Жеглиговски манастир

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Жеглиговски манастир
Матеички манастир
Поглед на манастирската црква од северозапад
Информации
Манастир на:МПЦ - ОА
Основан11 век
ЕпархијаКумановско-осоговска
Цркви„Успение на Пресвета Богородица“
Личности
Основач (и)Цар Душан,
Важни личностиГерасим, Владислав Граматик и Исаија Доместик
Место
Местојугозападно од селото Матејче, Општина Липково, Македонија Македонија
Координати42°06′31.2″N 21°33′11.3″E / 42.108667° СГШ; 21.553139° ИГД / 42.108667; 21.553139Координати: 42°06′31.2″N 21°33′11.3″E / 42.108667° СГШ; 21.553139° ИГД / 42.108667; 21.553139
Видливи остатоци1 црква, конаци
Богородичин Акатист, VI икос (1348-1352)

Жеглиговски манастир (во поново време познат како Матеички манастир) — македонски православен манастир во атарот на кумановското село Матејче[1], во областа Жеглигово, по која е традиционално наречен. Подигнат е на надморска височина од 1005 метри, на југоисточните падини на планината Скопска Црна Гора, од нејзината кумановска страна. Манастирскиот комплекс е сочинет од црквата посветена на Успението на Пресвета Богородица изградена во македонски стил и конаците што денес се обновени и оспособени за престој на туристи, но се уништени и во разрушена состојба по воениот конфликт од 2001. За историјата на манастирската црква најмногу се дознава од хрисовуљата на цар Милутин од 1300 г., во која е забележано дека нејзината градба ја започнал царот Душан, подигајќи ја врз темели на постара црква, посветена на Света Богородица Црногорска. Фактот дека овој цар започнал со градење на црквата се споменува и во биографијата на цар Урош, каде е наведено дека по смртта на Душан, неговата жена Елена и синот Урош ја доградиле и живописале црквата. Манастирот традиционално бил еден од најважните јужнословенски книжевни центри, особено во 15 век. Во него живееле и пишувале монахот Герасим, Владислав Граматик и Исаија Доместик. Најважниот од нив, Владислав Граматик, тука ги напишал трите зборници познати како „Енциклопедија на средновековното знаење", од кои еден денес се наоѓа во Загреб. Во повезот на вториот зборник, „Андријанти“, од 1473 година, пронајдени се (скриени) прочуените Македонски глаголски листови од 10 век кои претставуваат зачувани музички записи од непроценлива важност за македонската црковна музика.

Историски прилики[уреди | уреди извор]

Определувањето на хронолошките фази на црквата е една доста комплицирана задача за науката, со оглед на недостатокот на археолошки ископувања кои би го потврдиле постоењето на постари фази и нивното хронолошко сместување. Сепак, според истражувањата спроведуавни во првата половина на дваесеттиот век од руски и српски истражувачи, кои документирале постоење на друга градба внатре во црквата, се препоставува дека современата црква е изградена врз постар храм. Имено, во источниот дел на храмот постоела градба од која останале траги во структурата на јужниот ѕид од протезисот. Оваа капела постоела во црквата се до 1938 година. Врз основа на ова и врз основа на хрисовулата на српскиот крал Милутин од 1300 година каде се споменува постоењето на црквата Богородица Црногорска, може да се заклучи дека, сепак, црквата во Матејче поставена е на веќе востановено култно место[2].

Следно, црквата во Матејче ќе се појави во главните текови на балканската историја во времето на српскиот цар Стефан Душан. Со освојувањето на главните македонски центри Струмица, Прилеп и Охрид во 1334 година, Душан дефинитивно ќе се зацврсти на териотријата на Македонија, со што хемегонијата на српското благородништво на нашите простори ќе се одржи сé до падот под Османлсика власт. Тој во Скопје, на 16 април 1346 година ќе биде крунисан за цар. Како одраз на неговите аспирации тој да биде цар „на Србите и Ромеите“, односно заеднички и праведен цар под чија круна ќе бидат обединети сите православни народи на Балканот, тој за свој мавзолеј ќе ја избере околината на Призрен, поточно манастирот Свети Архангели (логично со оглед на тоа дека тој лежи во централниот дел на неговата империја), а за мавзолеј на неговата сопруга Елена и наследникот Урош ќе бидат избрани блиските зелени падини на Скопска Црна Гора над Матејче. Токму поради ваквиот избор, Скопскиот епископ и Призренскиот епископ ќе бидат удостоени со архиепископски титули и кревање на рангот на нивните епископии на ниво на митрополии. Така, некаде по овој период, во самата средина на XIV век, највероватно во интервалот 1343-1348, изграден е храмот во Матејче, на што упатува фактот дека градежните активности во манастирот Свети Архангели во Призрен започнале во 1343. Можно е конструкцијата на богородичиниот храм да била завршена и пред крунисувањето на Душан за цар во 1346, но фрескоживописот со сигурност бил почнат по 1348 (во којашто година царот со семејството се враќа од престојот на Света Гора), а за terminus post quem се смета 1352 година.

Културен живот во манастирот[уреди | уреди извор]

За културниот живот во манастирот во Матејче сведочи континуираното присуство на монасите и нивната книжевна дејност од неговото основање во XIV век, па се до XIX век. Неговото значење го потврдуваат престојот и работата во манастирот на познатиот средновековен книжевник Владислав Граматик во периодот 1347-1469 година, посетата на српскиот патријарх Герасим во 1409 година, како и патријархот Гаврил во XVII век, за во XIX век да биде посетен и од Кирил Пејчиновиќ, познатиот македонски просветител. Богатото книжевно наследство и библиотечен фонд на манастирот, за жал, денес се наоѓа во библиотеките на други манастири и библиотеки на европските земји, како Рилскиот манастир во Бугарија, Народната библиотека во Москва и други, полека разнесувани од патеписците и патниците кои го посетувале манастирот пред се кон крајот на XIX век. Денес, од оригиналните манастирски објекти не е зачувано многу, а и самата црква, со фрескоживописот, делумно попуштила под притисокот на балканската турбулентна историја[3].

