yonhap News Agency“, english.yonhapnews.co.kr, 9 февруари 2018 (посет. 9 февруари 2018 г).
  2. Korean figure skater Kim Yuna lights Olympic cauldron“, „Reuters“, uk.reuters.com, 9 февруари 2018 (посет. 9 февруари 2018 г).
  3. „Pyeongchang picked to host 2018 Winter Games“. 6 јули 2011. http://www.espn.com/olympics/news/story?id=6742361. 
  4. Gross, Jenny. „South Korea Wins 2018 Olympic Bid“, „Wall Street Journal“, 7 јули 2011. (на англиски)
  5. Longman, Jeré. „2018 Winter Games to Be Held in Pyeongchang, South Korea“, „The New York Times“, 6 јули 2011 (посет. 7 јуни 2017 г). (на англиски)
  6. Hersh, Philip (6 јули 2011). „Pyeongchang wins 2018 Winter Olympics“. http://www.chicagotribune.com/sports/breaking/chi-vote-for-2018-winter-games-over-in-one-round-20110706-story.html. 
  7. Horwitz, Josh. „South Korea’s $100 million Winter Olympics stadium will be used exactly four times“, „Quartz“. (на англиски)
  8. „Winter Olympics: Big air, mixed curling among new 2018 events“. BBC Sport. http://www.bbc.co.uk/sport/0/winter-sports/33056128. посет. 21 јуни 2017 г. 
  9. 6 New National Olympic Committees Welcomed to Winter Olympics for the First Time“, pyeongchang2018.com (посет. 4 февруари 2018 г).
  10. Pyeongchang 2018: Athletes to travel through demilitarised zone“, BBC News, 18 мај 2017 (посет. 8 јуни 2017 г).
  11. North Korean skaters qualify for Pyeongchang 2018“, „insidethegames.biz“, Dunsar Media Company Limited.
  12. Sang-Hun, Choe. „North Korea to Send Athletes to Olympics in South Korea Breakthrough“, „The New York Times“, 8 јануари 2018 (посет. 9 јануари 2018 г).
  13. Koreas to march under single 'united' flag in Olympic Games“, „BBC News“, 17 јануари 2018.
  14. Stiles, Matt. „North Korea gets official OK to compete in Winter Olympics, will march with South“, „Los Angeles Times“, 20 јануари 2018.
  15. N. Korea to send 22 athletes in three sports to PyeongChang Winter Olympics: IOC“, 18 јануари 2018 (посет. 20 јануари 2018 г).
  16. „IOC suspends Russian NOC and creates a path for clean individual athletes to compete in Pyeongchang 2018 under the Olympic flag“. IOC. 5 декември 2017. https://www.olympic.org/news/ioc-suspends-russian-noc-and-creates-a-path-for-clean-individual-athletes-to-compete-in-pyeongchang-2018-under-the-olympic-flag. посет. 5 декември 2017 г. 
  17. „Quota allocation for Alpine skiing“. Меѓународна скијачка федерација (FIS). 8 август 2017. https://data.fis-ski.com/dynamic/olympic-quotas-list.html?sectorcode=al&listid=2018. посет. 8 август 2017 г. 
  18. 2018 Winter Olympics“, „IIHF“, iihf.com (посет. 18 мај 2015 г).
  19. „Quota allocation for Cross-country skiing“. Меѓународна скијачка федерација (FIS). 8 август 2017. https://data.fis-ski.com/dynamic/olympic-quotas-list.html?sectorcode=cc&listid=2018. посет. 8 август 2017 г. 
  20. Pyeongchang 2018 Winter Olympics“, worldcurling.org (посет. 23 јули 2016 г).
  21. „ISU Communication no. 2136“. International Skating Union. http://www.isu.org/docman-documents-links/isu-files/documents-communications/isu-communications/15691-2136-owg-2018-provisional-allocation-entry-quotas-speed-skating/file. посет. 31 декември 2017 г. 
  22. „Quotas - Olympic Winter Games Pyeongchang 2018“. IBSF.org. http://www.ibsf.org/en/downloads. посет. 15 јануари 2018 г. 
  23. „Koreas to carry single flag at Olympics“. 30 јануари 2018. http://www.bbc.co.uk/news/world-asia-42721417. посет. 30 јануари 2018 г. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]