Објекти[уреди | уреди извор]

Поглед на манастирската црква од југ
Црква „Успение на Пресвета Богородица“

Според некои записи стои дека во Втората светска војна во олтарот на црквата имало капеличка која потекнувала од 12 век. Црквата е реставрирана во повеќе наврати во 1934, 1953 и 1960 година по еден подолг временски период кога била под урнатини. Оваа црква е најрепрезентативниот споменик на византиската уметност на македонската почва од македонски стил и ремек-дело на дворскиот стил кој што бил карактеристичен за епохата на Палеолозите. Самата црква не отстапува значително од традиционалната форма на црковните градби од времето од околу средината на 14 век. Се одликува со импозантни димензии и монументалноста на самата архитектонска конструкција, компактност на просторниот распоред со што се постигнува единство на складни и хармонични архитектонски форми. Според богатството на претставените теми и широчината на остварената концепција може да се каже дека се надминати многу постари дела на средновековната уметност на целата балканска територија. Во црквата имало 14 циклуси со илустрирани епизоди кои се на ѕидовите на олтарот, наосот и нартексот. Насликани биле Големите празници, Христовите чуда и поуки, Страдањата, циклусите посветени на Богородица, илустрираните житија на Јован Крстител и Антониј Велики. Делата апостолски, Чудата на светите архангели, Екуменските собори, Авгаровата легенда, семејното стебло на Христовите предци, Генеалошкото стебло на владетелите од династијата Немањиќ, литургиски теми, портретите на ктиторите, прикажувањето на најпочитуваните светители, маченици, учители и монаси. Со еден збор она што го краселo овој храм се традиционалните програмски решенија, вообичаените иконографски модели, но и ретките претстави кои се со возвишена елеганција на формите. Аристократскиот манир и колоритноста се дел од врвните квалитети на панорамата која ја красела внатрешната панорама во монументалната црква која денес не постои. Црквата во однос на архитектурата е петкуполна градба со основа во форма на впишан крст. Долга е 23,5 метри и спаѓа во поголемите градби, на нејзината основа се четирите основни столба на кои се наоѓаат уште по два столба на источниот и западниот дел од црквата. Двата дополнителни столба на запад заедно со уште два одделно од долниот среден дел го формираат нартексот. По нејзината градба може да се каже дека црквата е така изградена што нејзиниот централен дел е најосветлен. Живописот се карактеризира со занимливи живи бои претставени преку високиот реализам што е уникатно за разлика од други фрески по црквите. Покрај главниот влез кој е на запад црквата имала и два бочни влезови од север и југ кои покасно се заѕидани. На бочните страни над просторот за вратите се наоѓаат два реда на прозори додека на запад над нартексот се наоѓа окулус. Централната голема купола е дванаесетстрана, а другите четири помали куполи се издигаат над аглите на основата. Надворешната страна на олтарната апсида е петстрана и е збогатена со декоративни нишки од тула. На фасадата се забележуваат пиластри и слепи аркади. Живописот во црквата денес е во голема мерка уништен, сочувани се сцени од животот на Исус Христос и Богородица. На западниот дел се забележуваат остатоци од претставата на лозата на византиските цареви а ликовите на ктиторското семејство, цар Душан, царица Елена и синот Урош се наоѓаат на јужниот ѕид. Единствена и уникатна по својата реткост е композицијата на која Исус Христос е преставен со крстот затоа што во овој случај Христос е насликан со главата надоле. Интересно е да се напомене дека во оваа црква се зачувани записи меѓу кои се истакнуваат оние на митрополитот Никифор и на Кирил Пејчиновиќ.

Оштетена и осквернавена фреска во манастирската црква за време на конфликтот во 2001 година
Конаци

Првите конаци се иградени во 14 век кога била живописана црквата и биле од камен, но во поново време истите се реновирани и се пренаменети како детско одморалиште.

Оштетувања од 2001 г.[уреди | уреди извор]

По воениот конфликт во 2001 година овој манастирски комплекс има 24 часовна полициска придружба која е во мешан етнички состав. Во манастирскиот комплекс нема струја, разурнати се конаците и воедно тоа се најлошите периоди од неговото формирање затоа што е оставен на милост и немилост на забот на времето без некој да се заинтересира за него. Иако на неколку пати манастирот бил посетуван од надлежните институции сепак за него не е направено нешто посебно затоа што глетката која ќе ја видите на прв поглед ви го распарува срцето. По конфликтот во 2001 година кога манастирот бил користен како штаб на албанските терористи и склад за чување на оружје тој е оставен сериозно оштетен и запуштен. Според првичните пресметки кои биле направени од Републичкиот завод за заштита на спомениците, албанските терористи го оштетиле културното наследство во манастирот, оштетувања има и на конаците, на камбанаријата, на старата камена ограда која била разградувана и со чии камења се граделе бункерите. Од граната бил оштетен кровот а терористите ги вежбале своите стрелечки способности на украсните прозорци.[4][5]

Галерија[уреди | уреди извор]

Градба[уреди | уреди извор]

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  2. Е. Димитрова, Манастир Матејче, Скопје, Каламус, 2002
  3. Е. Димитрова и С. Коруновски, Византиска Македонија, Скопје, Просветно дело, 2006
  4. Терористите ќе го сотрат манастирот во Матејче
  5. Манастирот во Матејче доосквернавен од дивите копачи

Надворешни врски[уреди | уреди извор]